• петок, 26 јули 2024
МИА Радио флеш

20 февруари 2024 

-Додека трае молкот за претседателски избори продолжува кампањата за парламентарните избори, изјави денеска претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Александар Даштевски прецизирајќи како што кажа една своја неодамнешна изјава. -Би сакал да кажам во врска со една моја изјава, сакам да прецизирам, со оглед дека се поклопуваат кампањите за претседателски и за парламентарни избори, законот е јасен дека има предизборен молк за претседателски избори на 22 април и трае до 24 април. Нема да се поклопи со другиот молк (за парламентарни избори). Да не должиме да нема забуни. Сметам дека ова е доволно објаснување затоа што претходно во изјавата не кажав датуми за ништо и тоа би било нешто што е предвидено и во законот и во роковникот, рече на денешната седница на ДИК Даштевски.

-Рокот за собирање потписи за кандидати за претседател и за кандидати за пратеници започнува во петок на 23 февруари и ќе трае до 8 март, согласно роковниците на Државната изборна комисија (ДИК). Државната изборна комисија (ДИК) на седница донесе Правилник за собирање на потписи, којшто денеска ќе биде објавен на веб - страницата на Комисијата sec.mk. - Собирањето на потписи се одвива пред сите подрачни одделенија и канцеларии на ДИК сместени во седиштата на 34 локални самоуправи и пред надлежните нотари, за тоа и кон ова појаснување ќе бидат објавени и адресите на подрачните одделенија на ДИК пред кој се собираат потписите. Постапката почнува на 23 и трае непрекинато секој ден. Подрачните одделенија ќе работат две смени. Наутро од 8 часот до навечер до 20 часот, додека последниот ден на 8 март ќе работат до 24 часот, информира членот на ДИК Борис Кондарко. 

-Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски истакна дека измените на Изборниот законик се веќе подготвени согласно препораките на ОБСЕ и ОДИХР и во моментот кога ќе бидат ставени на гласање во Собранието, СДСМ ќе ги поддржи. Во однос на посуштински измени на Изборниот законик, Ковачевски останува на ставот дека е предоцна на веќе распишани избори да се менува изборното законодавство. -Денеска ако ги стават на гласање измените на Изборниот законик, денеска ќе ги изгласаме. Што се однесува до суштински измени, може да се отвори дискусија но сметам, а гледам дека и другите политички партии сметаат, дека сега е предоцна на веќе распишани избори да се менува изборно законодавство, изјави Ковачевски по денешната посета на Центарот за социјално претприемништво во Скопје, по повод Меѓународниот ден на социјална правда.

-Минималните трошоци на едно семејство во февруари се зголемени за 313 денари во однос на јануари, покажуваат податоците на синдикалната потрошувачка кошничка. Според денеска објавените податоци, вредноста на синдикалната минимална кошница во февруари изнесува 57.476 денари и во однос на јануари кога изнесувала 57.163 денари е зголемена за 313 денари. Со изнајмен стан од 60 квадрати, минималните трошоци во февруари изнесуваат 72.851 денари и се зголемени за 213 денари во споредба со јануари. Најмногу пари, односно 21.219 денари се потребни за храна, а потоа за режиски трошоци односно плаќање вода, електрична енергија и греење.

-Централната банка на Косово (ЦБК) објави дека бројката на банкноти од 500 евра што граѓаните ги депонирале во деловните банки, а потоа и во ЦБК, како пари повлечени од оптек, надминала 180.500 парчиња, достигнувајќи вредност од преку 90 милиони и 250 илјади евра, јави дописникот на МИА од Приштина. Ова, како што соопшти ЦБК, е еден од директните ефекти на Правилникот за готовинско работење од неговото донесување, „придонесувајќи за постигнување на целта за финансиски систем со интегритет и помагајќи ја националната стратегија против информалноста и сродните појави“. Правилникот за готовинско работење, меѓу другото, ги обврзува сите банкарски и небанкарски финансиски институции да прекинат со рециркулација на банкнотата од 500 евра кај нивните клиенти.

-Со законот за амнестија, кој чека да изгласување веќе три месеци, ќе бидат опфатени 700 осуденици и 2500 лица, условно казнети и оние кои се во судска постапка за полесни дела кои не предвидуваат казна затвор повисока од две години. Ова го изјави Улси Мања, министер за правда, на денешната седница на парламентарната законодавна комисија, одржана преку платформата „зум“ на која на дневен ред беше Предлог-законот за амнестија, кој беше едногласно поддржан, со што се даде можност според да биде ставен на дневен ред на пленарната седница в четврток. - Имаме точна статистика. Побаравме амнестија бидејќи во затворите имаме 2.200 осудени лица. Доколку се добие одобрение од Собранието, корист ќе имаат 700 осудени и 2500 лица со условна казна, како и оние за кои сеуште не е донесена судска одлука за дела за кои не се предвидува повисока казна од две години, рече Мања.

- Просечната месечна нето плата во Хрватска во декември 2023 година изнесува 1.191 евро, што е номинално пониска за 1,4 отсто, а реално за 0,9 отсто во однос на ноември, објави денеска Хрватската државна служба за статистика (ДЗС).

