
5 март 2025
Скопје - На следната владина седница во вторник ќе бидат предложени тројцата членови за Комисијата за утврдување на репрезентативноста на синдикатите, најави премиерот Христијан Мицкоски. Во изјава за медиумите, коментирајќи го барањето на Сојузот на синдикати на Македонија за зголемување на минималната плата, Мицкоски рече дека прво треба да се избере репрезентативен синдикален претставник, а потоа да се разгвара за зголемување на минималната плата.
-Жалам што Сојузот на синдикати на Македонија полека, но сигурно, се претвора во партиска бина или гласноговорник на коалицијата Левица, СДСМ и ДУИ и практично тоа што овие го говорат во Парламентот, тие го говорат на прес-конференции. Тие одбрале таков начин да функционираат. Жалам што во минатото изостана овој предлог. Тие мислат дека сега ќе го исцрпат Буџетот и дека ние ќе дадеме 100-200 милиони денари за нив нема за улици, градинки, училишта, канализации..., рече Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на општина Илинден.
Скопје - Се очекува за околу еден месец да се стартува со некои од работите предвидени со модернизација на Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, а во тек на планираните активности со проектот нема да биде запрен авиосообраќајот, најавува генералниот директор на ТАВ Македонија Неџат Курт во видеоинтервју за МИА.
Модернизацијата на аеродромот е обврска на ТАВ Македонија согласно Договорот за концесија на аеродромите. Плановите се да се зголеми капацитетот на патничкиот терминал и да се обезбеди удобност за патниците кои ќе патуваат низ аеродромот.
-Процесот е веќе почнат и очекуваме за околу еден месец активно да почнеме со некои од работите. Додека го реализираме проектот и работиме на изградбата, реконструкцијата и обновата ќе нема прекин на сообраќајот. Многу сме ригиди кога станува збор за аеродромското функционирање. Нема да прекинеме со никакви операции, ќе го правиме тоа во фази, за да осигураме дека ништо нема да биде прекинатото ќе почнеме со една страна, па ќе продолжиме со друга, исто како кога се одвиваа работите за обнова на пистата пред неколку години, кога аеродромот не беше затворен, вели Курт.
Скопје - Вишиот јавен обвинител Мустафа Хајрулахи денеска поднесе кривична пријава против Љупчо Коцевски - јавен обвинител на Република Северна Македонија, Татјана Кацарова - јавен обвинител во ОЈО Штип, Ристо Бојаџиски - виш ЈО на ВЈО Штип и Ермон Незири - член во Совет на јавни обвинители за сторено кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување по чл. 353 од Кривичниот законик.
Хајрулахи е суспендиран од раководната позиција во Вишото обвинителство Скопје, по поднесена крививична пријава заради основано сомнение за сторено продолжено кривично дело „малтретирање во вршење на службата од член 143“, како и за продолжено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 од Кривичниот законик“, а Советот на јавни обвинители, ја отфрли неговата жалба со која бараше укинување на одлуката за негово оддалечување од функцијата, донесена од државниот јавен обвинител Коцевски.
Хајрулахи во изјава за МИА рече дека смета оти кривичната пријава била тенденциозно поднесена против него од страна на државниот јавен обвинител, бидејќи од февруари 2023 година има измена на запретената казна затвор за делото за кое се товари во членот 353 од Кривичниот законик.
Неготино - Македонската специјална поштенска марка за поддршка на лицата со ретка болест „Душен мускулна дистрофија", беше официјално промовирана и претставена во Рим, во рамките на меѓународна конференција посветена на ретката болест „Душен мускулна дистрофија", информираше денеска Милица Пауновска, активист од Мускулна дистрофија асоцијација Македонија (МДАМ).
- Излезе од печат поштенска марка со поддршка за лицата со оваа ретка болеста ,,Душен мускулна дистрофија", убаво е кога луѓето си помагаат едни со други и си даваат поддршка. Работиме многу на терен, за да се подигне свеста за ретките болести. Во Рим бев како претставник на Мускулна дистрофија асоцијација Македонија (МДАМ), заедно со уште еден член од оваа асоцијација, Наќе Петридов, појасни таа.
Скопје - СДСМ повторно се служат со лаги и невистини. Вработените во Државниот инспекторат за труд да не се грижат, објави на својот Фејсбук, министерот за економија и труд Бесар Дурмиши на обвинувањата на СДСМ дека вработените во Државниот инспекторат за труд работат на црно.
