• четврток, 09 мај 2024
МИА Флеш

 1 март 2024

- Претседателот Стево Пендаровски денеска на прес-конференција ја најави својата граѓанска кандидатура за втор мандат на претседателските избори. Тој нагласи дека изминативе денови добил јавна поддршка за номинација за вториот мандат од граѓани, дел од нив јавни личности, универзитетски професори, културни работници, луѓе кои, вели, го познаваат но и не мал број од оние кои лично не го знаат,  заблагоидарувајќи за оваа пооддршка и дадената доверба. На 3 март во недела очекува и СДСМ да ја формализира својата поддршка за неговата кандидатура, а веднаш потоа од понеделник тоа да го направат и останатите 10-тина политички партии од таа коалиција. Тој ги повика сите граѓани почнувајќи  од 3 март да дадат поддршка за неговата кандидатура со давање потписи во подрачните единици на ДИК.

- Техничкиот премиер Талат Џафери придружуван од министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и директорот на ЈП за државни патишта Ејуп Рустеми, изврши увид на работите на Коридорот 8 и делницата од Гостивар до Кичево. Од локацијата во Горна Бањица тој рече дека станува збор за мегапроект кој се реализира во последните 30 години и чие завршување се очекува во 2027 година. - Проектот опфаќа делницата Тетово – Гостивар, Кичево – Требеништа – Ќафасан, од другата страна во Албанија веќе се работи делницата од Елбасан до граница, така што проектот е од Коридорот 8 којшто е врска меѓу Јадранот и Црното Море. Тоа укажува дека овој коридор е од особено значење. Паралелно со ова оди делницата на Коридорот10д Градско – Прилеп – Битола, така што државата добива инфраструктура со квалитет каква што би требала да биде сообраќајна инфраструктура. Им честитам на сите, успешна работа и да дочекаме сите заедно во 2027 година да бидеме присутни на пуштањето на проектот, рече Џафери.

 - Сообраќајот на државните патишта се одвива тековно, по влажни коловози. Намалена видливост од 50 до100 метри поради магла има на планинскиот премин Ѓавато. Сите патни правци во државата се проодни. На одредени патни правци кои поминуват низ клисури и усеци можна е појава на поситни одрони. ЈП Македонијапат апелира на внимателно управување со возилата,почитување на поставената сообраќајна сигнализација, како и прилагодување на брзината спрема условите на патот.

 - Полициски службеници од Оперативен тим потраги при СВР Скопје денеска во 10.30 часот на ул.„Аврам Писевски“ во Скопје, го лишиле од слобода М.М.(31) од Скопје, соопшти МВР. Тој бил баран по централна потерница врз основа на наредба од Основен кривичен суд Скопје за издржување казна затвор од три години и шест месеци за сторено кривично дело „разбојничка кражба“ по член 238 во врска со член 22 од Кривичниот законик. - Лицето било предадено во Полициската станица Бит Пазар, по што ќе биде спроведено во надлежната казнено – поправна установа за издржување на казната, соопштија од МВР. 

 – Заменик министерката за правда Викторија Аврамовска - Мадиќ, заедно со директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсоски денеска одржаа прес-конференција во врска со вчера усвоениот Закон за спорт кој беше предложен од Министерството за правда. Аврамовска - Мадиќ истакна дека со Законот за спорт се обезбедуваат финансиски поттикнувања за националните спортски федерации, спортските клубови, активни спортисти од олимписки и неолимписки спортови и други правни субјекти кои имаат решение за вршење на дејност спорт. Таа посочи дека делот од законот со кој се уредуваат даночните ослободувања на спортските субјекти се отстранети од 1 јануари оваа година, со што Агенцијата за млади и спорт била задолжена да најде алтернативно решение за поддршка на спортскиот систем преку државни субвенции.

