• сабота, 27 јули 2024

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

22 мај 2024

Скопје - Излезноста на седумте избирачки места каде денеска се прегласува за парламентарните избори до 9 часот е 7,22 проценти, соопшти Државната изборна комисија. 

Оттаму информираат дека од вкупно запишаните 4.514 гласачи гласале 326 гласачи. Во споредба со гласањето на 8 мај, на ова прегласување се забележува зголемена излезеност за 4,07 проценти на овие избирачки места.

Најголема излезност има на избирачкото место во Крушево каде гласале 57 гласачи односно 12,15 проценти, а најмала е излезноста во Долнени  на избирачкото место 1470/1 каде до 9 часот гласале 14 гласачи односно 2,22 проценти. 

Рим - Претседателката Гордана Сиљановска Давкова ја предводи државно-црковната делегација во посета на Рим и Ватикан, по повод честувањето на 24 Мај, Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј. Ова е прва првата официјална посета во странство на претседателката Сиљановска Давкова, по победата на претседателските избори на 8 мај.

Во состав на делегацијата се заменик-министерот за култура, Онур Али, амбасадорот во Италија, Весел Мемеди, амбасадорката во Светата Столица, Марија Ефремова, директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски, заменик-генералниот секретар на претседателскиот кабинет, Горан Момировски, државниот советник за надворешна политика во кабинетот, Рима Сафитли, Златко Јанковски и Жидас Даскаловски од кабинетот на претседателот, како и Снежана Стојанова од Секторот за односи со јавност во кабинетот.

Делегацијата на МПЦ-ОА ја предводат митрополитот Дебарско-кичевски, Тимотеј и митрополитот Европски, Пимен, додека Католичката црква ја претставува протојереј ставрофор, Зоран Стојанов.

Атина – Мислам дека нашите пријатели во Северна Македонија треба да сфатат дека заврши предизборниот период, дојдено е време веќе да станат сериозни, да го почитуваат меѓународниот договор, доколку ги интересира да останат на европскиот пат, порача грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис говорејќи за телевизијата „Опен“, јави дописничката на МИА од Атина.

Во утринското интервју, грчкиот премиер детално говореше за сите актуелни теми во Грција, со оглед на тоа што земјата е во предизборен период во пресрет на европските избори на 9 јуни, а се осврна и на Договорот од Преспа, на односите со нашата земја, на ЕУ перспективата, но и на трите меморандуми што не се ратификувани во Парламентот.

Скопје - Во Министерство за животна средина и просторно планирање денеска се одржа првиот конститутивен состанок на новата Комисија за управување со светско природно и културно наследство во Охридски регион, која е формирана со одлука на Влада од 1 април, годинава и со која во наредните три години ќе претседава Министерството за животна средина и просторно планирање .

-Министерството за животна средина и просторно планирање, од почетокот на своето постоење, има важна улога на заштитник на исклучителната универзална вредност на Охридскиот регион и зачувување на интегритетот на најстарото и најбогато со биолошка разновидност езеро во Европа. Министерството во континуитет имплементира конкретни активности во делот на заштита на природата што е, исто така, важно како и заштитата на културното наследство, изјави министерката Шукова упатувајќи им честитки за именувањето на членовите на новоформираната Комисијата и желби за успех во претстојната работа, соопшти ресорното Министерство.

Скопје - Интересот за изградба на згради за живеење бил, е и ќе биде голем, не само во Скопје, туку и во другите градови. Ова го потврди денеска во изјава за МИА, Катарина Николов извршен директор на „Фортонмка“, за време на конференцијата за комерцијални недвижности што се одржува во главниот град на државава.

 - Сведоци сме на многу интензивен раст на изградбата на станови во изминатите можеби 20 години во Скопје. Честопати се поставува прашањето дали има простор за уште станови. Пазарот го прави побарувачката. Сѐ додека таа побарувачка функционира, тогаш и инвеститорите имаат мотивација да продолжат со реализација на замисленото. Интерес голем постои. Станбените згради се први, затоа што се најблизок тип на инвестиција. Затоа што најлесно се планира повратот на инвестиција, појасни таа за МИА.

