• четврток, 18 април 2024

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

 5 јуни 2023

 

 

- Владата ја доби Предлог-иницијативата за устави измени од Министерството за правда и таа ќе биде разгледана на некоја од наредните седници, информираат за МИА од владината прес-служба. Јавноста, како што нагласуваат од таму, ќе биде информирана за одлуката. Министерството за правда минатата недела работеше на номотехничко прочистување на предлогот, а тој беше преведен и на албански јазик.  Работната група на седница одржана пред десетина дена ја усвои Предлог-иницијативата за потребата од измени на Уставот со насоки за изменување и дополнување.

- Пратеничката група на Коалицијата „За обнова на Македонија” предводена од ВМРО-ДПМНЕ во пресрет на одржувањето на лидерската средба го реафирмира ставот за неотварање на Уставот на Македонија, а со цел уставни измени. Во соопштението од Пратеничката група се потенцира дека уставните измени кои ги прифаќа македонската Влада предводена од СДСМ и ДУИ се производ на диктат и под услови кои не се прифатливи за македонските граѓани. -Апелираме до Владата и парламентарните групи на власта да престанат со сервилности и погазувањето на државните и национални интереси потсетувајќи дека Собранието во овој состав нема легитимитет за носење на таква одлука против која е огромното мнозинство македонски граѓани, посочуваат пратениците од опозицијата.

- Северна Македонија како нов претседавач со Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) под слоганот „Премостување поделби, градење доверба“ е убедена дека дека најголемата закана за регионот се уште сè отворените билатерални спорови и политички блокади кои го попречуваат напредокот во европската интеграција и во билатералната и регионалната соработка, а кои лесно можат да бидат искористени од надворешни актери, истакна министерот за надворешни работ Бујар Османи на заедничката прес-конференција со премиерот на Црна Гора Дритан Абазовиќ, по министерскиот состанок на ПСЈИЕ, што се одржува во Будва.

- Северна Македонија како нов претседавач со Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) под слоганот „Премостување поделби, градење доверба“ е убедена дека дека најголемата закана за регионот се уште сè отворените билатерални спорови и политички блокади кои го попречуваат напредокот во европската интеграција и во билатералната и регионалната соработка, а кои лесно можат да бидат искористени од надворешни актери, истакна министерот за надворешни работ Бујар Османи на заедничката прес-конференција со премиерот на Црна Гора Дритан Абазовиќ, по министерскиот состанок на ПСЈИЕ, што се одржува во Будва.

- Малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98 од полноќ се намалува за 1,00 денар, а на ЕУРОСУПЕР БС-95 и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) за 0,50 денари по литар. Цената на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) не се менува, а за 0,571 денари поветинува Мазутот М-1 НС, соопшти Регулатрорната комсија за енергетика и водни услуги. Новата цена на ЕУРОСУПЕР БС - 95 ќе биде 80,00 денари, ЕУРОСУПЕР БС - 98 ќе се продава за 82,00, Екстра лесното 1 (ЕЛ-1) за 67,50, а ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) и натаму ќе чини 69,00 денари за литар. Мазутот М-1 НС ќе се продава по 39,604 за килограм.

- До крајот на летото се очекува поставување на камери на автопатиштата, експресните патишта, но и низ градовите, кои ќе регистрираат сообраќајни прекршоци, најави денеска од Штип, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски одговарајќи на прашање на МИА дали ќе се постават камери на патните делници, бидејќи само за неколку дена во две одделни сообраќајни несреќи во источниот регион  загинаа четири лица.-Во однос на поставувањето на камери коишто ќе овозможат на тој начин електронски да се заврши практично контролата во овој дел, не само на автопатиштата, туку и во градовите, ние веќе започнавме со реализација на целиот тој проект. Јас очекувам дека можеме некаде до крајот на ова лето да биде инсталиран системот и да се започне со тој вид на контроли со тоа што нема да биде и постојниот начин на контролирање на безбедноста во сообраќајот запоставен. Напротив, сите многу активно ќе се вклучиме во овој дел, вели Спасовски.

- На 14 јуни ќе бидат поднесени законските решенија од страна на пратениците за лицата, кои се практично фантоми, невидливи за системот, изјави денеска во Штип министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој одговараше на новинарско прашање, кога ќе се реши овој проблем за околу 700 лица во земјава, кои не можат да си ги остварат основните човекови права. Спасовски истакна дека тој и раководството на МВР се на став дека треба да се донесат законски решенија во коишто трајно ќе се реши целиот овој проблем.

