• сабота, 27 јули 2024
МИА Флеш

Скопје, 5 декември 2023

 – Обдукцијата врз телото на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски во Институтот за судска медицина и криминалистика е завршена, но извештаите сѐ уште не се готови, потврдија од Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство Скопје за МИА.

Извештајот од обдукцијата треба да ги утврди причините за смртта на малолетничката Вања и велешанецот Панче кои беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември, по нивното пријавување за исчезнување на 27, односно 24 ноември годинава.

Во 48-часовен притвор за овие случаи во моментов се Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски, кои се дел од партијата Десна на првоосомничениот, Љупчо Палевски - Палчо, кој е во бегство и надвор од државата и за кого е донесена наредба за спроведување истрага и издадена е меѓународна потерница.

Скопскиот Кривичен суд синоќа определи краткотраен притвор од 48 часа и за таткото на Вања, Александар Ѓорчевски заради опасност од бегство и влијанија врз сведоци.

- Децата се безбедени, не треба да се создава паника. Убиството на Вања Ѓорчевска е изолиран случај, вели министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.

-И министерот Спасовски и обвинителот вчера рекоа дека тоа е изолиран случај. Не треба да создаваме паника кај граѓаните дека децата не ни се безбедни. Децата се безбедни, меѓутоа токму и за тоа зборевме и на панелот дека новото време носи нови предизвици. Развојот на ИТ технологијата, социјалните мрежи навистина наместо да ја подобрат информираноста кај граѓаните, тие преку лажните вести, говорот на омраза создаваат дури и проблеми кај менталното здравје кај голем дел од народот. Така да како институции мора да се прилагодиме на ова ново време, а и како МТСП каде што во надлежност се децата сакам да ги уверам родителите дека децата се безбедни, безбедни се училиштата, безбедни се установите од предучилишно образование, тука се институциите да работат на уште поголема сигурност и на семејствата и на секој еден граѓанин во државата, рече Тренчевска.

- Министерството за образование и наука (МОН) изразува длабоко сочувство до семејството и блиските на трагично починатата Вања. Невино дете, кое наместо да му се радува на животот, не по своја волја и вина, замина во вечноста, испраќајќи порака дека општеството и граѓаните мора повеќе да ги прифаќаат и да ги шират вистинските вредности за мир, толеранција, почитување и ненасилно однесување, се наведува во денешното соопштение на МОН.

- Сочувство, но и јавна благодарност изразуваме до раководството и наставниот кадар во основното училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“ за високата посветеност и одговорност во работењето, кои воедно реагираа брзо и го алармираа семејството на ученичката за нејзиното отсуство од наставата, се додава во соопштението.

Дополнително и по трагичниот настан, како што велат од МОН, училиштето останува добро организирано, обезбедувајќи ја целокупната психолошка поддршка за сите ученици, со цел зачувување на менталното здравје и справување со трауматските последици од целата ситуација.

 - Од 2020 година кога почна пандемијата на Ковид-19, Владата на Северна Македонија има потрошено над две милијарди евра финансиски средства за антикризни мерки наменети за граѓаните и компаниите, информира вицепремиерот за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи. Тој во гостување во емисијата Клан Дебата во која помеѓу другото се осврна и на последниот пакет на антикризни мерки кој Владата го донесе минатата недела во вредност од 662 милиони евра, соопшти владината прес-служба.

-Ова е 9-ти антикризен пакет на оваа Влада, всушност, од 2020 година кога започна пандемијата Ковид па сè до денес, за овие четири години потрошивме над две милијарди финансиски средства за граѓаните и бизнисите, пришто рековме дека ќе одвоиме 662 милиони евра наменети за одредени групи, тука влегуваат ученици, студенти, има и група на граѓани од ранливите категории и лица со попреченост. Но секако, тука влегува и приватниот сектор заедно со пензионерите, пришто 155 милиони евра се наменети за поддршка на граѓаните, пензионерите и земјоделците и 492 милиони евра за поддршка на приватниот сектор. Обезбедивме прилично голем пакет за финансирање на приватниот сектор, рече Битиќи.

