• вторник, 02 јули 2024
МИА Радио флеш

14 јуни 2024

– Пратениците Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, Јован Митревски од СДСМ и Весна Бендевска од ЗНАМ се кандидатите за потпретседатели на Собранието на Република Северна Македонија кои денеска ги утврди Комисијата за прашања на изборите и именувањата.

На денешната седница, со еден глас против, Комисијата го донесе и решението за добивање на апанажа на поранешните пратеници Арбен Зибери, Љатифе Шиковска, Енес Ибраим, Снежана Калевска Ванчевска, Бастри Бајрами, Вјолца Адеми и Бедри Фазли.

Беше прифатено и барањето за остварување на отпремнина при заминување во пензија од поранешните пратеници Коле Чаракчиев, Стојан Миланов и Панчо Минов.

 - На претстојниот Самит на НАТО што ќе се одржи во Вашингтон од 9 до 11 јули ќе промовираме нови политики поврзани со кибер безбедноста, која од 2016 е означена како нов домен и при секој вид на кибер напад може да се примени Членот 5 од oсновачкиот Договор на Пактот кој предвидува колективна одбрана, вели постојаната претставничка на САД во Алијансата, Џулијан Смит во интервју за МИА.

Таа потенцира дека членките на НАТО повеќе години разговараат за нивните нивните искуства и политики за одвраќање, спречување или справување со кибер нападите и по проценката на проблемот, сега се работи на создавање алатки за подобро да се опремат сојузниците со своја експертиза, а се разговара и со пријателските земји, како Јапонија и Јужна Кореја, околу нивните национални стратегии за кибер безбедност.

- Меморандум за соработка беше потпишан денеска во Велес меѓу Независниот синдикат на здравствените работници (НСЗР) при Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија (КСОМ) и Здружението на приватни лекари (ЗПЛ).

Својот потпис на овој договор за соработка го ставија претседателот на НСЗР, Боби Бојчевски, претседателката на ЗПЛ, Лилија Чолакова Дервишова и претседателот на КСОМ, Марјан Ристески.

Бојчевски изјави дека и понатаму ќе се трудат да го подобрат здравствениот систем во државата. Нивна цел е, како што посочи тој, вработените во здравствените установи да не си заминуваат во странство, да останат да им служат на нашите граѓани.

- Во Бечиќи денеска и утре се одржува 11. Регионален самит на министри за финансии, гувернери и директори на даночните управи на Западен Балкан.

Како што е најавено, во рамки на Самитот ќе бидат организирани четири панели - на првиот панел ќе зборуваат директорите на даночните администрации, на вториот панел ќе се разговара за ефикасното управување со јавните инвестиции, третиот панел ќе биде посветен на гувернерите на централните банки, а министрите за финансии ќе учествуваат на четвртиот панел на Министерството за финансии на Западен Балкан.

- Екстремно високи температури биле регистрирани вчера во повеќе делови на Грција, а на островите Крит и Родос, на Пелопонез и во областа Атика, поширокиот регион на Атина термометарот покажал меѓу 43,3 и 44,5 степени Целзиусови, според податоците на Националната опсерваторија и порталот Метео, јави дописничката на МИА од Атина.

Од вкупно 500 активни метеоролошки станици во цела Грција, половина од нив измериле над 37 степени, а 136 станици над 40 степени. 

– Претпладнево портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис ќе го соопшти новиот владин состав, како што информираа од Премиерската палата, а владината седница закажана за денеска во 11 часот е одложена, јави дописничката на МИА од Атина.

Во изминатите денови сè погласни беа сценаријата дека грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис планира да направи реконструкција на Владата по европските избори во неделата, а Маринакис и на вчерашниот брифинг со новинарите уште еднаш повтори дека „реконструкцијата е ексклузивна привилегија на премиерот“.

- Израелски суд го потврди и го продолжи за 35 дена затворањето на телевизискиот канал Ал Џезира со седиште во Катар, соопшти денеска Министерството за правда.

Ал Џезира, која емитува на арапски и англиски, згасна од емитувањето во Израел по првична наредба за 45 дена на почетокот на минатиот месец. Владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху имаше долготрајна расправија со Ал Џезира која се влоши од почетокот на војната во Газа во октомври.

„Окружниот суд во Тел Авив ги потврди упатствата на министерот за комуникации да го запре емитувањето на каналот Ал Џезира, да ги затвори неговите бироа во Израел, да го блокира пристапот до неговите веб-страници и да ја заплени опремата“, соопшти Министерството за правда.

Остани поврзан