• среда, 15 мај 2024
МИА Радио флеш

26 декември 2023

- Собранието во рамки на денешното продолжение на 135. седница трет ден треба да расправа по Дополнетиот предлог буџет за 2024 година. 

За пратениците од опозицијата, буџетот е напумпан, гломазен и неразвоен буџет, кој како што кажаа не носи развој, туку криминал и корупција. За владејачкото мнозинство, пак, е реален, развоен и ќе обезбеди одржлив економски раст.

Предлог-буџетот за следната година тежи 5,5 милијарди евра. Вкупните приходи во 2024 година се планирани на ниво од 310,1 милијарди денари и се за 10 отсто повисоки во однос на 2023 година, додека расходите се планирани на ниво од 343,6 милијарди денари или за околу 5,8 проценти повисоки во однос на 2023 година. Вкупните расходи се планирани на ниво од 343,6 милијарди денари, за 5,8 отсто повисоки во однос на 2023 година. Капиталните расходи се планирани на ниво од 45,2 милијарди денари. Се очекува раст на бројот на вработени од два процента. За плати проектирани се 41,2 милијарди денари, за стоки и услуги планирани е износ од 25,3 милијарди денари, за тековни трансфери и субвенции 215,3 милијарди денари. За социјални трансфери проектирани се 161,1 милијарди денари, од кои за исплата на пензии 83,6 милијарди денари, за надоместоци за социјална заштита на најранливите слоеви на населението околу 13,2 милијарди денари.

– Составот на техничката влада ќе го договараат лидерите на партиите, но откако за тоа ќе одлучуваат највисоките партиски тела. Техничкиот премиер, доколку предлогот биде Талат Џафери, за опозицијата не заслужува да добие поддршка, но, во интерес на добра атмосфера, како што велат, ќе бидат присутни, а ќе се воздржат од гласање. Претстојната изборна година веќе се чувствуа во реториката на политичките партии, од техничката влада, до можни пред или пост изборни коалиции. Така, власта веќе размислува за можен мандатар по изборите, за што премиерот Димитар Ковачевски вели дека тој повторно ќе биде мандатар и дека во тек се разговорите за настап на изборите.

Премиерот Ковачевски, претходно неделава од Битола најави дека ќе побара средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во врска со техничката влада откако ќе заседаваат партиските органи. Средбата рече дека нема да биде најавувана преку медиуми, туку ќе била разговор за распределба на ресорите во техничката влада.

- Претседателот Стево Пендаровски денеска на свечена церемонија ќе ги додели признанијата Орден за заслуги за Република Северна Македонија, Медал за заслуги за Република Северна Македонија и Повелба на Република Северна Македонија.

Како што информираат од Кабинетот на претседателот, со Орден за заслуги за Република Северна Македонија, претседателот Пендаровски ќе ги одликува Гоце Тодоровски, Коле Ангеловски и Бајруш Мјаку.

Медал за заслуги за Република Северна Македонија ќе им биде врачен на Бранко Огњановски, Васко Тодоров и Лупчо Каров.

Признанието Повелба на Република Северна Македонија ќе биде доделено на Албанскиот театар.

- Премиерот Димитар Ковачевски, заедно со директорот на Развојна Банка, Кире Наумов, денеска на прес-конференција ќе информираат за поддршката на компаниите преку Развојната банка за економскиот раст на државата.

Како што информираат од владината прес-служба, на прес-конференцијата ќе присуствуваат и вицепремиерот за економски прашања и координација на економските ресори, Фатмир Битиќи, министерот за финансии Фатмир Бесими, како и министерот за економија, Крешник Бектеши. 

- Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски денеска заедно со директорот на Агенцијата за финасиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Никица Бачовски ќе извршат увид во новиот објект на Платежната Агенција.  

Како што информираат од МЗШВ, новиот објект на Платената Агенција се наоѓа на булевар „Трета Македонска Бригада“, до сегашниот објект на Платежната Агенција.

- Со завршни зборови на одбраната, денеска во Основниот кривичен суд во Скопје денеска треба да продолжи судењето за автобуската несреќа кај селото Ласкарци, во која животот го загубија 16 лица, а над 30 беа повредени.

На денешната расправа, како што е најавено, завршен збор треба да даде одбраната на четвртообвинетиот, Горан Дуковски,  петтообвинетиот, Јане Боварски, и шестообвинетиот Маноил Трифуновски.

На минатото рочиште, завршни зборови даваа бранителите на второобвинетиот Ремзи Мифтари и третообвинетиот Игор Ѓорѓиевски.

- Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска ќе присуствува и ќе се обрати на показна вежба во склоп на кампањата за превенција од употреба на пиротехнички средства „Петарди НЕ - безбедност пред сè“.

Како што информираат од МВР, показната вежба е во организација на одделот на СВР Скопје - одделение за превенција и Црвениот крст на град Скопје, со поддршка на Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија.

- Во Собранието денеска ќе се одржи конференцијата „Превенција и заштита од насилството врз жените и девојчињата. Регулатива, имплементација и реалност“, во организација на Македонско женско лоби.

Како што информираат од собраниската прес-служба, на конференцијата ќе присуствубаат претставници од Клубот на пратенички и собраниската Комисијата за еднакви можности.

Воведни обраќања, како што најавуваат организаторите на конференцијата, ќе имаат проф. др. Гордана Силјановска Давкова, претседателка на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите; Лолита Ристова, претседателка на Клубот на пратенички; Јована Тренчевска, министерка за труд и социјална политика; Даниела Димитриевска, извршна директорка на Македонското женско лоби; Лилјана Поповска, член на извршниот одбор на Европското женско лоби и поранешна пратеничка.

