• среда, 15 јануари 2025
МИА Радио флеш

   18 септември 2024

 

 

Скопје - Во изминатите 24 часа најмногу дожд наврна во Крушево 16 литри на квадратен метар,  14 во Битола и Попова Шапка, 12 во Тополчани, 11 во Прилеп, 10 во Претор, 9 во Пожаране и Маврови Анови, 6 во Охрид, Гевгелија и Дебар, 4  воТетово, Лазарополе, Демир Капија, Велес и Кавадарци, 3 во Скопје-Зајчев Рид, 2 во Скопје-Петровец и само еден литар на квадратен метар во Струмица.

Како што информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), најстудено утрово е на Попова Шапка каде се измерени шест степени, а најтопло во Гевгелија 16 степени.

Во текот на ноќта и утрово преовладува облачно време со повремени локални врнежи од дожд со слаб до умерен интензитет, претежно во јужните делови.

Скопје – Уставниот суд на денешната седница ќе расправа по предметот за  „балансерот” - алатката за вработување според национална припадност во државните институции, кој е оформен по иницијатива поднесена од стариот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).

Скопје - Конференција на тема „Обезбедување на одржливост на реформите за подобрување на образовниот систем“, ќе се одржи денеска во хотелот „Лимак“ во Скопје, со почеток во 8:30 часот.

На конференцијата предвидено е поздравно обраќање на министерката за образование и наука Весна Јаневска. Покрај, министерката, поздравно обраќање ќе има и Александру Албу од  Делегацијата на Европска Унија во нашата држава. 

Скопје - Меѓународна конференција „Бизнис ангелите и претприемачки екосистем во Северна Македонија. Можности и предизвици“ денеска ќе се одржи во Скопје на која свое обраќање ќе има министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.

Дурмиши ќе има свое излагање на панелот насловен „Истражување и практики за пристапот до инвестиции на бизнис ангели“ на кој ќе се обратат и првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити и раководителот за соработка на Делегацијата на ЕУ во земјава, Стефен Худолин.

Скопје - Коалицијата „Сите за правично судење“ ќе одржи завршен настан за презентација на препораките и акцискиот план за подобрување на состојбите во правосудството кои се изработени во рамки на проектот „Подобрување на учеството на засегнатите страни во процесот на реформи во правосудство“, финансиски поддржан од Амбасадата на САД во Северна Македонија.

Скопје - Петстотини милиони евра ќе земе државава од Унгарската Експорт импорт банка, како заем што според најавите од Владата ќе биде потрошен за поддршка на инфраструктирни проекти на општините и помош за стопанството, откако Собранието вчера го изгласа  Законот што е услов да се склучи Договорот за задолжувањето. 

Скопје - Во Охрид денеска попладне ќе почне 23. Состанок на Постојаната експертска група за болеста африканска чума кај свињите, на кој ќе се обрати и директорот на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) Оливер Миланов.

На дводневниот состанок, како што информираат од АХВ, ќе учествуваат високи претставници на Европската комисија (ЕК), Организацијата за земјоделство и храна на Обединетите нации – ФАО, Светската организација за здравствена заштита на животните (WOAH), реномирани експерти за болеста африканска чума кај свињите и претставници од ветеринарните служби од Русија, Украина, Молдавија, Естонија, Полска, Латвија Литванија, Германија, Шведска, Чешка, Словачка, Унгарија,Романија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Албанија, Црна Гора, Косово, Бугарија и Италија.

Скопје - Тркалезна маса со наслов „Полиграфот како средство за детекција на психофизиолошки измами и негова примена во јавен и приватен сектор“, денеска ќе се одржи во салата за состаноци во библиотеката „Јордан Спасески“ при Факултетот за безбедност, со почеток во 10:00 часот.

Трибината е организирана од Факултетот за безбедност - Скопје во соработка со Полиграф центарот.

ет Меџити и раководителот за соработка на Делегацијата на ЕУ во земјава, Стефен Худолин.

