• понеделник, 20 мај 2024
МИА Радио флеш

18 јануари 2024 

- Во Владата денеска ќе биде потпишан договор за избор на консултант за изградба на четири системи за наводнување.

Договорот ќе го потпишат министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски и претставник на консултантската компанија. На настанот ќе се обрати премиерот Димитар Ковачевски. 

- На 25 јануари Управниот суд ќе расправа по тужбата што потпретседателката на Државната изборна комисија (ДИК) Дитмире Шеху ја поднесе откако членовите на Комисијата не го усвоија упатството со кое таа бараше составот на Општинските изборни комисии (ОИК) и Избирачките одбори (ИО) да се бира согласно вкупното население од пописот од 2021 година. Претседателот на ДИК, Александар Даштевски во интервју за МИА вели дека се повикани на расправа во Управниот судот и оти членовите на ДИК при гласањето се воделе од законот и од препораката на Државниот завод за статистика, членовите на ОИК и ИО да се бираат од население што живее во земјава.  

- Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски денеска ќе учествува на продолжението на дводневното заседание на Воениот комитет на НАТО во седиштето на Алијансата во Брисел, на кое главна тема ќе биде соработката со партнерските земји и државите од Индо-пацифичкиот регион.  

Денешното заседание на Комитетот ќе започне со средба на началниците на Генералштабовите на Вооружените сили на членките на НАТО со нивните колеги од земјите од Партнерската група за застапување на интероперабилноста (ПИАГ) - Австралија, Австрија, Ирска, Нов Зеланд и Швајцарија.  

ПИАГ е формат на индивидуален безбедносен договор со земји што не се членки на НАТО, кој овозможува размена на доверливи информации и учество во обуки и вежби на Алијансата. Дискусиите во овој дел ќе се фокусираат на сегашните и идните можности за воена интероперабилност.  

- Во Собранието денеска седница ќе одржи Комисијата за здравство.

На дневен ред на оваа седница се две точки - Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита и Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за заштита од јонизирачко зрачење и радијациона сигурност, и двата по скратена постапка.

Како што стои во образложението објавено на собраниската веб-страна, со Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита предложен од група пратеници се предлагаат неколку измени од областа на стоматолошката здравствената заштита и фармацевтската дејност која се врши во аптеките како посебни видови на здравствени установи, а произлегуваат како резултат на констатираните проблеми при практичната примена на Законот.

- Спасени се лицата кои со моторно возило заглавиле на врвот на Галичица, информираат утрово од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

По повик на единствениот број за итни случаи 112 во Центарот за управување со кризи утрово, од 5:00 до 8.00 часот, се одвивала спасувачка акција на Галичица.  Во акцијата се вклучиле Секторот за операции и координација во ЦУК и Регионалниот ЦУК Охрид. 

- Веднаш се известени од Единицата за спасување на планина во Охрид, кои согласно временската видливост итно се упатиле на терен за да помогнат и да ги извлечат, а секако и сите надлежни институции биле известени за натамошна постапка, соопшти ЦУК. 

Од ЦУК информираат дека паралелно било комуницирано и со лицата од заглавеното возило за да се дознае повеќе за нивната состојба при што се информирани дека спасителите се на пат за нивно извлекување.

- Германскиот парламент го отфрли предлогот поднесен од конзервативната опозиција за снабдување на Украина со ракети со долг дострел Таурус.

Против проектот синоќа гласаа речиси сите пратеници од владејачката трипартиска коалиција. Овој развој на настаните може да изгледа збунувачки со оглед на тоа што две од трите партии кои се дел од владата, Зелените и Слободната демократска партија, со месеци го повикуваа социјалдемократскиот канцелар Олаф Шолц да ги испрати проектилите што Украина би можела да ги искористи за да изврши напади во териториите окупирани од Русија, пишува ДПА.

„Таурус“ се едни од најнапредните ракети и можат да уништуваат бункери и од голема височина и оддалеченост.

- Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги повика своите сонародници да преземат иницијатива во свои раце за да го решат текот на војната со Русија, која трае речиси 23 месеци, и да обезбедат поддршка ширум светот.

Зеленски ова го изјави во своето редовно вечерно видео обраќање по враќањето од Светскиот економски форум во Давос, каде што апелираше до Западот да го засили притисокот со санкции врз Москва и да ја зголеми поддршката за Киев.

Неколку месеци откако украинската контраофанзива даде ограничени резултати, претседателот на земјата изрази уверување дека Вашингтон наскоро ќе ја достави помошта што беше одложена поради спорови во Конгресот.

- Руското Министерство за одбрана рано утрово соопшти дека противвоздушната одбрана пресретнала и уништила два украински дрона, едниот над Москва, а другиот во околината на Санкт Петербург.

Министерството на Телеграм соопшти дека инцидентот се случил околу 1:30 часот по полноќ.

Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, претходно на Телеграм напиша дека противвоздушната одбрана го соборила дронот на пат кон главниот град, дека делови од него паднале на земја, но нема штета или повредени луѓе.

- Либанската милитантна група Хезболах ги отфрли идеите на Вашингтон за ублажување на конфликтот со Израел, што би вклучувало оддалечување на нивните борци од либанско-израелската граница, но останува отворена за дипломатски напори за да се избегне „разорна војна“, соопштија либанските власти.

- Хезболах е подготвен да сослуша идеи, изјави висок неименуван либански функционер запознаен со плановите на Хезболах, истакнувајќи дека членовите на групата се запознаени со американските идеи, кои им ги пренел американскиот пратеник Амос Хохштајн.

- Тајван регистрирал 24 кинески воени авиони околу островот во рок од 24 часа, соопшти тајванското Министерство за одбрана.

Единаесет авиони ја преминале неофицијалната демаркациона линија меѓу Кина и Тајван.

Покрај авионите, во последните 24 часа, до денеска во 6 часот по локално време, регистрирани се и пет кинески бродови соопшти Министерството.

Ова е најголемата демонстрација на сила во Пекинг околу островот од претседателските избори во Тајван во саботата, пренесува Бета.

- Обвинителот Сезар Суарез кој го истражуваше упадот во еквадорската телевизија од страна на членови на банда вчера бил убиен додека возел кон судот во Гвајакил, најопасниот град во земјата.

Локалната полиција соопшти дека нападот е атентат и додаде дека тој бил застрелан повеќе пати.

Суарез го истражуваше минатонеделниот напад на телевизијата ТЦ, кога членови на банда упаднаа во студио за време на програма во живо и го држеа персоналот под закана со оружје.

Во врска со нападот се уапсени 13 лица, меѓу кои и двајца малолетници.

Тоа се случи набргу откако озлогласен шеф на банда избега од затвор, предизвикувајќи национална вонредна состојба и ноќен полициски час.

 

 

Остани поврзан