• четврток, 04 јули 2024
МИА Радио флеш

17 јуни 2024 

- Јавната здравствена установа Универзитетска клиника за детски болести во Скопје, успешно го заврши процесот за акредитација за стандарди и критериуми за квалитет на здравствена дејност, со што се стекна со сертификат со важност од три години, информираат денеска од установата.

Како што појаснуваат, Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствени установи (АКАЗУМ), на крајот на минатата недела го доделила сертификатот за акредитација на медицинскиот директор Валентина Цвејоска Чолаковска и на организацискиот директор Аркин Јахији, како и на членовите на тимот на Клиниката.

-  Во Стопанската комора на Северна Македонија денеска ќе се одржи состанок за презентација на регулативата  на Европската унија која ги обврзува проектантските и градежните компании да започнат со проектирање со еврокодови од 1 септември годинава.

На состанокот ќе учествуваат претставници на Здружението на градежништвото индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопанската комора, Комората на овластени архитекти и овластени инженери и Градежниот факултет при УКИМ. 

- Предавање на тема  „Трансформации - нинџите и сликата за нив во светот и во Јапонија“ ќе одржи професорот од Јапонија Јуџи Јамада денеска и утре во Институтот за етнологија и антропологија при Природно-математичкиот факултет на УКИМ.

Предавањата ги организира Јапонската фондација, Институтот за антропологија и етнологија и Друштвото на македонско-јапонско пријателство во соработка со Амбасадата на Јапонија.

- Едно лице се здобило со тешки повреди, откако возило во текот на вчерашниот ден, излетало на железничка пруга, информираат денеска од Центарот за управување со кризи.

- Имаше брза, а ограничена со време, спасителна комбинирана акција за извлекување две повредени лица при сообраќајна несреќа. Нивното возило излетало на самата пруга, едното лице било потешко повредено. Се отстранувало хаварисаното возило од пругата до наредно поминување на воз Велес - Градско, меѓу 15.08 и 17.30 часот. Покрај пожарникарите, полицијата и Итната медицинска помош, на терен интервенирале и екипи на „АМСМ“, Јавното претпријатие „Македонски железници и инфраструктури“, појаснуваат од ЦУК.

- Додаток за прекувремена работа се исплаќа во само 26 од 36 институции, а додаток за прилагодување на пазарот на труд не се исплаќа во ниту една институција утврдил Државниот завод за ревизија (ДЗР). Констатирал и дека модулот за пресметка на плати се користи само од 29 институции, а модулот за управување со учинокот не се користи воопшто. Укажува да се преиспитаат законски утврдените рокови за одобрување на плановите за вработување  како и да се усогласи Законот за административни службеници со Општиот колективен договор за јавниот сектор во делот на начинот на утврдување на платата.

Со ревизијата на усогласеност на тема „Плати и додатоци на плати на административните службеници во Република Северна Македонија“  што ја објави денеска ДЗР биле опфатени платите и додатоците на плати на административните службеници за период од 2021 до 2023 година во 14 министерства и 22 институции, меѓу кои и институции каде определени прашања во врска со работниот однос на административните службеници се регулирани со посебни закони.

- Предлог составот на новата влада е комплетиран и заедно со програмата утре треба да биде доставен во Собранието, додека гласањето се очекува да се случи претстојниот викенд. Кандидатите за членови на владата од коалицијата „Твоја Македонија“ синоќа беа потврдени од Извршниот и Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Од  „Твоја Македонија“ во владата ќе има 15 членови, од кои три на вицепремиерски места,  кадри од коалицијата „Вреди“ ќе раководат со пет министерства и ќе имаат едно вицепремиерско место, а два министерски ресора ќе предводи партијата ЗНАМ -  За наша Македонија.

- Од партиските тела добив мандат за преговори и за состав на новата влада и тие успешно завршија. Новата влада ќе биде составена од партиите кои се дел од коалицијата Твоја Македонија, коалицијата Вреди и политичката партија ЗНАМ, влада која има широка поддршка од електоратот повеќе од 600.000 гласа освоени на изборите кои што завршија на 8-ми мај, и сигурен сум во 2/3 поддршка за определени законски решенија, реформски законски решенија кои што во периодот кој што следи ќе бидат донесени во македонското Собрание,  рече мандатарот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски синоќа на прес-конференција по седниците на Извршниот и Централниот комитет.

– Пред точно шест години, на 17 јуни 2018 година, во малото село Нивици (Псарадес) на брегот на Преспанското езеро од грчка страна, Скопје и Атина го потпишаа Договорот од Преспа со кој се затвори долгогодишниот спор меѓу двете земји, Република Македонија го смени името во Република Северна Македонија и се отвори патот кон евроатлантската интеграција, но и кон нови перспективи во билатералните односи со Грција, јави дописничката на МИА од Атина. 

Договорот беше постигнат во период кога кај јужниот сосед на власт беше СИРИЗА, кај нас СДСМ и го потпишаа тогашните министри за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас, а во присуство на тогашните премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас, посредникот во преговорите Метју Нимиц, поранешниот еврокомесар за проширување Јоханес Хан, поранешната висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини и други високи меѓународни претставници, како и претставници на двете земји.

- По повод шест годишнината од потпишувањето на Договорот од Преспа, поранешните премиер Зоран Заев и Алексис Ципрас, преку „Фондацијата Заев“ и  „Институтот Алексис Ципрас“ денеска и утре во Атина организираат дводневна Меѓународна конференција за мир и одржлив развој, на која воедно ќе му биде доделена и награда на медијаторот во разговорите за името Метју Нимиц, јави дописничката на МИА од Атина.

