• петок, 26 април 2024
МИА Радио флеш

5 јуни 2023 

– Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) Николче Бабовски денеска уште еднаш потврди дека негативни се резултатите од анализите за наводно присуство на резидууми од метали и тешки метали, како што соопшти опозицијата. Бабовски на прес-конференција истакна дека ширење лажна паника и тревога е кривично дело, а дали АХВ ќе поднесе пријава за тоа ќе се знае, потенцира, наредните денови.  -Негативни се сите резултати за наводни резидуми од метали или присуство на тешки метали во овошјето и зеленчукот. Не знам која беше целта да се шири паника меѓу граѓаните. Изгледа некој некого излажал или некој помешал микро и милиграми, рече Бабовски, одговорајќи на новинарски прашања.  Тој порача кога се излегува да се каже нешто, тоа треба да биде точно и вистинито.  

-  Во Клубот на пратениците во среда ќе се одржи најавената средба на премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Како што информираат од ВМРО-ДПМНЕ, средбата ќе биде тет-а-тет.  -До средбата, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски ќе изврши широки консултации со Пратеничката група, партиите дел од Коалицијата и Извршниот комитет на партијата. Ставот на партијата е дека уставни измени нема да има, и ова Собрание нема легитимитет за таков чекор, истакнуваат од опозициската партија.  Очекуваме, како што наведуваат од партијата, Ковачевски да излезе од стегите и заложништвото на ДУИ и да прифати да разговара за периодот што по фактот дека уставните измени нема да го имаат потребното мнозинство.  

- Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ на маргините на министерскиот ЕУ состанок на земјите учеснички во Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), остварил средба со генералната секретарка на Советот за регионална соработка, Мајлинда Брегу. На средбата било разговарано за статусот на регионалните договори во рамки на Берлински процес, нивната имплементација и следните активности на Советот за регионална соработка, за кои вицепремиерот Маричиќ нагласил дека се „позитивен чекор кон подготовката на Западен Балкан во единствениот пазар на ЕУ“.

 - Предлог-иницијативата за уставни измени изготвена од Работната група од Министерството за правда е испратена во Владата, која треба да ја разгледа на седница, а потоа и да ја достави до Собранието. Министерството за правда минатата недела работеше на номотехничко прочистување на предлогот, а тој беше преведен и на албански јазик. Владата по правило секој вторник одржува редовна седница, но засега нема информација дали предлог-иницијативата ќе се најде на дневен ред на утрешното заседание или ќе биде разгледана дополнително. 

 - Зголемено ниво на реките во однос на просекот за јуни се бележи денеска на реката Вардар кај Велес и кај Демир Капија, на Треска кај Македонски Брод, на Пчиња кај Катлановска Бања, на Струмица кај Сушево, на Црна Река кај Новаци, како и на Сатеска кај Ботун. Податоците на Управата за хидрометеоролошки работи покажуваат дека единствено минимално намалување на водостојот има на реката Лепенец. Водостоите на Охридското, Препанското и на Дојранското Езеро според денешните мерења, се во рамки на просекот.

-Здружението на ликовни критичари „АИКА Македонија“ и ја додели наградата „Ладислав Баришиќ“ за 2023 година од областа на ликовната критика на Нада Пешева за проектот „Женското учество во современата македонска ликовна/визуелна уметничка сцена по 1991 година“. Комисијата во состав: Елена Вељановска, Владимир Јанчевски и Тихомир Топузовски ја донесе одлуката за наградата заради важноста, актуелноста и акутноста на истражувачката проблематика.

 - Центарот за истражување на предисторијата соопшти дека во тек  се истражувања на археолошкиот локалитет Влахо кај Живојно во Пелагонија кои, како што наведува, даваат одлични резултати за едни од првите земјоделски заедници во Европа. Мултидисциплинарните истражувањата  вклучуваат археолошко ископување во јужниот дел на оваа голема неолитска населба, геомагнетно скенирање на северната периферија, како и археоботанички, археозоолошки и хронолошки анализи кои се одвиваат во лабораториски услови.

