• сабота, 18 мај 2024
МИА Радио флеш

25 декември 2023 

- Министерството за транспорт и врски во годината што изминува има историски најголеми капитални инвестиции, изјави ресорниот министер, Благој Бочварски, кој при денешната посета на Пробиштип.

-Она коешто можам да го истакнам е дека до денеска ние имаме веќе највисоко ниво на капитални инвестиции историски гледано од 1991 година од независноста на државата до денеска. Ако минатата година имавме 465 милиони евра капитални инвестиции, оваа година до денеска инвестициите во капитални проекти се некаде 540 милиони евра и јас очекувам и таа бројка да продолжи да расте се до последниот ден од оваа година, рече Бочварски, одговарајќи на новинарско прашање на МИА во врска со висината на капиталните инвестиции оваа година.

-  Според најновото истражување на Центарот за граѓански комуникации за капацитетитена итната медицинска помош, во земјава  недостигаат вкупно 52 екипи за итна медицинска помош за да може да се задоволи барем законски пропишаниот минимум на тимови што треба да ги има еден медицински центар во зависност од бројот на жители што ги опфаќа.

Како што е наведено во истражувањето, најмногу тимови, 18 недостигаат во Скопје, додека Битола има 4 повеќе од минимум потребните. Дури половина од 33-те здравствени центри имаат помалку тимови од потребните.

Воедно од истражувањетo утврдуваат дека во моментов во земјава вкупно има 258 тимови за итна медицинска помош и овој број наместо да се зголемува, секоја година се намалува.

Така во однос на 2015 година, кога е донесена последната уредба со која се предвидува минималниот број тимови што треба да го има секој здравствен центар, бројот на тимови за итна помош е намален за 22.

- Владата покажа дека знае да се справува со предизвиците и преку донесените пакети антикризни мерки го заштитивме стандардот на граѓаните и ликвидноста на компаниите, порача претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во денешното интервју за Слободен печат. 

Премиерот Ковачевски во интервјуто посочи дека само во последните три години се реализирани 2,6 милијарди евра трансфери кон граѓаните.

- Католичките верници и дел од православните христијани, кои се водат според Грегоријанскиот календар денеска го одбележуваат Раѓањето Христово – Божик.

Традиционално, во државава централната прослава по повод празникот се одржа во Католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, каде синоќа имаше божикна полноќна света литургија. 

Бискупот скопски и епарх струмичко-скопски Киро Стојанов на проповедта на литургијата упати честитка до граѓаните со католичка вероисповед.

- Драги браќа и сестри! „И Словото стана тело и се всели меѓу нас“ тоа се зборови на свети Иван евангелист, што толку често ги изговараме во молитвата Ангел Господов. Станува збор за божественото Слово, Логосот, Синот Божји, кој е единосуштен со Отецот и кој е поврзан со Него во единството на Светиот Дух. Ова Слово, кое е од векови и според кое е создадено сè што живее и постои, се воплоти и се всели меѓу нас. Бог ја зеде човечката природа и стана еден од нас за да биде близу до нас и да не поврзе уште поблиску до себе, откако по наша вина се оддалечивме од Него.

- Одржувањето на инфлацијата на стабилно ниво и експанзивната политика, која преку усвојувањето на новиот антикризен пакет, се очекува да даде резултати, треба да создаде постабилна клима за економскиот раст во 2024 година во која нѐ очекува изборен процес, оценува професорот Димитар Николоски од прилепскиот Економски факултет, кој воедно е и експерт за пазарот на труд.

Во изјава за МИА, Николоски вели дека во изборна година како што е 2024 година, бизнис заедницата се однесува доста резервирано во однос на инвестирањето.

- Во Пекинг за време на викендот се измерени најниските температури во декември од почетокот на мерењата во 1951 година, објавија локалните медиоуми.

Градот имаше девет последователни денови на температури под минус 10 степени Целзиусови додека студен бран ја зафати северна и централна Кина, со снежни бури и рекордно ниски температури.

Ниските температури и снежното невреме ги затворија училиштата и автопатите во северна и централна Кина овој месец.

- Началникот на полициската управа на српската полиција, Ивица Ивковиќ денеска изјави дека при синоќешните инциденти и обидот за насилен влез на бунтовници во просториите на Градското собрание, припадници на Министерството за внатрешни работи кривично гонат 38 лица, прибирањето докази продолжува и дека оваа бројка сигурно ќе се зголемува во текот на денот.

Тие се товарат за обид за насилна промена на уставното уредување и насилничко однесување. Тој истакна дека припадниците на Министерството биле крајно воздржани и го издржале нападот цели три часа.

- Ерменскиот премиер Никол Пашињан ќе престојува во дводневна работна посета на Русија, соопшти прес-службата на ерменската влада.

Тој денеска ќе учествува на состанокот на Евроазискиот економски совет во Санкт Петербург, а утре на неформалниот состанок на шефови на држави на Заедницата на независни држави (ЗНД).

И покрај долготрајните блиски врски меѓу Русија и Ерменија, односите меѓу двете земји неодамна станаа затегнати, а се повеќе се зборува за можно повлекување на Ерменија од Организацијата на Договорот за колективна безбедност (ОДКБ), предводена од Русија, иако Пашињан постојано ги негираше овие тврдења.

Претседателот на ерменскиот парламент Ален Симонјан минатиот месец изјави дека ОДКБ не ги исполнува своите обврски кон Ерменија.

- Повеќе од 1.000 затвореници во Шри Ланка го искористија помилувањето од страна на претседателот за Божик и беа ослободени, објавија денеска извори блиски до затворската служба.

Меѓу 1.004-те ослободени има и граѓани кои не платиле казни за разни прекршоци, велат истите извори.

Шри Ланка, населена претежно со будисти, објави колективна амнестија во мај на Денот на Весак, кога се одбележуваат состојбата на просветлување и смртта на Буда.

-  Русија во текот на ноќта истрела 31 беспилотно летало и два проектила во Украина, главно насочени кон јужните украински региони. Противвоздушната одбрана уништи 28 беспилотни летала и два проектила. Ова го соопшти украинската армија.

„За време на воздушната борба, украинските воздухопловни сили и ПВО уништија 28 беспилотни летала „Шахед“ во регионите Одеса, Херсон, Миколаев, Доњецк, Кироворад и Хмелницки“, соопштија украинските воздухопловни сили.

Нема извештаи за жртви или материјална штета.

- Во текот на 2022 година 23 проценти од вкупната електрична енергија потрошена во ЕУ била произведена од обновливи енергетски извори, што претставува зголемување за 1,1 процентни поени во споредба со претходната година, покажуваат податоците на Европската статистичка агенција – Евростат. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, согласно целите на ЕУ за енергетска и зелена традиција се предвидува до 2030 година најмалку 42,5 отсто од вкупната потрошена струја во блокот да потекнува обновливи изври на енергија. 

- Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи ги отфрли американските тврдења дека Исламската Република нападнала брод што превезувал хемикалии во близина на брегот на Индија.

Техеран ги опиша обвинувањата на Вашингтон како „неосновани“.

Во саботата, Пентагон соопшти дека беспилотно летало лансирано од Иран погодило танкер што превезувал хемикалии во Индискиот Океан.

Остани поврзан