МИА Радио флеш
- МИА Радио флеш
29 октомври 2024
Скопје - Собранието денеска во 14 часот треба да ја продолжи 17. седница на која на дневен ред се повеќе закони по скратена постапка.
На минатото продолжение на 17. седница започна расправата по Предлог на закон за изменување на Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти, а на дневен ред се и измени на Законот за урбано зеленило, на Законот за продажба и давање под закуп на деловните згради и деловните простории на Република Македонија, на Законот за јавните патишта, на Законот за работното време на мобилните работници во патниот сообраќај и уредите за запишување во патниот сообраќај, на Законот за поштенските услуги, на Законот за скијалишта, на Законот за домување, на Законот за автокампови, на Законот за градежно земјиште, сите по скратена постапка.
Скопје - Во организација на МОФ во соработка со Клубот за младински прашања и политики во Собранието денеска ќе се одржи Јавна расправа по повод Деновите за медиумска писменост 2024.
Најавени се воведни обраќања на претседателот на Собранието, Африм Гаши, на генерална секретарка на Собранието, Марина Димовска и на координаторка на Клубот за младински прашања и политики, Драгана Бојковска.
Скопје - Во Арената „Борис Трајковски“ денеска ќе биде отворен Меѓународниот саем за енергетика и технологија - ЕНЕРГО ТЕХНОМА 2024. Оваа саемска манигфестација што ја организира Скопски Саем, ќе трае до 31 октомври.
На отворањето на саемот, како што најавија организаторите, ќе присуствуваат првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска,
Саемот ќе биде отворен за посетителите секој ден од 10.00 до 18.00 часот.
Скопје - Првата годишна конференција на „Блумберг Адрија“ во Скопје насловена: „Back to business: Економски потенцијал и развојни можности за Македонија“ ќе се одржи денеска, а ќе ја отворат премиерот Христијан Мицкоски и Јелисавета Лазаревиќ, директорка за содржина на „Блумберг Адрија“.
На конференцијата се најавени анализа на Блумберг Адрија „Unlocking Growth: Economy & Capital Markets in North Macedonia“ и две панел дискусии.
Скопје - Во Скопје денеска ќе биде отворен настанот „Регионална соработка и зајакнување на младите преку спортот“ кој има за цел да промовира регионална соработка и зајакнување на младите преку спортот, обединувајќи различни засегнати страни.
Настанот кој е организиран во заедничка соработка на Германско друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) и Канцеларијата за регионална младинска соработка (РИКО) ќе биде отворен во 10:15 часот во хотелот Александар Палас во Скопје.
Прилеп - Агенцијата за храна и ветеринарство во соработка (АХВ) и Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје денеска во Прилеп организираат трибина за превенција на болеста чума кај малите преживари.
Учесници на трибината ќе бидат членовите на Локалниот центар за контрола на болести, официјални ветеринари и претставници на институции со кои АХВ соработува во услови на криза.
Скопје - Во Горно Врановци, Општина Чашка, денеска ќе се одржи научен собир на тема „80 години од излегувањето на првиот број на весникот ’Нова Македонија’“.
Организатори на собирот се Институтот за национална историја и Матица на иселениците од Македонија, а покровител е Општина Чашка.
Како што е најавено, на собирот свои трудови ќе презентираат македонски историчари и долгогодишни новинари на теми од историјатот и содржините во нашиот новинарски печатен првенец.
Ќе присуствуваат и македонски иселеници кои живеат и работат во Измир, Турција, кои потекнуваат од Горно Врановци.
Скопје - Република Северна Македонија од денеска до 4 ноември прв пат е домаќин на Генерално собрание на Меѓународната унија на професионални водичи во планина - UIMLA (Union of International Mountain Leaders Associations, www.uimla.org), што преставува највисок управувачки орган на унијата.
Македонската асоцијација на интернационални водичи во планина (МАИВП) која е членка на UIMLA од 2008 година, соопшти дека во рамки на Генералното собрание ќе се одржуваат сесии на управувачките и стручните тела на унијата. Предвидени се и стручни тематски сесии на кои се дискутира за иднината на професијата, но и иднината на авантуристичкиот туризам во светот.
Скопје - Во рамки на 15. Меѓународен фестивал на класична гитара „Тремоло" што го организира Детскиот културен центар „Карпош", вечер од 19 часот во Филхармонијата ќе гостуваат Ел Сонидо дела Вида - Карлос Санчез од Шпанија.
