• недела, 21 јули 2024
МИА Радио флеш

5 декември 2023

– Португалија ќе продолжи да ја поддржува Северна Македонија на нејзиниот европски пат, објави португалскиот премиер Антонио Коста на платформата Икс.  - Се сретнав со премиерот Димитар Ковачевски во Скопје, каде можев да посведочам на силната посветеност на Северна Македонија на процесот на пристапување кон ЕУ во овој предизвикувачки геополитички контекст. Му порачав дека Португалија ќе продолжи да ја поддржува Северна Македонија на нејзиниот европски пат, наведе Коста во објавата, по неговата вчерашна посета на Скопје. Неговиот Кабинет соопшти дека Коста за време на посетата на Северна Македонија, Албанија и Црна Гора претходните два дена ја истакнал поддршката на Португалија на напорите на трите земји за членство во ЕУ. - Посетата на трите земји од Западен Балкан имаше за цел да се пренесе поддршката на Португалија за нивните напори за приближување кон Европската унија, во рамките на политиката на проширување, се вели во соопштението. 

- Министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова, во рамки на COP28, учествуваше на панел-дискусијата на високо ниво фокусирана на искуствата на четири земји-членки на ОН, Северна Македонија, Мадагаскар, Уругвај и Зимбабве за користење на средствата од Заедничкиот фонд за Целите за одржлив развој на ОН (UN Joint SDG Fund) со чија помош во овие држави се реализираат програми насочени кон одржливиот развој, известуваат од Министерството за животна средина и просторно планирање. Во своето обраќање министерката Шукова се осврна на Инструментот за зелено финансирање (GFF) кој се реализира со финансиска поддршка од Заедничкиот фонд за Целите за одржлив развој.

- Царинските службеници на Ќафасан спречиле обид за шверц на 50 тони дизел гориво декларирано како базно масло, а кое било транспортирано во две товарни моторни возила - цистерни. Против сторителите, како што информираат утрово од Царинската управа, се поднесени кривични пријави до Јавно обвинителство. - На влез во државата на граничниот премин Ќафасан пристигнале две товарни возила со цистерни коишто се пријавиле за транзит. Испраќач на стоката е фирма од Албанија, а примач фирма од Република Северна Македонија. Поради сомневање во поднесената документација и видот на декларираната стока товарните моторни возила се задржани за понатамошна контрола. Притоа земени се и мостри за лабораториско испитување, се наведува во соопштението од Царинската управа.

-На ул.„Прилепски бранители“ во Прилеп, точно на полноќ во 00.00 часот полициски службеници од СВР Битола - ОВР Прилеп го лишиле од слобода Е.А.(41) од Прилеп. Како што денеска соопштија од МВР, тој се сомничи дека извршил тешки кражби во возила и дека одзел различни предмети. - Украденото е пронајдено и вратено на сопствениците, а по целосно документирање на случајот против Е.А. ќе следува соодветна пријава, појаснуваат од МВР.

 – Полската национална авиокомпанија „ЛОТ“ наредната летна сезона ќе воспостави нова сезонска авионска линија до Охрид. Според најавите од „ЛОТ“, планирано е новата линија од аеродромот „Радом“ до аеродромот „Свети Апостол Павле“ да стартува на 24 јуни и да оперира еднаш седмично секој понеделник до 23 септември.  Билетите за новата авионска линија се достапни за резервации преку веб-страницата на авиокомпанијата. Аеродромот „Радом“ се наоѓа на 110 километри од центарот на Варшава. Поранешниот воен аеродром во 2015 година беше пренаменет за цивилна воздушна пловидба и опслужување комерцијални летови.

 - Платформата за одржлив развој „Лице в лице“ и Борче Стаменов од иницијативата „Донирај компјутер“ се годинашни добитници на државната награда „Мето Јовановски“, која е највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на промоцијата, заштитата и унапредувањето на човековите права, соопшти Министерството за култура. Претседателка на Одборот за доделување на државната награда „Мето Јовановски“ е Александра Цветановска. Наградата ќе им биде врачена на добитниците на 10 декември (недела) во 12 часот во Собранието на Република Северна Македонија.

 - Пет основни училишта и едно средно училиште во Белград утринава добија дојави за бомби, што е потврдено од МВР, јави дописникот на МИА од Белград. Помошник-командантот на полициската бригада Радојко Царан изјави дека само во Белград годинава имало повеќе од 2.000 лажни дојави за поставени бомби. - Најчеста мета во претходниот период беа основните и средните училишта, факултетите и аеродромот „Никола Тесла“, изјави Царан за РТС. Тој објасни дека при дојава за поставена бомба, дежурната служба веднаш испраќа на лице место припадници на МВР, кои преземаат мерки и дејствија за обезбедување на лицето и местото и вршат увид на теренот, со цел. да се утврди дали има некаква експлозивна направа или минско експлозивно средство.

– Под драконски безбедносни мерки се очекува да биде Атина в четврток поради посетата на претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган и одржувањето на Високиот совет за соработка, а според грчките медиуми се очекува да бидат ангажирани над три илјади полицајци, јави дописничката на МИА од Атина. Државната телевизија ЕРТ објави дека во надлежното Министерство за заштита на граѓаните секојдневно се одржуваат состаноци за безбедносните мерки, што вклучуваат дронови, хеликоптери, снајперисти, а мобилизирани се 3.500 полицајци. Турскиот претседател в четврток ќе биде во Атина за да учествува на Високиот совет за соработка меѓу Грција и Турција, а предвидено е да биде примен од грчката претседателка Катерина Сакеларопулу, потоа ќе следи средба со премиерот на Грција и изјава за медиумите, по што ќе се одржи и состанокот во форма на работен ручек, во присуство на Мицотакис и Ердоган и со учество на министри од двете земји.

