11 декември 2024
Скопје - Членството во ЕУ е најдобрата опција, како за Северна Македонија, така и за регионот во овој момент на нов геополитички контекст, истакна Мирослав Лајчак, специјален претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина и регионални прашања на Западен Балкан, на Седмата пленарна конференција на Националната конвенција за Европската унија во Северна Македонија (НКЕУ-МК), што се одржува во Собранието.
-Геополитиката создаде нови можности за проширување на ЕУ, но овие прозорци не остануваат отворени засекогаш, мојот совет за вас е да не ги повторувате грешките од минатотото, мој совет е да го искористите моментот и да го ставите заедничкиот интерес пред партиските интереси, рече Лајчак.
Скопје - Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски оформил предмет за обезбедување докази за евентуална кривична одговорност за лицата ставени на црната листа на САД.
Предметот, како што информира денеска, е доставен на постапување на надлежно обвинителство кое ќе издаде соодветни наредби до институциите за откривање на кривичните дела.
- Со оглед на сериозноста на наводите поради кои наведените лица беа назначени на листата, ги искористив своите овластувања и уште вчера оформив предмет со цел да се обидеме да обезбедиме докази со кои ќе ја провериме евентуалната кривична одговорност на лицата кои се доведуваат во врска со дејства на поткуп и трговија со влијание, истакна Коцевски на брифинг со новинарите.
Скопје - Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска изјави дека поранешниот директор на РЕК Битола, Васко Ковачевски, осомничен во акцијата „Адитиви“, не е достапен на органите за прогон, но дека тие ќе сторат се што е во нивна законска надлежност да постапат со цел да биде обезбеден и да биде изведен пред правосудните органи. Купениот адитив бил трипати поскапо наплатуван, а според доказите што ги соопшти Тошковски, речиси и да не бил користен, а тоа што било искористено нанело штета на блоковите во РЕК „Битола“. Во акцијата досега се запленети 220 илјади евра.
Скопје - Трпение од македонската јавноста побара денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски запрашан од новинарите за тоа дали доказите што ги има Вашингтон ги има и Скопје во врска со поранешниот вицепремиер Артан Груби и судијата Енвер Беџети кои се на црната листа за корупција на САД.
– Добро е познато на јавноста дека никогаш не шпекулирам и никогаш не отворам информации за јавноста коишто се несоодветни во рамки на сето она постапување кое што е во надлежност на МВР. Би побарал трпение од македонската јавност и во овој дел сега засега, рече Тошковски.
Скопје - Судскиот совет на Република Северна Македонија изразува сериозна загриженост во врска со актуелната објава на Стејт департментот на САД за ставање на судија на “црната листа“.
-Ја нагласуваме својата посветеност за справување со секој облик на корупција во правосудниот систем во согласност со законите и етичките стандарди. Во таа насока Судскиот совет веќе превзема мерки согласно со неговите надлежности утврдени во Законот за судовите и Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија, се вели во соопштението од Судскиот совет.
Стејт департментот на САД завчера соопшти дека воведува санкции против поранешниот заменик-претседател на Владата на Северна Македонија Артан Груби и судијата на Апелацискиот суд Енвер Беџети поради нивна вмешаност во значителна корупција.
Скопје - Потпретседателот на Демократската Унија за интеграција (ДУИ), Бујар Османи изрази несогласување со одлуката на Уставниот суд да одржи подготвителна седница за иницијативите за оценување на уставноста и законитоста на Законот за употреба на јазиците.
Во изјава за медиуми по денешната одлука на Уставниот суд, на која не беа присутни судиите Осман Кадриу и Насер Ајдини, а судијата Фатмир Скендер одлучи да не присуствува на расправата по оваа точка, Османи истакна дека е недозволиво во мултиетничка држава највисокиот орган да одржува седници со моноетнички состав, особено на чувствителни теми.
Скопје - Во основата на самиот европски проект лежи заложбата за унапредување на соработката, градењето на мостови и рушење на бариерите кои ги создаваат границите. Тоа истовремено е и основната задача на политиката за кохезија, како носечки столб на европската интеграција и како двигател на промените, што е особено релевантно за различните форми на прекугранична соработка, каде европските вредности се признаваат и се применуваат заедно со сите чинители на национално, регионално и локално ниво во Европската Унија, но и пошироко. Ова денеска го истакна министерот за европски прашања Орхан Муртезани на завршната конференција на проектот „Поддршка од ЕУ за спроведувањето на Стратегијата на ЕУ за Јадранско-јонскиот регион во Република Северна Македонија“, во организација на Министерството за европски прашања на Северна Македонија.
Битола - Есенската сеидба во битолскиот дел на Пелагонија е во последна фаза и до крајот на оваа седмица планираните 16.000 хектари со житни култури целосно ќе бидат засеани.
Поволните временски услови овозможија брза и ефикасна сеидба, а од голема корист ќе биде и мала снежна покривка за заштита на засејаните површини, изјави за МИА, Стојан Христовски, раководител на подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство со седиште во Битола.
Куманово - Националната установа Музеј Куманово организира бројни настани, изложби, промоции на нови публикации, едукативни програми и други културни активности во чест на шеесет години од постоењето на установата, соопштија денеска од Музеј Куманово.