Скопје – Државниот завод за ревизија денеска ги презентираше националните Конечни ревизорски извештаи на тема „Подготвеност на земјите за имплементација на Целите за одржлив развој на Обединетите нации до 2030 година“, како и Заедничкиот ревизорски извештај за паралелната ревизија спроведена помеѓу Државниот завод за ревизија и Државната ревизорска институција на Република Србија.

Главниот државен ревизор Максим Ацевски рече од спроведените ревизорски активности заклучокот е дека степенот на имплементација на целите за одржлив развој во националната рамка е задоволителен.

Скопје - На Правниот факултет „Јустинијан Први“ свечено беа доделени дипломите за завршените универзитетски курсеви за изучување на холокаустот. Оваа програма се реализираше во учебната 2023/24 година со поддршка на Конференцијата за еврејските материјални побарувања од Германија од Њујорк.

На свеченото доделување што се одржа вчера, се обратија деканот на Факултетот, проф. д-р Сашо Георгиевски, амбасадорката на СР Германија Петра Дрекслер и раководителот на универзитетската програма проф. д-р Мишо Докмановиќ.  

Белград - Се отстрануваат последиците од силното невреме што вчера ја зафати Србија. Едно лице загина во Сомбор кога дрво падна врз возило. Изгаснат е пожарот што избувна во дворот на зградата на ЕПС во Нови Сад, поради што дел од градот остана без струја. Пожарникарите и спасувачите евакуираа пет лица и едно бебе. Во Нови Пазар е прогласена вонредна состојба, јави дописникот на МИА од Белград.

Началникот на Секторот за вонредни состојби во Нови Пазар, Исмаил Дупљак изјави за РТС дека се работи за големо невреме.

-Речиси еден час паѓаше град, што е невидено на овие простори. За еден час на некои мерни места во градот паднаа над 66 литри вода на метар квадратен, што исто така е невидено, изјави Дупљак.

Ерусалим - Министерот за надворешни работи на Израел, Израел Кац денеска ги повика амбасадорите на земјата во Ирска и Норвешка на итни консултации, бидејќи Норвешка ја призна Палестина, додека Ирска се очекува денеска да го објави признавањето на палестинската независност.

„Испраќам многу јасна порака до Ирска и Норвешка: Израел нема да дозволи ова да помине во тишина“, рече Кац, пренесува Тајмс оф Израел.

Тој додаде дека истото ќе го направи и со Шпанија, доколку Мадрид ја признае Палестина.

„Ирска и Норвешка имаат намера да испратат порака до Палестинците и светот – теророт се плаќа“, рече Кац, додавајќи дека на тој начин „ги наградуваат Хамас и Иран“.

Рамала – Генералниот секретар на Извршниот комитет на Палестинската ослободителна организација (ПЛО), Хусеин ал-Шеик се заблагодари на X по најавите на Шпанија, Ирска и Норвешка дека ќе ја признаат палестинската државност.

- Историски моменти во кои слободниот свет триумфира за вистината и правдата по долги децении палестинска национална борба, страдање, болка, окупација, расизам, убиства, угнетување, злоупотреба и уништување на кои беше подложен народот на Палестина. Им благодариме на земјите во светот кои ја признаа и ќе ја признаат независната држава Палестина. Потврдуваме дека тоа е патот кон стабилноста, безбедноста и мирот во регионот, напиша Ал-Шеик на Х.

Ирска, Шпанија и Норвешка денеска соопштија дека ќе ја признаат палестинската држава.

Москва - Руски беспилотни летала погодија електрани рано утринава и ја исклучија електричната енергија во некои делови од регионот Суми во северна Украина, соопштија властите.

Во објава на комуникациската платформа Телеграм, регионалните власти соопштија дека беспилотните летала ги погодиле градовите Шостка и Конотоп, североисточно од Киев и во близина на границата со Русија.

Според регионалните власти, украинските воздухопловни сили собориле седум дронови користени во нападот.

Службите за итни случаи работат на враќање на струјата во три окрузи.

Остани поврзан