• сабота, 27 јули 2024
МИА Радио флеш

5 декември 2023

 

- Лидерите на парламентарните политички партии на средба во Собранието се договорија првиот круг на претседателските избори да се одржи на 24 април, а вториот круг од претседателските избори и парламентарните избори да бидат на 8 мај. Според пропишаните рокови изборите би се распишале најдоцна на 28 февруари, а техничката Влада би требало да се формира до 28 јануари.

- Скопскиот Кривичен суд му определи мерка 30-дневен притвор на првоосомничениот за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот велешанец Панче Жежовски, Љупчо Палевски со прекар Палчо, кој е во бегство, а која ќе биде спроведена по неговото пронаоѓање и лишување од слобода.

-Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство Скопје, донесе решение со кое го прифати предлогот на Обвинителството и на Љ.П. со прекар П. Од Скопје, му определи мерка притвор од 30 дена од денот на неговото пронаоѓање и лишување од слобода, а поради постоење на основите од член 165 став 1 точка 1,2 и 3 од ЗКП односно опасност од бегство, ќе ја попречи кривичната постапка со влијание врз сведоци или ќе го повтори кривичното дело. Согласно наредбата за спроведување истражна постапка, за лицето постои основано сомнение за кривичните дела Убиство од чл. 123 ст.2 т.7 вв со чл. 22, Грабнување од чл. 141 ст.2 вв ст.1 вв. чл. 22 и Предизвикување општа опасност од чл. 288. ст.1 вв со чл. 22 од КЗ,  соопшти денеска Основниот кривичен суд Скопје.

– Четириесет и осумчасовен притвор за таткото на Вања Ѓорчевска, откако претходно таква мерка им беше изречена и на тројца осомничени, но и почеток на официјална истрага и покрената меѓународна потерница за првоосомничениот е епилогот од вчерашниот ден во врска со грозоморното убиство на 14-годишното девојче и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес, кое ја потресе јавноста во земјава, но и во регионот. Се чекаат наодите од обдукцијата и од преземените биолошки траги, за МВР да излезе со соодветна кривична пријава против осомничените, по што Јавното обвинителство ќе отвори истрага за сите инволвирани.кот на вчерашниот ден изречени се вкупно 175 мерки, соопштија денеска од МВР.

- Собраниската комисија за финансирање и буџет денеска втор ден по ред треба да продолжи со разгледување на Предлог-буџетот за 2024 година. Расправата по Предлог-буџетот почна вчера, а ќе трае 10 работни дена, по што треба да се најде на усвојување на пленарна седница. Согласно утврдените рокови, Буџетот за наредната година треба да биде усвоен во Собранието најдоцна до 31 декември. Предлог-буџетот за следната година тежи 5,5 милијарди евра. Владата го карактеризира како развоен и одржлив Буџет кој ги има сите карактеристики за истовремено да го поддржи развојот, но и да ја обезбеди фискалната одржливост.

– Трагичен крај на потрагата по 14-годишната Вања Ѓорчевска, објави грчката невладина организација за заштита на децата и нивните права „Насмевката на детето“ во соопштението во кое информира дека девојчето од Скопје беше пронајдено убиено, јави дописничката на МИА од Атина. Минатата седмица, како што објави МИА, „Насмевката на детето“ информираше во Грција за исчезнувањето на 14-годишната Вања Ѓорчевска, со што како што рекоа, учествуваа во широката мобилизација за нејзино пронаоѓање. Од невладината организација сега соошштија дека биле информирани од соработниците во Европската федерација за исчезнати деца (Missing Children Europe-ΜCE) за трагичниот крај во потрагата по Вања.

- Во Центарот за управување со кризи според последниот извештај имало вкупно 1.479 повици на Единствениот број за итни случаи 112. -„Реални“ повици за итни случаи биле 41,78 отсто, а 58,22 проценти други, именувани како „неитни повици“, што биле за други потреби на граѓаните или едноставно не биле итни. Со примањето во ЦУК на овие „други“ повици се растоваруваат од непродуктивни за нив, службите институциите во Системот за управување со кризи коишто се за итно интервенирање, информираат утрово од ЦУК.

- Уставниот суд денеска ќе ја одржи 43. седница на чиј дневен ред се седум иницијативи за оценување на уставност и законитост. Судиите ќе дискутираат по иницијативата поднесена на член 72 став 6 од Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија.

