МИА Радио флеш
- МИА Радио флеш

26 февруари 2025
Скопје - Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го примила Амер Капетановиќ, генерален секретар на Советот за регионална соработка, оперативен орган на Процесот на соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), чија прва дестинација на турнејата е Скопје.
Укажувајќи на важноста на регионална соработка, како што соопштија од нејзиниот Кабинет, Сиљановска-Давкова ја потенцирала нужноста од економско и инфраструктурно поврзување, користа од заедничкиот регионален пазар и потребата од интегрирање на регионот во единствениот европски пазар.
Скопје - Во Скопје, Струмица и во Ротимље близу Мостар денеска ќе бидат одбележани 21 година од авионската несреќа во која животот го загубија поранешниот претседател Борис Трајковски, членови на неговиот кабинет и екипажот на авионот.
Членови на семејствата, државни и други делегации ќе положат цвеќе на гробот на Трајковски Градските гробишта Бутел во Скопје и на спомен-обележјата во Ротимље и во Струмица.
Скопје - Претседателот на Владата Христијан Мицкоски денеска ќе биде во посета на Општина Неготино каде што ќе означи почеток на изградба и реконструкција на повеќе проекти.
Како што најавија од владината пес-служба, премиерот Мицкоски ќе го пушти во употреба реконструираниот градски пазар со што жителите на општина Неготино добија нов и најсовремен затворен градски пазар. Вредноста на пазарот изнесува 25.913.899 ден со вклучен ДДВ, средства обезбедени од буџетот на Општина Неготино.
Скопје - Во Собранието денеска седници ќе одржат комисиите за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање и за образование, наука и спорт, како и Законодавно - правната комисија.
На дневен ред на Комисијата за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање е Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на патна делница Миладиновци-Штип и патна делница Кичево-Охрид, во прво читање.
Скопје - Амбасадорите на земјите членки на Франкофонијата денеска ќе ја претстават културната програма и другите активности за одбележување на Франфонијата во текот месец март и на почетокот на април 2025 година.
За програмата на годинашното одбележување на Франкофонијата ќе говорат амбасадорите на Франција Кристоф Ле Риголер, на Швајцарија Вероник Хулман, на Романија Моника Аксинте и на Грција Софија Филипиду, соопшти Францускиот институт во Скопје.
Скопје – Уставниот суд денеска треба да одлучи по иницијатива за Изборниот законик со која се оспорени членовите 17 и 18 од Законот за изменување и дополнување на Изборниот законик. На дневниот ред од денешната седница закажана за во 9:30 часот се предвидени и осум други иницијативи за оценување на уставност/законитост и три барања за заштита на слободи и права.
Скопје - Судскиот совет денеска треба да донесе одлука за формирање на Комисија за утврдување на ориентациониот број на предмети што треба да ги реши судијата месечно во основните судови, во апелационите судови, Управниот суд, Вишиот управен суд и во Врховниот суд на Република Северна Македонија за 2025 година.
На дневниот ред од денешната седница закажана за во 10:00 часот во салата на Судскиот совет на Република Северна е и разгледување на извештајот за спроведена работна посета на Основен кривичен суд Скопје и Апелационен суд Скопје.
Скопје - Со изведување на докази од страна на одбраната, во Основен Кривичен суд Скопје денеска треба да продолжи судењето за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски за кое се обвинети Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски.
На изминатото рочиште, со изведување на материјални докази - шест ЦД дискови со видеа од безбедносните камери поставени на куќата на обвинетиот Велибор Манев, обвинителството го заврши изведувањето на докази. Во судница беа прикажани видеа каде Обвинителството тврди дека се гледаат обвинетите, вреќа за спиење, кофи, лопати... Првообвинетиот Палевски рече дека се манипулирани и неверодостојни и обвини за наметнување лажни докази.
Скопје - На Економскиот факултет при УКИМ денеска ќе бидат презентирани резултатите од проектот „Skills4Justice“ кој адресира прашања поврзани со миграцијата, а се спроведува во рамки на програмата Хоризонт на Европската Унија.
На настанот е предвидено да се обрати министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Скопје - Институтот за медиуми и аналитика ИМА денеска организра дискусија на тема „Справување со дезинформациите на социјалните мрежи - предизвици и перспективи“.
