• вторник, 22 октомври 2024
МИА Радио флеш

22 октомври 2024 

Скопје - Здравствените работници имаат десетпати поголем ризик од заболување со грип во споредба со општата популација, поради природата на својата работа. Здравствениот работник може да заболи од грип од своите пациенти или колеги. Постојат студии кои покажуваат дека за време на епидемија, во здравствена установа повеќе од половината здравствени работници кои се грижат за пациентите со грип, и самите се инфицирани од вирусот, истакнуваат утрово од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

- Грипот е сериозна болест, може да предизвика пневмонија, бронхит или да ги влоши хроничните здравствени состојби. Вакцинацијата против грип, секоја година, е најдобар начин да се заштитиш себеси од ова заболување, подвлекуваат од ИЈЗ.

Скопје - Министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, денеска и утре ќе ја предводат македонската делегација на 4. меѓународен саем за одбрана - Saha Expo 2024, што се одржува во Истанбул, Турција.

Како што соопштија од Министерството за одбрана, за време на посетата на Република Турција, Мисајловски ќе има средба со неговиот колега и домаќин - министерот за национална одбрана Јашар Гулер.

Денеска и утре, македонската делегација ќе оствари средби со претставници на турски компании од наменско производство и ќе има можност да се запознае со најновите техничко-технолошки достигнувања на полето за одбраната, се наведува во соопштението на Министерството за одбрана.

Скопје - Професорот Ратомир Грозданоски во текот на седмицава ќе одржи предавања на Универзитетот во Загреб. Тој ќе говори пред студентите и професорите на Факултетот за филозофија и религиски науки на тема за Верата во модерното време – предизвици, а потоа и во Центарот за проучување на односот меѓу науката и религиите насловено: Верата и знаењето.

Централното вечерното предавање на Универзитетот пред академската јавност ќе биде на Католичкиот богословски факултет со наслов: Мудроста и Премудроста Божја според свети апостол Павле. Тој ќе оствари средби со деканите и професорите на факултетите, а ќе присуствува и на културни настани во Загреб и ќе посети значајни места и културно - историски обележја.

-За професорот Ратомир Грозданоски, протоѓакон и долгогодишен секретар на Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква, централно место во Загреб е и Македонската православна црква „Света Злата Мегленска“, која, како што вели, е од особено значење и за нив кои се таму, а и за сите што се во Македонија, стои во соопштението. Затоа, со благослов на митрополитот европски Пимен ќе отслужи и вечерна богослужба, а потоа ќе одржи предавање во црковната сала, на тема: Разумот и верата – маловерието според Евангелието.

Атина – Инвестициските планови на Владата за развој на инфраструктурата и модерни инфраструктурни системи, се очекува да ги претстави заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски за време на неговото учество на вториот „Форум за поврзување во Југоисточна Европа“ (Southeast Europe Connectivity Forum) што денеска и утре се одржува во Солун, јави дописничката на МИА од Атина.

Како што соопштија од неговиот кабинет, Николоски за време на учеството, посебен акцент ќе стави на изградба на патната мрежа и брзата пруга на Коридор 10 како предуслов за поквалитетно поврзување со пристаништето во Солун и брз транспорт на добра и услуги.

Според официјалната агенда, министерот ќе учествува на дискусија со претседателот на Грчката бизнис-асоцијација во Северна Македонија.

Атина – Бродовите и траектите во цела Грција денеска и утре ќе останат закотвени на пристаништата поради 48-часовниот штрајк на грчката поморска федерација што започна утрово, јави дописничката на МИА од Атина. 

Бродскиот сообраќај во земјата ќе биде во прекин, а главното барање на федерацијата е потпишување на нови колективни договори за работа за 2025 година, зголемени за 12 отсто.

Тирана - По апсењето на Илир Мета реагираше и лидерот на албанските евроатлантски демократи, Љуљзим Башa кој на Фејсбук напиша дека „камбаните бијат за Еди Рама, бидејќи  Бермудскиот триаголник се распаѓа" (Бериша-Мета-Рама).

Тој додава  дека „почетокот на крајот на неказнивоста го означува почетокот на крајот на транзицијата".

- Камбаните бијат за Еди Рама, страните на Бермудскиот триаголник не можат да издржат една без друга. Крајот на неказнивоста го означува почетокот на крајот на транзицијата. Албанија заслужува повеќе, напиша тој.

Тирана - Поранешниот албански претседател и лидер на Партијата на слободата, Илир Мета, во првата реакција по апсењето, од затворски притвор, порача дека е" посилен од кога и да било".

„Најискрено им благодарам на сите членови на Партијата на слободата за извонредната поддршка што ми ја дадоа досега. Исто така, од денес нашата борба започнува нова страница во соочувањето со брутално инсталираната нарко-држава без никаков компромис“, напиша на социјалните мрежи.

