• петок, 22 ноември 2024
МИА Радиофлеш

5 февруари 2024 

 - Претседателот на техничката Влада Талат Џафери денеска ќе има заедничка средба со шефот на Дегацијата на Европската Унија Дејвид Гир и со амбасадорите на земјите членки на ЕУ во Република Северна Македонија.

Средбата ќе се одржи во Свечената сала на Владата. Во известувањето до медиумите од владината прес-служба се наведува дека не се предвидени новинарски прашања, туку само можност за кратки видео инсерти и фото.

- Министерот за надворешни работи во техничката Влада, Бујар Османи денеска ќе престојува во работна посета на Италија, каде што ќе учествува на средбата на шефовите на дипломатиите на земјите од Западен Балкан и министрите за надворешни работи на државите од Групата „Пријатели на Западен Балкан”, на покана на министерот за надворешни работи на Италија, Антонио Тајани.

На состанокот, Османи ќе се обрати на работната сесија на тема „Заедничка работа за забрзување на евро-интегративниот процес за Западен Балкан".

-Над половина од Македонците не можат да си дозволат годишен одмор, покажува анализата на статистичкиот портал „Ландгеист“, базирана на податоци на Евростат.

Еднонеделен годишен одмор надвор од местото на живеење не можат да си дозволат 55 проценти од жителите на земјава. Полошо од нас во Европа стојат Албанија каде што 58,3% од граѓаните не можат да одат на одмор, Турција (60,8%), Романија (62,5%), Црна Гора (67,2%) и Косово (69,5%).

Во Грција процентот на луѓе кои не можат да си дозволат годишен одмор е 48,8, во Бугарија 43,8, во Србија 43,6, Хрватска 41,7, а во Словенија 16,7.

Одмор подолг од една недела во текот на годината најмногу можат да си дозволат жителите на Луксембург каде што таква можност немаат само 7,6 отсто, во Норвешка (7,9%), Швајцарија (8,4%) и во Исланд (8,6%).

- Во Парламентот денеска ќе се одржи консултативна средба на собраниската Комисија за еднакви можности на жените и мажите. 

Како што информира собраниската прес-служба, средбата има за цел основање и промовирање на Интерпартиското тело кое ќе се ангажира и заложува кон унапредување на статусот на еднородителските семејства, самохрани родители, девојки и жени од маргинализираните групи во Собранието на Северна Македонија. 

- Вработените во подрачните единици на Фондот за здравствено осигурување од денеска ќе стапат во штрајк. Ќе се извршуваат само неопходните работни задачи како пријава на малолетно лице како член во осигурување, регулирање на осигурување за хоспитализирано лице и лекување во странство за итни случаи.

Како што информираат од Синдикалната организација на Синдикатот на УПОЗ при Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), за прием на документи ќе има само по еден вработен во подрачните единици.

- Студентите денеска ќе протестираат пред Министерството за образование и наука поради, како што велат, неправдите врз нив и против неефикасното работење на ресорното министерство.

Преку протест студентите ќе искажат револт од ненавремената исплата на продолжените студентски стипендии, од задоцнетите исплати на ваучерите за превоз, од доцнењата со исплатите по склучувањето на спогодбите за ретроактивна исплата на стипендиите и проблемите со мерката субвенциониран студентски оброк. 

Според нив, има потреба од поголема ефикасност на институцијата во која, како што велат, има непочитување на зададени рокови и нема координираност меѓу одделенијата.

- Турција одобри испорака на борбени беспилотни летала на Египет, а се очекува турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган набрзо да го посети Каиро.

- Процесот на нормализација (на односите) е завршен во голема мера. Односите (помеѓу двете земји) се важни за безбедноста и трговијата во регионот, се договоривме да им обезбедиме беспилотни летала. Мора да имаме сериозни односи со Египет поради безбедноста во Медитеранот, изјави шефот на турската дипломатија Хакан Фидан.

Турските медиуми објавија дека Ердоган ќе го посети Каиро на 14 февруари и ќе се сретне со неговиот египетски колега Абдел Фатах ел Сиси, кого претходно го опиша како „пучист“.

- Пред Апелациониот суд во Белград денеска ќе се одржи протест поради ослободувањето на обвинетите за убиството на новинарот и уредник Славко Ќурувија.

-Дваесет и пет години по убиството нарачано и организирано од државата и девет години од почетокот на судењето, убиството на Славко Ќурувија останува неказнето кривично дело, а граѓаните на Србија остануваат без правда. Ни го одземаа здивот. Останaвме без зборови. Веќе нема такви зборови што можеме да ги упатиме до судството кое се предаде на сила, се наведува во соопштението кое вчера го испратија медиумските здруженија и синдикатите. 