Скопје - Повремените врнежи што деновиве ја зафатија земјава се корисни и добредојдени за сите земјоделски култури, велат агрометеорлозите. Објаснуваат дека поради долгиот сушен период во изминатиот период и високите температури, дождот ќе го подобри водно-физичкиот режим на почвата и ќе ја зголеми влагата во почвата која беше намалена.

Според агрометеоролозите на УХМР, побарувањата на вода се големи скоро кај сите земјоделски култури.

Скопје - Во Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) денеска ќе се одржи свеченото врачување на традиционалните годишни награди на Друштвото за 2023 година.

Како што најавија од ДПМ, ќе биде врачена наградата „Стале Попов“ за „Ако се родат некакви чувства“ од Блаже Миневски, наградата „Ацо Шопов“ за „Коњски житија“ од Зоран Анчевски, „Ванчо Николески“ за „Земјата на чудесните сказни“ од Билјана С. Црвенковска, како и „Димитар Митрев“ за „Птици во аквариум“ од Лидија Капушевска-Дракулевска и Влада Урошевиќ.

Кочани – Во Кочани денеска ќе се одржи промотивна средба на која ќе ви бидат претставени активностите на Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ) овозможени преку проектот „Јакнење на правата на потрошувачите во финансиските услуги (Enforce Consumer Rights in Financial Services)“, финансиран од страна на Европската унија, преку Европската организација за заштита на потрошувачите - BEUC.

Скопје - Манифестацијата „Македонското наследство на вмреженоста и поврзаноста“ во рамките на Денови на европското наследство 2024, ќе се одржи денеска во објектот Порта Македонија во Скопје, со почеток од 13:00 часот. Организатор на настанот е Управата за заштита на културното наследство.

На свеченото отворање на манифестацијата свое обраќање ќе имаат министерот за култура, Зоран Љутков, заменик-министерката за европски прашања Викторија Трајков, раководителот за соработка на Делегацијата на Европската Унија, Штефен Худолин и директорката на Управата за заштита на културното наследство Весела Честоева.

Скопје - Долгометражниот документарен филм „Љубовната соба“ на режисерката Сузана Диневски беше дел од официјална селекција и е избран за најдобар документарен филм на неодамнешниот филмски фестивал Сербест | SIFF | што се одржа од 5-10 септември, 2024, во Кишинев, Република Молдавија. Во овогодинешната натпреварувачка програма беа вклучени филмови од 42 земји на многу талентирани режисери од целиот свет, особено зашто главната мисија на фестивалот Сербест (SIFF) е да го промени начинот на кој луѓето го гледаат светот преку филмот.

Скопје - Во музичкото училиште „Словењ Градец“ во Словенија вечер ќе се одржи авторски концерт на композиторката Ана Пандевска. Станува збор за авторска електроакустична музика за деца, во изведба на македонските пијанистки Ана и Ивана Мазнејкови. 

Авторскиот електроакустичен циклус за пијано насловен „Во светот на чудата“ инспириран од најпознатите цртани филмови на Волт Дизни и составен од 16 пиеси, премиерно ќе се изведе во Словенија во организација на училиштето „Словењ Градец“ и познатата пијанистка и професорка по пијано Маја Кастратовиќ.

Велес -  Комисијата  за општествени дејности покренува иницијатива за прибирање предлози за доделување награда на Општина Велес за најстудент „Проф.д-р Ѓорги Шоптрајанов“ за 2024 година.

Награда на Општина Велес за најстудент „Проф.д-р Ѓорги Шоптрајанов“ се доделува на студент од Општина Велес со завршена најмалку втора година од студиите на некој од универзитетите во Република Северна Македонија  и акредитираните универзитети во земјата и странство, да има просечен успех во текот на целото студирање од најмалку 9,50. 

Берлин - Првиот чартер во рамките на новата депортациска офанзива на германската влада пред две недели полета за Авганистан. Вториот лет се реализираше вчера, од Хамбург до Белград и Скопје. Според дневниот весник „Билд“, вкупно 36 лица, претежно државјани на Србија и Косово, на кои им било одбиено правото на азил или имале други причини за протерување, беа вклучени на летот. Меѓу нив имало и осудени криминалци, пренесува Индекс.

