• понеделник, 22 април 2024

Министерот за одбрана на Грција на 4 април ќе ја посети југоисточна Турција

Министерот за одбрана на Грција на 4 април ќе ја посети југоисточна Турција

Атина, 31 март 2023 (МИА) – Областите погодени од земјотресот во југоисточниот дел на Турција ќе ги посети во вторник, на 4 април, министерот за одбрана на Грција Никос Панајотопулос по поканата што ја добил од неговиот турски колега Хулуши Акар.

Во интервјуто за грчката телевизија „Мега“, Панајотопулос објасни дека при размената на пораки со сочувство со турскиот министер за одбрана поради земјотресот во Турција и железничката несреќа во Грција, Акар му предложил да ги посети подрачјата погодени од земјотресот.

-Овој предлог секако не го одбив, но мораше да се најде соодветен датум. Сигурно мораше да биде пред Велигден, секако пред предизборниот период тука и предизборниот период во Турција. На крај го избравме 4 април и следниот вторник ќе ја остварам посетата. Ќе ги посетиме областите погодени од земјотресот во југоисточна Турција, објасни министерот за одбрана на Грција.

Додаде дека во моментов е важно да се испрати симболична порака, со оглед на тоа дека е јасна деескалацијата на тензијата во билатералните односи.

-Не одам во Турција на средбата со господинот Акар за да ги решиме сите наши разлики, независно дали тоа е една разлика што се карактеризира како спорна или сите други, бидејќи постојат и тоа не е спорно. Одам за да помогнам да се испрати симболична порака дека некои работи, а особено природните катастрофи, трагедиите од оваа големина, можеби се над геополитичките ривалства, дури и на локално ниво и би можеле да функционираат како средство за деескалација на оваа тензија, истакна Панајотопулос.ср/

Остани поврзан