• понеделник, 25 март 2024
МИА Флеш

9 јуни 2023

-Поранешниот амбасадор на САД во Скопје Џес Бејли вели дека уставните измени се јасно решение за бугарското вето, но оти ќе биде разочарување ако има ново вето понатаму што ќе го закочи патот кон Европската Унија. Бејли, во интервју за Гласот на Америка на македонски, истакна дека е оптимист оти земјата ќе влезе во ЕУ, но дека не може да каже кога тоа ќе се случи.

- Возило излетало од патот кај  тунелот Т1 на делницата Гевгелија - Неготино, информацијата утрово ја потврди за  МИА, Ристе Самарџиев, портпарол на СВР Велес. Според првични информации, едно лице е тешко повредено во сообраќајката.

-Советот на Општина Делчево закажа вонредна седница поради големите штети предизвикани од невремето кое вчера го зафати Делчево. Како што информираше претседателот на Советот, Гоце Попов на седницата ќе биде предложена одлука за прогласување  елементарна непогода од поплави во Делчево.

- Економијата на Северна Македонија годинава ќе забележи раст од 2,4 отсто, проценува Светска банка во најновиот извештај за глобалните економски перспективи.

 - Граѓаните имаат ниска доверба во Собранието и пратениците, покажува истражувањето на Програмата за парламентарна поддршка за работата на Собранието на Република Северна Македонија кое беше презентирано во Собранието пред пратениците и претставниците на собраниските служби. На скала од 1 - најниска, до 10 - највисока, граѓаните довербата во Собранието  ја оценија со 3.4 што е пад од 0.6 во споредба со 2022 година.

- Полициски службеници од Полициската станица Струга вчера го лишиле од слобода С.Н., на возраст од 68 години, од село Ташмаруништа. При претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени 71 куршум од различен калибар и една воздушна пушка, соопштија утрово од Министерството за внатрешни работи.

-Романот „Папокот на светлината“ на Венко Андоновски е во тесен избор за престижната книжевна Толстоева награда „Јаснаја Полјана“, на Запад популарно нарекувана „Источен Букер“.  Како што соопшти издавачот на романот, „ТРИ“, тоа во средата вечер, на свечена церемонија го соопштило жирито во состав: Владимир Илич Толстој (правнук на Лав Н. Толстој) и писателите Алексеј Варламов, Евгениј Водоласкин, Владимир Отрашенко и Павел Басински.

- Мандолинскиот оркестар „Скопје“ од денеска до 11-ти овој месец ќе учествува на интернационалниот мандолински фестивал во Измир, Турција.

 - Музичарите од оркестарот на Македонската филхармонија и на синоќешниот концерт „Звукот на новата генерација“ носеа црвени ленти во знак на протест, бидејќи, како што велат од Филхармонијата,  Министерството за култура се уште не ја променило одлуката за просторно сместување на втора институција во концертната сала, наменски изградена да ги задоволи потребите на единствениот симфониски оркестар во земјата.

– Големата сојузна порота го обвини Доналд Трамп за задржување доверливи владини документи и попречување на правдата, изјавија денеска адвокатот на поранешниот американски претседател и друг упатен извор.

 – Од 44 пријавени партии, на претстојните избори во Грција на 25 јуни, ќе учествуваат 32, кои ги исполнија соодветните критериуми и нивните кандидатури беа одобрени од Врховниот суд, додека пак осудениот поранешен пратеник од Златна зора, Илиас Касидиарис повторно не доби зелено светло, јави дописничката на МИА од Атина.

 - Пет лица се уапсени во Србија, Германија и Романија поради криумчарење околу 800 мигранти. Полицијата уапсила едно лице во Србија, а четворица на територијата на Германија и Романија поради сомнение дека криумчареле околу 800 мигранти од Турција во Германија, соопшти МВР на Србија.

 - Западните земји направија се за да ја подготват Украина за контраофанзива, изјави американскиот претседател Џо Бајден, додавајќи дека е оптимист. „Колективно направивме сè за да им помогнеме да бидат подготвени. Помошта ќе продолжи“, рече Бајден на прес-конференција.

 - Русите се обиделе да го убијат украинскиот претседател Володимир Зеленски за време на неговата вчерашна посета на Херсон, тврди белорускиот портал Некста. Зеленски вчера пристигна во Херсонската област за да ги посети поплавените подрачја по уривањето на браната Нова Каховка.

-Владата на Судан соопшти дека претставникот на Обединетите нации (ОН) во оваа земја, Германецот Фолкер Пертес, е прогласен за персона нон грата.

– Генерално, новиот систем подобро одговара на ситуацијата со која се соочува нашата земја, соопштија од Министерството за миграција и азил на Грција во однос на начелниот договор на Европската унија за Новиот пакт за миграцијата, јави дописничката на МИА од Атина. 

Тагови

Остани поврзан