• сабота, 27 јули 2024
МИА Радио флеш

5 декември 2023

 - Во обвинителството заврши распитот на таткото на 14-годишната Вања Ѓорчевска во врска со нејзиното убиство за кое тој е осомничен дека споделувал информации со останатите осомничени за нејзиното излегување од дома. Од ОЈО Скопје велат дека во основа тој ги негира дејствијата. Малолетната Вања беше пронајдена мртва на 3 декември во близина на Скопје, по пријавата за нејзино исчезнување на 27 ноември годинава.  Осомничени и во 48-часовен притвор за нејзиното убиство, покрај таткото, се Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски, кои се дел од партијата Десна на првоосомничениот, Љупчо Палевски - Палчо, кој е во бегство и надвор од државата и за кого е донесена наредба за спроведување истрага и издадена меѓународна потерница.

 - Организацијата за европска соработка и развој (ОЕЦД) ги објави резултатите од меѓународното ПИСА-тестирање спроведено во 2022 година, во кое учествувале ученици на 15-годишна возраст од 81 земја во светот.  Како што соопшти Министерството за образование и наука, за нашата држава разликата во резултатите споредено со тестирањето пред пет години е  минимална и Северна Македонија го задржува нивото кое беше измерено во 2018 година. - Од вкупно 81 држава кои беа дел од тестирањето, со постигнати 389 поени, нашата земја е на 61-то место според резултатите по математика. Со постигнатите 359 поени при мерењето на јазичната писменост, односно читање со разбирање, рангирани сме на 71-то место, додека по природни науки нашите ученици постигнаа 380 поени, што ја рангира државата на 68-то место во светот, соопшти МОН. 

 - Четириесет основни училишта во државата добиваат современа опрема за безжичен и безбеден пристап до дигитални образовни ресурси. Опремата е набавена преку проектот на Министерството за образование и наука за унапредување на основното образование кој е финансиран од Светска банка. -Во училиштата се поставуваат безжични пристапни точки преку кои ќе се овозможи интернет пристап во сите училници, кабинети, канцеларии, спортски сали и придружни објекти, а паралелно се поставуваат и заштитни firewall-уреди, кои гарантираат безбеден пристап, со тоа што се приклучени на централен систем за управување во МОН кој го контролира пристапот до содржините на интернет, оневозможувајќи отворање веб-сајтови што на глобално ниво се означени како страници со несоодветна содржина, информира МОН.

– Во ОУ „Св. Кирил и Методиј“ во Кочани е донесена одлука да им се забрани на учениците да ги користат мобилните телефони додека престојуваат во училишниот објект, а изготвен е и Кодекс на облекување. Употребата на мобилните телефони се забранува во целост, односно за време на часовите, но и на малите и големите одмори, а ќе може да се користат откако ќе заврши наставата. Доколку учениците имаат потреба да контактираат со родителите за време на часовите, тоа ќе може да го направат преку одделенскиот раководител, стручната служба или директорот.

 - МВР најостро ги демантира шпекулациите кои денеска се проширија по одредени портали, локални телевизиски станици и социјалните мрежи за наводен спречен обид за грабнување на малолетно лице во училишен двор во општина Карбинци, соопштија од МВР. - Според официјалната пријава до полицијата: Денеска (05.12.2023) во 09.52 часот во СВР Штип од Основно училиште во Општина Карбинци е пријавено дека околу 09.30 часот во училишниот двор со патничко возило „голф“ дошло младо машко лице, кое според пријавеното, поканило ученичка да влезе во неговата кола за да одат на кафе, но таа веднаш се вратила во училиштето и пријавила кај директорката. Се работи на расчистување на случајот, се наведува во соопштението од МВР.

 - Уставниот суд на денешната седница поведе постапка за преиспитување на уставноста на членот 66 став 3 од Законот за буџети, со кој се овозможи покачување за 30 отсто на платите на вработените во Министерството во финансии и органи на државна управа кои вршат работи поврзани со Буџетот. Како што информираат од Уставен суд, донесена е времена мерка до конечна одлука, што значи додека не се произнесе Судот конечно нема да земаат плата со 30 отсто.