Убеден сум додаде тој, во победата на нашите национални и демократски каузи! На
непријателите на нашата нација и демократијата ќе им замрзне насмевката на усните.

„Моето денешно киднапирање на најнасилнички начин ја покажува паниката на диктаторскиот режим од соочување со вистините. Ве уверувам дека откако дознав за одлуката за моето апсење, се чувствувам посилно од било кога и уште повеќе  верувам во мојата целосна невиност. Се чувствувам горд што бев насилно киднапиран од антиалбанци и оние кои говорат албански само поради мојот патриотизам и заштита на националните интереси“, напиша Мета.

Брисел - Високиот претставник за надворешна политика на Европската унија, Жозеп Борел и Европската комисија денеска ги поздравија резултатите од првиот круг од претседателските избори во Молдавија, како и уставниот референдум за продолжување на патот на поранешната советска република кон членство во Европската унија.

Во соопштението на дипломатската служба на ЕУ (ЕЕАС) се наведува дека „Русија и нејзините полномошници активно се обидувале да го поткопаат демократскиот и изборниот процес во Молдавија“.

„Без оглед на тоа, ги пофалуваме молдавските власти за успешната организација на изборите и уставниот референдум“, се додава во соопштението.

Исто така, се истакнува дека двата гласачки процеси, „според прелиминарните наоди и заклучоци на меѓународната мисија за набљудување на изборите при Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР), биле добро организирани“ и дека „кандидатите имале слободни кампањи во средина оптоварена со стравови од недозволено странско мешање и активни напори за дезинформации“.

Казан  - Рускиот претседател Владимир Путин е домаќин на самитот на организацијата БРИКС кој почнува денеска во градот Казан.

Форумот, на кој ќе учествуваат 24 шефови на држави и влади, Путин го смета за дел од иницијативата за создавање нов светски поредок за ставање крај на доминацијата на САД. Средбата ќе продолжи до четврток.

Меѓу поважните гости се издвојува кинескиот претседател Си Џинпинг. Ќе присуствуваат претставници од вкупно 32 земји.

На оригиналните членки на БРИКС - Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка - неодамна им се приклучија земји како што се Обединетите Арапски Емирати, Египет, Етиопија и Иран. Статусот на Саудиска Арабија се уште е нејасен.

Киев - Тројца цивили, меѓу кои и едно дете, загинаа во текот на ноќта во руски напад со дронови врз станбена зона во украинскиот град Суми, соопшти регионалниот гувернер Ихор Калченко, пренесуваат украинските медиуми.

„Три лица, меѓу кои и едно дете, беа убиени во ноќен напад на непријателските беспилотни летала врз станбени згради“, наведе Калченко во порака на каналот Телеграм.

Гувернерот додаде дека руските сили изутринава продолжуваат да го гранатираат Суми, пренесува Укринформ.

„Утринава непријателот погоди станбена зграда и витални инфраструктурни објекти. Се утврдуваат последиците од утринскиот напад“, изјави украински функционер.

Бејрут - Во текот на ноќта и утринава израелската армија изврши повеќе од десет напади врз јужните предградија на Бејрут, обвинувајќи го Хезболах дека складирал милиони долари во бункер под една од најголемите болници во Либан.

Нападите се случија откако портпаролот на ИДФ на арапски јазик, потполковник Авичај Адре, нареди евакуација на неколку згради во јужните предградија на Бејрут, предупредувајќи ги граѓаните дека се „во близина на објекти на Хезболах, пишува „Тајмс оф Израел“.

Израелската војска вчера објави дека ќе продолжи со напади врз цели на Хезболах, фокусирајќи се на нивната финансиска инфраструктура.

Портпаролот на ИДФ, Даниел Хагари, рече дека се проценува оти бункерот под болницата Ал-Сахел содржи „неколку милијарди долари во банкноти и злато“.

Буенос Аирес - Сојузната управа за државни приходи на Аргентина ќе биде заменета со идна Агенција за наплата на долгови и царинска контрола, промена со која ќе бидат укинати 3.155 работни места, соопшти претседателството.

Ова е „суштински чекор кон елиминирање на непотребната бирократија што ја попречува економската и комерцијалната слобода на Аргентинците“, се вели во соопштението на „Х“. „Тоа ќе овозможи намалување на трошоците за 15 отсто за оваа власт“.

Откако дојде на власт, ултра-либералниот претседател Хавиер Милеј направи голем број драстични кратења во државните органи. Конкретно, тој го намали бројот на министерства од 18 на осум, го намали персоналот на други владини агенции или дури ги елиминираше.

Хавана - Потрошувачите во половина од Хавана, главниот град на Куба, денеска добија струја по четиридневниот прекин во целата земја, соопшти електростопанството на кубанската престолнина.

„Околу 50 отсто од клиентите сега имаат струја“, се наведува во извештајот на Електропривреда објавен, што го објави државниот портал за вести Cubadebate.