- Министерството за труд и социјална политика информира дека денеска започна исплатата на правата од социјална, детска и цивилна заштита за месец ноември 2023 година.

Од Министесрството посочуваат дека корисниците на парични права коишто поседуваат дебитна картичка ќе можат да подигнат готовина на банкоматите на банките, да ги користат средствата за безготовински плаќања во продажната мрежа или преку електронско и мобилно банкарство од денеска, 5 декември 2023 година.

-Со цел да се избегне метеж пред и во банките при исплата на правата, за корисниците кои не користат картички, исплатата ќе се спроведе во две групи во сите отворени филијали и експозитури на банките, согласно со утврдениот распоред по азбучен ред, според првата буква од презимето и тоа: на 5 декември од А до Љ и на 6 декември од буквата М до Ш.

- Министерот за здравство Фатмир Меџити присуствуваше на првата министерска конференција на 28. Конференција на страните на рамковната конвенција на ООН за климатски промени, која се одржува во Дубаи, Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), од 30 ноември до 12 декември, информираат од Министерството за здравство.

Меџити истакна дека целта на овој министерски состанок, на кој присуствуваат над 100 земји од светот е унифицирање на активностите и пристапот кон климатските промени на глобално ниво.

Во рамки на COP28, тој се сретна со министерот за здравство и превенција на ОАЕ, Абдула Рахман Бин Мохамед Аловаис, која, како што се наведува, се случува првпат меѓу министрите на Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати.

 - Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој го објави повикот за поддршка за исплатена нето плата за чување и напасување на добиток, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Како корисници на оваа мерка се јавуваат земјоделските стопанства регистрирани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

 - Поддршката која се дава преку оваа мерка е во висина од 100 отсто од просечна месечна нето плата во дејноста од период први јануари минатата година до 31 декември 2022 година, како трошок за чување и напасување на добитокот (овци, кози и/или говеда) на пасиште (вклучително и ливади) кое се наоѓа во населени места со надморска височина поголема од 700 метри, односно регистрираните одгледувалишта каде се одгледува добитокот да се наоѓаат во населени места со надморска височина поголема од 700 метри и во висина од 60 отсти од просечна месечна нето плата во дејноста од истиот период, како трошок за чување и напасување на добитокот (овци, кози и/или говеда) на пасиште (вклучително и ливади) кое се наоѓа во населени места со надморска височина под 700 метри односно регистрираните одгледувалишта каде се одгледува добитокот да се наоѓаат во населени места со надморска височина помала од 700 метри, соопштува Министерството.

– Албанската полиција на граничниот премин „Блато“ на албанско-македонската граница, спречила шверц на повеќе дози кокаин, кои жител на Пешкопеа се обидел да ги прошверцува на територијата на државава.

- Лицето Рами Чела (59), е уапсен на преминот Блато, на границата со Северна Македонија, во рамки на полициската акција „Граница“, како продолжение на мега-операцијата „Храм“ (Темпули). Полицијата го набљудуваше Чела, за кого имаше основи на сомненија дека врши дистрибуција на кокаин во близина на училишта и други објекти во Пешкопеа, стои во полициското соопштение.

Во моментот кога возилото со  кое управувал Чела, пристигнало на преминот оперативните служби заедно со службите на граничната полиција извршиле детална контрола, при што пронашле скриени десетици дози кокаин.

 - Градоначалникот на Општина Битола Тони Коњановски, на прес конференција што претпладнево се одржа во неговиот кабинет, побара Министерството за образование и наука (МОН) да ги деблокира барањата за вработувања на наставници во Битола.

На речиси еден месец пред крајот на првото полугодие, од непостапувањето и недавањето согласност од МОН се заканува опасност битолското образование да остане без 301 наставник, во одделенска и предметна настава, истакна Коњановски.

