• четврток, 04 јули 2024
МИА Радио флеш

11 јуни 2024

- Деловните субјекти кои се занимаваат со градежна дејност минатата година потрошиле градежни материјали и енергија во вредност од 11 859 712 000 денари, што е за 6,6 проценти повеќе во однос на претходната година, објави Државниот завод за статистика. 

Во вкупната вредност на потрошените градежни материјали и енергија најголемо учество има групата Материјали за врзување со 5 065 871 000 денари (42,7 проценти), потоа следат групите Потрошено гориво со 1 765 874 000 денари (14,9 проценти) и Материјали за армирање и прицврстување со 1 350 812 000 денари (11,4  проценти) итн..

- Девет пожари на отворено се регистрирани во последното деноноќие и сите се изгаснати, соопшти утрово Центарот за управување со кризи.

Пожарникарите интервенирале за гаснење во општините: Ѓорче Петров, Сарај и Гази Баба (заради запалено ѓубре); Радовиш кај нас.Дамјан, Штип, кај „Авто Чајка“ и во Желино, кај с.Чифлик (заради запалена ниска вегетација); Тетово кај с.Фалише (депонија) Опш. Маврово и Ростуше с.Галичник (трансформатор на отворено и грмушки) и во Општина Демир Хисар во изминатото деноноќие имале една помала интервенција.

- Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, денеска и утре во Берлин, Сојузна Република Германија, ќе учествува на Конференцијата за обнова на Украина, соопшти претседателскиот Кабинет.

На конференцијата, чии домаќини се германскиот канцелар Олаф Шолц и украинскиот претседател Володимир Зеленски, е предвидено учество на шефови на држави и влади, претставници на меѓународни организации, на бизнис и граѓанскиот сектор.

Предвидено е претседателката Сиљановска Давкова да има свое обраќање на настанот.

- Новата влада на ВМРО-ДПМНЕ со коалицијата Вреди и ЗНАМ  се очекува да биде формирана на 19 или 20 јуни, најави Изет Меџити од Вреди, објавувајќи дел од имињата на идните функционери од оваа коалиција. Покрај за поделбата на ресорите во новата влада и имињата на министрите, во фокус на јавноста останува двотретинското мнозинство што за измените на Законот за организација на државната управа коалициските партнери во владата во најава го обезбедија со поддршка од пратеници од Европскиот фронт.

Изет Меџити вчера во изјава потврди дека тој ќе биде прв вицепремиер и министер за екологија, а градоначалникот на Општина Гостивар и лидер на Алијанса за Албанците Арбен Таравари министер за здравство.

- Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ што се одржува по 58-пат во Прилеп е на средината со својата богата програма. И денеска се најавуваат бројни настани, а довечер на програмата се уште три претстави, од кои две во официјалната конкуренција.

Од 10 часот на платото пред Градскиот саат е вообичаената „Детска зона“, во 11 часот во фоајето од Центарот за култура „Марко Цепенков“ ќе биде промовирана театарска и театролошка литература, а напладне се разговорите на тркалезната маса за синоќешните претстави: за претставата на Битолски театар „На дното“ и за „Домот на куклата“ на Турски театар од Скопје.

- Нискобуџетната компанија ИзиЏет (easyJet) планира да ги прекине операциите меѓу Женева и Скопје од почетокот на зимската сезона 2024/25, со што ќе заврши тригодишната континуирана услуга на македонскиот главен град, пишува „Екс ЈУ авиејшн“.

Авиокомпанијата, како што стои во објавата, го закажала својот последен лет меѓу двата града за 1 ноември, а продажбата на билетите е прекината.

- Законските измени со кои се олеснува постапката на транформација на друштвата со ограничена одговорност во акционерски друштва, постапката за првично издавање на хартии од вредност и воведувањето на нов т.н. Растечки пазар (Growth Market) се претставени на работилница во Македонска берза, со учество на финансиски консултанти кои се дел од Платформата за пристап до финансии 3.0 на Активноста на УСАИД Партнерства за економски раст.

Канцеларијата на УСАИД денеска соопшти дека оваа иницијатива има за цел, во соработка со консултантите, да ги запознае компаниите, главно мали и средни претпријатија подетално со процесот на првично издавање на хартии од вредност и да ги поттикне и охрабри компаниите кои имаат потенцијал да се трансформираат во акционерски друштва.

- Седмо издание на Македонскиот енергетски форум (МЕФ) ќе се одржи денеска во Скопје, во организација на Делегацијата на Европската унија во државава и ЗИП Институтот, во партнерство со Фондации Отворено општество – Западен Балкан. 

На отворањето на форумот се најавени обраќања на мандатарот за состав на нова влада Христијан Мицкоски, евроамбасадорот Дејвид Гир, извршниот директор на ЗИП институт Агим Селами и директорот на Фондацијата Отворено општество - Западен Балкан • Анди Добруши. 

-  Поранешниот специјален претставник на генералниот секретар на ОН во Косово и поранешен шеф на УНМИК Бернар Кушнер денеска и утре ќе го посети Косово, соопшти синоќа француската амбасада во Приштина.

Кушнер ќе има средби со претседателката Вјоса Османи и премиерот Албин Курти.

На 12 јуни на свечена седница ќе се обрати и во Собранието на Косово. Најавена е и неговата посета на Грачаница и средба со епископот Рашко-Призренски Теодосије. Кушнер беше на чело на УНМИК од 1999 до 2001 година. Тој е поранешен министер за надворешни работи на Франција.

- Украинската војска објави назначување на командант на силите на беспилотните системи, нагласувајќи ја важноста на беспилотните летала во војувањето, како што претседателот Володимир Зеленски и другите лидери постојано нагласуваат за време на 27-месечната војна против Русија.

Во соопштението од ГШ на вооружените сили се вели дека по наредба на министерот за одбрана Рустем Умеров на функцијата е именуван Вадим Сухаревски, заменик командант на вооружените сили.

-  Украинскиот претседател Володимир Зеленски пристигна во Германија на конференција посветена на повоената обнова на Украина и на разговори со канцеларот Олаф Шолц.

На Телеграм, Зеленски објави дека мерките поврзани со енергетскиот сектор на Украина, уништен од руските воздушни напади, ќе бидат приоритет на конференцијата, што се свикува секоја година.

- Европската унија, поради влошената хуманитарна ситуација во Авганистан, ќе и обезбеди на земјата уште милиони евра помош, јави ДПА.

Околу 125 милиони евра ќе бидат доделени на хуманитарните организации во Авганистан за да се спречи ризикот од глад, објави ЕК.

Помошта првенствено ќе се користи за обезбедување храна, засолништа, здравствена заштита и пристап до вода и санитарни услови.

- Руски бомбардер СУ-34 се урна на Кавказ за време на рутински тренинг лет, најверојатно поради технички дефект, при што загина екипажот, објавија руските власти.
„Во Северна Осетија-Аланија, во планинска област, авион СУ-34 на руските сили се урна за време на планираниот тренинг лет“, соопшти руското Министерство за одбрана.

„Авионот се урна во напуштена област. Загина екипажот, се додава во соопштението.

- Советот за безбедност на ОН усвои американска резолуција што го поддржува последниот предлог на Израел за прекин на огнот и ослободување на заложниците, и го повикува палестинскиот Хамас да ја прифати понудата.

Вкупно 14 членки на Советот за безбедност на ОН гласаа за резолуцијата, ниту една против, додека Русија беше воздржана.

 

Остани поврзан