- Во петокот, 10 милиони жители на островот снемаа струја по падот на најголемата електрана за јаглен во Куба, што ја оштети мрежата, рече Лазаро Гуера, шеф за снабдување со електрична енергија во Министерството за енергетика.

Во саботата претпладне имаше нов дефект во снабдувањето со електрична енергија низ државата.

Мексико Сити - Најмалку шест лица загинаа откако тропскиот циклон „Оскар“ удри во источна Куба, изјави синоќа претседателот Мигел Дијаз-Канел, бидејќи поголемиот дел од островот е главно во мрак четврта ноќ по ред.

Во провинцијата Гвантанамо, цели области се поплавени, а спасувачките екипи не можеа да стигнат до погодените области, рече Дијаз-Канел. Властите соопштија дека најмалку 1.000 домови се оштетени, јави ДПА.

Колапсот на застарената електрична мрежа во земјата поради невремето резултираше со мнозинството од околу 10 милиони жители да останат без струја четврта ноќ по ред. Застарената електрична мрежа на Куба откажа во петокот наутро.

Сиетл - Пет лица се убиени во куќа во близина на Сиетл, а за убиствата е осомничено 15-годишно момче, соопштија денеска властите на американската сојузна држава Вашингтон.

Двајца возрасни и три деца се убиени, а едно девојче е рането во престрелка во округот Кинг, соопшти полицијата.

Портпаролот на Одделот на Шерифот, Мајк Мелис, на местото на настанот изјави дека осомничениот е приведен без инциденти.

Засега не е познат мотивот на злосторството, ниту дали сите инволвирани во овој трагичен настан се поврзани со семејството.

Њујорк – Доколку Северна Кореја испрати војници во Украина тоа би било „опасен и загрижувачки развој на настаните“, соопштија синоќа САД.

-Во моментов се консултираме со нашите сојузници за можните последици од таков драматичен потег, изјави заменик-амбасадорот на САД во ОН, Роберт Вуд, пред петнаесетчлениот Совет за безбедност.

Во февруари 2022 година, Русија ја нападна Украина. Украинскиот претседател Володимир Зеленски го обвини Пјонгјанг дека подготвува 10.000 војници да и помогнат на Русија, а украинскиот амбасадор во ОН пред Советот за безбедност рече дека севернокорејските војници треба да бидат подготвени за војна во Украина до 1 ноември.

Јужнокорејската разузнавачка агенција минатата недела објави дека нејзините северни соседи веќе испратиле 1.500 припадници на специјалните сили во источна Русија каде што треба да поминат низ процесите на аклиматизација и воена подготовка.

Њујорк - Иранскиот амбасадор во Обединетите нации, Амир Саид Иравани, во писмо до генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш и Советот за безбедност, напиша дека провокативните изјави на американскиот претседател Џо Бајден се длабоко вознемирувачки, бидејќи покажуваат премолчено одобрување и отворена поддршка на САД за нелегална воена агресија на израелскиот режим против Иран.

Во своите изјави, американскиот претседател откри дека има информации за тоа како и кога Израел има намера да го нападне Иран, наведува Иравани во писмото, пренесе ИРНА.

Според него, оваа запалива изјава е длабоко вознемирувачка, бидејќи укажува на премолчено одобрување и експлицитна поддршка на САД за нелегалната воена агресија на Израел против Иран.

Ваквите забелешки, исто така, се во спротивност со конзистентните тврдења на САД дека поддржуваат деескалација во регионот, се наведува во писмото на амбасадорот Иравани.

Рио де Жанеиро - Поранешниот перуански претседател Алехандро Толедо вчера беше осуден на 20 години и шест месеци затвор за примање мито во врска со корупцискиот скандал во кој е вмешан бразилскиот градежен гигант „Одебрехт“.

Судот во Лима утврди дека Толедо, кој управуваше со Перу од 2001 до 2006 година, прифатил мито од 35 милиони долари во замена за договор за изградба на делот Меѓуокеански автопат кој го поврзува Рио де Жаниеро со Лима.

Притоа 78-годишникот и нанел финансиска штета на државата, пресуди судот. Случајот, познат како афера „Одебрехт“, се смета за најголемиот корупциски скандал во Латинска Америка.

Јаунде - Деведесет и едногодишниот камерунски претседател Пол Бија првпат е виден во јавноста по месец и половина по шпекулациите за неговото здравје и дали воопшто е жив, јави Би-Би-Си.

Во понеделникот државната телевизија прикажа снимка од претседателот како пристигнува со авион на аеродромот во главниот град Јаунде на лет од Швајцарија. Тој беше пречекан од државни функционери и членови на владејачката партија.

Последен пат беше виден на 8 септември на самитот Кина-Африка во Пекинг и оттогаш владата е под голем притисок да докаже дека долгогодишниот лидер е сè уште жив.

Остани поврзан