• понеделник, 20 мај 2024
МИА Радио флеш

26 декември 2023 

- Довербата на нашите граѓани во денарот се огледа преку последните податоци за депозитите, според кои штедењето во домашна валута бележи раст од 11%, додека во девизи од 3%. Стабилноста на курсот на денарот, којшто претставува столб на макроекономската стабилност, се гледа преку сите показатели, од кои најважни се девизните резерви коишто се повисоки во однос на претпандемичниот период. До крајот на годината се очекува дека тие ќе надминат четири милијарди евра, главно благодарение на позитивните движења на девизниот пазар и откупот на девизи од страна на централната банка, посочува гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска во интервју за ТВ24.

- Во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) денеска ќе се одржи научен собир на тема: „80 години од холокаустот на македонските Евреи“ посветен на академик Иван Дејанов, предлагач на изградбата на првиот европски музеј на холокауст во Скопје.

Организатори на научниот собир се Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ при Македонската академија на науките и уметностите, под покровителство на претседателот Стево Пендаровски и во соработка со Филозофското друштво на Македонија, Еврејска заедница во Република Македонија и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија. 

- Европската унија соопшти дека мора да се почитува правото на мирни демонстрации во Србија, но нагласи дека насилството не е решение и е неприфатливо, и повторно повика на „соодветна истрага за наводите за изборни нерегуларности“.

- Постапките на полицијата мора да бидат соодветни и основните права мора да се почитуваат во рамките на владеењето на правото. ЕУ повикува на мир и дијалог, соопшти Европската унија како одговор на прашање на Гласот на Америка за немирите на протестите во Белград завчера.

Брисел не ги коментира обвинувањата на властите во Србија кон неименувани западни земји за предизвикување немири на протестите по изборите.

- Тела на пет жртви се пронајдени во стан во поширокиот регион на Париз по што е отворена истрага за убиство.

Ова го соопшти градскиот обвинител Жан Батист Бладие, додека локалните медиуми јавија дека жртвите се жена и нејзините четири мали деца.

Полицијата трага по 33-годишен маж кој е во бегство.

- Претседателот на Белорусија Александар Лукашенко изјави дека Русија ги завршила сите испораки на тактичко нуклеарно оружје за неговата земја, акција што предизвикува сериозна загриженост во соседна Полска и другите околни земји.

На економскиот самит во Санкт Петерсбург на земјите собрани околу Русија, Лукашенко изјави дека испораките биле завршени во октомври, но не прецизираше колку нуклеарни боеви глави се префрлени од Русија во Белорусија ниту каде се распоредени.

- Во третиот квартал од 2023 година на 107.135 лица кои не се државјани на членки на ЕУ им се издадени решенија за напуштање на територијата на Унијата, додека во исто време 27.095 „не-Европејци“ биле депортирани од некоја од земјите на блокот. 

Според податоците на Европската статистичка агенција – Евростат, во споредба со истиот квартал во 2022 година бројот на издадени решенија на странци за напуштање на ЕУ во периодот јули-септември годинава е намален за четири проценти, додека бројот на депортирани е зголемен за 12 отсто. 

- Ирак денеска ги осуди американските воздушни напади во земјата како „непријателски чин“ откако Пентагон соопшти дека гаѓал три локации што ги користеле проиранските сили.

Владата во Багдад соопшти дека нападите во кои загина еден член на безбедносните сили и беа ранети 18 други лица, вклучително и цивили, се „неприфатлив напад врз ирачкиот суверенитет“ што ги нарушува билатералните односи.

Американската војска синоќа изврши воздушни напади во Ирак како одговор на нападот со дрон од страна на проирански милитанти врз американска воена база во Ербил, Ирачки Курдистан, во кој беа повредени тројца американски војници, а еден е во критична состојба.

Остани поврзан