Фестивалот има три концертни вечери - почна вчера со настап на најдобрите млади класични гитаристи, а ќе продолжи утревечер во Музејот на македонската борба со настап на гитаристи од Тајван и Франција. Влезот за концертите е слободен.
Скопје - Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии МАСИТ денеска и утре ја организира 19-тата годишна конференција.
Темата на конференцијата денеска е „Вештачката интелигенција наспроти работната сила – преку адаптација до иновација“, а утре темата е „Практична примена на вештачката интелигенција во медицина, фармација и стоматологија“ која се организира во соработка со Адвокатска канцеларија Најденовски, коорганизатор на настанот за вториот ден.
Скопје - Во организација на Парламентарниот институт во Собранието денеска ќе се одржи Едукативна активност „ИМАМ СТАВ“ за ученици од средните училишта.
Едукативната активност „Имам став!“ претставува симулација на процесот на разгледување предлог-закон во рамките на Собранието.
Скопје - Младите во Северна Македонија и во Црна Гора најдоцна во Европа ги напуштаат домовите на своите родители, покажува анализата на статистичкиот портал „Ландгеист“, базирана на податоци на Евростат.
Балканот е на врвот на оваа листа. Младите во Црна Гора во просек остануваат да живеат со своите родители до 33,3 години, во Северна Македонија до 32,1, во Хрватска 31,8, во Србија до 31,5, Грција 30,6, а во Бугарија до 30 години.
Скопје - Деновите на медиумска писменост 2024 кои годинава се одржуваат под мотото „Твојата свест е најважниот филтер“ продолжуваат со низа настани низ целата држава.
На вториот ден од ДМП 2024 година, денеска од 13:00 до 15:30 часот, во Собранието на Република Северна Македонија ќе се одржи панел дискусија на тема „Медиумската писменост и младите“, организирана од Младинскиот образовен форум (МОФ) и ИРЕКС.
Скопје - Романот „Ќе се видиме ли, пак!?“ од Зоран Радически, издание на ПНВ Публикации од Скопје, ќе биде промовиран денеска во Тетово и утре во Скопје.
Првата промоција на романот ќе се одржи вечер од 19:30 часот во родниот град на авторот ‒ Тетово, во Музејот на тетовскиот крај (поранешен Дом на АРМ), каде што книгата ќе ја промовира Перица Сарџоски.
Промоцијата во Скопје, пак, ќе биде утревечер од 20 часот во кафе-книжарницата „Буква“, а промотор ќе биде Дарко Лешоски. Настаните ќе ги модерира Јулијана Величковска.
Бања Лука - Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, го оцени учеството на Самитот на БРИКС во Казањ како успешно и најави дека РС ќе се обиде да обезбеди финансиска поддршка за проекти преку алтернативни финансиски инструменти од оваа асоцијација, наместо од европските институции.
Атина – На покана на грчката претседателка Катерина Сакеларопулу, претседателот на Германија Франк-Валтер Штајнмаер од денеска е во тридневна официјална посета на Грција, а ќе престојува во Солун, Атина и на островот Крит, јави дописничката на МИА од Атина.
Според официјалната програма, Штајнмаер денеска напладне ќе пристигне во Солун и со Сакеларопулу ќе го посетат просторот каде што во тек е изградбата на Музејот на холокаустот, ќе бидат примени од претседателот на Централниот еврејски совет на Грција и Еврејската заедница од Солун, ќе имаат средба со две жени кои го преживеаа Холокаустот, по што претседателите на двете земји симболично ќе засадат дрва.
Мадрид/Љубљана/Даблин/Осло/Њујорк - Владите на Шпанија, Словенија, Ирска и Норвешка ја осудија одлуката на Израел да ја забрани работата на Агенцијата на ОН за помош на палестинските бегалци (УНРВА) на окупираните палестински територии, објавија четирите земји во заедничката изјава.
-УНРВА има мандат од Генералното собрание на Обединетите нации. Работата на Агенцијата е суштинска и незаменлива за милионите палестински бегалци во регионот, а особено во сегашниот контекст на Газа. Законодавството одобрено од Кнесетот претставува многу сериозен преседан за работата на Обединетите нации и сите организации од мултилатералниот систем, се вели во соопштението.
Владите од Мадрид, Љубљана, Даблин и Осло рекоа дека ќе продолжат да работат со донаторите и земјите домаќини за да обезбедат одржливост на работата на УНРВА и нејзината хуманитарна улога.