-Согласно измените и дополнувањата на Законот за инспекциски надзор, Министерствата се должни најдоцна во рок од 3 месеци од денот на влегување во сила на Законот да ги превземат правата и обврските со превземањето на Инспекторатите. Исто така согласно член 8 од Законот за изменување и дополнување на Законот за инспекциски надзор („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.22/25, a се преземаат во министерствата во чии рамки продолжуваат да работат во овој случај сите вработени од Државниот инспекторат за труд а согласно Одлука за преземање на вработени по сила на закон се одјавени на 28 февруари 2025 година, а ќе бидат пријавени како вработени во Министерството за економија и труд со 1 март 2025 година, односно немаат прекин на работниот однос и нема да имаат, вели Дурмиши.
Тирана - Албанската полиција ја финализираше полициската акција со кодно име „Организатор“, во која се уапсени три лица под обвинение за трговија со оружје и фалсификување документи, кои требало да завршат на македонска територија.
-При претрес во патничко моторно возило беа пронајдени три парчиња огнено оружје „калашников“, 3.320 боева муниција, како и гранати, за кои истрагите покажуваат дека биле наменети за шверц во Северна Македонија. Во домот на едниот од нив се пронајдени и одземени 20 фалсификувани документи, албански, бугарски и македонски, пасоши, лични карти, дозволи за престој и потврди за вештини, како и опрема што се користела за оваа криминална активност, стои во полициското соопштение
Белград - Опозицијата во српскиот Парламент денеска ја бојкотира седницата по вчерашниот инцидент со чадни бомби, во кој беа повредени три пратенички од владејачката Српска напредна партија.
Српскиот претседател Александар Вучиќ синоќа изјави за телевизијата „Пинк“ дека сите три пратенички се во стабилна состојба, вклучувајќи ја и ќената која претрпе мозочен удар, како и бремената пратеничка во осмиот месец, чија состојба и состојбата на нејзиното бебе се добри.
Полицијата рано утрово ја пребара пленарната сала на Народното собрание по дојава за поставена експлозивна направа, но ништо сомнително не беше пронајдено.
Атина – Стотици илјади сограѓани се најдоа на улиците и плоштадите, побараа вистина и правда, правда за жртвите, но и безбеден и модерен превоз за земјата. Секако имаше демонстранти кои побараа да падне Владата, но верувам дека огромното мнозинство од оние што протестираа имаа спротивно барање, побараа Грција да се издигне уште повисоко, истакна грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за време на расправата во Парламентот за железничката несреќа кај Темпи пред две години, јави дописничката на МИА од Атина.
Денешната расправа во Парламентот е на иницијатива на опозициските партии СИРИЗА и ККЕ, а ова е прв јавен настап на грчкиот премиер по масовните протести во Грција и странство за двегодишнината од железничката несреќа во која загинаа 57 лица.
Букурешт - Вкупната сума на неповратни средства што Романија ги добила од Европската Унија во текот на 18-те години членство достигна 100 милијарди евра во јануари 2025 година, објави денеска романскиот информативен портал „Зиаре“. Оваа информација доаѓа во контекст на изјавата на претседателскиот кандидат Калин Георгеску дека Романија не зависи од европските фондови за својот развој.
Во интервју за молдавската новинарка Наталија Морари, Георгеску изјави дека европските земји можат многу подобро да се развиваат независно отколку во рамките на ЕУ. Тој одговори на изјавата на романскиот европратеник Зигфрид Мурешан, кој предупреди дека Република Молдавија би можела да загуби 1,9 милијарди евра помош од ЕУ доколку проруските партии победат на парламентарните избори. Морари, која е против санкциите кон Русија, праша дали ова претставува уцена од страна на ЕУ.
Брисел - Министрите за внатрешни работи на земјите членки на ЕУ на денешниот состанок во Брисел постигнаа договор за етапно воведување на Системот за влез и излез (ЕЕС), кој треба да обезбеди дигитална контрола на државјаните на трети земји кои влегуваат или излегуваат од Шенген зоната.
Според полскиот министер за внатрешни работи и администрација Томаш Сјемоњак, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ, постигнатиот договор од една страна овозможува флексибилност, а од друга ја гарантира „безбедноста на миграциските движења“.
- Многу сум задоволен што за време на полското претседавање со Советот на ЕУ, кое се фокусира на безбедносните прашања, беше можно да се постигне таков значаен напредок во контролата и заштитата на нашите надворешни граници, додаде Сјемоњак.
