2 јануари 2024
- Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата. АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
- Времето денеска ќе биде променливо облачно наместа со повремени врнежи од дожд. Попладне врнежите ќе престанат, а во вечерните часови и во текот на ноќта по котлините ќе има појава на магла. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 5, а максималната ќе достигне од 8 до 15 степени. Во Скопје претпладне ќе има појава на локален дожд. Во вечерните часови и во текот на ноќта ќе има појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне 9 степени. Како што информира УХМР, до крајот на работната седмица се очекува стабилизирање на времето со појава на магла по котлините со променлив интензитет. Влажен бран со врнежи претежно од дожд ќе го зафати нашето подрачје в сабота попладне и в недела.
- Во изминатото деноноќие, во Центарот за управување со кризи (ЦУК) имало вкупно 1.661 повици на единствениот број за итни случаи 112 (по зголемениот број од 2.020 до 2.145 во празничните деноноќија). Од нив, „реални“ повици биле 43,41%, а 56,59% биле за други потреби на граѓаните што не биле итни, соопшти ЦУК. Според генералната природа на настаните за коишто граѓаните се јавувале, кон Полиција биле упатени 50,83%, кон Итната медицинска помош 46,28%, а кон пожарникарите 1,24%, од реалните повици кон 112 во ЦУК. Повици за итни случаи на 112, што се за комбинирано решавање кон ЦУК, имало 1,65% од реалните. Тие повици, заедно со другите („неитни повици“) 56,59% - вкупно на број 934 повици, (за разлика од претпоследното деноноќие кога биле 1.243), биле предмет на примање и обработка во ЦУК, преку дежурните оперативци во Секторот Е-112, во содејство со Секторот за операции и координација, секако според стандардните оперативни процедури во координација со институциите во Системот за управување со кризи (СУК).
- Компанија од атрактивна технолошка дестинација од Југоисточна Азија е новата странска инвестиција со која Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ) ќе ја почне 2024 година. Како што открива директорот на Дирекцијата Јован Деспотовски во интервју за МИА, инвестицијата ќе биде објавена утре, локацијата е ТИРЗ Скопје 1, а до крајот на инвестицискиот период само за плати предвидува над 15 милиони евра годишно. Со оваа инвестиција, според Деспотовски, се отвора целосно ново поглавје во однос на типот и квалитетот на вложувањата, посебно од аспект на високи плати и ангажирање млади луѓе со високи квалификации. Компанијата има претставништва во повеќе земји низ светот и веќе вработува млади кадри од државава, но со договорот што е постигнат, бројката дваесеткратно ќе се зголеми.
– И оваа година Уставниот суд ја започна со некомплетен судиски состав поради заглавена процедура во Собранието, и без воведување „уставна жалба“ за граѓаните за полесно остварувањето на нивните права и слободи. Според претседателката на Уставен суд, Добрила Кацарска иако работеле со помал број судии, успеале да ги надминат и сопствените проекции и во годината што измина да одржат рекорден број на седници – 46, што, како вели таа, не било случај во последните 22 години. -Овој состав на Уставниот суд по сопствена иицијатива отвори пет предмети само во 2023 година, што е значително висока бројка, ако се земе предвид дека во последните 22 години имало вкупно 12 поведувања на постапки, отворени самоиницијативно, посочи Кацарска во отчетот за минатата година.
- Основците и средношколците се на зимски распуст и во училишните клупи ќе се вратат на 22 јануари за второто полугодие од 2023/2024 година. Учебната година првпат ќе заврши на 17 јуни затоа што со одлука на Владата се воведува и пролетен распуст, од 29 април до 5 мај 2024. Во календарската 2023 продолжи примената на Концепцијата за основно образование, почната во 2020-та, и се повтори проблемот со доцнење на новите учебници - годинава за трето и за шесто одделение. МОН и МВР со недели се справуваа со заканите за наводно поставени бомби во училиштата, македонските ученици покажаа потпросечни резултати на новото меѓународно ПИСА-тестирање.
– Чешкиот претседател Петр Павел го искористи своето прво новогодишно обраќање по преземањето на функцијата за да повика на воведување на еврото во Чешка. - Дојде време да почнеме да преземаме конкретни чекори кои ќе доведат до исполнување на оваа обврска, рече вчера 62-годишниот Павел и додаде дека за централноевропска земја со отворена, извозно ориентирана економија, заедничката валута е „логична иднина“. Поранешниот началник на Генералштабот на вооружените сили, Павел е на чело на оваа членка на ЕУ и НАТО со околу 10,8 милиони жители од март 2023 година.
