МИА Радио флеш
- МИА Радио флеш
18 септември 2024
Скопје - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска и утре ќе престојува во работна посета на Брисел, информираат од Министерството.
За време на посетата, министерот Муцунски ќе оствари средба со Генералниот Секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во пресрет на неговото заминување од функцијата Генерален Секретар на НАТО. По повод денот на независноста, во седиштето на НАТО во Брисел, ќе биде организиран прием, на кој министерот Муцунски се обрати пред дипломатскиот кор и поканетите гости.
Скопје - Повеќе од 18 милиони евра ќе бидат вложени за реконструкција на студентските дома во државата, информираше денеска премиерот Христијан Мицкоски на означување на почеток на доградба на основното училишта „Блаже Конески“ во Скопје.
Покрај двата студентски дома во Скопје ќе се реконстрираат и останатите домови низ државата.
- Повеќе од 18 милиони евра ќе бидат вложени за реконструкција на студентските домови, не само во Скопје, туку и во другите градови каде што имаме универзитетски кампуси, центри. Осумнаесет милиони евра ќе бидат вложени во реконструкција на двата студентски дома во Скопје, „Кузман Јосифовски Питу“ и „Стив Наумов“. Но, исто тоа ќе биде проектирано и во другите универзитетски центри во државата, така што и тоа е едно од оние ветувања коишто ги ветивме за студентите и младите, изјави премиерот.
Скопје - По објавата дека е избрана фирма која ќе ја прави новата компресорска станица, првиот човек на македонското здравство Арбен Таравари, на новинарско прашање одговори дека очекува целиот зафат да биде готов за четири месеци.
- Фирмата е сериозна компанија и професионална за оваа работа. Според нив за околу четири месеци, целиот зафат ќе биде завршен, рече министерот Таравари.
Околу постапката за потпишување на договорот и периодот на жалба тој посочи дека договорот е потпишан и се процесот се спроведувал по брза постапка.
Скопје - Министерот за здравство, Арбен Таравари во одговорот на прашањето поврзано со неодамнешниот повик на Зијадин Сеља упатен до опозициските партии од македонскиот и албанскиот политички блок и да разговараат за прашањата и теми кои се однесуваат на Албанците, напомена дека се подготвени за разговор.
-Кажав дека Сеља и Ахмети треба да се самокритични и да се навикнат дека се во опозиција. Инаку нема проблем, подготвени сме да разговараме со кого било и во кое било време, рече Таравари во одговорот на прес-конференција по денешната посета на Центарот за рехабилитација на патологија на вербалната комуникација.
Скопје - Министерот за здравство Арбен Таравари при посетата на Центарот за рехабилитација на патологија на вербална комуникација во Скопје промовираше нов кабинет за аудиометрија и современа опрема која ќе ја подобри работата со деца кои имаат препреки во говорот и кадарот во центарот.
- Денес промовираме нов кабинет за аудиометрија, со нов апарат, аудиометриски, со сите аудиолошки критериуми што се потребни. Во овој центар на годишно ниво се третираат 3 000 деца, рече Таравари.
Скопје - Во Центарот за управување со кризи (ЦУК) според последниот извештај во последното деноноќие имало вкупно 1.620 повици на Единствениот број за итни случаи 112.
- Од нив „реални“ повици биле 56 отсто, а 44 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон Полиција биле упатени 64 отсто, кон Итната медицинска помош 27 отсто, кон пожарникарите шест отсто, а кон АМСМ 0,42 отсто од реалните повици кон 112, соопшти ЦУК.
Во последното деноноќие имало повеќе помали пријавени пожари на отворено, покрај пожари во урбани средини и населени места на територијата на државата.
Скопје - Британскиот филмски продуцент и писател Мајк Дауни вечер, во 20 часот, во Кинотеката ќе го претстави својот роман „Истарско злато“, во издание на „Прозарт медиа“ од Скопје. Гостувањето е во рамки на 12. Интернационален литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“, чија официјална програма заврши синоќа со врачувањето на наградата „Прозарт“ на српскиот писател Владимир Пиштало.
Разговорот со Дауни ќе го води Александар Прокопиев, уметнички директор на фестивалот. Дауни е продуцент на копродукцискиот филм „Караула“ во кој учествува и нашата земја.
Прага - Десетина лица се повредени во судар на два патнички воза во Прага.
Сударот се случил во близина на станицата Праг-Либен, на пругата меѓу станиците Височани и Главната железничка станица.
Меѓу повредените се петнаесет лица, кои имаат полесни повреди како модрици и гребаници.
Будимпешта – Македонската шаховска репрезентација забележа убедлива победа со 4:0 над Хонг Конг во 6. коло на Олимпијадата во Будимпешта.
По вчерашниот убедлив триумф, Македонија има биланс од четири победи и два пораза и се наоѓа на високото 25. место во конкуренција на 197 држави.