Кишињев - Молдавската претседателка Маја Санду изјави вчера дека членството во Европската унија е единствениот пат напред за Молдавија.
Санду, која се кандидира за втор мандат, го освои првото место во првиот круг од претседателските избори што се одржаа на 20 октомври со 42 отсто од гласовите. Но, таа не успеа да собере 50 отсто и оваа недела ќе ја чека втор круг против поранешниот јавен обвинител на Молдавија Александр Стојаногло.
Пред вториот круг, Санду го опиша својот противник како „алатка во рацете на злите сили“.
Каракас - Венецуелскиот претседател Николас Мадуро вчера го повика бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва да донесе одлука за ветото на Бразил за пристапување на Венецуела во БРИКС.
Претпочитам да чекам Лула да види, да биде добро информиран за настаните и во својство на шеф на државата да каже што има да каже, рече Мадуро на венецуелската државна телевизија.
Вашингтон - Во американските сојузни држави Орегон и Вашингтон избувнаа пожари во гласачките кутии за време на раното гласање на претседателските избори.
Полицијата од Портланд соопшти дека идентификувале „сомнително возило“ поврзано со пожарите.
Во пожарот во Портланд, оштетени се три гласачки ливчиња, а во Ванкувер, Вашингтон, уништени се стотици ливчиња. Направите што предизвикале пожар биле прицврстени на надворешноста на кутиите.
Вашингтон - Поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп, предложи контроверзен план за завршување на војната во Украина, кој предвидува „замрзнување“ на конфликтот и создавање автономни, демилитаризирани зони.
Според информациите на Фајненшел Тајмс, овој предлог предвидува намалувањето на американската улога и поголем ангажман на европските земји како гаранти на мировниот процес, но без интеграција на Украина во НАТО.
Вашингтон - Директорот на Централната разузнавачка агенција (ЦИА) на САД, Вилијам Бернс, соопшти дека на Хамас ќе му даде нов предлог за привремен прекин на огнот во Појасот Газа.
Договорот, кој предвидува пауза во борбените дејствија од 28 дена, вклучува ослободување на осум заложници од страна на Хамас во замена за ослободување на десетици Палестинци од израелски затвори, пренесе американскиот портал Аксиос, повикувајќи се на три анонимни израелски извори.
Газа - Најмалку 55 Палестинци се убиени денеска во израелски напад врз станбена зграда во градот Беит Лахија, во северниот дел на Појасот Газа, соопшти палестинската државна служба за вонредни ситуации.
Меѓу загинатите има многу жени и деца, јавија палестинските медиуми врз основа на информации од здравствените работници.
Бејрут - Најмалку 62 лица загинаа, а повеќе од 200 се ранети во вчерашниот израелски воздушен напад врз долината Бека во источен Либан, пренесе водечкиот либански весник Ан-Нахар.
Според извештајот, во бомбардирањето има голем број цивилни жртви, вклучувајќи жени и деца. Локални жители и градоначалникот на градот Балбек потврдуваат дека нападот предизвикал големи човечки загуби и разурнувања во неколку населени места, вклучувајќи ги Халанија, Будаи, Хфир, Џунин, Рам и Алак.
Пјонгјанг - Министерката за надворешни работи на Северна Кореја, Чое Сон-хуи, замина во официјална посета во Русија, објави севернокорејската новинска агенција КЦТА.
Посетата се случува во време на интензивирање на соработката меѓу Москва и Пјонгјанг во контекст на војната во Украина. КЦТА извести дека делегацијата предводена од Чое заминала во Русија за официјални разговори.
Сеул - Воената соработка меѓу Русија и Северна Кореја е „сериозна закана за глобалната безбедност“, изјави денеска јужнокорејскиот претседател Јун Сук-Јол.
Јужнокорејскиот лидер ја даде својата изјава откако вчера Пентагон соопшти дека Северна Кореја веќе испратила 10.000 свои војници во Русија.
Париз – Фудбалерот на Манчестер сити и шпански репрезентативец, Родри ги сподели своите емоции за добивањето на Златната топка.
Играчот од средниот ред синоќа во Париз беше прогласен за најдобар фудбалер од сезоната 2023/24.
- Еден ден му реков на татко ми: „Го напуштам фудбалот, мојот сон заврши“. Но, тој ми одговори: „Не, продолжи, да се обидеме до крај“. Денес сум тука и горд сум на овој момент. Морам да му кажам на татко ми: „Ти благодарам“.