• сабота, 27 јули 2024

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

Скопје, 21 мај 2024

Скопје - Државната изборна комисија денеска ги доделува Уверенијата за пратеници за потврдените пратенички мандати.

Досега уверенијата ги земаа овластените претставници од Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Коалицијата предводена од СДСМ и од Коалицијата Вреди. Се чека да пристигнат овластените претставници од Левица и Знам, а за ДУИ ДИК се уште нема потврда.

Ѓорѓија Сајкоски, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ по земањето на уверенијата од ДИК истакна оти смета дека до 28 мај да се формира Собранието, а до средина на јуни новата влада.

-Денеска по покана на ДИК ги подигнавме мандатите на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и нивните уверенија. Со добивањето на уверенијата, до 28 мај очекуваме да се формира Собранието на Република Македонија, до средината на јуни очекуваме да ја имаме и новата влада во Република Македонија. Сакам да изразам огромна благодарност до граѓаните на Македонија, за поддршката што ја дадоа на ВМРО-ДПМНЕ и за големата одговорност сакам да посочам дека ова е голема одговорност за нас како пратеничка група, како ВМРО-ДПМНЕ. Но, сакам да укажам дека ќе ја оправдаме оваа нивна дадена одговорност, рече Сајкоски, кој беше носител во ИЕ5.

Атина – Во никој случај нема да се ратификуваат меморандумите сè додека трае оваа ситуација, истакна портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис во интервјуто за грчката телевизија „Скај“ и уште еднаш посочи дека Грција ќе го следи „развојот на настаните од новата Влада на Северна Македонија“, јави дописничката на МИА од Атина.

На прашањето дали одново ќе преговараат за Договорот од Преспа, Маринакис посочи дека бидејќи го почитуваат континуитетот на државата, сега се обврзани да го имплементираат „лошиот договор што не го сакаа и не го гласаа“.

Владиниот портпарол упати критики до СИРИЗА за одлуката да ги донесе меморандумите во Парламентот, рече дека иако е опозиција, сепак е грчка опозиција и ќе требаше сите да бидат на иста страна, без разлика дали се согласуваат или не со Договорот од Преспа, од моментот кога „другата страна не ги признава основните работи“.

Скопје – Врховниот судија Наке Георгиев попладнево беше спроведен во Основниот кривичен суд Скопје каде што треба да се одлучува за предложената мерка притвор од Јавното обвинителство.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против Георгиев и членот на Советот на јавни обвинители Иџет Мемети, кои се сомничат за „примање награда за противзаконито влијание“.

Истрагата е отворена по акцијата на МВР која следува по претходна пријава од син на обвинет во предмет што се води во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Скопје - Превирањата на Клиниката за токсикологија во Скопје продолжуваат. Организациската директорка на Клиниката за токсикологија Бесија Иљази им забранила комуникација на вработените со медиумите без нејзина дозвола. Во известувањето на огласна табла на Клиниката се наведува дека средби со медиуми се дозволени само со претходно известување до в.д. организацискиот директор.

- Се забранува неовластено свикување на конференции за печатени и електронски средства за информирање, давање интервјуа и слично со што би се нанело штета на интересите и на угледот на клиниката. Средби со новинари, други медиуми само со претходно известување до в.д. организацискиот директор. Непочитувањето на оваа наредба, подлежи на санкционирање, се вели во известувањето потпишано од Иљази.

Скопје - Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) го осудува, како што вели, обидот за цензура и ограничување на правото на говор од страна на Бесија Иљази, организациска директорка на Клиниката за токсикологија во Скопје.

- Според денешната пријава од членови на ЗНМ, на влезот на Клиниката за токсикологија во Скопје, јавно била истакната наредба со што се забранува на вработените да имаат контакти со новинари или медиуми. Во наредбата од 20.05.2024 година, се вели дека согласно член 30 и 31 од статутот на ЈЗУ Клиника за токсикологија - Скопје, се забранува неовластено присуство, давање изјави за јавност преку интервјуа и свикување прес-конференции, со што би се нанело штета на интересите и угледот на клиниката, појаснуваат од ЗНМ.

