• вторник, 19 ноември 2024
МИА Радио флеш

15 ноември 2024 

Скопје - Министерството за образование и наука известува дека од денеска е отворена можноста за пријавување на студенти за сместување во студентски домови каде што се останати слободни места по завршувањето на првиот конкурс.

Како што наведува МОН, слободни места за сместување има во студентските домови: „Кочо Рацин“ во  Битола, „Томе Стефановски-Сениќ“ во Скопје, „Никола Карев“ во Охрид, „Oрде Чопела“ во Прилеп и во „Хилјадников“ во Штип. 

-Сите заинтересирани студенти може да аплицираат најдоцна до крајот на тековниот месец. Критериумите и условите за аплицирање се идентични како и при првото пријавување, посочува МОН во објавата во која се наведени условите и начинот на пријавување. 

Скопје - Во Основниот кривичен суд Скопје во врска со убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски денеска на предлог на Обвинителството беа сослушани родителите, сестрата и внукот на таткото на Вања.

На сослушувањето тие зборуваа за моментот кога дознале дека Вања ја нема и нејзината потрага. Тие зборуваа и за нивните семејни односи и материјалната состојба.

Зоран Ѓорчевски, татко на Александар, пред судот денеска изјави дека бил во постојан контакт со фамилијата, а за исчезнувањето на Вања дознал од неговата поранешна сопруга.

-Јас сум во постојан контакт со фамилијата, се јавив и мајка му на Сашо плачеше, ме извести дека ја нема Вања. Го побарав Александар да ми каже што треба, тој ми рече ја нема Вања. Се ставив на располагање што треба, во секое време, кажете каде да се вклучам, рече тој.

Дополни дека Александар го замолил да контактира со некои што би можеле да помогнат, при што се јавил кај негови пријатели во земјата и странство. 

Скопје - Во времиња кога мора да се носат одлуки и кога мора да се решаваат внатрешни проблеми, невладиниот сектор ќе биде многу значаен. Треба заеднички да работиме и врз основа на сугестиите и советите од страна на невладините организации да носиме поквалитетни одлуки, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, пред почетокот на годишната конференција на граѓански организации „Соработка помеѓу Владата и граѓанското општество“, во рамките на Националниот форум на Цивика мобилтас.

Програмата за поддршка на граѓанското општество Цивика мобилитас е поддржана од Владата на Швајцарија, а ја спроведуваат Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), НИРАС од Данска, и ФЦГ од Шведска.

Мицкоски изрази благодарност до Швајцарската амбасада за помагање на невладините организии и напомена оти очекува овој дијалог со невладините организации да продолжи и во иднина, но и да биде уште поуспешен.

Скопје – Многу важно за Владата состанокот што ќе го имаме в недела со банките да заврши успешно и конечно да почнеме со користење на заемот, во јавноста познат како унгарски заем, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, кој денеска по годишната конференција на граѓански организации одговараше на новинарско прашање, дали е задоволен од инвестициите во сопанството и дали ќе продолжи инвестицискиот циклус.

- Очекуваме тука да се акцелерира еден бран од најмалку 300 милиони евра, тоа е некаде 1,6, 1,7% од нашиот вкупен домашен производ, плус имаме бран инвестиции во општините, кои се финансирани од страна на централната Влада ќе ве потсетам шест милјарди денари во овој циклус, 15 милјарди денари веќе следната година, шест милјарди проекти, коишто преку Министерството за животна средина, знаете дека имавме настани во вицепремиерот, Меџити на оваа тема за проекти кои беа запоставени од претходната Влада сега се реализираат во делот на изградба на водоводи, канализациски системи, системи за третирање на отпадни води и слично и тука очекувам еден огромен бран отприлика 27,28 до 30 милијарди денари, изјави Мицкоски.

Гостивар – Премиерот Мицкоски порача до пошироката јавност и медиумите да не ѝ придава важност на реториката со која се служи ДУИ. Тој изјави дека таа ќе биде уште пожестока во периодот што следи, во одговорот на новинарско прашање, за коментар околу последното соопштение во кое се наведува дека актуелната владина коалиција врши егзодус на албанците од државните институции.

Тој смета дека со придавање на значење на таквата реторика, тоа не носи добро на граѓаните.

- Ова ги иритира и граѓаните и нашите партнери во меѓународната заедница. Ова работа не треба да се поедноставува. Има случаи во МВР на припадници на одредени политички партии и со различна етничка припадност ја злоупотребиле својата положба и незаконски издавале дозволи за оружје и друг тип на документи. Нормално, тие се санкционирани, рече премиерот.

Тој очекува негативната реторика да се засилува, да биде пожестока и поиредентистичка.

- Како што ќе стигнуваме поблиску до криминалците, таа реторика ќе биде пожестока и позасилена. Со првите притворувања и судски процеси овие напади ќе бидат уште позасилени. Ова е борба со криминалот која претходно ја најавив. Некои работи, можеби поспоро одат, но правдата е спора, но доаѓа, рече Мицкоски.

