• недела, 21 јули 2024

Милевски: Може да напредуваме преку натпревари со поквалитетни противници од нас

Милевски: Може да напредуваме преку натпревари со поквалитетни противници од нас

Храдец Кралове, 9 јуни 2024 (МИА) - Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Благоја Милевски на попладневната прес-конференција ги сподели очекувањата за утрешниот контролен натпревар против Чешка во Храдец Кралове.

- Работевме на освежување на тимот, задоволен сум тоа што сите се здрави, освен како што знаеме Енис Барди не може да биде со нас. По тренингот кој го имаме, сите работи околу составот ќе ги оставиме за потоа. Се надевам дека сите ќе бидат спремни да се стават на располагање за она кое не очекува. Кога сте учесник на едно Европско првенство, тоа е доволен доказ за квалитет. Чешка покажа дека е квалитетна репрезентација со извонредни играчи од Премиер лигата, Бундеслигата и Серија А, но имаат и голем број на домашни играчи од квалитетна лига низ која ја црпат базата за А-репрезентацијата. Не очекува противник сосема различен од типот на Хрватска. Уверен сум дека ние како тим и репрезентација може да напредуваме ако играме тип на мечеви со поквалитетни ривали од нас, за да го видиме нашиот реален квалитет и домет во моментов. Одиме да го извадиме максимумот, иако сме свесни дека е крај на сезоната и заморот е присутен кај играчите, како и проблемите кои ги имаат дел од играчите во клубовите, истакна Милевски.

Натпреварот Чешка – Македонија е закажан за утре со почеток во 18 часот. зс/

Фото: МИА

Остани поврзан