Панелисти на дискусијата што ќе се одржи во хотелот Холидеј Ин во Скопје, се Емилија Петреска Камењарова од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), Снежана Трпевска од Институт РЕСИС, Светлана Сиљјаноска - консултантка за стратешки комуникации и справување со дезинформации и Филип Стојановски од Фондацијата Метаморфoзис. Тие ќе ги претстават нивните наоди и анализи на оваа тема.
Скопје - Регионалната антикорупциска иницијатива (RAI), во партнерство со Регионалниот канцеларија за младинска за соработка (RYCO), денеска организира настан „Западен Балкан следна генерација: Водење на борбата против корупцијата“.
Настанот, што ќе се одржи во Јавна соба, е прв од серијата настани ориентирани кон младите организирани во рамките на проектот Југоисточна Европа-Заедно против корупцијата II (SEE-TAC II), финансиран од Австриската агенција за развој (АДА) со средства на Австриската развојна соработка и имплементиран од RAI и Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (UNODC).
Струмица - Пред споменикот „Македонија“, подигнат во чест на трагично загинатиот македонски претседател Борис Трајковски, родната Струмица денеска ќе одбележи 21 година од неговата смрт.
Членови на семејството Трајковски, пријатели, претставници на локалната самоуправа, политички партии и здруженија на граѓани со положување цвеќе и поклонување пред неговиот споменик ќе ја искажат својата почит, а за ликот и делото на Трајковски ќе говори градоначалникот Костадин Костадинов.
Скопје - На автопат А1, делница Демир Капија – Смоквица од 20.02.2025 г. до 31.05.2025 г., поради изведба на реконструкција на левата тунелска цевка на Тунел Т2 ќе има времена измена на сообраќајот. Левата тунелска цевка на тунел Т2 е целосно затворена за сообраќај, а сообраќајот е целосно пренасочен во десната тунелска цевка со двонасочно одвивање на сообраќајот, соопшти АМСМ.
Мостот на река Вардар на регионалниот пат Р1312, кај Башино село е затворен за секаков вид на сообраќај.
Скопје - Романот на годината за 2023 „Единствен матичен број“ од Лидија Димковска во издание на „ТРИ“, ќе биде промовиран вечер во „Везилка“ во Битола. Промотори на книгата ќе бидат Виолета Тачева Златева и Сашо Огненовски.
„Единствен матичен број“ е роман што ги синтетизира сите несреќи на ова тло во внатрешното отуѓување на човекот и во неодговорените прашања делејќи го идентитетот на намислен и вистински. Лидија Димковска зборува за сивата неприпадност и бездушноста која е предзнак на пустелијата, вовлечена во нашето секојдневие.
Битола - Македонско научно друштво (МНД)-Битола ќе промовира проекција на документарниот филм „Фаќачи на раселени сеќавања – приказната на Зиса Хаџиевски“ на авторката Ивана Хаџиевска.
Станува збор за независен проект на Хаџиевска од областа на усна историја, реализиран во 2019 година, а по повод одбележувањето на 70 години од крајот на Грчката граѓанска војна.
Приштина - Поранешниот претседател на Уставниот суд на Косово, Енвер Хасани вечерва оцени дека Косово ризикува изолација доколку новата влада не го испрати нацрт-статутот на Заедницата на општините со српско мнозинство до Уставниот суд на уставна проверка.
Тој за КТВ изјави дека Европската унија и САД повеќе нема да толерираат одложувања.
Сараево - Српскиот водач на Босна и Херцеговина, Милорад Додик, ја отфрли можноста за војна и повика на дијалог во вторникот, ден пред судската одлука за тоа дали е виновен за непочитување на одлуките на меѓународната заедница.
Неколку илјади луѓе се собраа во Бања за поддршка на Додик пред првостепената одлука на Судот на БиХ што се очекува денеска. На собирот беше и близок соработник на американскиот претседател Доналд Трамп, неговиот поранешен адвокат и градоначалник на Њујорк, Руди Џулијани.
Вашингтон – Состојбата со слободата се влошила минатата година, а авторитаризмот се засилил, утврди невладината организација Фридом Хаус, која ја следи состојбата на демократијата ширум светот, во својот годишен извештај објавен денеска.
Во извештајот се забележува дека и покрај негативните трендови, има неколку случаи на значително подобрување во регионот на Јужна Азија.
Брисел - Францускиот претседател Емануел Макрон денеска преку видео-конференција треба да ги информира лидерите на Европската унија за неговите разговори со американскиот претседател Доналд Трамп.
