• вторник, 19 ноември 2024
МИА Радио флеш

15 ноември 2024

Скопје - Од денеска до 15 март возачите во возилата со учествуваат во јавен сообраќај на патиштата задолжително да поседуваат пропишана зимска опрема.

-Министерството за внатрешни работи ги информира граѓаните дека од 15 ноември до 15 март, согласно одребите од “Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата“ (Сл.весник на Р.М. бр. 169/15, 226/15, 55/16, 11/18, 83/18 и 191/18), и Законот за изменување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19, 302/20 и 122/21), возилата кои учествуваат во јавен сообраќај на патиштата задолжително треба да поседуваат пропишана зимска опрема, соопштуваат од МВР.

Скопје - Во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски ќе присуствува на состанок на високо ниво за подготовка на новата Рамка за соработка за одржлив развој (2026-2030) помеѓу ОН и Република Северна Македонија.

Како што информираат од Владната прес-служба предвидено е премиерот Мицкоски да има обраќање на овој состанок.

Скопје – Во собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска треба да продолжи расправата за Предлог-буџетот за 2025 година. Комисиската расправа започна вчера и според Деловникот трае 10 дена, по што како Дополнет предлог се испраќа на разгледување и усвојување на пленарна седница на Собранието.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во нејзиното обраќање пред пратениците на почетокот од комисиската расправа за Предлог-буџетот за 2025 година, нагласи дека Предлог-буџетот за 2025 година се базира на реални макроекономски претпоставки и фискални проекции и обезбедува непречено функционирање на институциите на државата и редовно сервисирање на обврските.

Скопје - Во Собранието денеска ќе се одбележи Меѓународниот ден на толеранцијата.

Како што информираат од собраниската прес-служба, Меѓународниот ден на толеранцијата ќе се одбележи со работилница за деца од повеќе училишта и од различни етнички заедници, преку креирање пораки за толеранција.

На присутните е предвидено да им се обрати претседателот на Собранието, Африм Гаши.

Скопје - Во Собранието денеска седница ќе одржи Комисијата за социјална политика, демографија и млади.

На дневен ред на седницата на Комисијата е Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за Посебен регистар за лица осудени со правосилна пресуда за кривични дела за сексуална злоупотреба на малолетни лица и педофилија во прво читање.

Како што се посочува на собраниската веб-страна, измените и дополнувањата на Законот за Посебен регистар за лица осудени со правосилна пресуда за кривични дела за сексуална злоупотреба на малолетни лица и педофилија се резултат на потребата од усогласување на одредбите на овој закон со Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.36/23) во делот на Глава 19 „Кривични дела против половата слобода и половиот морал“.

Скопје - Со испитување на сведоци на предлог на Јавното обвинителство во Основниот кривичен суд Скопје денеска во 10 часот треба да продолжи судењето за двојното убиство на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски. 

На минатите рочишта сведочеа мајката на Вања, ќерката на Жежовски и нејзиниот сопруг, како и повеќе лица вклучени во истрагата за двете убиства, помеѓу кои инспектори и членови на политичката партија „Десна“.

На првото одржано рочиште обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски се произнесоа дека не се чувствуваат за виновни.

Скопје - Министерството за правда на Република Северна Македонија денеска организира тркалезна маса за потребата од измени и дополнувања на Законот за Судскиот совет. Настанот, кој се одржува во Клубот на пратеници во Скопје со почеток во 10 часот, е дел од најавените реформи во правосудството на новата Влада.

Министерот за правда, Игор Филков, вчера истакна дека измените во Судскиот совет и Советот на јавни обвинители се клучни за напредокот кон ЕУ. 

- Почнуваме со стручните дебати за нацрт измените и дополнувањата на Законот за судскиот совет подготвен од страна на работната група, формирана од страна на Министерството за правда. Ова ќе биде еден од неколкуте настани кои што ќе следат периодов. Планирано е некаде до крајот на декември да го завршиме процесот, што значи дека ќе имаме една дебата неделно. Очекувањата се големи. Заклучоците и препораките од тркалезната маса ќе бидат основа за понатамошно подобрување на текстот на измените и дополнувањата на законот за судскиот совет, рече министерот Филков на вчерашната дебата „Платформа: 100% посветени за тебе“ на тема „Фокус на правдата, безбедноста и одбраната“.