Следен противник на македонската репрезентација е Швајцарија.
На женскиот турнир од Олимпијадата, македонската репрезентација е 83-то пласирана. Нашиет шахистки во следното коло ќе се соочат со репрезентативкиет на Тринидад и Тобаго.
Во двете конкуренции лидер на на табелите се репрезентативците на Индија со максимални шест победи.
Атина – Транспортот е централен столб на Европа, има геостратешко значење за клучните сектори како што се трговијата, енергијата и вмрежувањето, а во исто време обезбедува слободен пристап, движење и меѓусебно поврзување на граѓаните и регионите, основно право во Европската Унија, порача новиот комесар за одржлив транспорт и туризам Апостолос Ѕиѕикостас, јави дописничката на МИА од Атина.
Преку социјалните мрежи новиот грчки комесар рече дека е „голема чест и одговорност“ што претседателката на Европската комисија ѝ ги довери на Грција ресорите за одржлив транспорт и туризам.
Москва - Рускиот активист Владимир Кара-Мурза одмавна со главата во неверување додека им се обраќаше на пратениците и дипломатите во сослушувањето во американскиот Сенат, само неколку недели откако беше ослободен од сибирскиот затвор во големата размена на затвореници.
-Зборот надреално не е ни приближно да го опише тоа што го чувствувам во моментов, рече дисидентот на настанот, чија цел беше да го истакне тоа што присутните го опишаа како страдање на стотици затвореници кои сè уште се држат во Русија поради нивните политички убедувања.
Москва - Руската војска ноќеска уништи 54 украински беспилотни летала, при што локалните власти соопштија дека најмалку четири лица се повредени во нападите.
Половината од уништените дронови биле над територијата на Курск, каде што се води голема украинска офанзива од почетокот на август. „Системите за противвоздушна одбрана ноќеска уништија 54 украински дронови“, се вели во соопштението на руското Министерство за одбрана.
Мелбурн - Австралиската полиција уапси 38 лица во рамки на глобалната акција против шифрираната мрежа Ghost, која ја користеле криминалци за комуникација. Полицијата успеала преку заразен софтвер да се инфилтрира на шифрираната мрежа.
Мозокот на операцијата е 32-годишен жител на Нов Јужен Велс, кој е обвинет за создавање на платформата.
Акцијата е резултат на меѓународна соработка помеѓу девет земји, вклучително и EUROPOL, и се очекуваат уште апсења во наредните денови.
Полициски операции се во тек и во други земји, вклучувајќи ги Ирска, Италија, Шведска и Канада.
Тајпеј - Пејџерите што биле користени во вчерашните напади во Либан ги произвела компанија со седиште во Будимпешта, која имала овластување да ја користи трговската марка на тајванската компанија Голд Аполо.
Пејџерите ги произвела BAC Consulting KFT, со седиште во главниот град на Унгарија, соопшти денеска Голд Аполо, која истакна дека за производството исклучиво е одговорна BAC.
Богота - Во напад на колумбиската герила (ELN) на воена база во источна Колумбија, загинаа двајца војници, а најмалку 21 лице е повредено, соопшти колумбиската армија. Со нападот ги заоструваат тензиите помеѓу колумбиската влада и една од најголемите преостанати бунтовнички групи во земјата.
Армијата го обвини Националното ослободително движење (ELN) за нападот, додека претседателот Густаво Петро навести дека овој инцидент може да доведе до прекин или откажување на мировните преговори со ELN. „Ова е крвав напад кој практично го затвора мировниот процес“, изјави Петро.
Хараре - Зимбабве одобри план за отстрел на 200 слона за да ги нахрани своите граѓани, кои страдаат од глад поради најголемата суша во последните неколку децении.
Според Тинаше Фараво, портпарол на Управата за паркови и диви животни, речиси половина од населението на земјата се соочува со акутен глад. Планот следи по слична одлука на Намибија за убивање на животни за да се ублажи гладот, наведува Си-Ен-Ен.
Фараво напомена дека Зимбабве има над 84.000 слона, што е значително над капацитетот од 45.000.
Министерката за животна средина Ситембисо Њони истакна пред пратениците дека „Зимбабве има повеќе слонови отколку што му требаат“.
Солт Лејк Сити - Патници на американската авиокомпанија „Делта ерлајнс“ (Delta Air Lines) доживеаја проблем со притисокот на лет од Солт Лејк Сити до Портланд, САД. Неколкумина имале крвавење од ушите и носот.
„Искрено им се извинуваме на корисниците за нивното искуство со летот 1203 на 15 септември. По итното слетување во Солт Лејк Сити, патниците се сместени во друг авион. Техничарите на „Делта“ го решија проблемот со притисокот во авионот, а следниот ден авионот повторно почна да лета“, соопшти „Делта“.
Според „Индипендент“, се работи за авион „Боинг 737-900“.