-Просечната хрватска нето плата е номинално повисока за 13,9 отсто, а реално за девет отсто во однос на декември 2022 година, се наведува на веб-страницата на ДЗС. Во декември минатата година, највисока просечна нето плата е исплатена во областа на производство на кокс и рафинирани нафтени деривати и изнесува 1.795 евра, а најниска во производството на облека, 739 евра. Просечната хрватска нето плата за декември била 1.005 евра, што значи дека половина од вработените заработиле помалку од таа сума.

-Турската полиција денеска приведе шест лица осомничени дека извршувале активности во корист на кинеското разузнавање, пишува опозицискиот весник „Џумхуриет“, повикувајќи се на извори од турската полиција. Акцијата била спроведена изутрината во Истанбул. Продолжува потрагата по уште еден осомничен. Според тврдењата, уапсените собирале информации за жителите на Синџијанг, (автономен регион во западна Кина), кои во тоа време биле во Турција. Ујгурскиот автономен регион е населен со едно од најбројните национални малцинства на Народна Република Кина - Ујгурите. Голем дел од нив исповедаат ислам. Според кинеските власти, во овој регион дејствуваат сепаратистички групи поврзани со меѓународни терористички групи. Во Турција живее голема заедница на Ујгури, пишува „Џумхуриет“. 

-Граѓаните на Европската унија, пред се на возраст над 65 години, но и оние меѓу 15 и 25 години, во 2022 година не отишле на ниту едно туристичко патување. Истражувањето на Евростат покажа дека 38 отсто од граѓаните на ЕУ на возраст над 15 години не отишле на патување со најмалку едно ноќевање надвор од дома од лични причини. Најголем дел од лицата кои не заминале на туристички патувања во 2022 година е забележан во возрасната категорија над 65 години, бидејќи 55 отсто од луѓето од оваа група не учествувале во туризмот. Спротивно на тоа, во 2022 година, 71 отсто од граѓаните на Европската унија на возраст од 25 до 34 години отишле на туристичко патување. Постарите лица над 65 години претпочитаат да патуваат надвор од главната сезона, односно од март до јуни и од септември до ноември, во просек поминуваат по 6,3 ноќевања, а 70 отсто од нив патуваат во својата земја.

-Во ноември минатата година вкупно 108.950 лица кои не се државјани на ЕУ првпат поднеле барања за азил во некоја од земјите членки на Унијата, што претставува зголемување за околу 11 отсто во споредба со истиот месец во 2022 година, соопшти денеска Европската статистичка агенција – Евростат. Дополнително, како што јави дописникот на МИА од Брисел, лани во ноември се поднесени и 6.375 барања од лица кои и претходно аплицирале за азил, што претставува раст на годишно ниво од три проценти. 

-Околу 17.000 руски војници загинаа од 10 октомври 2023 година, кога Русија го почна нападот врз Авдиевка и 17 февруари 2024 година, изјави портпаролот на групата украински сили Таврија, задолжена за градот. За речиси една деценија војна помеѓу тогашниот Советски Сојуз и Авганистан загинаа околу 15.000 војници. СССР испрати илјадници свои војници во Авганистан на крајот на декември 1979 година како поддршка на комунистичката Народна демократска партија на Авганистан во борбата против муџахедините. Москва и Киев не соопштуваат за бројот на жртви, како и за уништената опрема. Русија уште од септември 2022 година нема објавено никакви податоци за сопствените загуби. Тогаш рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу изјави дека Русија изгубила 5.937 војници од инвазијата на Москва на 24 февруари 2022. година.

-Распишана е потерница по братот на Алексеј Навални, јави руска државна новинска агенција. Објавено е дека против Олег Навални е отворена нова кривична постапка и дека руските власти трагаат по него. Во 2021 година, Олег беше осуден на условна казна од една година затвор за кршење на ограничувањата за ковид. Тој беше осуден затоа што во јануари 2021 година ги повика Русите на социјалните мрежи да учествуваат на собир за Алексеј. Обвинителите тврдеа дека собирот е прекршување на санитарните и епидемиолошките правила, што можело да доведе до ширење на болеста. Олег отпатувал за Кипар истата година и никогаш не се вратил во Русија, според извештаите. лексеј Навални почина на 16 февруари во регионот Јамало-Ненец на далечниот руски север, каде служеше затворска казна за измама, непочитување на судот и кршење на условната казна. 

-Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека ја завршила својата втора мисија за евакуација во болницата „Насер“ во градот Кан Јунис во Појасот Газа, при што вкупно 32 пациенти во критична состојба, меѓу кои има и деца, се преместени на безбедно место, во услови на воени дејствија. Напорите за евакуација на пациентите од установата продолжуваат, соопшти организацијата. „СЗО стравува за безбедноста и благосостојбата на пациентите и медицинските работници во болницата и предупредува дека понатамошниот прекин на животоспасувачката грижа за болните и повредените ќе доведе до повеќе смртни случаи“, напиша организацијата на социјалната мрежа „Икс“.

Остани поврзан