• петок, 26 април 2024

Министерот Николовски пред земјоделците од Росоманско го презентираше решението за санација на оштетениот сифон Макарија на хидромелиоративниот систем „Тиквеш"

Министерот Николовски пред земјоделците од Росоманско го презентираше решението за санација на оштетениот сифон Макарија на хидромелиоративниот систем „Тиквеш

Росоман, 8 јуни 2023 (МИА) - Министерот за земјоделство Љупчо Николовски, пред земјоделците од Росоманско, денеска  го презентираше решението за санација на оштетениот сифон Макарија на хидромелиоративниот систем „Тиквеш".  

Ова е, рече тој, најбрзо можно трајно решение, стручно потврдено.  Ќе се заменат цевките на сифонот од 400 метри. Санацијата треба да заврши за максимум 45 дена, можеби и нешто порано. Средствата се обезбедени од Буџетот на Министерството за земјоделство. 

Тој нагласи дека според стручни лица, станува збор за  хаварија од огромни размери, што се случи при крајот на минатиот месец, на тешко пристапен терен. 

- Нашите тимови постојано ќе бидат присутни на терен. Ќе се следи состојбата. Денеска на состанокот беше присутен и претседателот на владината комисија за проценка на штети, со цел и тие да бидат во тек, веднаш да се реагира, нагласи министерот, напоменувајќи дека во моментот кога ќе има штета на земјоделски култури, Советот на општината Росоман ќе одржи седница и ќе се формираат комисии согласно на законот за заштита и спасување, ќе се излезе на терен и ќе се направат записници, елаборат и проценки. 

Тој изрази надеж дека проблемот ќе се надмине најбрзо што може и дека штетите ќе бидат помали. 

Николовски информираше дека барањата на земјоделците беа да се обезбедат 1.200 литри во секунда, а со ова решение ќе се обезбедат 1.700 литри во секунда. 

Во меѓувреме, додека се работи на решавање на проблемот, министерот одговори потврдно на прашање од МИА, дека се разгледуваат и можностите за алтернативни решенија за обезбедување на вода за наводнување за одредени површини, што сега не може да се наводнуваат поради хаваријата. 

Присутните земјоделци нагласија дека ќе претрпат штети.

- Поздравуваме што се ангажирате, но одговорност мора да има, бидејќи проблемот не е од вчера, што се вели, трае со години. Да се казнат неодговорните што дозволиле да се случи ова, да се надоместат штетите. Да се ослободат од плаќање вода за наводнување, земјоделците што ќе претрпат штети. Да се изнајдат алтернативни решенија за наводнување во меѓувреме. И само еден ден порано да заврши санацијата, ќе значи многу за нас. Бидејќи страда целото Црноречие, коментираа дел од присутните земјоделци. свд/сст/


Фото : МИА 

Остани поврзан