Скопје - ЕВН Хоум од технички причини и на барање на понудувачите за дополнителен период за доставување понуди го одложи за 28 ноември тендерот на кој треба да биде доставена понуда за цената со која ќе го снабдуват универзалниот снабдувач по 1 јануари. За 27 ноември, како што информираат од ЕВН Македонија, е одложен и тендерот на Електродистрибуција за набавка на електрична енергија за покривање на загубите во системот.

Досега понуда на тендерот на ЕВН Хоум доставуваше државната компанија АД ЕСМ. Од тоа каква цена ќе понудат и колку од потребите на универзалниот снабдувач ќе задоволат најмногу зависи какви сметки ќе имаат потрошувачите на регулираниот пазар по 1 јануари.

Моментално ЕСМ задоволува 100 проценти од потребите на ЕВН Хоум по цена од 60 евра за мегават час. Се очекуваше денеска државната енергетска компанија да достави понуда на тендерите на ЕВН Хоум и Електродистрибуција.

Загреб - Главниот државен обвинител на Хрватска, Иван Турудиќ денеска го потврди апсењето на министерот за здравство Вили Берош, кој во меѓувреме е разрешен од должноста, и уште две лица. Истрага ќе се води и против едно правно лице за примање и давање поткуп.

Турудиќ на прес-конференцијата потврди дека рано утрово му се јавил премиерот Андреј Пленковиќ и прашал дали е вистина дека Берош е уапсен, што тој само потврдил. На прашањето како реагирал Пленковиќ, Турудиќ рече дека не знае со оглед на тоа дека станува збор за телефонски разговор. 

Тој тврди дека  Канцеларија за сузбивање на корупцијата и организираниот криминал (УСКОК) ја иницирал акцијата, а не ЕППО. Тој, исто така, рече дека УСКОК и ДОРХ не ни знаеле дека обвинителите на ЕУ го истражуваат истиот случај.

Брисел – Растот на БДП на Северна Македонија во следниот период ќе забрза умерено, главно поттикнат од зајакнувањето на приватната потрошувачка и зголемувањето на инвестициите, се наведува во есенската прогноза на Европската комисија за економските перспективи на членките на ЕУ и кандидати за членство за наредните две години.

Во извештајот објавен денеска се посочува дека во првата половина од годината, годишниот раст на БДП на земјава бил ограничен поради ниската надворешна побарувачка, дека вкупната инфлација продолжила да забавува, а базичната инфлациска стапка покажувала знаци на намалување.

ЕК предвидува годинава растот на македонскиот БДП да изнесува 2 проценти, во 2025 година - 2,6, а во 2026 година - 2,9 отсто. 

Влошеното стоковно салдо и намалените дознаки, заедно со зголемувањето на трошоците, веројатно ќе резултира со многу поголем фискален дефицит во 2024 година, отколку што беше предвидено претходно, проценува ЕК.  

Брисел - Европската комисија изрази надеж дека следната година ќе започнат преговорите за членство на Украина во ЕУ, соопшти портпарол на институцијата. Овој напредок зависи од спроведувањето на реформите и одлуките на Советот на ЕУ.

- Се надеваме дека ќе ги започнеме преговорите за пристапување на Украина во ЕУ во суштина следната година, изјави денеска портпаролот на Европската комисија како одговор на прашање поврзано со реформите што ги презема Киев.

Овие реформи придонесуваат за исполнување на условите на патот кон ЕУ, посочи портпаролот. Тој додаде дека реформите се неопходни и за исплата на европската помош.

Вчера ЕК препорача да се доделат уште 4,1 милијарди евра од ЕУ за да се обезбеди работата на украинската јавна администрација. Портпаролот денеска прецизираше дека доколку предлогот на комисијата биде одобрен од Советот на ЕУ, европската финансиска помош за Украина за оваа година ќе достигне 16,1 милијарди. евра.

Берлин – Германскиот канцелар Олаф Шолц на маргините на Самитот Г20, што ќе се одржи во Рио де Жанеиро, ќе се сретне со претседателот на Кина, Си Џинпинг, изјави неименуван владин претставник.

Средбата е договорена на 19 ноември, а Шолц и Си ќе разговараат за војните во Украина и на Блиски Исток, како и за билатералните прашања со акцент на трговските односи.

Кина долго време е најголем трговски партнер на Германија, што е знак за силните врски помеѓу Пекинг и Берлин. Шолц, од почетокот на неговиот мандат како канцелар, што почна во 2021 година, двапати ја посети Кина.

Германија, најголемата економија во Европа, не ја крие загриженоста за трговската тензија помеѓу Европска Унија и Кина. Тензиите се зголемија откако Брисел ги зголеми европските царини за кинеските електрични возила, кои за ЕУ се незаконски субвенционирани од Пекинг.