Конференцијата главно е наменета за подготовка за специјалниот самит на ЕУ в четврток следната недела. На самитот шефовите на држави и влади ќе разговараат како да одговорат на драстичната промена на курсот во американската политика за Украина.
Сиетл - Федерален судија вчера ја блокираше извршната наредба на претседателот Доналд Трамп за запирање на приемот на бегалци во САД.
Одлуката на окружниот судија во Сиетл дојде како одговор на тужбата поднесена од групите за помош на бегалците и го означува последниот правен неуспех во напорите на претседателот да го преобликува американскиот став кон имиграцијата.
Киев – Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, денеска соопшти дека неговата земја во моментов активно подготвува состаноци, договори и преговори со своите партнери.
-Ќе има и други решенија. Сега активно подготвуваме состаноци, договори, преговори. Украина мора да биде силна за да функционира дипломатијата благодарение на оваа сила. Веќе има многу дипломатија, а настаните само ќе се забрзаат, најави Зеленски во редовното вечерно видео обраќање до нацијата, пренесе Укринформ.
Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека украинскиот претседател Володимир Зеленски в петок може да ги посети САД за да го потпише важниот договор за минералите .
-Слушам дека тој (Зеленски) доаѓа в петок. Секако, мене ми е во ред доколку тој тоа го сака. И тој би сакал тоа да го потпише заедно со мене. И разбирам дека е тоа голема работа, многу голема работа, рече Трамп пред новинарите во Овалната соба , пишува Гардијан.
Вашингтон – Американскиот претседател Доналд Трамп ги објави плановите за нова програма за визи со која ќе се доделат права за постојан престој во САД за такса од пет милиони долари.
Говорејќи во Белата куќа, Трамп рече дека таканаречената „златна карта“ ќе привлече богати луѓе кои би можеле да придонесат во економијата.
Берлин - Пратеничката група на десничарската Алтернатива за Германија (АфД) во Бундестагот најави дека ќе бара претседателски позиции во комисиите и функцијата потпретседател на парламентот.
Алтернатива сега е двојно посилна од претходното свикување на парламентот и има соодветни барања, изјави првиот секретар на пратеничката група на партијата Бернд Бауман.
Тел Авив – Лидерот на израелската опозиција, Јаир Лапид, предложи план според кој Египет би ја презел административната контрола над Појасот Газа за период до 15 години.
Според предлогот, Египет би управувал со Газа во текот на осум години, со можност за продолжување до 15 години, додека меѓународната заедница би го отпишала египетскиот надворешен долг кој изнесува повеќе од 150 милијарди долари, пренесе Анадолија.
Газа - Хамас соопшти дека постигнал договор со Израел за истовремено ослободување на повеќе од 600 палестински затвореници и враќање на телата на четворица израелски заложници.
„Решението е ослободување на палестинските затвореници истовремено со телата на израелските заложници убиени во првата фаза од прекинот на огнот“, соопшти исламистичката милитантна група.
Москва - Руската армија ноќеска собори 128 украински беспилотни летала над неколку руски региони, вклучително и анектираниот Крим, соопшти Министерството за одбрана во Москва.
Воздушната одбрана пресретна и уништи 83 дрона над Краснодарскиот регион, во југозападна Русија, и 30 над полуостровот Крим, што беше анектиран во 2014 година, се наведува во соопштението.
Ерусалим - Израелски воени авиони синоќа го бомбардираа градот Кисве, кој се наоѓа на околу 20 километри јужно од сирискиот главен град Дамаск, како и јужната провинција Дара.
Сириски безбедносни извори рекоа дека цел била воена локација, но не дадоа дополнителни детали.
Израелците бомбардираа и град во јужната провинција Дара со дополнителни воздушни напади, јави ТВ Сирија.
Сантјаго – Владата на Чиле вчера воведе полициски час поради прекин на електричната енергија што ја зафати речиси целата земја.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека полицискиот час ќе биде во сила помеѓу 22 и 6 часот наутро од северниот регион Арика и Паринакота, кој граничи со Перу и Боливија, до регионот Лос Лагос на југ. Погодената област зафаќа повеќе од 3.000 километри.
Лондон - Навивачите на Челзи излегоа на протест против управата на клубот пред синоќешниот натпревар од 27. коло од англискиот шампионат против Саутемптон.
Додека маршираа кон стадионот, тие го скандираа името на поранешниот сопственик на клубот, Роман Абрамович.
Конзорциумот „Клирејк капитал“ го купи Челзи од рускиот бизнисмен во 2022 година за 4,25 милијарди фунти.