Конференцијата ќе се одржи денеска и утре во Конзерваториумот во центарот на Атина, а ќе содржи вкупно осум панел дискусии, од кои две се однесуваат на Балканот, две на регионалните случувања и улогата на меѓународните организации во промовирањето на мирот, две на иднината на Европа и справувањето со екстремната десница и по една на климатската криза и зелената агенда и на европската и грчката економија. 

- Полскиот претседател Анджеј Дуда повика на „процес на деколонизација“ на Русија. Тој навести дека етничките малцинства треба да се отцепат од власта на Москва и да формираат свои држави.

Говорејќи на конференцијата „Мир за Украина“ во Швајцарија вчера, Дуда ја опиша Русија како „затвор на нациите“.

„Речиси 200 етнички групи живеат во таа земја, кои станаа жители на Русија како резултат на методите што денес се користат во Украина“, тврди полскиот лидер.

- Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека имало консултации меѓу членките на Алијансата за вадење на нуклеарното оружје од складиштето, негово распоредување и ставање во состојба на готовност.

-НАТО разговара за распоредување на повеќе нуклеарно оружје соочени со зголемената закана од Русија и Кина, изјави Столтенберг за британски Телеграф.

Според него, Алијансата мора да го покаже својот нуклеарен арсенал за да испрати директна порака до своите противници.

- Случајот во Русија против приведениот американски новинар Еван Гершкович ќе започне на 26 јуни и ќе се одржи зад затворени врати, пренесоа руските медиуми, повикувајќи се на прес-службата на судот.

Обвинителите минатата недела објавија дека судскиот процес против дописникот на Волстрит журнал ќе го сослуша судот во градот Екатеринбург на Урал, каде новинарот беше уапсен во март минатата година под сомнение за шпионажа.

- Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг денеска, па до петок ќе престојува во посета на САД и Канада, јави дописникот на МИА од Брисел. 

Како што соопшти НАТО, денеска Столтенберг во Вашингтон ќе се сретне со претседателот на САД, Џо Бајден. Столтенберг денеска ќе има обраќање и во Центарот „Вилсон“, по кое ќе одговара на прашања на публиката. 

- Шефовите на држави или влади на земјите членки на ЕУ вечерва ќе имаат неформална средба во Брисел, на која ќе разговараат околу изборот на носителите на највисоките функции во Унијата по изборите за Европскиот парламент. 

Европскиот совет, што го сочинуваат лидерите на членките на блокот, има клучна улога во изборот на претседателите на Советот на ЕУ и на Европската комисија и на високиот претставник на Унијата за надворешна политика и безбедност. 

- Зголемениот прекуграничен оган на либанското движење Хезболах кон Израел може да предизвика сериозна ескалација, соопшти синоќа израелската војска.

-Зголемената агресија на Хезболах нѐ доведува до раб на она што би можело да биде поширока ескалација, што може да има катастрофални последици за Либан и за целиот регион, изјави портпаролот на израелската војска, контраадмирал Даниел Хагари во видео обраќање на англиски јазик.

Хезболах, кој делува под покровителство на Иран, минатата недела истрела најголем број ракети и беспилотни летала во изминатите девет месеци откога разменува оган со израелската армија, во исто време кога продолжува конфликтот во Газа.

- Американската држава Мериленд ќе поништи 175.000 пресуди за употреба на марихуана издадени во текот на изминатите децении, објави синоќа нејзиниот гувернер Вес Мур во изјава за Вашингтон пост.

-Со потпишувањето на тој указ за помилување денеска, имам намера да исправам голем број историски грешки, изјави за американските медиуми Мур.

Повеќе од 100.000 луѓе кои имаат пресуди за поседување или пушење марихуана која сега е легална во земјата и широко се консумира, ќе исчезнат од нивните криминални досиеја.

-  Високиот советник на американскиот претседател Џо Бајден, Амос Хохштајн, денеска ќе го посети Израел на средби со цел да се избегне понатамошна ескалација долж границата со Либан.

Хохштајн ќе ги поддржи напорите да се избегне понатамошна ескалација по „сината линија“ меѓу Израел и Либан, изјави американски официјален претставник кој сакаше да остане анонимен.

- Како што растат глобалните геополитички тензии, нуклеарните сили ги модернизираат своите арсенали, наведуваат истражувачите на СИПРИ, повикувајќи ги светските лидери „да размислат повторно“.

-Нуклеарното оружје од Студената војна немало толку важна улога во меѓународните односи, рече Вилфред Ван, директор на Програмата за оружје за масовно уништување во Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот (СИПРИ).

Деветте држави со нуклеарно оружје, Русија, САД, Франција, Индија, Кина, Израел, Велика Британија, Пакистан и Северна Кореја, го модернизираат својот нуклеарен арсенал, со неколку распоредени нови системи во 2023 година.

- Филипински брод денеска се судри со кинески брод во Јужното Кинеско Море, недалеку од островите за кои се спорат двете земји, соопшти кинеската крајбрежна стража.

-Бродот за снабдување на Филипините игнорираше бројни предупредувања од кинеска страна, се приближи до кинескиот брод на непрофесионален начин и предизвика судир, се вели во соопштението, пренесе Бета.

Остани поврзан