- Најгледана евровизиска песна за 2023 година на „Јутјуб“ е „Ча ча ча“. Со неа, финскиот претставник, минатата година, го освои второто место на музичкиот натпревар што се одржа во Ливерпул. Втора најгледана песна е победничката, „Тату“ на Лорин, соопштија организаторите. Годинава домаќин на „Евровизија“ ќе биде Малме, односно Шведска. Двете полуфиналиња ќе бидат на 7 и 9 мај, а финалето на единаесетти. На најголемиот светски музички настан во живо, учеството годинава го потврдија јавните радиодифузери од 37 земји.
- Судот во Бангладеш денеска го осуди нобеловецот Мухамед Јунус на шест месеци затвор за кршење на работните закони, соопштија обвинителите, додека Јунус тврди дека е осуден за кривично дело што не го сторил, пренесуваат британските медиуми. Јунус (83) и неговата банка Грамин ја добија наградата за мир во 2006 година за нивната работа со која се извлекоа милиони луѓе од сиромаштија преку мали заеми на руралните жители на Бангладеш, што го прави пионер на глобалното движење за микрокредитирање. Премиерот Шеик Хасина, сепак, го обвини дека ја „цица крвта на сиромашните“.
- Шверцот на кокаин во Европа ќе продолжи да се зголемува во следните две години поради растечкото производство во Јужна Америка, изјави извршната директорка на Европската полициска служба (Европол), Кетрин де Бол, за ДПА. -Не можеме целосно да го спречиме бидејќи побарувачката е превисока, додаде таа. Истовремено, Европол забележува зголемен успех на истрагите во борбата против меѓународната трговија со дрога, со запленети над 300 тони кокаин само во текот на минатата година. -Европол никогаш немал толку добар увид врз шверцот со дрога како минатата година, рече Де Бол. „Тоа се однесува и на меѓународните дистрибутивни канали и на домашната продажба“, додаде таа. Поголемиот дел од кокаинот се шверцува од Јужна Америка во Европа по морски пат и влегува во ЕУ главно преку пристаништата Антверпен и Ротердам. Цариниците се почесто пронаоѓаат големи количества дрога скриени во бродски контејнери.
- Европа треба да биде силна не за да води војна, туку да гарантира мир, рече финскиот претседател Саули Ниинисто, повикувајќи ја Европа да инвестира во производството на оружје. Според него, инвестициите во производството на оружје се неопходни не само за да се обезбеди потребната помош, туку за силна Европа. -Силен, не да води војна, туку да гарантира мир, рече Ниинисто во обраќањето до нацијата. Тој додаде дека од Европејците се очекува да бидат поодговорни кога станува збор за безбедноста.
- Израел „нема да ги бојкотира“ постапките покренати од Јужна Африка пред Меѓународниот суд на правдата (МКС), изјави советник за национална безбедност на израелскиот премиер, Цочи Ханегби, пренесува израелскиот информативен сајт Унет. Израел е „долгогодишен потписник на Конвенцијата за геноцид“, изјави Ханегби за Унет. „Ќе учествуваме и ќе го отфрлиме апсурдното обвинување“, додаде тој. -Еврејскиот народ го доживеа геноцидот пожестоко од која било друга нација, изјави Ханегби, прецизирајќи дека „шест милиони луѓе брутално беа убиени“. -Очигледно се очекува од Европејците да преземат поголема одговорност. Јасното и брзо прифаќање на оваа одговорност е најдобриот одговор на сите шпекулации за влијанието на американските избори врз безбедносната соработка, рече финскиот претседател.
- Американската морнарица објави дека носачот на авиони USS Gerald R. Ford ќе се врати во САД по неколку месеци поминати во источниот Медитеран штитејќи го Израел. Носачот и придружните воени бродови ќе бидат заменети со амфибискиот јуришен брод USS Bataan и неговите придружни воени бродови USS Mesa Verde и USS Carter Hall. Тие три брода биле во Црвеното Море, а изминативе денови пловеле кон источниот Медитеран. Превозникот ќе отплови до САД во наредните денови, се вели во соопштението на Шестата флота на САД, командата на американската поморска централа со седиште во Европа, одговорна за бродовите што пловат во Средоземното Море, пренесе Бета.