-Централната власт продолжува со партискиот интерес за одземање на ингеренциите на градоначалникот во сите училишта во општината и тоа само во делот на ангажирање на наставниот кадар, притоа не водејќи грижа за иднината на најмладите кои се дел од воспитно образовниот процес – учениците. Материјалните трошоци гориво, превоз на ученици и друго за кои општината годишно само за основните училишта издвојува околу еден милион евра, не се во интерес на МОН и истите остануваат во надлежност на општината и во училиштата каде се одземаат ингеренциите. Блок дотациите кои ги издвојува министерството за образование воопшто не се доволни, поради што општината дополнува средства од сопствениот буџет. На речиси еден месец пред крајот на првото полугодие, од непостапувањето и недавањето согласност од МОН се заканува опасност битолското образование да остане без 301 наставник, во одделенска и предметна настава, истакна Коњановски.

- Израел очекува тешки борби во новата фаза од војната во Појасот Газа, но е отворен за „конструктивна повратна информација“ за намалување на цивилните жртви, се додека таквите совети се во согласност со поставената цел за уништување на Хамас, соопшти денеска израелската влада. 

„Сега одиме напред со втората фаза. Втората фаза ќе биде тешка во воена смисла“, изјави владиниот портпарол Ејлон Леви.

Израелските сили започнаа операции во јужниот дел на Појасот Газа, каде има околу милион палестински бегалци од северните области на енклавата, кои побегнаа од претходните конфликти.

Тел Авив во моментов се соочува со силен меѓународен притисок, вклучително и од Вашингтон, да ги намали цивилните жртви за време на неговите воени акции.

„Секоја конструктивна повратна информација што ќе ја добиеме, каков било сериозен воено-стратешки совет за тоа како да се напаѓа Хамас со минимизирање на цивилната штета, се разбира, ќе ги прифатиме“, рече Леви.

– Иранскиот претседател Ебрахим Раиси ќе отпатува за Москва, каде ќе разговара со рускиот претседател Владимир Путин, соопшти Кремљ.

- Можам да потврдам дека руско-иранските преговори ќе се одржат во Москва на 7 декември, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, коментирајќи ги медиумските извештаи дека Раиси ќе отпатува за Москва на покана на руската страна.

Тој одби да каже дали двете страни ќе разговараат и за нафтата и рече дека „агендата се уште се финализира“. Веста за доаѓањето на Раиси во Москва в четврток, на билатерални разговори со Путин, ја објави иранската државна агенција Тасним.

Според овој извештај, Раиси ќе отпатува за Москва в четврток наутро, „на официјална покана на рускиот претседател, на чело на висока делегација владини претставници и претставници на бизнисот, а двајцата претседатели ќе разговараат за трговијата, економијата и политичката соработка меѓу Москва и Техеран, како и регионалните и меѓународните прашања, особено за ситуацијата во Палестина“.

 - Рускиот претседател Владимир Путин утре ќе отпатува во посета на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и на Саудиска Арабија. Посетите се посветени на израелско-палестинскиот конфликт и нафтата, соопшти денеска Кремљ.

„Работните посети на Путин на ОАЕ и Саудиска Арабија ќе се одржат утре. Се ќе биде за еден ден“, изјави за новинарите портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков.

Според неговите зборови, за време на посетите Путин ќе говори за „билатералните односи, меѓународните прашања, израелско-палестинскиот конфликт“, како и за намалувањето на производството на нафта во рамките на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК), чија членка е и Русија.

- Метеоролошката агенција на Обединетите нации денеска соопшти дека глечерите се намалиле повеќе од кога било меѓу 2011 и 2020 година и дека Антарктикот изгубил повеќе од 75 отсто од мразот во споредба со претходната деценија, предупредувајќи дека светот ја губи трката да го спаси топењето на глечерите.

Агенцијата предупредува на овие промени во последниот извештај за последиците од климатските промени на планетата во текот на неколку децении.

 Метеоролошката агенција наведува дека глечерите ширум светот се намалувале за околу еден метар годишно во просек од 2011 до 2020 година. Мерени се повеќе од 40 „референтни глечери“, а резултатите покажаа најголемо намалување на масата на глечерите во таа деценија.

