• четврток, 04 јули 2024
МИА Радио флеш

17 јуни 2024 

 – Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар за формирање нова влада Христијан Мицкоски од обраќањето на свеченоста „34 години ВМРО-ДПМНЕ, 131 година ВМРО, завет, слобода, иднина, продолжуваме“ искажа почит кон сите негови претходници и членови на партијата потенцирајќи дека сега партијата е обединета и силна и останува тоа што отсекогаш била партија на народот. Мицкоски кажа дека за неколку дена ВМРО-ДПМНЕ ќе ја формира новата влада и упати порака до идните функционери да ги засукаат ракавите бидејќи ги чека напорна работа и силни реформи. 

-Никој од овде во салата не смее да застрани. Немаме сто дена, ниту грејс период...Не може никој опд вас да има приватните бизнисни и да води институции, порача Мицкоски. Не смеете, продолжи тој, да останете недостапни за граѓаните. Побара работа, чесност, исполнителност, транспарентност. ВМРО-ДПМНЕ, рече Мицкоски постои за Македонија. 

-  Во периодот јануари - март годинава се запишани 1.953 товари врз недвижностите со вкупна вредност од 326.659.594 евра и 3.315.341.507 денари, покажуваат податоците од кварталниот извештај на Агенцијата за катастар на недвижости. 

– Процесот за работа по еврокодови во градежништвото е веќе канализиран и сите институции се подготвени за примена на еврокодовите. Во минатите две до три години имаше постојана едукација за нивна примена и инженерите ги имаа сите услови да се доедуцираат и да почнат да работат согласно новите нормативи. Нашите градежни компании се подготвени од 1 септември да проектираме, а со тоа и да градиме по европски норми, оцени денеска Андреа Серафимовски, претседател на Здружението за градежништво, индустрија на градежни материјали и неметалите при Стопанската комора.

Тој ги повика компаниите да апелираат до своите вработени и да им укажат за важноста од примената на еврокодовите за да фатат чекор кон европските норми и со тоа да ја зголемат конкурентноста на градежниците и на тој начин да се обезбеди опстанокот на фелата во иднина.

- Бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 ноќеска на полноќ поскапуваат за денар, а за половина денар ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ1), одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ).

Новата цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе изнесува 81 денар за литар, 83 денари ќе чини литар ЕУРОСУПЕР БС-98,  74 денари ќе биде новата цена на литар дизел, а 73 денари на екстра лесното. 

Малопродажните цени на нафтените деривати согласно Методологијата за формирање на цените, се зголемуваат во просек за 1,14 проценти.

– Деканот на Градежниот факултет во Скопје, Горан Марковски апелира надлежните институции што побрзо да го решат проблемот со паднатиот потпорен ѕид во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје. 

-Не знам чија е надлежноста за ѕидот, но сметам дека е на сите оние кои се инволвирани во процесот. Треба да седнат заедно и да го решат овој проблем што побрзо, изјави Марковски во одговор на новинарско прашање во Стопанската комора. 

 – Премиерот нема да присуствува на конкретната иницијатива, кусо одговори портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на новинарско прашање на денешниот брифинг со новинарите за тоа дали евентуално грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис би присуствувал на дводневната Меѓународна конференција што ја организираат „Институтот Алексис Ципрас“ и „Фондацијата Заев“, јави дописничката на МИА од Атина.

Во однос на вчерашната средба на претседателката Сиљановска Давкова со премиерот на Грција Киријакос Мицотакис на маргините на Самитот за мир во Швајцарија, владиниот портпарол рече дека „не постои нешто повеќе што можеме да кажеме“ и уште еднаш ги повтори грчките позиции во однос на нашата земја.

 Собраниската седница за избор на новата влaда се очекува претседателот на Собранието Африм Гаши да ја закаже за сабота во 11 часот, а таа треба да заврши најдоцна до недела на полноќ.  Како што најави мандатарот Христијан Мицкоски, се очекува тој утре до Собранието да го достави составот на владата и програмата за нејзина работа. Колку ќе трае оваа седница зависи од бројот на пријавени пратеници за збор и дебатата во пленарната сала. 

Засега е извесно дека во новата влада влегуваат ВМРО-ДПМНЕ, партиите од коалицијата Вреди и ЗНАМ, кои веќе ги објавија своите предлози за министри во владата. Мандатарот Мицкоски синоќа ги објави имињата на министрите од неговата партија, и рече дека очекува денеска да ги добие предлозите за министри и од другите коалициски партнери. 