- Во утринската серија руски ракетни напади врз Киев се повредени 16 лица, од кои 15 се хоспитализирани, соопшти градоначалникот Виталиј Кличко. Градоначалникот додаде дека жителите на главниот град се повредени во пожар што избил во повеќекатница во населбата Соломенски, по ракетен напад. Според Кличко, во областа Подолск биле оштетени инфраструктурен објект и гасоводна цевка, а некои делови од градот останале без струја, пренесуваат украинските медиуми.
- Издавачот и активист за демократија Џими Лаи се изјасни за невин за наводните прекршувања на контроверзниот закон за безбедност на Хонг Конг. Седумдесет и шест-годишникот се појави пред суд во областа западен Коулун. Лаи е основач на продемократскиот хонгконшки весник „Епл дејли“, кој беше принуден да се затвори откако беше цел на властите поради наводно прекршување на Законот за национална безбедност на Кина. Лаи веќе е осуден на две затворски казни и е затворен на три години. Доколку Лаи биде прогласен за виновен и во сегашното судење, може да се соочи со доживотна казна затвор. Судскиот процес, кој започна на 18 декември, се очекува да трае неколку месеци.
- Со цел да се спречи се поголемиот број на масовни престрелки низ САД, од вчера во неколку американски сојузни држави стапија на сила закони за ограничување на носењето огнено оружје на одредени јавни и приватни места. Во Калифорнија, на пример, законот потпишан од гувернерот Гевин Њусом забранува носење оружје на 26 места, вклучувајќи јавни паркови и игралишта, цркви, банки и зоолошки градини....Законот беше усвоен откако Сојузниот суд ја суспендираше забраната според која таквиот закон го прекршува правото на граѓанинот да чува и носи оружје, во согласност со Вториот амандман на Уставот на САД, пишува Гардијан.
– Обилните дождови предизвикаа поплави во делови од источна Австралија, поплавувајќи патишта, отсекувајќи градови и оштетувајќи имот, додека властите ги советуваат жителите на ниските места да се евакуираат. Во неколку региони во југоисточниот дел на Квинсленд и северниот дел на Нов Јужен Велс во последните три дена наврнала количина еднаква на најмалку два месеци врнежи. Во Спрингбрук, Квинсленд, во последните 48 часа наврнале 514 милиметри дожд, што е двојно повеќе од просекот во јануари.
– Музејот на поранешниот германски нацистички логор Аушвиц – Биркенау најостро ја осуди несоодветната „шега“ на полскиот сатиричар Јан Пиецак, објавена во медиумите блиски до претходната влада (по изборите на 15 октомври опозициски конзервативци), според кои ЕУ смета дека Полска е подготвена да прими мигранти, бидејќи за нив има подготвено стари логорски бараки во Аушвиц и други поранешни концентрациони логори. - Знам сурова шега. Тие сметаат на тоа дека Полјаците се подготвени затоа што имаме бараки за мигранти, во Ашувиќ, Мајданек, Треблинка, Штатхоф. Имаме многу бараки што ги изградија Германците и таму ќе ги задржиме оние мигранти кои нелегално ни ги шверцуваат преку Германија, рече Пјетшак на ТВ Република, која е блиска до сегашната конзервативна опозиција од партијата Право и Правда на Јарослав Качински.
- Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ го победи Чехот Јиржи Легечка во натпреварот од Јунајтед купот со резултат 6:1, 6:7 (3:7), 6:1. Во мечот што траеше 2 часа и 18 минути. Триесет и шестгодишниот Србин сервира три асови, направи две двојни грешки и освои шест брејк топки од 11 шанси. По овој натпревар резултатот во серијата Чешка - Србија е 1:1. Следниот натпревар репрезентациите ќе го одиграат во мешани двојки.
– Фудбалерот на ПСЖ, Килијан Мбапе веќе си резервирал куќа во Мадрид, пренесува „El Chiringuito“. Ова укажува дека 25-годишниот Французин се подготвува да се пресели во Реал Мадрид. Во шпанските медиуми се пишува за директен контакт на Мбапе со претседателот на мадридскиот клуб Флорентино Перез. Во текот на вчерашниот ден беше објавено дека Реал Мадрид доставил официјална понуда до францускиот фудбалер и поставил краен рок за донесување одлука - средината на јануари. Договорот на Мбапе со ПСЖ е до летото 2024 година. Сезонава одигра 22 натпревара за парижаните во сите натпреварувања, постигна 21 гол и две асистенции.
Порталот „Transfermarkt“ ја проценува вредноста на фудбалерот на 180 милиони евра.