Скопје - Евидентирани се четири пожари на отворен простор, покрај оние во урбани средини, изминатото деноноќие низ државава, соопшти утрово Центарот за управување со кризи (ЦУК).

На скопската територија, во општина Аеродром се гаснело запалено ѓубре на површина од 50 метри квадратни покрај булеварот „Трета македонска бригада“ број 54, со едно противпожарно возило и тројца пожарникари. Ѓубре било запалено и во општина Карпош, покрај улицата „Скупи“ без број, каде се интервенирало со едно противпожарно возило и двајца пожарникара. Од 23:55 до еден часот изутринава, четворица пожарникари и едно противпожарно возило интервенирале на запалено ѓубре покрај улицата „Перо Наков“ без број, општина Гази Баба.

Битолските пожарникари интервенирале на запалена дива депонија кај село Сопотница.

Скопје – Во Кинотека на Северна Македонија, вечерва, под мото „Разноликоста е факт, прифакањето е чин“, по осми пат ќе се одбележи Меѓународниот ден на толеранцијата – 16 Ноември.

Како што стои во соопштението на женската организација „Inner Wheel“, овогодинешната тема ја третира различната сексуална ориентација и нивното прифаќање во општеството. 

На настанот ќе биде прикажан филм со сведоштво на родител на LGBT+ лице, по што ќе се одржи трибина на која ќе говорат етнологот и антрополог Инес Црвенковска Ристеска, психотерапевтките Ана Блажева, Славица Гајдазис Кнежевиќ и Радмила Живановиќ, како и Ангел Димитриевски, магистер по медиумска едукација и Љубомир Фајзов, претставник на Хелсиншки комитет за човекови права.

Велес - Со програма насловена „Бдеење пред муграта“ што вчера попладне се одржа на Спомен костурницата од НОВ  во Велес, каде меѓу стотината борци почива и Коста Солев Рацин,  започна програмата на 57-те Детски Рацинови средби што ги организираат Општина Велес и МДПС „Премиера“.

Програмата продолжува денеска во 10 часот со дефиле „Цветен пат за Рацин“ на кој ќе учествуваат најмладите - децата од градинките, а ќе се одржи пред споменикот на Кочо Рацин во Гимназијата која со гордост го носи неговото име.

Утре - сабота  во 13,30 часот во салата на локалната библиотека „Гоце Делчев“  ќе биде свеченото доделување на наградите по распишаниот литературен и ликовен конкурс за основците и средношколците од земјава. Овие ученици - учесници на Рациноците средби, литературни и ликовни творци се продолжувачи на творештвото на Рацин.

Радовиш - Во Радовиш денеска точно на пладне ќе почне 51. издание на Меѓународната поетска манифестација „Караманови средби“. На отворањето ќе бидат промовирани книгите за деца „Големата и малата мечка“ (раскази за деца) и баснарката „Приказни за деца и животни“ од Тихомир Јанчовски.

Свеченото отворање ќе се случи во Музејот на љубовта и уметноста со доделување на наградата „Караманов 2024“ за најдобра книга од македонски автори на поетесата Ирена Павлова Де Одорико за книгата „Новоженство“ и Интернационалната награда за поезија „Ацо Караманов“ на руската поетеса Олга Панкина за книгата „Меѓусебна потрага“.

Белград - Српската министерка за рударство и енергетика Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ денеска изјави дека до крајот на месецот ќе бидат завршени Измените и дополнувањата на Законот за енергетика со кои ќе се укине мораторумот на изградба на нуклеарни електрани.

Во изјава за РТС таа нагласи дека по повод посетата на високата делегација на Србија на Будимпешта на чело со претседателот Вучиќ, заедничката работа меѓу Србија и Унгарија во енергетиката е многу важна.