 - Претставниците на државите кои се присутни на Самитот за климата КОП28 во Дубаи ја разгледуваат можноста во финалниот текст на самитот да повикаат за постепено укинување на користењето на фосилните горива.

Во нацрт-текстот за конечниот договор се споменуваат три опции кои ќе ги разгледаат делегатите од речиси 200 земји ширум светот.

Првата опција повикува на „праведно и методично постепено укинување на употребата на фосилните горива“, а зборот „праведно“ во овој случај сугерира дека богатите нации кои долго време користат фосилни горива треба да го спроведат овој план побрзо од посиромашните земји, кои дури сега ги развиваат своите ресурси.

Втората опција подразбира „забрзување на напорите за постепено укинување на употребата на фосилните горива“, а во третата верзија на текстот воопшто не би се споменувало укинување на употребата на фосилните горива.

 - Британскиот министер за внатрешни работи Џејмс Клеверли за време на посетата на Руанда ќе потпише нов договор во врска со планот за испраќање мигранти во африканската земја, кој е блокиран од британските судови.

Клеверли планира да го посети Кигали додека британскиот премиер Риши Сунак се обидува да ги поправи правните дупки во планот за испраќање мигранти во африканската земја, откако британскиот Врховен суд одлучи да ја блокира таа политика. Се планира и усвојување закони за да може британскиот Парламент да потврди дека Руанда е безбедна дестинација за барателите на азил кои пристигнуваат во земјата.

Се очекува Клеверли да се сретне со својот колега Винсент Бирута за да потпишат договор и да разговараат за клучните следни чекори за таканареченото Партнерство за миграција и економски развој, соопшти Министерството за внатрешни работи.

- Европа е изложена на зголемена терористичка закана поради војната во Газа, изјави еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон.

„Со оглед на војната меѓу Израел и Хамас и поларизацијата што таа ја предизвикува во нашето општество, како што се приближува празничната сезона, постои огромен ризик од терористички напади во Европската унија“, нагласи еврокомесарката.

Јохансон како пример го посочи нападот со нож во саботата во Париз, во кој загина германски турист и беа повредени уште двајца, како и други инциденти.

Еврокомесарката најави дека ќе бидат доделени дополнителни 30 милиони евра за заштита на клучните места, како што се верските.

– Околу 400 муслимани Рохинџи кои пловат во два чамци во Андаманското Море без потребни резерви на храна и вода би можеле да ги загубат своите животи доколку не се направи повеќе за да се спасат, соопшти агенцијата на Обединетите нации за бегалци.

- Околу 400 мигранти, меѓу кои и жени и деца, и гледаат на смртта в очи и нема да преживеат доколку не се преземат чекори за нивно спасување, соопшти агенцијата.

Не е јасно каде точно е сега другиот чамец.

Двата чамци го напуштија Бангладеш и поминаа околу две недели на море, според агенцијата на ОН.

Капетанот на еден од чамците изјавил дека на бродот имало од 180 до 190 патници без храна и вода, дека моторот е оштетен и оти се плаши дека сите на бродот ќе умрат доколку не добијат помош.

Последното нешто што се знае е дека бродот во неделата бил на оддалеченост од 320 километри од западниот брег на Тајланд. Портпаролот на тајландската морнарица, контактиран вчера, рече дека нема информации за чамците.

 – Хуанита Кастро, помладата сестра на поранешните кубански лидери Фидел и Раул, на кои им се спротивставуваше со децении, почина на 91-годишна возраст во Мајами, каде што живееше во егзил, соопштија извори блиски до нејзиното семејство.

- Почина Хуанита Кастро, извонредна жена, неуморен борец за Куба што толку многу ја сакаше, објави на Инстаграм Марија Антониета Колинс, која беше уредник на нејзините мемоари.

Хуанита Кастро ја напушти Куба во 1964 година, откако се скара со нејзините браќа Фидел, кој почина во Хавана во 2016 година, и Раул поради несогласувања околу насоката на Кубанската револуција во 1959 година.

Остани поврзан