• вторник, 02 јули 2024
МИА Радио флеш

6 јуни 2024

- Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, напладне, во вила Видно, ќе го додели мандатот за формирање влада на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој по изборите на 8 мај обезбеди парламентарно мнозинство со коалицијата Вреди и Движењето ЗНАМ, што беше потврдено при изборот на Африм Гаши за претседател на Собранието. Новиот владин кабинет е проектиран со реорганизација на ресорите и ВМРО-ДПМНЕ вчера до Собранието достави предлог законски измени кои веќе се ставени на собраниска седница закажана за утре.

Според Мицкоски, преговорите за владата се веќе завршени во делот на формирање на владините ресори и во делот на третиот ешалон.

- Во трката за лидерска позиција на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, засега влегуваат поранешниот министер за здравство и актуелен пратеник, Венко Филипче, поранешната министерка за одбрана и актуелна пратеничка, Славјанка Петровска, како и актуелниот директор на Технолошко-индустриските развојни зони, Јован Деспотовски. Тројцата претенденти во текот на вчерашниот ден ги поднесоа своите кандидатури, истакнувајќи ја потребата од обнова на партијата.

Пред седиштето на СДСМ Филипче изјави дека заедно со кандидатурата доставува и програма која се темели на информации, сугестии и барања, од како што рече, огромниот број на членови со кои имал чести средби изминативе месеци. Истакна дека во трката влегува сам, бидејќи смета дека оној којшто ќе биде избран за претседател треба тимот да го направи по изборот.

- Судиите денеска гласаат за два нови члена на Судскиот совет, еден од редовите на врховните судии и еден од апелационо подрачје Битола.

На избирачките ливчиња од редот на врховните судии се кандидатите Цветанка Периќ и Исамедин Лимани, а од битолското апелациско подрачје се судиите Александар Камбовски, Татјана Сусулеска – судии на Апелационен суд Битола и Александра Поп Стефанија - судија на Основен суд Охрид.

Судскиот совет не ѝ дозволи на судијката Цветанка Периќ да се повлече од изборите, иако таа поднесе известување дека се повлекува од изборната трка од здравствени причини.

Гласањето за избор на членови на Советот од редот на судиите започнува во 8 часот и трае непрекинато до 15 часот. Судиите гласаат за кандидатите од своето апелациско подрачје, додека врховните судии гласаат за кандидат од Врховниот суд.

- Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, кој од вчера е во работна посета на Република Албанија, денеска ќе учествува на конференцијата на началници на Генералштабови на Армиите на балканските земји (форум Б-9), што ќе се одржи во Драч.

Како што соопштија од Генералштабот, форумот на началниците на генералштабови на балканските земји има девет членки (Албанија, БиХ, Бугарија, Грција, Северна Македонија, Романија, Србија, Турција и Црна Гора). Основан е со иницијатива на Грција и Турција во 2006 година, а официјално е воспоставена на 10 мај 2007 година во Брисел.

- „Фокус на дијабетичната ретинопатија и дијабетичен макуларен едем кај пациентите со дијабетес” е насловена тркалезната маса што ќе се одржи денеска организирана од Сојузот на здруженија на дијабетес.

На тркалезната маса, како што најавија од Сојузот на здруженија на дијабетес, ќе бидат прикажани резултати од испитување кое го спровеле, а се однесува на дијабетот и компликациите кои го следат. Истражувањето било спроведено со цел подобро разбирање на компликациите предизвикани од него и да изградиме став како подобро да се соочиме со нив.

- Словачкиот премиер, Роберт Фицо, денеска се огласи за прв пат откако беше тешко ранет во обидот за атентат пред три недели, изјавувајќи дека не го мрази напаѓачот, дека му простува и дека не планира кривично да го гони него.

Фицо оцени дека атентаторот е „гласник на злото и политичката омраза“ и предупреди дека „во ЕУ се чини престана да постои правото на поинакво мислење“.

Во пресрет на изборите за Европскиот парламент, што се одржуваат неделава, Фицо и се обрати на јавноста со снимен говор објавен на Интернет.

- Четири лица загинаа, а уште 23 се повредени кога патнички воз се судри со товарен воз во чешкиот град Пардубице, соопшти министерот за внатрешни работи Вит Ракушан за државната телевизија рано утрово.

- Судирот на двата воза во Пардубице е голема трагедија, напиша чешкиот премиер Петр Фијала на Х, изразувајќи сочувство.

- Нашите мисли се со жртвите и повредените, додаде тој.

- Светските лидери од двете страни на Атлантикот денеска се очекува да присуствуваат на меморијалните настани во Франција по повод 80-годишнината од истоварувањето на сојузничките трупи во Нормандија за време на Втората светска војна.

Пристигнувањето на трупите го означи почетокот на успешната кампања за ослободување на Европа од нацистичка Германија.

- Рускиот претседател Владимир Путин, зборувајќи за ризиците од нуклеарна војна со Украина, вчера предупреди дека Русија може да ги искористи сите расположливи средства за да се одбрани доколку нејзиниот суверенитет или територијален интегритет бидат загрозени.

