• четврток, 25 април 2024
МИА Радиофлеш

1 јуни 2023 

 - Во Собранието денеска седници ќе одржат комисиите за европски прашања, за прашања на изборите и именувањата, за еднакви можности на жените и мажите, за политички систем и односи меѓу заедниците, за надзор на спроведување на мерките за следење на комуникациите, а работна средба ќе одржи и Комитетот за односи меѓу заедниците. 

На Комисијата за европски прашања треба да продолжи расправата за Предлог на законот за академија за судии и јавни обвинители, по скратена постапка. 

На Комисијата за прашања на изборите и именувањата ќе продолжи дебата за изборот на членови на Советот за јавни обвинители.

- Од денеска престанува да важи владината одлука со која беа замрзнати цените на некои земјоделски производи, белиот и полубелиот леб, брашното, маслото за јадење, јајцата, оризот, тестенините, млекото и млечните производи. Се „одмрзнуваат“ и цените на пелените, тоалетната хартија, влажните марамчиња и хигиенските влошки.

Надлежните уверуваат дека поскапувања на овие производи нема да има, а доколку тоа се случи, веднаш ќе бидат преземени соодветни мерки. Ситуацијата се следи на дневна основа и оценката е дека засега нема простор за големи ценовни осцилации.

- Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски придружуван од заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи, денеска ќе учествува на вториот состанок на Европската политичка заедница во Кишињев, Молдавија.

На самитот на Европската политичка заедница ќе учествуваат 47 лидери, меѓу кои лидерите на 27 земји членки на ЕУ, како и земјите од Западен Балкан, Ерменија, Азербејџан, Грузија, Исланд, Лихтенштајн, Молдавија, Норвешка, Швајцарија, Турција, Украина, Велика Британија, Европската комисија, Европскиот совет, Европскиот парламент и други.

- Собранието денеска треба да одржи продолженија на три пленарни седници и тоа на 95-та, на 111-та и на 115-та.

Од дневниот ред на 95-та седница неразгледани се останати повеќе точки. Меѓу нив се ратификациите на договорот меѓу Европската унија и Република Северна Македонија за учеството на Република Северна Македонија во „Царините“ Програма на Унијата за соработка во областа на царините, на Протоколот за изменување и дополнување на Договорот помеѓу Страните на Конвенцијата за полициска соработка во Југоисточна Европа за автоматизирана размена на ДНК податоци, дактилоскопски податоци и податоци за регистрација на возила, на Договорот за соработка во областа на механизмите за обезбеденост со храна во Западен Балкан, како и на Референтниот документ за домашна регулатива во услугите со Листа за измена на Листа на специфични обврски во услугите и на Конвенцијата за елиминирање на насилството и вознемирувањето на полето на трудот, 2019 (C 190). 

- Првиот потпретседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби денеска, на патарината Тетово - Гостивар, ќе присуствува на почетокот на работите за изградба на Коридорот 8.

Груби ќе биде придружуван од министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми.

- Трошоците за живот во Северна Македонија се за повеќе од половина пониски од Германија, покажуваат податоците на германскиот завод за статистика. Поевтино од Македонија е само во Турција.

Северна Македонија е меѓу најевтините земји во Европа и е рекордер по ниски цени во многу категории, покажуваат податоците на германскиот завод за статистика Дестатис. Германските статистичари ги анализирале цените на голем број производи и услуги во различни категории во 40 европски држави. Заклучно со март годинава, Северна Македонија е делумно поскапа само од Турција, а поевтина од сите други земји на европскиот континент.

- Американскиот претседател Џозеф Бајден одобри нов пакет воена помош за Украина од 300 милиони долари, кој вклучува дополнителна муниција за дронови и друго оружје, соопштија синоќа американските власти.

Новиот пакет вклучува муниција за украинската одбрана од руски напади врз Киев од воздух: за ракетни батерии Патриот, за ракетни системи со висока подвижност (Химарс), како и за противвоздушни одбранбени системи Авенџер и Стингер.

-Министрите за надворешни работи на НАТО денеска на вториот ден од состанокот во Осло ќе разговараат за новите трошоци за одбрана и за идните односи на алијансата со Украина.

- Секој нов руски дрон и ракетен напад само ќе нè натера да ги поддржиме Украинците уште повеќе во нивната самоодбрана, изјави германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок пред разговорите.

Како што пренесе ДПА, собирот е уште еден дипломатски чекор пред самитот на лидерите на НАТО во Вилнус закажан за 11 и 12 јули, кој има за цел да поттикне договор за тоа како да се зајакнат врските со аспирантот за членка Украина.

- Поранешниот американски потпретседател Мајк Пенс следната недела официјално ќе влезе во трката за републиканска претседателска номинација, соопштија неименувани извори запознаени со неговите планови.

Пенс ќе ја започне кампањата за републиканската номинација на 7 јуни во Де Мојн, Ајова, на неговиот 64-ти роденден.

Негови главни ривали ќе бидат неговиот поранешен шеф Доналд Трамп, американски претседател од 2017 до 2021 година, и гувернерот на Флорида, Рон Десантис, кој минатата недела најави дека ќе се бори да стане републикански претседателски кандидат.

- Амбасадата на САД во БиХ ја поздрави денешната пресуда на Меѓународниот механизам за кривични судови во случајот против Јовица Станишиќ и Франко Симатовиќ-Френки, поранешни лидери на Службата за државна безбедност на Србија.

Од Амбасадата истакнаа дека таа пресуда е важен чекор кон утврдување на одговорноста на секој поединец.

- Ова е клучен чекор кон одговарање на поединците одговорни за огромното страдање на народот на Босна и Херцеговина. Се надеваме дека тоа може да обезбеди чувство на правда и мир на жртвите и нивните семејства, се наведува во соопштението од Амбасадата на САД во Сараево.

-  На борците од руската република Чеченија под команда на Рамзан Кадиров најверојатно им било наредено да преземат водечка улога во борбите во Украина во деновите кога гувернерот на руската област Белгород најави евакуација на децата поради прекуграничните напади од Украина, јави Ал Џезира.

Институтот за проучување на војната (ИСВ) со седиште во Вашингтон во својот последен извештај објавен денеска вели дека руските воени команданти најверојатно им наредиле на Чеченците да се приклучат на битката по повлекувањето на платеничките сили на Вагнер од разурнатиот Бахмут.

- Три лица загинаа, меѓу кои и едно дете, во руски напади врз украинскиот главен град Киев во текот на ноќта. Повредени се шест лица.

Нападот почнал во 3 часот по полноќ по локално време.

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко на Телеграм напиша дека трите жртви и четворица од повредените биле пронајдени од страна на тимовите за пребарување и спасување во областа Десњански во градот.

-  Лидерите на 47 европски земји денеска ќе се соберат во Кишињев на вториот самит на Европската политичка заедница.

Трите главни теми за кои ќе се разговара на самитот се безбедноста, енергијата и поврзаноста, а фактот што во главниот град на Молдавија ќе се соберат 47 европски земји, според француското претседателство, е силна политичка порака до Москва.

- Соединетите Американски Држави и Јапонија работат на модернизирање на нивниот воен сојуз наспроти заканите од Кина, Северна Кореја и Русија, изјави во Токио американскиот министер за одбрана Лојд Остин.

Високиот американски функционер е во посета на Токио каде што ќе одржи кратки билатерални разговори пред да се упати на самитот за безбедност во Сингапур.

Остани поврзан