Овој чартер лет на полската компанија „Ентер Ер“ бил закупен од сојузната покраина Шлезвиг-Холштајн, каде се претпоставува дека протераните лица биле регистрирани. За разлика од летот за Кабул на крајот од август, овој лет за Белград и Скопје не се смета за некаква сензација, пишува „Дојче веле“.

Вашингтон - Американскиот државен секретар Ентони Блинкен минатата недела бил информиран за елементите на украинскиот план да ја охрабри Русија да стави крај на конфликтот, изјави денеска портпаролот на американскиот Стејт департмент, Метју Милер.

Милер на брифинг со новинарите рече дека Блинкен дознал за планот за време на посетата на Киев и додаде дека украинскиот претседател Володимир Зеленски рекол дека е среќен што детално ќе му го претстави планот на претседателот Џо Бајден.

-Мислам дека ќе го чекаме тој состанок пред да понудиме дополнителни заклучоци, рече тој.

Бејрут - Хезболах денеска објави дека бројот на загинати од пејџер експлозија во јужен Либан се искачи на 12, откако уште тројца оперативци на групата им подлегнаа на повредите, пишува „Тајмс оф Израел“.

Од октомври минатата година, израелските сили убиле 453 членови на Хезболах во вооружени судири, соопшти Хезболах.

Најмалку девет лица загинаа, а речиси три илјади беа ранети вчера кога пејџерите користени од членовите на Хезболах експлодираа истовремено низ Либан.

Техеран - Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи ги осуди експлозиите на стотици пејџери во Либан, при што загинаа најмалку 11 лица, опишувајќи ги како „терористички акт“ за кој, според него, е виновен Израел, пренесува ДПА.

Во разговор со неговиот либански колега Абдала Бу Хабиб, Арагчи изрази сочувство и поддршка за Бејрут. Иранскиот амбасадор во Либан, исто така, бил повреден во експлозијата на пејџер, но неговата состојба не е критична, според иранските медиуми.

Брисел - Европската комисија усвои препораки за подобра заштита на луѓето во ЕУ, особено на децата и младите, од ефектите на пасивното пушење и аеросолите, преку проширување на реоните на отворено во кои ќе биде забрането пушењето цигари.  

Согласно овие препораки до земјите членки на ЕУ, новите „зони без чад“ треба да ги вклучат местата за рекреација на отворено каде што вообичаено се собираат деца, како јавни игралишта, забавни (луна) паркови и базени, потоа реоните околу здравствени и образовни установи и јавни и услужни институции, како и автобуски и железнички постојки и станици. 

Вашингтон - Кандидатката за претседател на САД, Камала Харис, повика на прекин на војната меѓу Израел и Газа и изјави дека Израел не треба повторно да ја окупира Газа.

Во говорот во Филаделфија пред Националното здружение на црни новинари, таа повика на прекин на огнот меѓу Израел и милитантите на палестинската исламистичка група Хамас. - Ова мора да биде проследено со решение со две држави и стабилност на Блискиот Исток на начин што нема да го зголеми влијанието на Иран, додаде таа.

Вашингтон - Американската војска премести повеќе од 100 војници и мобилни ракетни системи на еден од ненаселените Алеутски острови во западна Алјаска поради неодамнешното зголемување на руските воени авиони и бродови кои се приближуваат до територијата на САД, објавија американските медиуми.

Осум руски воени авиони и четири поморски бродови, вклучително и две подморници, се приближија на Алјаска минатата недела додека Русија и Кина спроведуваа заеднички воени вежби. Ниту еден од авионите не го нарушил воздушниот простор на САД, а портпаролот на Пентагон вчера изјави дека нема причина за тревога.

Алжир - Алжирскиот претседател, Абделмаџид Тебун вчера положи заклетва за втор мандат, откако беше избран во вториот круг нарушен со апатија и сомнеж во пребројувањето на гласовите.

Церемонијата на инаугурација за вториот петгодишен мандат на Тебун се одржа во Народната палата во Клуб де Пен, приморско одморалиште на западниот брег на главниот град Алжир. Двајцата ривали на претседателот, исламистот Абделали Хасан Шериф и социјалистот Јусеф Аучиш, присуствуваа на церемонијата, која се одржа три дена откако Уставниот суд на Алжир ја потврди убедливата победа на Тебун на изборите на 7 септември.

