Министерот Николовски учествуваше во акцијата „Ајде да пошумуваме заедно“ кај месноста Будинарски Рид
- Кај месноста Будинарски рид во Беровското село Будинарци денеска во присуство на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски продолжи големата акција „Ајде да пошумуваме заедно“ која има за цел пошумување 1.200.000 садници, во 19 региони, на 36 локации низ државата. Акцијата, која започна овој месец, како што истакна министерот Николовски, ќе трае се до 31 март 2024 година и опфаќа пошумување на површина од над 400 хектари со повеќе различни видови садници како бел и црн бор, јавор, багрем, смрча, даб, чемпрес, јасен, костен и ела.
Берово, 22 ноември 2023 (МИА) - Кај месноста Будинарски рид во Беровското село Будинарци денеска во присуство на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски продолжи големата акција „Ајде да пошумуваме заедно“ која има за цел пошумување 1.200.000 садници, во 19 региони, на 36 локации низ државата. Акцијата, која започна овој месец, како што истакна министерот Николовски, ќе трае се до 31 март 2024 година и опфаќа пошумување на површина од над 400 хектари со повеќе различни видови садници како бел и црн бор, јавор, багрем, смрча, даб, чемпрес, јасен, костен и ела.
-Првиот дел од голема акција за пошумување се реализира во ноември и декември, преку програмата за проширена репродукција, а започна на 10 ноември во Делчево со пошумување на локацијата Стар Истевник. Деновиве продолжи тука во Беровско, а веќе на 26 и 27 ноември продолжува во Куманово на локацијата Кокино и во Велес на локацијата Новачани. На овие локации заедно со нашите партнери во оваа акција пошумуваме површина од 241 хектар, со засадување на над 580.000 различни садници. Шумите се нашите бели дробови, наше природно и национално богатство, кон кое сите ние треба одговорно да се однесуваме и да ги чуваме, рече Николовски.

Задача на Министерството, но и на граѓаните, како што додаде, е редовната грижа и чувањето на шумските убавини, преку редовно обновување со нови садници. Нагласи дека го радува фактот што многу општествено одговорни компании и граѓански организации се приклучија кон оваа акција за пошумување, но и преку сопствени иницијативи, во соработка со Министерството, организираат акции за пошумување и збогатување на шумскиот фонд.
-Токму во овие два месеца на овие локации во акцијата за пошумување активно се приклучија учениците од средните училишта „Раде Јовчевски - Корчагин“ и „Орце Николов“, потоа Сојузот на извидници на Македонија, здружението Менендмаунтаин, општествено одговорните компании Телеком, ДМ Дрогерии, Халк банка, КБ Пензиско друштво, кои покрај со своето учество во оваа акција донираа садници и опрема, додаде Николовски.
Зелената транзиција, како што посочи, е еден од петте клучно поставени приоритети за работа на министерството, а пошумувањето е една од целите за успешно реализирање на зелените принципи. Со програмите за проширена репродукција на шумите за 2021, 2022 и оваа 2023 година, Министерството има предвидено средства за финансирање по мерката за пошумување на голини и ерозивни земјишта во приватна сопственост, на вкупна површина од 20 хектари, за секоја година пооделно.
-Веќе за наредната 2024 година преку оваа програма за оваа мерка предвидуваме средства за пошумување на површина од 50 хектари, со тенденција во наредните години за зголемување на површините за пошумување на голини и ерозивни земјишта во приватна сопственост. Преку оваа мерка од програмата за проширена репродукција на шумите за оваа 2023 година, Министерството има склучено договори со повеќе сопственици на приватни шуми и тоа во Беровскиот, Радовишкиот и Валандовскиот регион, додаде Николовски.
Во рамки на посетата на Берово, во месноста Манакија, министерот го посети и Тодор Кацарски од Берово, еден од апликантите на програмата за проширена репродукција на шумите, преку мерката за пошумување на голини со кој заедно пошумија уште еден дел предвиден со оваа голема акција за пошумување. Воедно изрази благодарност до ЈП Национални шуми, Факултетот за шумарски науки, Министерството за животна средина, сите општествено одговорни компании и граѓански здруженија кои се дел од оваа акција за пошумување.

Претставникот на Национални шуми, Маре Басова, која исто така учествуваше во акцијата за пошумување, додаде дека се пошумува според она што го диктира природата.
-Денес пошумуваме со јасен јавор и црн бор Се пошумува според здравствените услови според предиспозицијата и според она што го диктира природата, бидејќи не можеме многу да менуваме околу тоа, рече Басова.
Свој придонес во акцијата даде и беровскиот градоначалник Звонко Пекевски.
-Се пошумува на дел од подрачјето кое беше уништено во големите пожари. Изразувам надеж дека наскоро ќе се вклучат и ученици од гимназијата „Ацо Русковски“ кои ќе дадат свој придонес во пошумување на опожарените површини, рече Пекевски.
Преку кампањата засади во која се вклучува и КБ Прво пензиско друштво досега засадени се 5.000 садници.
-Ние сме особено среќни да придонесеме за ова подрачје. Три години сме во кампањата „Замени, засади“ и имаме засадено 5.000 садници во две години. Денес засадуваме уште 5.000 садници како поддршка на беровскиот регион. Акцијата ја продолжуваме и сакаме да градиме одржлива иднина за идните пензионери, рече Иван Стојановиќ, претставник на компанијата.

Апликантите на програмата за проширена репродукција на шумите, како што додаде претставникот на здружението на сопственици на приватни шуми Војо Соколовски, ќе можат следната пролет повторно да аплицираат по оваа програма.
-Во моментот пошумуваме парцела со црн бор и еве можеби за пошироката јавност да кажеме дека тоа е многу добра програма, предвидува комотни средства од 85.000 денари по хектар. Постојат одредени критериуми парцелата да биде над 5 декари и да биде над 5-та класа, додаде Соколовски.
Акциите за пошумување како што беше посочено на крај, продолжува и во наредниот период, и на други локации кои беа зафатени од големите пожари во 2021 година. вс/вј/
Фото: МИА