„Соработката со Унгарија во енергетскиот сектор е од големо значење и сакаме да ја зајакнеме преку заеднички компании или со инвестирање во нивните внатрешни капацитети“, изјави Ѓедовиќ Хандановиќ.

Нови Сад - Речиси две недели откако се урна бетонска настрешница на железничката станица во Нови Сад и загионаа14 лица, а тешко повредени три - се уште нема уапсени. Во Нови Сад речиси секој ден има протести и акции - а се најавуваат нови, јавија српски медиуми.

По прошетката во Белград, протестите се враќаат во Нови Сад - Нови Сад стои на 14 минути, во 11:52 часот. Во моментот кога 14 дена претходно биле згаснати 14 животи, јави Н1.

„Поминаа 14 дена од трагедијата, не само што никој не одговара, никој не е гонет, многумина се сослушани, а немаме ниту осомничени. Затоа ги повикавме граѓаните да покажат отпор кон избегнувањето на одговорност од страна на одговорните“, вели Стеван Бабиќ од Крени-Промени.

Додека опозицијата најавува стопирање на Нови Сад в петок, младите најавуваат прекин на сообраќајот в недела на шест часа и бараат - одговорност.

Приштина - Командантот на КФОР Енрико Бардуани рече дека мисијата продолжува да го поддржува дијалогот меѓу Белград и Приштина, кој, како што нагласи, е рамка за решавање на нерешените прашања.
„Историјата секогаш покажува дека дијалогот е клучот за решавање на повеќето проблеми. Конфликтите се јавуваат таму каде што отсуствува дијалогот, а тоа важи и за Косово“, изјави Бардуани за РТК.

Тој додаде дека решението за безбедносните предизвици не е воено, туку политичко, бидејќи дијалогот е клучот за решавање на повеќето прашања.
Бардуани изјави дека ситуацијата на Косово е мирна, но сепак кревка и дека многу еднострани потези преземени од, како што рече, одредени страни не помагаат во стабилизацијата.

Зaгреб - Претседателот на синдикатот Заједно, Крунослав Кушец синоќа изјави дека завршува штрајкот на дел од медицинскиот персонал во Хрватска, пренесоа хрватските медиуми. „Штрајкот заврши, тоа е одлука на синдикатот“, изјави Кушец по четирите денови штрајк

Прекинот настана по расправата на министерот за здравство Вили Берош и работата на Марин Пилетиќ со претставниците на синдикатите, кои побараа зголемување на основицата за најмалку 20 проценти и промена на регулативата за коефициенти.

Кушец по средбата рече дека разговорот бил конструктивен и дека го добиле бараниот рок од четири месеци во кој ќе бидат дефинирани сите аномалии.

Загреб - Припадници на хрватската Национална полициска канцеларија за сузбивање на корупција и организиран криминал утрово организираа голема акција во која упаднаа во домот на актуелниот министер за здравство Вили Берош. 

На адресата на министерот за здравство Вили Берош, како што објави Јутарњи лист, дошле со наредби за претрес.

Според првичните информации, истражителите освен министерот, цел се и неколку лекари, меѓу кои и директори на болници.

Софија -  Бугарските пратеници претпладнево ќе одржат нова седница - трет обид да изберат претседател на 51. Народно собрание. 

Веќе беа направени два неуспешни обиди за избор на претседател на Народното собрание - на отворањето на новиот парламент на 11 ноември и еден ден подоцна. На 13 ноември пратениците повторно не успеаја да се договорат кој да раководи со институцијата, па состанокот беше прекинат, јави БТА.

За функцијата беа предложени пет кандидати - Андреј Цеков од „Продолжуваме со промената - Демократска Бугарија“ (ПП-ДБ), Петар Петров од „Преродба“, Наталија Киселова од „БСП - Обединета левица“, Николета Кузманова од „Има таков народ“ и Раја Назаријан од ГЕРБ-СДС.

Будимпешта  - Меѓународната хакерска група „Inc.Ransomware“ изврши кибер напад врз Унгарската агенција за одбранбени набавки (ДПА) и побара откуп од пет милиони долари за да спречи протекување информацијавија унгарските медиуми.