За „Европските практики во борбата против насилство врз жените и девојчињата“ ќе говори Елена Грозданова од Опсерваторија против насилство врз жените - Европско женско лоби; за „Улогата на полицијата во справувањето со насилство врз жените и девојчињата“ ќе зборува Жаклина Просароска, виш полициски советник, Министерство за внатрешни работи.

- Вишиот суд во Белград отфрли уште една жалба на коалицијата „Србија против насилство“ и со тоа го потврди ставот на Градската изборна комисија дека не е надлежна да одлучува за поништување и прегласување на изборите за пратеници во Народното собрание, објави ГИК.  

„Како што истакна претседателот Зоран Лукиќ, Градската изборна комисија се прогласи за ненадлежна во однос на приговорот што го доби од таа Коалиција, која побара поништување на парламентарните избори на сите избирачки места, а приговорот го префрли во надлежност на Републичка изборна комисија“, соопшти ГИК, јавија белградските медиуми.

- Српскиот министер за одбрана и претседател на СНС, Милош Вучевиќ, денеска изјави денеска дека никој нема да може насилно да ја уништи изборната волја на граѓаните.

„Насилниците ќе одговараат за немирите, кои сакаа да го запалат Градското собрание, ја нападнаа полицијата - ќе одговараат, нема компромис“, изјави за белградски медиуми Вучевиќ, наведувајќи дека е „детска приказна“ тврдењето на опозицијата дека изборите биле нерегуларни.

Според него, граѓаните можат да бидат мирни и да им веруваат на државните институции бидејќи тие го имаат одговорот на сите предизвици, како и дека законот ќе важи за сите.

- Како компромисно решение, заедницата на општини со српско мнозинство (ЗСО) би била поддржана од 50,5 отсто од електоратот на Косово, покажува истражувањето спроведено од УБО Консалтинг како дел од проектот Омнибус, пренесе Бета.

Според истото истражување, редефинирањето на границите со Србија го поддржуваат 49,50 отсто од гласачите.

Кога станува збор за лидерите на опозицијата, според анкетата, најактивен е Љумир Абџику од Демократскиот сојуз на Косово, потоа Мемљи Красниќи од Демократската партија на Косово, а на последно место е Рамуш Харадинај од Алијансата за иднина на Косово.

- Повеќе од 30 луѓе се заинтересирани да се кандидираат за претседателските избори во Русија, изјави претседателката на руската Централна изборна комисија за државни медиуми.

„Секако дека кампањата ќе биде конкурентна, бидејќи е очигледно дека ќе има повеќе од еден кандидат. Во секој случај, сега веќе има повеќе од 30 луѓе кои сакаат да станат кандидати“, изјави Ела Памфилова.

Поранешната телевизиска новинарка Екатерина Дунцова беше спречена да се кандидира против рускиот претседател Владимир Путин на изборите следниот март поради „грешки“ во барањето за кандидатура, објави нејзиниот изборен штаб пред три дена на платформата „Телеграм“.

- Украинските воздухопловни сили денеска соопштија дека уништиле брод на руската морнарица во Црното Море за кој се сомнева дека носел ирански беспилотни летала користени од Москва во војната во Украина.

„Големиот десантен брод Новочеркаск“ е уништен, објави военото воздухопловство на Телеграм.

Се верува дека бродот превезувал беспилотни летала Шахед од иранско производство, кои Русија интензивно ги користи во нападите врз Украина.

Командантот на воздухопловните сили Никола Олешук објави видео на кое се гледа експлозија во руската поморска база Феодосија на Крим.

-  Поранешниот лидер на германската Социјалдемократска партија (ГСДП) и поранешен вицеканцелар на Германија Зигмар Габриел изјави дека земјата потфрла во интеграцијата на мигрантите, јави ДПА.

- Луѓето не се слепи и можат да видат дека, од една страна, Европа не ги заштитува ефикасно своите надворешни граници, а од друга страна, ние не успеваме во многу области кога станува збор за интеграцијата на мигрантите кои пристигнаа овде, наведе тој во коментар во Ноје Оснабрикер Цајтунг.

„Резултатите од неодамна објавената студија на ПИСА во областа на образованието се еден од многуте докази за тоа“, додаде Габриел. Според таа студија, објавена на почетокот на месецот, учениците на 15 и 16 години во Германија постигнале најниски резултати во читање, математика и природни науки досега забележани во земјата.

- Израелски медиуми  објавија дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се залага за планови за спроведување на „доброволна миграција“ на Палестинците од Газа во други земји.

Според израелскиот весник „Хајом“, Нетанјаху ова го изјавил за време на затворена парламентарна седница со претставници на неговата владејачка партија Ликуд. - Наш проблем се земјите кои се подготвени да ги примат и работиме на тоа, наводно рекол тој.

Дени Данон од партијата Ликуд за време на седницата рече дека има земји кои всушност го покренале ова прашање, вклучително и канадскиот министер за имиграција Марк Милер и поранешната амбасадорка на САД во ОН Ники Хејли. 

- Повеќе од 200 камиони со хуманитарна помош денеска влегоа во Појасот Газа, кои претходно беа прегледани на територијата на Израел, соопштија израелските власти.

На преминот Керем Шалом биле прегледани 76 камиони кои директно влегле во Газа, јавува Си-Ен-Ен.

Уште 142 камиони биле прегледани на преминот Никана и влегле во Газа преку египетскиот премин Рафа.

Светската здравствена организација (СЗО) минатата недела објави дека „глад ја пустоши Газа“ и дека се очекува да го зголеми бројот на случаи низ целата енклава.

Остани поврзан