- Министерот за здравство Фатмир Меџити одговарајќи на новинарско прашање за разрешувањето на директорот на Универзитетската клиника за кардиохирургија проф. д-р Сашко Јовев денеска изјави дека секогаш кога ќе има нерегуларности во работењето тој ќе постапи исто.  -Веќе нема да има директори кои седат и спијат по пет или по десет години, немаат никаков резултат и затоа здравството е во ваква амортизирана состојба. Секогаш кога ќе има нерегуларности во работењето и во се друго, јас вака ќе постапам. Ова е само почеток, ќе видите дека некој нема да седи шест месеци, ќе поднесе извештај за тоа што има сработено, рече Меџити.  

- Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во однос на тоа до каде е истрагата за лажните дојави за бомби рече дека е важно да се напомене оти активното постапување на службите, МВР и АНБ за разузнавање и сите што работат за спречување на ваков вид кибер закани, успеале преку промената на протоколите да се прилагоди начинот на работење на службите во настанатата состојба.

- Десет лица се приведени во денешната координирана полициска операција со цел сузбивање на организирана криминална група, која го извршувала кривичното дело криумчарење мигранти. Тројца членови на криминалната група веќе издржуваат мерка затвор во КПУ Штип, КПУ Идризово и во Унгарија за претходно сторени кривични дела „криумчарење мигранти“. Операцијата е изведена од страна на Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе при Сектор за криминалистички истраги во Оддел за сузбивање на организиран и сериозен криминал, во содејство со Одделот за специјални и посебни операции, Секторите за внатрешни работи Куманово, Скопје, Струмица и Регионалните центри за гранични работи Југ и Исток, под раководство на Јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, во рамки на криминалистичка истрага која се води под псевдонимот „Исар“. 

- Еднакви можности за сите, поддршка, соработка, економско јакнење и поволна регулатива се дел од заклучоците на настанот „Родово еднакво општество, услов за остварување на нашите соништа“ во организација на Министерството за труд и социјална политика. Според министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, кога зборуваме за родовата еднаквост, зборуваме за еднаквите можности, правата и пристапот до ресурсите на сите.- Зборуваме за превенирање на насилството, за економско јакнење на жените и почитување на човековите права на секој еден граѓанин, рече таа.

- Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) денеска го најави почетокот на кампањата „Стоп за африканска чума кај свињите“, чија целна група се комерцијалните и индивидуалните фармери, докторите по ветеринарна медицина и ловците. Под мотото „Откриј, спречи, пријави“, кампањата се спроведува во вкупно 18 европски држави. Според АХВ, оваа година во Северна Македонија нема појава на жариште на африканска чума кај домашните свињи. Последниот позитивен случај кај дивата популација беше потврден на 3 мај 2023 година, со што вкупниот број на позитивни случаи кај дивата популација свињи во 2023 година изнесува 62.

- Центарот за управување со кризи ги повикува надлежните институции да присуствуваат на координативните средби, за да се договараат за употребата и изнајмувањето на електричните тротинети со цел намалување на ризиците по здравјето и да се заштити безбедноста и на возачите и на останатите учесници во сообраќајот, рече на денешната прес-конференција директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов. Тој кажа дека заклучно со мај годинава со повреди се здобиле 11 лица од кои две со тешки телесни повреди, останатите со телесни повреди. Покрај возачите на електрични тротинети, настрадале и други учесници во сообраќајот, пред се пешаци. Претходната 2022 година, според евиденцијата на МВР имало 49 повредни, од кои осум со тешки телесни повреди, 41 со телесни повреди. Во 2021-та година пак, настрадале 30 лица.

- Железничкиот сообраќај во државава е нормализиран, откако денеска во 13 часот е исплатена платата за април во ЖРСМ Транспорт АД Скопје и е прекинат бојкотот што го почнаа изутрината вработените во работилницата при подружницата влеча на возови. Во тек на неколкучасовниот бојкот не сообраќале два воза, еден патнички и еден товарен.  -Денеска во ЖРСМ Транспорт АД Скопје во 13:00 часот е пуштена платата за април. Вработените од работилница продолжуваат со непречена работа, возовите сообраќаат согласно патниот распоред, информираа за МИА од РЕ одржување - работилница во подружницата влеча на возови при ЖРСМ Транспорт.  Порачуваат дека остануваат на претходните заклучоци, доколку до 15-ти во месецот не биде исплатен првиот дел од платата односно до 25-ти вториот дел од платата, наредниот ден работниците во работилница ќе престанат да ги извршуваат работните задачи и нема да ги поправаат и прегледуваат локомотивите и патничките гарнитури. 