Брисел - Не може да се гради демократија без заштита на новинарите и почитување на слободата на медиумите, беше порачано на денешната презентација на Извештајот за слободата на медиумите во Европа во 2024: Соочување со политички притисоци, дезинформации и ерозијата на независноста на медиумите на Платформата за безбедност на новинарите (СЈП).
-Во 2024 година најголема загриженост и натаму предизвикуваше војната во Украина, каде украински и странски новинари секојдневно ги ризикуваа своите животи на првите борбени линии. Медиумските професионалци, како и другите цивили низ целата земја, ја издржа постојаната закана од руските бомбардирања. Суштинската улога на медиумите во покривањето на конфликтите беше дополнително предизвикана од кршењето на медиумската слобода во услови на актуелните кризи во Газа, на Западниот Брег и поширокиот регион на Блискиот Исток, се наведува во Извештајот.
Париз – Портпаролката на француската Влада денеска изјави дека е планирано заедничко патување на францускиот и украинскиот претседател и британскиот премиер во Вашингтон.
Таа истакна патувањето на Емануел Макрон, Володимир Зеленски и Кир Стармер треба да се реализира за краток рок, но не прецизира датум.
Макрон претходно најави дека вечерва ќе се обрати до нацијата, а за утре е закажан посебен Самит на европските лидери посветен на одбраната на Украина.
Варшава – Полскиот претседател Анджеј Дуда денеска го советуваше украинскиот претседател Володимир Зеленски да се врати на преговорите со американскиот претседател Доналд Трамп како што разговараат двајца бизнисмени и изрази надеж дека Трамп ќе биде исто толку остар кон рускиот претседател Владимир Путин како и со Зеленски, бидејќи неговата единствена цел е мирот.
- Тоа е многу остра игра. Верувам дека тоа е елемент на многу острата тактика со која се оди кон тие преговори, бидејќи треба да имаме предвид дека сме во фаза на одење кон преговори. Разговарав со Трамп пред една недела и можам да кажам дека тој има единствена цел. Тој сака да стави крај на војната во Украина, таа трагедија, тоа што толку многу луѓе гинат. Ситуацијата е напната. Она што се случи во Овалната соба е без преседан, изјави денеска Дуда за полската приватна телевизија ТВН24.
Дуда рече дека го советувал Зеленски да се врати на разговорите со Трамп што е можно поскоро.
Киев - Русија ја поздрави подготвеноста на претседателот на Украина, Володимир Зеленски да преговара за мир, нарекувајќи го „позитивен“ чекор.
Но, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, ја доведе во прашање практичноста на таквите разговори, истакнувајќи дека Зеленски законски ги забрани преговорите со рускиот претседател Владимир Путин преку декрет потпишан во 2022 година.
Значи, генерално, пристапот е позитивен, но нијансите се уште не се променети. Засега сè уште постои законска забрана претседателот на Украина да преговара со руската страна, истакна Песков.
Нук - Премиерот на најголемиот остров на светот денеска изјави дека неговите жители не сакаат да бидат „ни Американци, ниту Данци, туку Гренланѓани“.
-Ние не сакаме да бидеме Американци или Данци, ние сме Гренланѓани, рече Муте Егеде еден ден откако американскиот претседател Доналд Трамп повторно изрази интерес за преземање на таа автономна територија во рамките на Данска.
„Американците и нивниот шеф мора да го разберат ова“, напиша Егеде на Фејсбук, шест дена пред парламентарните избори.
Вашингтон - САД го откажаа споделувањето разузнавачки информации со Киев, што може сериозно да ја загрози способноста на украинската војска да ги гаѓа руските сили, јави Фајненшл тајмс, цитирајќи официјални лица запознаени со ова прашање.
Овој потег уследи по одлуката на администрацијата на Трамп да ја прекине испораката на воена помош за Украина и драматичниот распад на односите меѓу американскиот претседател и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Соработката на американското разузнавање беше од клучно значење за способноста на Украина да ги идентификува и гаѓа руските воени цели.
Мексико Сити – Телата на девет лица кои исчезнаа во јужниот дел на Мексико минатиот месец се пронајдени масакрирани на автопат, заедно со торба во која се наоѓале нивните раце, пишува Дејли Меил.
Остатоците биле откриени во багажник на напуштен автомобил во Сан Хозе Миахуатлан, на границата со мексиканските држави Пуебла и Оаксака, на 280 километри од Мексико Сити. Се верува дека станува збор за уште едно брутално убиство поврзано со картелите.