Министерот за здравство Азир Алиу со „Мобилен кабинет“ во Штип
- Министерот за здравство Азир Алиу денеска ќе престојува во Штип, во рамки на иницијативата „Мобилен кабинет“.
Скопје, 26 јули 2025 (МИА) - Министерот за здравство Азир Алиу денеска ќе престојува во Штип, во рамки на иницијативата „Мобилен кабинет“.
Алиу најпрво ќе има работна средба со раководството и медицинскиот персонал на ЈЗУ Клиничка болница – Штип, на која, како што информира Министерството за здравство, ќе се разговара за предизвиците, ресурсите и плановите за унапредување на здравствените услуги во регионот.
-Во периодот од 12:00 до 14:00 часот, министерот Алиу ќе одржи и средби со граѓани, кои ќе имаат можност директно да ги споделат своите искуства, проблеми или предлози поврзани со здравствениот систем. За учество на овие средби, потребна е претходна пријава преку платформата „Отворен кабинет“, која е достапна на интернет-страницата на Министерството за здравство: https://zdravstvo.gov.mk/, наведува Министерството за здравство.
Иницијативата „Мобилен кабинет“ претставува модел на теренска работа преку кој министерот за здравство Алиу, заедно со членови на кабинетот, ќе ги посетува здравствените установи низ државата.
-Целта е директен увид во состојбите на јавните здравствени установи, подобра координација со медицинските работници и отворен дијалог со граѓаните, посочува Министерството. хс/вј/
Фото: Министерство за здравство