- Градоначалникот на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски и постојаниот претставник на УНДП во земјава Армен Григорјан денеска, на Светскиот ден на животната средина, заедно засадија дрвца во населбата 11 Октомври Бараки. Денешната акција, поддржана и од претставници од Општина Кисела Вода и од УНДП, како и повеќе ученици од ООУ „Невена Георгиева Дуња”, претставува почеток на активностите за изградба на современ парк на оваа локација, која до неодамна беше депонија. Паркот ќе се протега на површина од околу 8.500 квадратни метри. Ќе биде дополнет со пешачки патеки, сквер, со детско катче, со многу зеленило, и ќе биде современ простор за одмор и разонода на сите жители од овој дел на градот. Паралелно, дел од донираните дрвца од УНДП, ќе бидат искористени и за другите паркови во општината.

– Гувернерот на руската област Калуга, Владислав Шипша, која се наоѓа јужно од Москва, утринава соопшти дека два дрона паднале на автопатот М3 во близина на градовите Жиздра и Думиничи. Гувернерот објави дека не е забележана детонација при падот на беспилотните летала, а областа на несреќата била опколена од истражители кои спроведуваат истрага. 

-Нов Јужен Велс денеска помилува жена која поминала 20 години во затвор за смртта на нејзините четири деца, откако судската ревизија покажа дека постои разумно сомневање за првите пресуди. Кетлин Меган Фолбиг беше осудена во 2003 година за убиство на нејзините три деца и убиство на четвртото од небрежност. Фолбиг изјави дека е невина и рече дека децата починале од природна смрт. Првата истрага во 2019 година покажа дека доказите ја поддржуваат нејзината вина.

 - Најмалку 15 лица загинаа, а осум се водат како исчезнати во поплавите и одроните на Хаити по обилните дождови, соопштија властите. Речиси 13.400 луѓе беа принудени да се евакуираат бидејќи стотици домови низ земјата беа поплавени, а некои улици се претворија во реки, соопшти Агенцијата за цивилна заштита. Повеќе од 7.400 семејства пријавиле штета, а властите се уште ги проценуваат последиците од дождовите што го погодија Хаити во текот на викендот.

 - Десетдневните подготвителни разговори треба да почнат денеска во германскиот град Бон, шест месеци пред следната Светска конференција за климата во Дубаи. Набљудувачите веруваат дека преговорите ќе бидат особено тешки бидејќи Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), како домаќин на следната Светска климатска конференција, не се очекува да преземат какви било чекори за ставање крај на производството на енергија од нафта и гас. На Светската конференција за климата, позната како COP28, од 30 ноември до 12 декември, се очекува глобалната заедница да ги процени досегашните напори за борба против климатските промени и да ги спореди со целите договорени на климатската конференција во Париз во 2015 година.

 - Околу 60 авганистански девојчиња се хоспитализирани откако биле отруени во училиште во северен Авганистан, соопшти денеска полицијата. Труењето во дно женско училиште во авганистанската провинција Сар-е-Пол доаѓа по интензивното преиспитување на образованието на девојчињата во земјата откако талибанците ја презедоа власта и го забранија пристапот за повеќето ученички тинејџерки, и по низата труења во училиштата за девојки во соседен Иран.

- Во борбите во руската Белгородска област, на границата со Украина, учествуваат и полски платеници, објавија полските медиуми. На страната на украинската војска се бори и „Полскиот волонтерски одред“, објавија интернет порталите Polsatnews.pl и Wprost.pl, повикувајќи се на пораки на Телеграм и видео на кое наводно се гледаат платеници на пат кон Белгород.  Според Polsatnews, „Полскиот волонтерски одред“ е формиран во февруари и првично се борел на страната на украинската армија како независна единица составена исклучиво од Полјаци. Во меѓувреме почнале да соработуваат со „Рускиот доброволечки одред“.

 - Тренерот на Јувентус, Масимилијано Алегри го сподели своето мислење за неговата иднина во клубот. - Не преговарам за раскинување на договорот со Јувентус. На располагање сум за клубот, сега се подготвува трансфер план за летото, изјави Алегри. Јувентус ја заврши сезоната на седмото место во Серија А со 62 бода. На „Старата дама“ и беа одземени 10 бода поради финансиска малверзација.

Остани поврзан