- Во Општата болница во Струга вчера била нападната медицинска сестра, сопшти денеска СВР Охрид. Портпаролот Стефан Димоски информира А.Н. од струшкото село Велешта физички ја нападнал вработената Р.Н.(23) од истото село. - Вчера во 17 часот и 50 минути во ОВР Струга е пријавено дека во објект во состав на Општата болница во Струга, А.Н. од струшкото село Велешта физички ја нападнал вработената Р.Н.(23) од Велешта. Против напаѓачот, ќе биде поднесена соодветна пријава, изјави Димоски.

 - Општина Старо Нагоричане почна со  санација на патот за село Бајловце, соопштија денеска надлежните од општината. - Периодов го санираме патот и ги поправаме оштетувањата за да се обезбеди непречено движење на жителите и поврзување од едно до друго населено место. За санација на патот одвоени се 2, 5 милиони денари од општинскиот буџет, изјави заменик градоначалникот на општината, Бобан Цветановски. Досега се реконструирани околу 900 метри, наскоро ќе се заврши целосна санација на асфалтните оштетувања. Во моментот течат тендери за избор на компании за четири локални патни правци во општината. Градежните активности се очекува да почнат за месец дена, додека не се завршат процедурите околу јавните набавки.

- Во текот на утрешниот ден ќе се санира кружниот тек во Дебар Маало на улица „Орце Николов“, поради тоа од 8:00 до 15:00 часот ќе има времен режим на сообраќајот. Како што информира Општина Центар, сообраќајот ќе се одвива од улица „Коле Неделковски“ до улица „Ленинова“ во една насока. Општина Центар апелира сите учесници во сообраќајот да бидат внимателни и да се прилагодат на времениот сообраќај во текот на утрешниот ден.

- Во единственото средно училишта во Дебар, гимназија „28 ноември“, во учебната 2023/2024 година образованието го завршуваат 128 ученици, што е за 20 помалку споредено со минатата учебна година. Гледано одделно по наставен јазик, 36 се на македонски и 92 на албански наставен јазик и сите се пријавиле за полагање државна матура. -Во нашата образовна институција за полагање матура пријавени се 137 ученици. Од нив 39 со настава на македонски јазик, при што тројца се вонредни ученици, кои ќе полагаат училишна матура. На албански наставен јазик, се пријавени 98 од кои 6 ученици се вонредни и тие ќе полагаат училишна матура. Тоа значи дека сите 128 ученици кои редовно следеле настава се пријавени за државна матура, рече за МИА, директорот Рамадан Имери.

- Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Димитар Ковачевски е во работна посета на Рим, каде на покана од претседателот на ПЕС, Стефен Ловен, ќе присуствува и ќе се обрати на Изборниот конгрес на ПЕС 2024, заедно со останатите лидери присутни на конгресот, соопштија денеска од СДСМ. Годинашниот изборен конгрес на ПЕС се одржува под мотото „Европа што ја сакаме: социјална, демократска, одржлива“, а претседателот Ковачевски, како што е најавено, ќе се обрати на сесијата „Решенија за подобар квалитет на живот“.

- Ретроспективната изложба „50 години творештво“ на Ангел Димовски - Чауш синоќа беше отворена во Ликовниот салон во Велес, во организација на Народниот музеј Велес. Публиката до 15 март ќе може да погледне 20 негови дела - скулптури изработени во бронза и алуминиуми, како и творби слики - објекти, каде скулптурата и сликарството се испреплетуваат. Оваа изложба на почетокот на февруари беше отворена во Националната галерија, објект Чифте амам во Скопје. Во Ликовниот салон во Велес поради помалиот простор е претставен само дел од неа.

 - Европската комисија најави дека ќе додели дополнителни 68 милиони евра за поддршка на Палестинците и следната недела ќе ослободи 50 милиони евра за Агенцијата на Обединетите нации за помош и работа за палестинските бегалци (UNWRA). Забележано е дека со овие одлуки се надополнува намерата годинава на УНРВА да и се обезбедат 82 милиони евра. До крајот на годинава ЕУ на Палестинците им обезбедува хуманитарна помош за 125 милиони евра. Комисијата додаде дека агенцијата на ОН е посветена на проверката на наводите дека нејзиниот персонал бил вмешан во нападот врз Израел на 7 октомври минатата година и на темелната проверка на целиот нејзин персонал. Кога ќе се исполнат овие обврски, агенцијата ќе добие пристап до уште 16 милиони евра од ЕУ, се додава во соопштението на ЕК.

- Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека е огорчен од вчерашното загинување на повеќе од 100 Палестинци кои чекаа хуманитарна помош во Газа и побара „вистина и правда“ за улогата на израелските војници во инцидентот. Здравствените власти во Газа соопштија дека израелските сили вчера застрелале повеќе од 100 Палестинци.  Израелски официјални претставници, пак, тврдат дека повеќето од жртвите го загубиле животот во стампедо, како и дека некои луѓе биле прегазени од камиони за снабдување. Израелската армија призна дека нејзините војници пукале кон некои Палестинци кои трганел кон војниците и тенкот на контролниот пункт.

 - Германија долго време се соочува со недостиг на работна сила и во 2022 година, 25 отсто од нејзиното вработено население го сочинувале луѓе со мигрантско потекло, но уделот на тие со потекло од други земји варира по професија, соопшти денеска Германскиот сојузен завод за статистика. На работните места за чистење и одржување таа година, дури секој шести работник во Германија (60 отсто) имал мигрантска историја, а тие се застапени и натпросечно во гастрономијата со 46 отсто, објави заводот врз основа на микроцензусот спроведен таа година. Во гастрономијата, дури 51 отсто од готвачките имаат потекло од странство.

- Турски беспилотни летала „Бајрактар“ се испорачани во Албанија, истакна денеска албанскиот министер за одбрана Нико Пелеши. Тој на Фејсбук наведе дека е почнато склопување на беспилотните летала, како и паралелно поставување на потпорната инфраструктура за нивно работење и контрола. Според него, овој развој „не само што ги зголемува одбранбените способности на Албанија, туку служи и како доказ за посветеноста на земјата да ја гарантира националната безбедност“ и „исполнувањето на највисоките одбранбени стандарди“. „Ова достигнување е симбол на нашата посветеност на модернизација и иновација за нашите вооружени сили“, рече Пелеши.

- Кремљ денеска соопшти дека собирањето на луѓе за погребот на починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, што ќе се одржи подоцна денеска, е во спротивност со законот, пренесоа британските медиуми. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, одби да даде оценка за Навални како политичка фигура и додаде дека нема што да му каже на неговото семејство. Повеќе од 1.000 луѓе се собраа пред црквата во Москва, каде што денеска ќе се одржи погребот на Навални, за да се простат од него, соопшти неговиот политички сојузник Леонид Волков, цитиран од британските медиуми.

- Јужнокорејскиот претседател Јун Сук-јул денеска остро ја критикуваше репресивната политика на Северна Кореја и вети дека ќе дојде до слободна и обединета Кореја, само неколку недели откако севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун ја отфрли идејата за мирно обединување на двете земји и се закани за воена окупација на југот во случај на војна. Јужнокорејскиот претседател зборуваше денеска, на Денот на движењето за независност, празник во чест на корејското востание во 1919 година против јапонската колонијална власт.

- Секојдневната прегратка, што родителите можат да му ја пружат на детето - е всушност една од најважните нешта во корист на здравиот психофизички развој кај малечките. Испитувања спроведени од Националната детска болница во американската сојузна држава Охајо, покажуваат дека децата - колку повеќе се гушкани од родителите, толку се и попаметни. Имено, детето кое често добива прегратки е посреќно, позадоволно, посвесно за себе, па така е и поинтелигентно, побрзо расудува, подобро памети и знае како да се справи со разните и различни животни предизвици. Споменатото истражување посочува и дека на децата им се потребни: четири прегратки дневно за среќно детство, осум за одржување на задоволството и 12 прегратки за самодоверба и за развој.

Тагови

Остани поврзан