– Судскиот совет на денешното продолжение на 466-та седница усвои извештаи од работни посети на Основниот граѓански суд Скопје, Основниот кривичен суд Скопје, Апелациониот суд Скопје и Врховниот суд на Република Северна Македонија. Претходно, на првичното одржување на оваа седница, на 27 ноември, Судскиот совет донесе одлука да се продолжи со нов рок, односно нови преговори за изнаоѓање решение во врска со Нацрт-измената на Колективниот договор за административните службеници и другите вработени во Судскиот совет и го усвои и Предлог-правилникот за измена на Правилникот за систематизација на работни места во Судски совет заради усогласување по однос на одлука на Влада за преземање на вработен од страна на Владата.

 - Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска очекува до крајот на декември да започне исплатата на новиот пакет антикризни мерки, откако Законот за финансиска поддршка ќе помине на седница на Влада и во Собранието. Во изјава за медиумите, Тренчевска денеска рече дека законот утре ќе се најде на владина седница по што следната недела очекува да помине во Собрание.

- Цените на угостителските услуги за периодот јануари – ноември 2023 година, во споредба со истиот период лани се зголемени за 10.1 %, додека во однос на декември 2022 година, е се повисоки за 4.1 %, соопшти Државниот завод за статистика. Цените на угостителските услуги во ноември, пак, во споредба со октомври годинава се зголемен за 0.1 отсто. Споредено по групи на услуги, зголемување е забележано во групата Храна за 0.2 %. Индексот на цените на угостителските услуги во ноември 2023 година, во однос на истиот месец од претходната година, е зголемен за 6.2 %.

 – Компанијата „Еуромакс ресоурсис“ упати писмо до Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) во кое, како што истакнаа на денешната прес-конференција, ги расчистуваат сите дилеми  и заблуди во однос на работата на идниот рудник за бакар „Иловица-Штука“ и од надлежните органи уште еднаш бараат да го разгледаат и да одговорат на барањето за спојувањето на концесиите „Иловица 6“ и „Иловица 11“ за кое сметаат дека нема никакви пречки да биде позитивно. Во писмото најавуваат дека во рудникот „Иловица-Штука“ нема да се користи цијанид ниту било каква цијанидна супстанца во постапката за експлоатација, дека планираат да направат суво јаловиште за одложување на јаловината со најсовремени технологии кое нема да ги загрозува подземните води, како и дека ќе направат нов водоводен систем за локалното население и нов цевковод од акумулацијата „Турија“ за да немаат проблем со водоснабдувањето во топлите денови.

 - Преку Центарот за развој на Југоисточниот плански регион наскоро ќе почне реконструкцијата на спортската сала ДТВ „Партизан“ во Гевгелија и ќе се реконструира училиштето во селото Секирник, Општина Босилово. Реализацијата на двата зафати е во рамки на проектот „Подобрување на енергетската ефикасност на јавни објекти во Југоисточниот Регион“, а договорите со директорот на Центарот, Ѓоко Камчев, ги потпишаа градоначалниците на Гевгелија и Босилово, Андон Сарамандов и Ристо Манчев. 

- Зависноста од никотин помеѓу младата популација во Куманово последниве години се намалува, но на исто ниво остануваат зависности од алкохол и наркотици, информираа денеска стручните на трибината „Едуцирај, Информирај, Превенирај!“ која ја организираше општинската организација на Црвен крст и општина Куманово во Занаетчискиот дом. Важно е сите чинители, семејствата, училиштата, локалната заедница да дејствуваат за да се намали процентот на зависност сметаат лекари. Последниве децении, младите се запознаени со негативните последици од супстанциите, алкохол, цигари, наркотици, но потребна им е поддршка, предавања, едукација не само во училиштето, туку насекаде.

-Меѓународниот конзорциум на производителот на возила „Стелантис“ денеска ја потврди одлуката за производство на својата идна верзија на моделот Fiat Panda со погон на струја во Србија, што во неделата во Белград соопшти претседателот на Србија Александар Вучиќ за време на посетата на Италијанската премиерка Ѓорѓа Мелони, јави дописникот на МИА од Белград. Тој план на Фиат предизвика жестоки протести на италијанските синдикати загрижени за судбината на работните места во италијанските фабрики на компанијата, пренесе АФП. Fiat Panda се произведува во фабриката Pomiliano D’Arco во близина на Неапол, а електричната верзија се очекува во средината на 2024 година.