Хакерската група веќе објави некои датотеки на интернет, што може да вклучуваат податоци за воени набавки, финансиска евиденција и други внатрешни документи.

На интернет кружат слики од екранот со важни информации за земјата, вклучително и податоци за воздушните и копнените сили на Унгарија, колку ласерска опрема се набавува, кога и во колкава количина се набавени различни западни системи за оружје.

Женева - Бројот на случаи на мали сипаници на глобално ниво се зголеми за 20 отсто лани поради недостиг на вакцинација во најсиромашните земји во светот и оние кои се погодени од конфликти, соопштија Светската здравствена организација (СЗО) и американските центри за контрола и превенција на болести.
Се прецизира дека минатата година биле регистрирани околу 10,3 милиони случаи на заразени со сипаници во споредба со 8,65 милиони во 2022 година.
Повеќе од 22 милиони деца ја пропуштија првата доза вакцини против сипаници минатата година, се нагласува во соопштението.

Бројот на смртни случаи поврзани со таа болест се намали за осум отсто минатата година на 107.500 поради подобриот пристап до здравствени услуги и вакцини во земјите со високи приходи, како што е Европа.

Палм Бич - Доналд Трамп синоќа вети „силна армија“ и крај на војните на Блискиот Исток и Украина, а министерствата за одбрана и за надворешни работи уверија дека до јануари непречено ќе се изврши трансферот на власта од демократите на републиканците до 20 јануари следната година.

На забавата на неговиот имот Мар а Лаго во Палм Бич, Флорида, новоизбраниот претседател изрази задоволство од неговите номинации за здравствена заштита, правда, одбрана и Комитетот за „владина ефикасност“ на Илон Маск.

Вашингтон – Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп денеска ќе го номинира активистот против вакцини Роберт Ф. Кенеди помладиот за секретар за здравство и социјална заштита.

- Американците предолго беа задушени од индустрискиот прехранбен комплекс и фармацевтските компании, кои се занимаваа со измами, дезинформации кога станува збор за јавното здравје, напиша Трамп на својата социјална мрежа „Тру сошал“ (True Social).

Тој додаде дека Кенеди ќе ја направи „Америка повторно голема и здрава“.

Кенеди е поранешен демократ, кој влезе во овогодишната претседателска трка како независен кандидат, но се откажа во август кога склучи договор со Трамп да го поддржи со ветување дека ќе има улога во политиката за здравствена заштита на администрацијата на Трамп. 

Вашингтон – Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп најави дека ќе го именува гувернерот на Северна Дакота, Даг Бургам за секретар за внатрешни работи.

- Бургам фантастично ќе го води Министерството за внатрешни работи, наведе Трамп.

Гувернерот на Северна Дакота е познат по своите конзервативни ставови, а претходно се обиде да се кандидира за републиканската претседателска номинација, но се откажа и стана поддржувач на Трамп.

Њујорк - Илон Маск имал средба со иранскиот амбасадор во ОН во, како што е наведено, обид за смирување на тензиите меѓу Техеран и Вашингтон, објави Њујорк Тајмс.

Цитирајќи двајца ирански функционери, американскиот весник ја опиша средбата меѓу технолошкиот милијардер и амбасадорот Амир Саид Иравани како „позитивна“.

Откако жестоко ја поддржа кампањата на Доналд Трамп за Белата куќа, се чини дека најбогатиот човек на светот доби уште поиздигната позиција во коридорите на моќта отколку што беше задолжен за намалување на федералниот отпад, како што беше објавено претходно оваа недела, наведуваат американските медиуми.

Маск и амбасадорот се состанаа повеќе од еден час на тајна локација во понеделникот, според извештајот на Њујорк Тајмс. Ниту тимот на Трамп, ниту мисијата на Иран во ОН не ја потврдија средбата.