Од Здружението нагласуваат дека ваквата наредба претставува кршење на слободата на говор и професионалното новинарство, спротивно на Уставот.

Скопје - Со доделување на престижната награда „Браќа Миладиновци“ на поетската книга „Дни, години“, се потврдуваат трајните дострели на поетскиот опус на Димитар Башески, порача денеска писателот Иван Додовски на промоцијата на ова поетско дело, што се одржа во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје.

Башевски за неговото поетско дело „Дни, години“ ја доби наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга за 2023 година на Струшките вечери на поезијата.

На денешната промоција на книгата, Додовски посочи дека според критиката, Башески создава крајни, тревожни и тешки стихови. Неговата поезија е изворно јасна, емотивна и етички темна. Додевски е на ставот дека „Дни, години“ е најзреалата поетска книга на Башески.

Братислава – Премиерот на Словачка Роберт Фицо е свесен и комуникативен, а последователно му беше извршена томографија, соопштија денеска неговите лекари.

- Истовремено се преземаат натамошни чекори за подобрување на неговото здравје, соопштија од болницата во словачкиот град Банска Бистрица, каде што премиерот се заздравува по атентатот.

Вицепремиерот Роберт Калинак пред два дена изјави дека Фицо е надвор од животна опасност, иако се уште е во премногу сериозна состојба за да биде префрлен во болница во Братислава.

Брисел - Советот на ЕУ денеска ги повика европските земји и институции да го зголемат мониторингот на обидите за мешање од странство во европскиот демократски процес. Во повикот се наведува дека соработката на ЕУ за ова прашање треба да се подобри без да се попречува отворената демократска дебата.

„Милијарди граѓани ширум светот гласаат оваа година, вклучително и на изборите за Европскиот парламент. Демократиите се соочуваат со нови предизвици, вклучувајќи сè похибридни тактики против изборните процеси, фрлање сомнеж врз легитимноста на изборите и обесхрабрување на гласачите. Покрај надворешните дезинформации, хибридните кампањи може да вклучуваат и злонамерни дејства на интернет и со помош на вештачка интелигенција, се додава во соопштението.

Брисел - Земјите-членки на Европската унија денеска го одобрија законот кој има за цел усогласување на правилата за вештачка интелигенција, таканаречениот Закон за вештачка интелигенција. Тоа е прв акт од ваков вид во светот, кој може да постави глобални стандарди за законодавството за вештачка интелигенција, се вели во соопштението на Советот на ЕУ.

Новиот закон има за цел да ги поттикне приватните и јавните актери да развијат и усвојат безбедни и сигурни системи за вештачка интелигенција на единствениот пазар на ЕУ.

Во исто време, се стреми да обезбеди почитување на основните права на граѓаните на ЕУ и да ги поттикне инвестициите и иновациите во областа на вештачката интелигенција во Европа.

Тел Авив – Лидерот на израелската опозиција Јаир Лапид денеска побара од премиерот Бенјамин Нетанјаху да ги нормализира односите со Саудиска Арабија, како што предлагаат САД.

- Нетанјаху треба да најави дека стапил во преговори со Саудијците, вклучувајќи го и делот за Палестина, посочи лидерот на опозициската партија Јеш Атид“ (Има иднина).

Според Лапид тоа ќе ги поткопа и напорите за кривично гонење на Нетанјаху пред Меѓународниот кривичен суд.

Лондон - Едно лице загина денеска, а повеќе се повредени на лет на Сингапур ерлајнс по „големи турбуленции“ додека се движеше од Лондон кон Сингапур пред да биде пренасочен кон Бангкок, соопшти компанијата.

„Можеме да потврдиме дека има повредени и една жртва  во Боингот 777-300ER. Во авионот имало вкупно 211 патници и 18 членови на екипажот“, објави авиокомпанијата на Фејсбук.

Остани поврзан