– Австриската министерка за одбрана Клаудија Танер порача дека Австрија инсистира на забрзување на процесот на пристапување на земјите од Западниот Балкан во ЕУ, со цел да се обезбеди стабилност на регионот и негова заштита од странско влијание.  - Забрзувањето на пристапните преговори со земјите од Западен Балкан е јасен приоритет за мене пред да зборуваме за други можни членства, изјави Танер за време на посетата на Босна и Херцеговина.  Според неа, во услови на кризи во светот ЕУ „не смее да го изгуби од вид своето непосредно соседство“.  - Западниот Балкан, а особено Босна и Херцеговина, се важен партнер за Австрија кога станува збор за натамошната стабилност, регионалната соработка и европската интеграција на овој регион, додаде Танер. 

- Бразилските власти ќе го поканат рускиот претседател Владимир Путин на самитот на Г20 што ќе се одржи во Бразил во септември 2024 година, иако Бразил ја признава јурисдикцијата на Меѓународниот кривичен суд (МКС), кој издаде налог за апсење на рускиот лидер поради наводна вмешаност во воени злосторства, изјави бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва. Да Силва кажа дека од Путин зависи дали ќе дојде на самитот, бидејќи треба да ги процени последиците од неговото евентуално доаѓање поради распишаната потерница. - Бидејќи Бразил е потписник на Римскиот статут, Бразил е одговорен, истакна Да Силва, објави весникот „Кореио Бразилија“.  Според изборниот закон, претседателските избори во Русија се закажани за средината на март 2024 година. Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков на 13 ноември изјави дека Путин сè уште не донел одлука дали ќе се кандидира за претседател во 2024 година.

 - Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји изјави дека овонеделниот самит на Кина и Европската унија (ЕУ) ќе ја зајакне довербата и ќе го исцрта планот за развој на билатералните односи. Според Кинеската медиумска група (CMG), Ванг, кој е и член на Политбирото на Централниот комитет на Комунистичката партија на Кина, го изјави ова на 4 декември за време на состанокот со претставници и дипломати на ЕУ и нејзините земји-членки во Пекинг. Кинескиот премиер Ли Кианг, претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен заеднички ќе претседаваат со 24. Самит Кина-ЕУ во Пекинг в четврток, 7 декември, соопшти кинеското Министерство за надворешни работи.

 - Иранскиот претставник во ОН, Амир Саид Иравани, рече дека неговата земја не била вклучена во никакви акции или напади против американските воени сили, објави иранската полуофицијална новинска агенција Тасним. Соединетите Американски Држави ги обвинија јеменските Хути, поддржани од Иран, дека извршиле серија напади во водите на Блискиот Исток, откако изби војната на 7 октомври меѓу Израел и палестинската милитантна група Хамас. На брифингот со новинарите во понеделникот, американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан рече дека Вашингтон има „силни причини да верува дека овие напади, иако биле извршени од јеменските Хути, биле целосно овозможени од Иран“.

– Поради замрзнат дожд кој ја зафати областа, аеродромот во Минхен денеска повторно суспендира летови. Портпаролот на аеродромот потврди за ДПА дека сите писти се замрзнати поради замрзнат дожд. Нема да има полетувања или слетувања најмалку до пладне. На онлајн распоредот на пристигнувања и полетувања на летовите на аеродромoт, сите наведени летови се откажани или одложени. - Аеродромските писти и паркингот ќе бидат одмрзнати во првата половина на денот. Планот е да се овозможи воздушниот сообраќај да продолжи од пладне, соопшти аеродромот на својата веб-страница. Сепак, се претпоставува дека повеќето летови во остатокот од денот исто така ќе мора да бидат откажани поради безбедносни причини.

– Непал побара од Москва да престане да регрутира непалски граѓани, односно веднаш да ги врати назад сите непалски војници што ги ангажираше.  Малата хималајска нација ја донесе оваа одлука откако беше откриено дека на фронтот биле убиени шестмина непалски војници кои служеле во руската армија. „Владата на Непал побара од руската Влада веднаш да ги врати нивните тела и да им плати отштета на нивните семејства“, соопшти непалското Министерство за надворешни работи.  Во тек се дипломатски напори за ослободување на непалскиот државјанин кој служел во руската армија и бил заробен во Украина. Амбасадорот на Непал во Москва, Милан Раџ Туладар изјави дека од 150 до 200 Непалци се ангажирани како платеници во руската армија. 

 - Сè уште работиме, се надеваме дека пристапувањето на Бугарија и Романија во Шенген ќе се случи што е можно поскоро, изјави шпанскиот министер за внатрешни работи Фернандо Марласка пред почетокот на последниот состанок на Советот на ЕУ за правда и внатрешни работи во Брисел за оваа година. - Постојано изјавувавме дека Европа ќе биде посилна со целосното пристапување на Бугарија и Романија во Шенген. Можам само да кажам дека работиме многу напорно и ќе ја продолжиме работата до крајот на претседателството (на 31 декември), рече Марласка, во врска со прашањето дали очекува проширување на Шенген до крајот на годината и дали тој е подготвен да свика вонреден состанок на министрите за внатрешни работи за да се одобри соодветната одлука.

 

Остани поврзан