- Во контролите во областа на сообраќајот на територија на Град Скопје во текот на вчерашниот ден изречени се вкупно 175 мерки, соопштија денеска од МВР.

- Во големата сала за изложби - Музеј Битола денеска ќе се одржи настан во рамки на кампањата „Сложувалка“ под името „Насилството низ призмата на културата - гласно и болно, но борбено“. На настанот ќе се обратат министерката за култура Бисера Костадиновска - Стојчевска, министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, програмската аналитичарка во УНФПА, Јованка Брајовиќ Григоријевиќ, директорката на манифестацијата Охридско лето, Наташа Поповиќ, како и авторката Јасмина Атанасова.

- Во Младински Културен Центар - Скопје вечерва ќе биде отворена изложбата „Гласна тишина” (Loud Silence) на Мартина Спасовска.  

-Мартина Спасовска во нејзините дела почетно го претставува сопствениот лик (потоа вклучува и други женски ликови видени од нејзина перспектива), не како модел(и) туку како катализатор(и) на проследување на енергијата што ја чувствува и нејзино преобликување во ликовен продукт. 

- По повод 16 дена активизам против родово базирано насилство, Мисијата на ОБСЕ во Скопје денеска организира тркалезна маса на високо ниво на која ќе присуствуваат претставници од институции и граѓански организации кои работат во областа на спречување и заштита од родово базираното насилство. Како што е најавено од Мисијата на ОБСЕ во Скопје, на тркалезната маса ќе се разговара за начините за зајакнување на повеќесекторскиот одговор кој е потребен за да се засили борбата против родово базираното насилство во Северна Македонија. Во оваа насока, се вели во најавата, од исклучителна важност е институциите и граѓанското општество да работат заедно со пристап насочен кон жртвата. На тркалезната маса најавени се обраќања на првата дама Елизабета Ѓоргиевска, шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадор Килиан Вал, министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и амбасадорката на Шведска, Ами Ларсон Јаин.

- Во основното училиште „Браќа Рамиз и Хамид“ во општина Шуто Оризари денеска ќе се одржи настан во рамки на кампањата „Сложувалка“ под името „Дискриминацијата, економската зависност и недовербата - корен на родово базираното насилство“ во организација на Министерството за труд и социјална политика и канцелариите на УНФПА во Република Северна Македонија со поддршката на Британската амбасада.  Како што е најавено, на настанот ќе се обратат министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, заменик министерката за правда Викторија Аврамовска Мадиќ, заменик министерката за здравство Маја Манолева, извршната директорка на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“,  Климентина Илијевска и од Здружението иницијатива за правата на жените - Шуто Оризари, Ајсел Амет.

- Светската програма за храна на ОН (WFP) соопшти дека во јануари ќе ја прекине својата главна програма за помош на населението во Сирија, земја разурната од над децениската војна, каде што повеќе од 12 милиони луѓе немаат редовен пристап до храна. Во последниве години, WFP ја намали својата поддршка за Сирија и соседните земји кои примија милиони Сиријци, бегајќи од 13-годишниот конфликт. Хуманитарните агенции се борат да го пренасочат вниманието на светот кон Сирија, бидејќи има замор кај донаторите и намалени буџети.

- Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска официјално побара од дневниот ред на самитот на лидерите на Европската унија да се отстрани главната тема: прашањето за почеток на преговорите за пристапување на Украина во ЕУ - што е прва тема на дневен ред таа средба, и финансирањето на Киев со милијарди евра во борбата против руската инвазија. Во писмото до претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, кој ќе претседава со самитот во Брисел од 14 до 15 декември, Орбан инсистира дека најпрво е потребна „стратешка дискусија“ за европската иднина на Украина и предупреди дека „форсирањето на одлуката може да го уништи единството на ЕУ“.

– Велика Британија најави планови за намалување на бројот на легални имигранти во земјата со зголемување на минималната плата за една трита што мора да ја заработат за квалификувана работа, во услови на притисок врз премиерот Риши Сунак да се справи со рекордниот број нови имигранти. Високите нивоа на легална миграција доминираат на политичката сцена во Велика Британија повеќе од една деценија и беа клучен фактор во гласањето за напуштање на Европската унија на референдумот во 2016 година.