- Музејот е еден од најзначајните културни центри на нашата република, и има долгогодишна традиција во собирање, чување, истражување, документирање и презентирање на културното наследство на Куманово и неговата околина. Во континуиран растеж, преку своите изложби, промоции, едукативни програми и други културни и уметнички активности, НУ Музеј Куманово ја докажува својата трајна посветеност кон збогатувањето на индентитетот на Куманово и Македонија, изјави ВД директорот на установата Марија Живачки.
Скопје - Од денеска патниците, корисниците, гостите и персоналот на Меѓународниот аеродром Скопје и аеродромот Св. Апостол Павле во Охрид ќе имаат на располагање четири станици за полнење електрични возила. Оваа нова услуга е овозможена од ЕВН Македонија и е во согласност со стратегиите за одржливост и континуирано подобрување на услугите за клиентите на двете компании.
Како што информираат ЕВН и ТАВ Македонија, новопоставените станици за полнење на електрични возила, кои работат на наизменична и еднонасочна струја, се стратешки лоцирани на паркинзите на двата аеродрома и можат истовремено да полнат до осум електрични возила, шест на аеродромот во Скопје и две на охридскиот.
Скопје - Во Струмица во понеделникот во 13.30 часот полициски службеници од СВР Струмица го лишиле од слобода Д.С.(32) од струмичкото село Баница, поради сомнение дека на крајот на ноември и на почетокот на декември извршил четири тешки кражби на дрзок начин во куќи на подрачје на Радовиш, при што одзел пари, накит и други предмети во вкупна вредност од 1.159.050 денари.
Кочани - Заврши проектот за конзервација и реставрација на Споменикот на слободата во Општина Кочани. Во делот на овој проект, Aмбасадорскиот фонд за заштита на културното наследство има обезбедено грант од 245 илјада долари. Носител на грантот е Општина Кочани, а во делот на стручниот надзор, професионалните работи ги вршел Завод и заштита на спомениците на културата и Музејот од Штип.
Скопје - Во пресрет на новогодишните и божиќните празници, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) почнува со спроведување засилени, вонредни контроли кај операторите со храна. Со цел заштита на здравјето на најмладата популација потрошувачи - децата, акцент со контролите ќе се стави на новогодишните пакетчиња и нивната безбедност.
Скопје - Министерот за спорт Борко Ристовски денеска оствари средба со директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Александар Јанев и со помошникот директор во БЈБ за криминалистичка полиција, Илија Челшев Менис. На средбата се разговараше за продлабочување на соработката меѓу Министерството за спорт и Министерството за внатрешни работи во борбата против корупцијата во спортот.
Рим - Папата Франциск ги повика сириските бунтовници кои го соборија режимот на Башар ал Асад да работат на стабилизација на земјата и да управуваат на начин што ќе ја промовираат стабилноста и единството на Сирија.
- Се молам сирискиот народ да живее во мир и безбедност во својата сакана земја, а различните религии да чекорат заедно во пријателство и меѓусебна почит за доброто на нацијата, која страдаше од толку многу години војна, изјави тој за време на неделната аудиенција во Ватикан.
Тирана - Албанија и Северна Македонија ќе бидат поврзани со нов граничен премин, што ќе го создаде изградбата на коридорот 8, чии работи продолжуваат од двете страни истовремено, објави албанската министерка за инфраструктура и енергетика, Белинда Балуку.
- Додека ние градиме во правец на Северна Македонија, Северна Македонија гради во правец на Албанија, за да се спојат на мостот кај Буштрица, каде воедно ќе биде и новиот граничен премин, кој ќе биде преку тунел, наведува Балуку.
Берлин - Германскиот канцелар Олаф Шолц се очекува денеска да поднесе барање за гласање доверба во парламентот, што е неопходно за распишување нови избори по распадот на коалицијата минатиот месец.
Коалицијата меѓу СПД, Зелените и Слободната демократска партија се распадна, предизвикувајќи блокада на работата на парламентот.
Вашингтон - Американскaта војска ќе остане во Сирија и по падот на режимот на Башар Асад, а како дел од мисијата за борба против тероризмот со цел да се уништат последните остатоци од терористичката „Исламска држава“, изјави виш службеник на Белата куќа.
-Овие трупи се таму со многу конкретна и важна цел, а не како некаков предмет за поткусурување, Џон Фајнер, заменик советник за национална безбедност на претседателот на САД, изјави во интервју за време на конференција синоќа во Њујорк.
Вашингтон - Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп го исмејуваше канадскиот премиер Џастин Трудо нарекувајќи го „гувернер на големата сојузна држава Канада“.
-Ми беше големо задоволство синоќа да вечераме со Џастин Трудо, гувернерот на големата нација Канада, рече Трамп во објавата на социјалната мрежа „Truth Social“.
Брисел – Европската народна партија (ЕПП) ќе предложи мерки за помош на европската автомобилска индустрија, која се соочува со намалена побарувачка, особено за електрични автомобили, и со зголемена конкуренција од Кина.
Мерките што ги предлага ЕПП, предвидуваат избегнување на казните за автомобилската индустријата поради непочитување на сегашните правила на ЕУ за намалување на емисиите на јаглерод диоксид (ЦО2), кои според Европското здружението на производители на автомобили (AЦEA) во 2025 година би можеле да достигнат и до 16,7 милијарди евра.