Вашингтон - САД сакаат да видат дека Иран преминува од зборови на дела, изјави синоќа портпаролот на Стејт департментот, реагирајќи на изјавата на иранскиот претседател дека сака да ги отстрани сите „сомнежи и нејаснотии“ во врска со иранската нуклеарна програма.

„На крајот на краиштата, она што сакаме да го видиме од Иран е вистинска промена во однесувањето и вистинска акција, а не само знаци или индиции за нешто“, рече портпаролот на американскиот Стејт департмент Ведант Пател.

„Сакаме да бидеме сигурни дека Иран никогаш нема нуклеарно оружје и ќе продолжиме да го користиме нашиот целосен опсег на алатки за да ја постигнеме таа цел. Сите опции остануваат на маса“, рече Пател.

Њујорк -  Њујорк планира да воведе такса од девет долари за возење на Менхетен почнувајќи од јануари, што државата го суспендираше на неодредено време на почетокот на оваа година, изјави вчера гувернерката на Њујорк, Кети Хочул со цел да се намали метежот.

Програмата за наплата поради метеж во Њујорк, прва од ваков вид во Соединетите Држави, првично бараше дневна патарина од 15 долари за патничките возила што возат низ Менхетен јужно од 60-та улица, почнувајќи од 30 јуни.

Лондон воведе слична такса во 2003 година. Меѓутоа, непосредно пред тој датум, Хочул го стави планот во мирување на неодредено време, наведувајќи ја високата инфлација и желбата да не ги обесхрабрува патниците и туристите.

Но, Њујорк сега брза да ја воведе таксата пред новоизбраниот претседател Доналд Трамп да ја преземе функцијата. Трамп вчера рече дека воопшто не се согласува со одлуката за воведување на таксата.

Бејрут – Шефот на мировните сили на Обединетите нации Жан-Пјер Лакроа изјави дека прераспоредувањето на либанската армија во јужен Либан е од суштинско значење за какво било трајно решение за судирот по меѓу израелската армија и Хезболах.

- Прераспоредувањето на либанските вооружени сили е апсолутно централно за секое трајно решение. Ние тргнуваме од принципот … дека враќањето на имплементацијата на мировниот договор … ќе се заснова на спроведувањето на резолуцијата 1701 на ОН, која стави крај на претходната војна меѓу Израел и Хезболах во 2006 година, наведе Лакроа на крајот од вчерашната тридневна посета на Либан.

Резолуцијата предвидува дека само либанската армија и мировници треба да бидат распоредени на јужната граница на Либан, која граничи со северен Израел, за да дејствуваат како тампон помеѓу борците на Хезболах и израелските сили.

Москва - Видео платформата „Јутјуб“ (YouTube) од вчера повторно функционира нормално во Русија, откако во последните месеци работеше многу бавно. Платформата работеше нормално откако претседателот Владимир Путин му вети на истакнат директор дека ќе го реши проблемот, објавија руските медиуми.

Руските корисници почнаа да пријавуваат проблеми со „Јутјуб“, во сопственост на американскиот гигант Google, летото откако руските власти се заканија дека ќе ја забават услугата.

Властите, кои веќе ја блокираа или забавија работата на неколку американски социјални мрежи во земјата, го критикуваа „Гугл“ (Google) дека не дозволува пристап до „Јутјуб“ за руските канали обвинети за пропаганда.

Нион – Европската фудбалска унија (УЕФА) почна истрага против англискиот фудбалски судија Дејвид Кут, по објавувањето видео на кое наводно се гледа како користи кокаин за време на Европското првенство кое ова лето се одржа во Германија.

„Етичкиот и дисциплинскиот инспектор на УЕФА ќе процени потенцијално прекршување на дисциплинските прописи на УЕФА од страна на судијата Дејвид Кут“, се вели во соопштението на УЕФА.

Кут беше асистент во ВАР собата на осум натпревари на Европското првенство.

Британскиот весник „Сан“ во средата објави видео на кое се гледа како Кут консумира кокаин, користејќи банкнота од долар.

Во извештајот се наведува дека инцидентот бил снимен еден ден по четвртфиналето меѓу Португалија и Франција.

Остани поврзан