 - Ако Украина не успее Путин ќе продолжи и понатаму, изјави синоќа Чак Шумер, лидер на мнозинството во Сенатот пред да закаже гласање во Горниот дом на американскиот Конгрес по повикот на претседателот Џо Бајден за помошта за Украина и Израел во висина од 106 милијарди долари.  Сепак, демократите се очекува да изгубат, со оглед на тоа што републиканците бараат одобрувањето на помошта за Украина да се поврзе со силно зацврстување на граничната контрола и запирање на нелегалната имиграција на јужната граница. Тие исто така бараат помошта за Украина и Израел да не биде во еден пакет туку да се раздвои. 

 - Газа се соочува со уште „попеколно сценарио“ доколку не се дозволи повеќе помош да влезе во енклавата, изјави хуманитарната координаторка на ОН за палестинска територија, Лин Хејстингс. Таа рече дека сегашната сума на помош е недоволна и дека не постојат услови потребни за доставување помош во Газа, пренесува Си-Ен-Ен. Хејстингс додаде дека е можно наскоро да се развие „уште попеколно сценарио“, на кое хуманитарните операции можеби нема да можат да одговорат. Користењето на само еден премин Рафа, на границата со Египет, за истоварување камиони со хуманитарна помош не функционира, и покрај напорите на агенциите на ОН, на египетската и палестинската Црвена полумесечина и други партнери, соопштија ОН.

– Израелскиот министер за економија Нир Баркат, висок член на владејачката партија Ликуд, наводно планира да се кандидира против премиерот Бенјамин Нетанјаху кој 18 години е на чело на партијата, велејќи дека на партијата „и требаат промени“ и повика на одржување национални избори откако ќе заврши војната. - Повторно нема да го поддржам Нетанјаху. По војната мора да се свртиме кон народот и повторно да ја добиеме неговата доверба. На Ликуд му треба промена, им рече Баркат на активистите на Ликуд минатата недела во продавница за велосипеди во Кирјат Гат, јави денеска јавниот радиодифузер Кан.

- Постапувам во согласност со агендата и таа е при крај“, додаде тој. Кан пренесе дека тоа значи да се кандидира за лидер на партијата Ликуд, дури и ако Нетанјаху не се повлече, додавајќи, без да наведе извор, дека Баркат на приватни состаноци потврдил дека тоа е неговата намера.

 - Сателитски снимки анализирани денеска од американска новинска агенција покажуваат дека израелската армија почнала копнена офанзива во јужните делови на Појасот Газа во војната против Хамас. По истекот на привремениот прекин на огнот и размената на заложниците кои Хамас ги држеше за Палестинците во израелските затвори, израелската армија почна тешки бомбардирања и копнени судири на југот на Појасот Газа.

- Руската противвоздушна одбрана синоќа уништи и пресретна повеќе од 40 украински беспилотни летала над Азовското Море и Крим, соопшти Министерството за одбрана на Русија. Вечерва се уништени 22 беспилотни летала, а 13 од нив се пресретнати, додека утрово околу 6 часот по московско време воздухопловните сили собориле уште шест дронови, пренесува РИА Новости.

- Весникот „Вашингтон пост“ вчера наведе дека само годинава во САД имало 38 престрелки во кои биле убиени по најмалку четири лица, што е најголем број масовни убиства во последните една година.  Претходниот рекорд беше поставен минатата година кога се случија 36 масовни убиства.  Од почетокот на годината до 4 декември во масовни престрелки во САД загинаа 197 лица, не сметајќи ги напаѓачите, а 91 лице беа ранети.

- Рускиот претседател Владимир Путин присуствуваше на симулација на „нуклеарно копче“, но одби да го притисне додека беше во обиколка на огромна изложба на руските достигнувања. Путин слушаше презентација за дизајнот на советската нуклеарна бомба и му беше покажан модел на контролна табла за лансирање нуклеарен тест, по што преку прозорец ги гледаше сликите од експлозијата.

- На Европското првенство во 2024 година ќе се користи топка со висока технологија од компанијата „Адидас“. Според „ The Times“, топката ќе биде опремена со микрочип што ќе помогне да се утврди дали е користена рака при нападите кога ќе биде постигнат гол. Овој систем ќе работи заедно со технологијата за следење на екстремитетите, која овозможува создавање на 3D визуелни слики на играчи во реално време.

Остани поврзан