Путин кажа дека Западот повеќепати ја обвини Русија за закани со нуклеарно оружје, но дека тоа е погрешно, бидејќи токму САД употребија нуклеарно оружје против Јапонија во Втората светска војна.

- Од денеска, па до недела во ЕУ ќе се одржат избори за новиот состав на Европскиот парламент. Согласно последните измени во структурата на ЕП, бројот на европратеници се зголемува од досегашните 705 на 720. 

Изборите започнуваат денеска со гласање во Холандија, утре во Ирска, утре и задутре ќе гласаат граѓаните на Чешка, в сабота евроизборите ќе се одржат во Летонија, Малта, Словачка и во француските прекуморски департмани и територии, а во сабота и недела во Италија. Во останатите 20 членки на ЕУ, вклучително и во европскиот дел на Франција, изборите за европратеници ќе се одржат в недела на 9 јуни. 

- Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг денеска ќе отпатува во дводневна посета Шведска по повод Националниот ден на земјата. 

Како што соопшти прес-службата на НАТО, Столтенберг денеска во Стокхолм ќе присуствува на церемонијата за одбележување на Националниот ден на Шведска и ќе има средба со шведскиот премиер Улф Кристершон. 

- Израелските одбранбени сили денеска соопштија дека нападнале комплекс на палестинската милитантна група Хамас „скриен во училиште на УНРВА“ во центарот на Појасот Газа.

Како што пренесе ДПА, ИДФ соопшти дека авионите на израелските воздухопловни сили „извршиле прецизен удар“ врз комплексот во областа на бегалскиот камп Нусејрат.

Според извештаите на палестинските медиуми, во воздушниот напад загинале 27 лица.

- Првиот украински заменик министер за надворешни работи, Андриј Сибих, го повика Пекинг да испрати делегација на планираниот мировен самит за Украина закажан за 15 и 16 јуни во Швајцарија.

Британските медиуми пренесуваат дека украинскиот дипломат, кој се наоѓа во посета на Кина, се надева дека сепак е можно да се убеди Кина да присуствува на самитот.

Русија не е поканета да учествува на оваа средба, а официјален Пекинг претходно најави дека ќе се држи настрана, објаснувајќи дека присуството на двете завојувани страни е предуслов за каква било суштинска мировна конференција.

- Светската здравствена организација (СЗО) вчера објави дека еден пациент починал по првата лабораториски потврдена инфекција од подтип на птичји грип.

СЗО соопшти дека на 24 април починал 59-годишен Мексиканец откако развил симптоми на треска, отежнато дишење, дијареа, гадење и општа непријатност, пренесуваат британските меидуми.

„Ова е прв лабораториски потврден случај кај луѓе на инфекцијата со птичји грип А(H5N2) пријавен на глобално ниво и прва инфекција со вирусот H5 кај пациент во Мексико. Жртвата немала историја на изложеност на живина или други животни“, се наведува во соопштението на СЗО.  

-Од четврток до сабота, 6-9 јуни, околу 370 милиони луѓе од 27-те земји-членки на ЕУ се повикани да гласаат за избор на 720 нови пратеници во Европскиот парламент.

Исходот на овие избори ќе помогне да се воспостави новиот состав на Европската комисија, чија сегашна претседателката, Урсула фон дер Лајен, се кандидира за втор мандат.

Досегашните анкети и проекции покажуваат дека крајно десничарските партии се подготвени да остварат значителни придобивки, при што партиите на кои некогаш беа на маргините сега го зголемуваат нивното влијание во ЕУ. Генерално, се очекува дека политичкиот центар во Европа ќе опстои.

- Мисијата на Обединетите нации за помош во Авганистан (УНАМА) денеска го осуди јавното камшикување што го извршија талибанците врз најмалку 63 лица, меѓу кои 14 жени.

Врховниот суд на талибанците преку соопштение потврди дека јавното камшикување на сторителите на злосторствата содомија, кражба и „неморални односи“ било извршено на спортски стадион на северот на земјата, во провинцијата Сари Пул.

-  Во судир на два трамваи во Кемерово, Русија, повредени се 67 лица, соопшти вршителот на должноста гувернер на Кузбас, Илја Середјук на Телеграм.

Тројца од повредените се во тешка состојба – двајца се на интензивна нега, еден во операциона сала каде лекарите се борат за неговиот живот. Десет лица се упатени на амбулантно лекување, информира Середјук.

- Двегодишно дете загина, а мајка му е тешко повредена кога торнадо вчера урнало дрво кое паднало врз нивната куќа во предградие на Детроит, Мичиген.

Детето починало на лице место, а мајката е пренесена во болница во критична состојба, додека бебе кое било во креветче во друга соба, не е повредено и е пренесено во болница на евалуација, соопшти шефот на противпожарната служба на Ливонија, Роберт Џонсон.

Остани поврзан