- Испитување на можностите за остварување на билатерална соработка помеѓу уставните судови на двете држави, била во фокусот на разговорите на денешната работна средба на претседателот на Уставниот суд д-р Дарко Костадиновски и судијата, проф. д-р Ана Павловска-Данева со амбасадорот на Република Италија, Адреа Силвестри. 

Како што соопштија од Уставниот суд, претседателот д-р Костадиновски го информирал амбасадорот Силвестри за приоритетите во неговиот мандат.   

 - Советот на ЕУ денеска донесе одлука за продолжување на санкциите воведени како одговор на илегалната анексија на Крим и градот Севастопол од страна на Русија до 23 јуни 2025 година, јави дописникот на МИА од Брисел. 

Рестриктивни мерки кон Русија во врска со анексијата првпат беа воведени во јуни 2014 година и тие вклучуваат забрани за увоз во ЕУ на производи кои потекнуваат од Крим или Севастопол, како и за инфраструктурни или финансиски инвестиции и туристички услуги на овие територии.

- Сомнителна појава на ретко и екстремно опасно труење со храна во Москва погоди повеќе од 120 луѓе кои побарале медицинска помош, а најмалку 30 се на интензивна нега, соопштија денеска здравствените власти.

Пациентите се примени во болница со сомневање за ботулизам што се пренесува преку храна, состојба опасна по живот која го напаѓа нервниот систем и може да предизвика респираторна инсуфициенција и парализа.

- Додека бара поддршка од Рим за втор мандат на чело на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен се обидува да го забави официјалниот извештај на ЕУ во кој се критикува Италија за кршење на медиумските слободи.

Како што изјавија неколку официјални лица за Политико, истрагата на Европската комисија укажува на сузбивање на слободата на медиумите во Италија откако екстремно десничарската премиерка Џорџа Мелони ја презеде власта во 2022 година.

– Европската Унија очекува од косовските власти да преземат мерки за деескалација на состојбата во северно Косово, но во исто време тоа го очекува и од српската страна, изјави главниот портпарол на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Питер Стано. 

- Двете страни имаат обврски и должност да сторат се што можат заедно со нивните сојузници, сателити и партнери за да спречат каква било форма на ескалација, посочи Стано во одговор на новинарско прашање за ставот на ЕУ околу заплената на оружје и српски униформи од страна на косовската полиција во северниот дел на Косово. 

- Европската комисија денеска соопшти дека очекува Грција да ги провери податоците од истрага  на БиБиСи дека десетици мигранти во изминатите години биле исфрлени во морето од грчката крајбрежна стража и се удавиле пред да стигнат до ЕУ и да побараат азил.

- Миграцијата мора да се управува со хуманост и достоинство, рече портпаролот на ЕК на прес-конференција како одговор на прашања. Според него, заштитата на границите мора да се врши во согласност со човековите права.

-  Граѓаните на Албанија со важечки патни исправи може да патуваат во Азербејџан без визи.

Амбасадорот на Азербејџан во Тирана, Анар Хусејнов во објава на социјалната мрежа Х информира дека „без виза во Азербејџан може да патуваат и граѓаните на Албанија со регуларни пасоши“.

Договорот за укинување на визите за албанските државјани беше потпишан на 1 март годинава за време на посетата на албанскиот премиер Еди Рама на Баку, кој ја предводеше високата владина делегација.

- Најскапиот гаражен простор во Србија, во првите три месеци од годинава, е продаден во белградската општина Врачар по цена од 73.000 евра, соопшти Републичкиот завод за геодетика. Што се однесува до становите, сепак најскапи квадрати се оние кои се изградени - Белград на вода.

Во извештајот на РГЗ за состојбата на пазарот на недвижности во првиот квартал од годинава станот за кој биле издвоени најмногу пари во тој период се наоѓа во нова зграда во населбата Белград на вода - 1.226.888 евра и е со површина од 188 метри квадратни.

- Рускиот претседател Владимир Путин ќе ја посети Северна Кореја на 18 и 19 јуни, соопшти денеска Кремљ.

Северна Кореја е обвинета за снабдување на Москва со муниција за нејзината офанзива во Украина.

Путин ќе патува на покана на севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, се вели во соопштението на Кремљ, опишувајќи ја посетата како пријателска.

- Девет војници се повредени во експлозија на чешка воена локација што се користи за обука на украинските војници, соопшти армијата.

Двајца војници се пренесени со хеликоптер во Универзитетската болница во блискиот град Оломуц, околу 200 километри источно од главниот град Прага, изјави портпаролот на болницата Адам Фричер.

„Шестмина се пренесени во армиската болница во Оломоуц со комбиња за брза помош, а еден беше лекуван на лице место“, изјави тој.

Остани поврзан