- Хеликоптер Ми-8 на руското Министерство за вонредни ситуации се урна кај езерото Онега во северна Карелија со тројца членови на екипажот, соопшти денеска Министерството, додавајќи дека во тек е подводна потрага.

„Хеликоптерот беше на тренажен лет“, објави Министерството на апликацијата за пораки Телеграм. „Хеликоптерот беше управуван од искусен екипаж со илјадници часови лет“, се додава во соопштението.

Комуникацијата со хеликоптерот била изгубена додека бил над езерото Онега. Министерството соопшти дека во потрагата се вклучени нуркачи и подводно возило на далечински управувач. Тие не објавија никакви информации за статусот на членовите на екипажот.

На местото каде што се урнал хеликоптерот во тек е увид.

- Oтприлика секој петти вработен на возраст над 55 години смета дека е дискриминиран поради неговата возраст, покажува британско истржажување.

Истражувањето на две илјади возрасни лица од финансиската компанија „Канада Лајф“ (Canada Life) открило поплаки кои вклучуваат помалку можности за напредување на работното место и чувство на поголем притисок да ја завршат својата работа добро.

Постарите луѓе исто така веруваат дека има негативна промена во ставовите кон нив во последниве години, при што работодавците помалку ги ценат, се вели во извештајот.

Ден Крук, директор за продажба во „Канада Лајф“ изјави дека „постарите работници се во срцето на нашата економија и се исклучително вреден ресурс за илјадници работодавци“.

- Поддршката на ЕУ за Украина, резултатите од минатонеделниот специјален Самит на Унијата, руското мешање и протестите на земјоделците се главни теми на овонеделното заседание на Европскиот парламент во Стразбур. 

Пленарната сесија ќе започне денеска со расправа за новите правила за инстант плаќања во евра, со кои треба да се обезбеди дека префрлените средства ќе пристигнат веднаш на банкарските сметки на клиентите и бизнисите низ ЕУ. Гласањето по предлогот е превидено за в среда. 

Европратениците утре претпладне ќе дебатираат со претседателите на Советот на ЕУ и на Европскиот парламент, Шарл Мишел и Урсула фон дер Лајен за резултатите од последните Самити на Унијата, пред се од минатонеделното специјално заседание на кое беше усогласена ревизијата на Повеќегодишната буџетска рамка на блокот за периодот 2021-2027 година, во чии рамки беше одобрена и финансиската поддршка за Украина. 

- Две лица се уапсени во Аделаида откако полицијата пронашла 139 килограми кокаин скриени во луксузни автобуси, јави ДПА, повикувајќи се на соопштение на австралиската федерална полиција.

Дрогата била откриена кон крајот на минатиот месец во четири луксузни автобуси, дел од меѓународна пратка до Аделаида. Двајца мажи, на возраст од 22 и 19 години, упаднале во автобусите откако пристигнале во Аделаида и го зеле пакетот.

Уличната вредност на дрогата се проценува на 45 милиони австралиски долари (29,2 милиони американски долари), соопшти полицијата.

- Американската армија синоќа изврши нов напад врз Хутите во Јемен, соопшти Централната команда на САД (ЦЕНТКОМ).

ЦЕНТКОМ соопшти дека американските сили целеле и погодиле противбродски балистички ракети, вклучително и четири противбродски ракети кои „биле подготвени да гаѓаат бродови во Црвеното Море“.

Последната акција доаѓа еден ден по заедничките американско-британски напади врз цели на Хутите. Тоа е реакција на континуираните напади на Хутите поддржани од Иран врз воени и трговски бродови во Црвено Море.

- Десет полицајци се убиени претходната ноќ во напад на полициска станица во северозападниот дел на Пакистан, соопштија локалните власти. Нападот се случи неколку дена пред парламентарните и локалните избори закажани за четврток.

„Повеќе од 30 терористи извршија напад од три правци. Размената на оган траеше повеќе од два и пол часа“, соопшти локалната полиција. Станува збор за полициската станица Чаудван во областа Дера Исмаил Кан, убиени се десет полицајци, а четворица се ранети, додаде полицијата.

Напаѓачите накратко ја презеле контролата врз полициската станица за време на нападот, кој започнал околу 01:30 часот по локално време.

Северозападниот дел на Пакистан долго време е цел на напади на исламистички групи. Пакистанските талибанци Техрик-е-талибан Пакистан (ТТП) и регионалниот огранок на џихадистичката терористичка група „Исламска држава“ особено се насочени кон тамошните безбедносни сили.

Остани поврзан