Берлин - Германската Влада го назначи политичарот од „Зелените“, Тобијас Линднер, за трансатлантски координатор, задолжен за изработка на план за соработка со администрацијата на Доналд Трамп, јави Ројтерс повикувајќи се на извор во германското МНР, пренесува БТА.

Ваквата одлука доаѓа откако тројната коалиција на канцеларот Олаф Шолц се распадна, оставајќи празнина во германската политика во пресрет на претседателските избори во САД.

Досегашниот координатор Михаел Линк, кој одржуваше односи со двете американски партии, ја напушти функцијата поради политичките превирања. Линднер, кој е државен министер во Министерството за надворешни работи, привремено ќе ја преземе оваа улога.

Линднер следната недела ќе патува за Канада за да учествува на Форумот за меѓународна безбедност во Халифакс, каде ќе се дискутира влијанието на американските избори врз НАТО и глобалните кризи.

Москва - Тројца државјани на Русија добија затворски казни од 12,5 до 15 години за „обид за саботажа“ на железничките линии во корист на Украина, додека еден тинејџер е уапсен под исто обвинение, соопштија денеска руските власти.

Тие се прогласени за виновни за обид за палење на железнички разводни табли во Челјабинската област на Урал во јануари, откако беа уапсени на местото на настанот, се вели во соопштението на рускиот Истражен комитет. Според истражителите, доколку нивниот чин бил успешен, „можело да предизвика судир на возови или излетување на вагоните од шините“.

Еден од главните актери во овој случај, обвинет за давање пари за купување компоненти за експлозивна направа, исто така е прогласен за виновен за „финансирање тероризам“, се додава во соопштението.

Вашингтон - Џаред Кушнер, зетот на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, ќе биде централна фигура за блискоисточната политика на новата администрација на Трамп. Иако не се очекува да има формална улога, дипломатите и сојузниците на Трамп тврдат дека Кушнер ќе продолжи да игра значајна советничка улога, јави Си-Ен-Ен.

Кушнер воспостави блиски односи со регионалните лидери во првиот мандат на Трамп, што, според израелски извори, ќе биде значајно за континуитетот на политиката на САД кон регионот.

Трамп веќе го именува Мајк Хакаби за амбасадор на САД во Израел, најавувајќи продолжување на политиките од неговиот прв мандат, како што беа преместувањето на американската амбасада во Ерусалим и признавањето на Голанската висорамнина како израелска територија. 

Вашингтон – Стејт департментот на САД одобри потенцијален договор со Грција за продажба на мотори за авионите ловци Ф-16 во вредност од 160 милиони долари.

Агенцијата за одбранбена безбедносна соработка денеска ја достави потребната потврда со која го известува Конгресот за оваа можна продажба.

Како што соопшти Пентагон, главен изведувач ќе биде компанијата „Џенерал електрик“. 

Вашингтон - Транзицискиот тим на избраниот претседател Доналд Трамп ги избегнува традиционалните безбедносни проверки и ветингот вршени од Федералното биро за истраги (ФБИ) за биографиите и минатото на некои од неговите кандидати во новата администрација, и користи приватни компании за проверка, што се коси со вообичаените норми и протоколи, јави денеска Си-ен-ен.
 
Трамп и неговите сојузници веруваат дека системот на ФБИ е бавен и проблематичен со што би можеле да се попречат плановите на избраниот претседал за брза имплементација на неговата програма, изјавија лица информирани за плановите. Според познавачите, подеталните и подлабоки проверки можат да откријат засрамувачки информации што потоа можат да се искористат за нанесување политичка штета, а тимот на Трамп тоа не го сака.
 
Овие дискусии доаѓаат во момент кога Трамп предложи неколку контроверзни кандидати за високи позиции во владата на САД – вклучувајќи го Мат Гец за генерален обвинител и Тулси Габард за директор на националната разузнавачка служба, иако и двајцата или имаат мали или воопшто немаат искуство во областите правда и резузнавање. Гец се очекува да се соочи со Комитетот за етика во Сенатот, каде треба да биде потврдена неговата кандидатура, по извештаите дека во минатото бил вмешан во сексуална трговија и експлоатација на жени.

Пекинг -  Комунистичката партија на Кина го исклучи поранешниот министер за земјоделство, Тан Женгџијанг, заради „сериозни прекршувања“, што е еуфемизам за корупција, пренесуваат кинеските медиуми.

Истрагата открила дека Тан примал подароци и пари во замена за влијание врз назначувања и судски случаи. Тој исто така користел службени овластувања за помош на семејни бизниси.

Од доаѓањето на власт во 2012 година, претседателот Си Џинпинг спроведува жестока кампања против корупцијата, но критичарите ја гледаат како средство за елиминација на политички противници.

Остани поврзан