- Министерката за култура Бисера Косрадиновска Стојчевска и амбасадорката на Грција во Северна Македонија, Софија Филипиду, извршија увид на конзерваторските работи што се вршат на црквата „Св. Ѓорѓи“ во преспанското село Курбиново. Проектот за заштита на црквата, фреските и комплетното културно наследство го вршат Завод и Музеј-Битола и реномираниот Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици од Солун. - Пред две години, започна заедничкиот пат на стручњаците од двете соседни земји, кои за прв пат се среќаваат на вака високо институционално ниво. Во изминатиов период, колегите од Завод и Музеј-Битола и од Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици од Солун, по потпишаниот Меморандум, ги здружија професионалноста, техничките можности, знаењето, искуството, резултатите од претходните истражувања, и современите методи, и посветено се вложија во проектот на кој со децении се чекаше. И стручната и пошироката јавност со право чекаше и бараше итна заштита на исклучително вредното културно наследство, на црквата „Св.Ѓорги“ во Курбиново, чии фрески се редок пример на византиското ѕидно сликарство, истакна министерката Костадиновска Стојчевска во Курбиново.

- Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) како дел од Владата е длабоко навлезено во процесите на воспоставување на одржливо управување со отпад, бидејќи ова го сметаме како еден од главните приоритети, пред се за обезбедување на одржлив развој на државата, квалитетен живот за нашите граѓани, но секако и усогласување на политиките и практиките за животна средина, земајќи во предвид дека се стремиме кон ЕУ, рече министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова на воведната конференција на проектот „Одржливо управување со отпадот на локално ниво“ по повод одбележувањето на 5 Јуни Светски ден на животната средина.

- Припадници на турскиот баталјон командоси, чие испраќање беше побарано од НАТО, пристигнаа на Косово поради неодамнешното влошување на безбедносната состојба. Претставник на турското Министерство за одбрана минатата недела изјави дека околу 500 турски војници ќе бидат испратени на Косово. НАТО во вторникот најави дека ќе испрати 700 дополнителни војници во Косово за да ги засили силите на КФОР, во чиј состав досега беа околу 3.800 војници, вклучително и 350 од Турција.

- Се очекува оваа недела во Тирана да се сретнат премиерите на земјите од Западен Балкан, јави Топ чанел.-Во четврток се очекува да се одржи средба во формат „retreat“ што е во рамки на иницијативата „Отворен Балкан“. Се очекува премиерите да разговараат за исполнување на договореното на изминатите средби на оваа иницијатица, додава телевизијата. Секако, дел од разговорите ќе бидат и состојбите во регионот, особено случувањата на северот на Косово. Местото избрано за оваа средба е еден од неодамна отворените хотели во центарот на Тирана.

- Косовскиот премиер, Албин Курти ќе ги прими денеска специјалниот пратеник на Европската унија за дијалогот меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак и заменикот помошник државен секретар на Соединетите Американски Држави и специјален пратеник на претседателот Џо Бајден за Балканот, Габриел Ескобар, јави дописникот на МИА од Приштина. Според соопштението на владината служба за информирање, Курти ќе се сретне со претставниците на ЕУ и САД во неговиот кабинет во 20 часот. За утре претпладне е најавен а средба на двајцата дипломати и со косовската претседателка, Вјоса Османи.

- Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за негов советник за медиуми го назначи Гилад Цвик, кој шири теории на заговор за изборна кражба во САД во 2020 година и го обвини американскиот претседател Џо Бајден за „уништување на Америка“. Цвик, кој претходно работеше за конзервативната израелска ТВ Канал 14 и весникот „Израел Хајом“ (Израел денес), го критикуваше Бајден и изнесуваше лажни тврдења за тие избори, пишува денеска Харец. Цвик тогаш на Твитер го означи Бајден како „врховен лидер“, индиректно споредувајќи го со лидерите на Северна Кореја и Иран.

- Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин денеска во Њу Делхи разговараше со неговиот индиски колега Рајнат Синг за зајакнување на партнерството со Индија, бидејќи двете земји се соочуваат со економскиот раст и растечката воинственост на Кина, изјавија официјални лица. Посетата на високиот американски функционер доаѓа во време кога Индија ја зајакнува својата домашна одбранбена индустрија со стекнување на нови технологии и намалување на зависноста од увоз, особено од Русија, нејзиниот најголем снабдувач на воена опрема.

Остани поврзан