 - Во Србија вредноста на дознаките за првите девет месеци од годинава е 3,92 милијарди евра, а вкупната вредност на директните странски инвестиции во 2023 година се очекува да биде четири милијарди евра, јави дописникот на МИА од Белград. - Во првите девет месеци од годинава во Србија пристигнале повеќе дознаки отколку во истиот период лани. Според податоците од платниот биланс на Народната банка на Србија (НБС) со пресекот во септември, вредноста на дознаките годинава за девет месеци достигнала 3,92 милијарди евра, додека само дознаките што српските работници од странство ги испратиле во Србија изнесувале 2,97 милијарди евра, пишува неделникот Време.

– Адвокати, таксисти, угостители, самовработени лица и хонорарци одржаа мирен протест во Атина за да го изразат нивното незадоволство од новиот предлог- закон на грчката Влада за оданочувањето и справување со затајувачите на данок, јави дописничката на МИА од Атина. Протестот беше организиран од низа федерации меѓу кои и оние на трговците, на возачите на такси возила, на стоматолозите, на угостителите, од низа комори, меѓу кои и адвокатската, техничката, геотехничката, како и од здруженијата на физиотерапевти, ветеринари, нутриционисти и сл.

 – Албанскиот премиер и лидер на Социјалистичката партија, Еди Рама, коментирајќи ги случувањата во Законодавниот дом, последно и вчера кога беше предизвикан целосен хаос од страна на демократските пратеници од крилото на Сали Бериша, оцени дека тоа го предизвикуваат лица кои имаат проблеми со правдата. - Во парламентот има уште една многу голема неволја за некого, но не е само едно лице, туку има неколкумина кои имаат проблеми со правдата и кои го земаа Парламентот во заложништво, со дела што луѓето обично ги прават кога ќе излезат од контрола, изјавил Рама на средба со членовите на партијата во Скадар. Порачал дека на случувањата во опозицискиот табор, треба да се гледа како лекција за Социјалистичката партија.

– Катарскиот емир Тамим бин Хамад изјави дека самоодбраната не го оправдува, како што го опиша, „геноцидот извршен од израелските сили во Појасот Газа“, пренесува ДПА. - Самоодбраната не се однесува на окупацијата, според меѓународното право, и не дозволува геноцидни злосторства извршени од Израел, рече тој обраќајќи се на самитот на Заливот во Доха. Тој рече дека израелските сили „ги прекршиле сите религиозни, етички и хуманитарни вредности … со извршување на злосторства против човештвото“.

 – Создавање на Каспискиот совет може да помогне за понатамошно зајакнување на регионалната соработка, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на средбата со највисоките дипломати на Азербејџан, Иран, Казахстан и Туркменистан. - Денес можеме со сигурност да кажеме дека соработката во Каспискиот регион достигна високо ниво, но потребни се дополнителни напори за подобрување на квалитетот на петнасочната интеракција и зајакнување на нејзините основи на меѓународно ниво, истакна Лавров на средбата на Советот на министри за надворешни работи на касписките земји.

– Најмалку две лица загинаа, а тројца се ранети во руско гранатирање утринава на украинскиот град Херсон, соопштија локалните власти. Градоначалникот на областа Олександар Прокудин објави снимка по нападот на која се гледаат две безживотни тела на улица во центарот на градот. Градоначалникот на Херсон, Роман Мрочко изјави дека рано утринава во друг артилериски напад врз медицинска установа биле ранети двајца лекари. Руските власти претходно соопштија дека неутрализирале 35 украински беспилотни летала над анектираниот црноморски полуостров Крим и Азовското Море.

– ЕУ не ја гледа Кина само како трговски партнер и индустриска велесила, туку и како технолошки конкурент и воена сила, но и како глобален актер кој има поинакви и различни ставови за глобалниот поредок, изјави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во интервју за АФП, водено во име на Европската новинска редакција (ЕНР), чија членка е и МИА, во пресрет на Самитот ЕУ-Кина што ќе се одржи во четврток и петок во Пекинг. 

Остани поврзан