Њујорк - Палестинците го повикаа Генералното собрание на ООН да гласа за резолуција која повикува на повлекување на Израел од окупираните територии во рок од 12 месеци, јави ДПА.

Овој предлог предизвика гнев од страна на Израел, кој го нарече „маскарада“.

„Ве молам, застанете на вистинската страна на историјата, на страната на меѓународното право, на слободата, на мирот. Алтернативата е она што го гледате секој ден на телевизиските екрани, и тоа што палестинскиот народ го трпи на својот грб“, изјави палестинскиот претставник во ООН, Ријад Мансур, во Њујорк.

Тајпеј - Тајванската компанија „Голд Аполо“ (Gold Apollo) се огласи по експлозијата на пејџери во Либан. „Голд Аполо“ наведува дека пејџерите, кои беа користени во вчерашните детонации во Либан, не се произведени од оваа компанија, туку од европски дистрибутер со лиценца за користење на брендот.

Според анализа на фотографиите од уништените пејџери, форматот и етикетите се конзистентни со пејџерите направени од „Голд Аполо“.

Претседателот на „Голд Аполо“, Хсу Чинг-Хуанг рече дека дистрибутерот, кого тој не го именува, воспоставил врска со компанијата пред три години.

Вашингтон - Поранешниот американски претседател и републикански претседателски кандидат Доналд Трамп изјави денеска дека има „слабост“ во напорите да се заштити и дека долго време бара повеќе персонал во неговиот тим за безбедност.

-Долго време баравме повеќе луѓе, повеќе мажи и жени, повеќе луѓе. Имаме собири од 50 до 60.000 (луѓе). Во Њу Џерси имавме 107.000 луѓе. Тоа е добра работа, но ви треба повеќе заштита и ние баравме повеќе луѓе долго време, изјави Трамп за Фокс њуз, два дена откако се случи вториот наводен обид за атентат додека тој играше голф во Западна Палм Бич.

Киев - Украинската противвоздушна одбрана дејствуваше во предградијата на Киев за да одбие напад од руски дронови, се наведува во соопштението на украинската воена администрација на Телеграм.

Запорожје исто така беше под масивен напад, според Иван Федоров, шеф на регионалната воена администрација. Две лица загинаа во нападот на областа Запорожје.

Украинските сили известија за воздушни тревоги во неколку региони, откако Русија лансираше дронови „Шахед“.

Тајпеј - Тајванското министерство за одбрана соопшти дека забележало група кинески воени бродови предводени од носач на авиони денеска како пловат во водите крај неговиот источен брег во правец на најјужниот јапонски остров Јонагуни.

Кина, која го смета демократски управуваниот Тајван за своја територија, спроведува редовни вежби околу островот веќе пет години за да изврши притисок врз него да ја прифати превласта на Пекинг и покрај силните приговори од Тајпеј, соопшти агенцијата.

Пјонгјанг - Северна Кореја истрела повеќе ракети со краток дострел, пренесува агенцијата Јонхап, повикувајќи се на информации од јужнокорејската армија.

Ракетите прелетале околу 400 километри, објави Заедничката команда на вооружените сили на Јужна Кореја. Овој потег дополнително го зголеми веќе високото ниво на тензии поради неодамнешното откритие на севернокорејскиот објект за збогатување ураниум.

Лос Анџелес - Американскиот ар-ен-би пејач Фарел Вилијамс нагласи дека не сака неговото име да се поврзува со ниту една политичка партија, во последното негово интервју за „Холивуд репортер“.

Имено, 51-годишниот уметник и креативен директор за мажи во модната компанија „Луј Витон“, вели, „се нервира“ од „политичките игри“ во САД. 

- Јас сум повеќе хуманитарец. Ми се допаѓаат луѓето кои се обидуваат да им помагаат на други луѓе. Не сум сигурен дека некогаш ќе гласам за крајно десните. Нема да го сторам тоа, изјави музичарот.

Тој додава дека е против мешањето на некои познати личности во политиката.

Остани поврзан