• сабота, 22 февруари 2025
МИА Општнски пул

Скопје - Генералното чистење на територијата на општина Кисела Вода продолжува со силна динамика. Откако минатата недела започнаа интензивни активности за чистење на улиците, тротоарите и јавните површини, досега се опфатени повеќе населби и населени места, а до крајот на акцијата ќе бидат опфатени сите 15 месни и урбани заедници во општината. Денеска се чисти во 11 Октомври бараки и на трим патеката, која претставува важен простор за рекреација и е омилено место на граѓаните кои редовно ја користат за спорт и прошетки.

Ангажираните екипи темелно ги чистат улиците, тротоарите и јавните површини, користејќи ги и новите метларки, кои неодамна беа набавени како одговор на барањата на граѓаните за почиста животна средина. Освен рачно и машинско метење, се перат и плочниците во парковите, се кастрат суви гранки и се отстранува насобраниот комунален отпад. За жал, екипите мора да интервенираат и на несоодветно оставениот шут и кабаст отпад, кој не смеел да заврши на јавните површини.

-Хигиената во урбаните средини е основа за квалитетен живот. Грижата за чиста и здрава околина е заедничка одговорност, а ние како локална самоуправа правиме сè што е во наша моќ за да одржуваме чиста општина. Денес се работи на трим патеката, како едно од најфреквентните места за рекреација, и на која вложуваме посебно внимание на хигиената бидејќи голем број на граѓани  ја користат секојдневно. Покрај оваа акција за генерално чистење, сакам да најавам дека од овој викенд започнуваме и нова акција за подигнување на кабаст отпад, која за првпат ќе се спроведува на тримесечно ниво. Деталите за оваа акција ќе бидат објавени утре-изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Прилеп - Осуммина вработени во прилепскиот царински терминал излегоа на протест барајќи си ги платите за шест месеци. Ова е нивни втор протест за три месеци. Состојбите, велат не се промениле.

-Седум месеци да се живее без личен доход е многу тешко. Одработени, а без здравство, а сите сме со преку 50 години. Ни требаат редовни терапии. Ова е неиздржливо, вели Валентина Сотироска, вработена во Терминалот.

- Осум мина сме вработени што значи дека Терминалот довол „вади“ средства за осумте вработени. ЈКП „Комуналец“ е наш основач. А должностите и обврските на основачот се јасни: добивката ја зема основачот, загубата, исто, ја плаќа, основачот, вели Зоран Стефаноски, вработен во Терминалот.

Вработените ја имаат поддршката од синдикалната организација

-Шест плати не се исплатени. Вчера добивме една плата за седми месец 2024 година. Барањата на вработените се да се исплатат, барем, четири плати за да се дојде до здравствено осигурување. Апелираме до надлежните институции да се реши овој проблем, зашто се одолговолекува,  изјави Пеце Игески од синдикалната организација.

Тетово - Општина Тетово почна инвестициски циклус за опремување на сите средни училишта со спортска опрема. Општинското средно училиште Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ во Тетово е првото училиште каде пристигна новата спортска опрема. Опремувањето го промовираше градоначалникот Биљал Касами, кој изврши симболично предавање топките и другите реквизиви.

- Денес денеска сме тука во гимназијата „Кирил Пејчиновиќ за да промовираме една важна инвестиција во делот за снабдување на средните училишта, однос на спортските сали во рамките на средните училишта со спортски реквизити. Ова е за прв пат после одредено долго време, односно можеби е од почетокот на изградбата на овие спортски сали, рече Касами.

Тој нагласи дека со ова вложување општината сака да покаже дека продолжува со инвестирање во спортот, младите и образованието. 

-Ова е во функција на овие спортски сали затоа што се реквизити кои се потребни за да децата спортуваат во рамките на училиштето, но исто така и за младите кои ги користат овие спортски сали за спортски активности, рече Касами.

Крива Паланка - Во Крива Паланка почнаа градежните работи за реконструкција на улицата „Пиринска", спој од главната улица „Св.Јоаким Осоговски" со населбата Единство.

Градончалникот на Општина Крива Паланка,Сашко Митовски, денеска изврши увид во градежните активности за реализација на проектот со кој се реализира втора фаза за реконструкција на улица „Пиринска“ - пристапен пат до поранешен Ловечки дом.

- За жителите на населбата Единство овозможуваме подобри услови преку подобрување на патната инфраструктура. Вложуваме 1.800.000 денари, финасиски средства од буџетот на Општина Крива Паланка, Програма за поддршка на имплементација на декада на Ромите и Министерство за транспорт и врски. Како и во изминатиот период, и во претстојниот продолжуваме со силната динамика на реализација на градежни работи во општината, рече Митовски.

Со реализација на овој проект, улицата „Пиринска“’ целосно ќе биде реконструирана, ќе добие нов лик и подобра функционалност, со што се решава долгогодишен проблем на граѓаните од овој дел на Крива Паланка, во најголем дел од ромска националност.

Куманово - Кумановската полиција и криминалистичката полиција од СВР Скопје уапсија педесет и деветгодишен жител на Бугарија кој е осомничен дека во соработка со други лица извршил измами за наводни сообраќајни несреќи над повеќе лица, соопшти денеска полицијата.

- Вчера во 15:40 часот во Куманово, полициски службеници од СВР Куманово, во содејство со Оддел за криминалистичка полиција и СВР Скопје го лишиле од слобода П.М.(59) од Република Бугарија. Тој се сомничи дека на територија на Куманово во соработка со повеќе лица извршил измами со наводни сообраќајни незгоди над повеќе лица. П.М. бил приведен во полициска станица и по целосното документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава, информираше полицијата.

Од МВР постојано апелираат за претпазливост. Случаите со наводни сообраќајни несреќи се случуваат во одредени периоди. Претходниот период во СВР Куманово беа пријавени четири случаи на измами, а изминатата година два.

-Секторот за внатрешни работи Куманово апелира до граѓаните да бидат внимателни кога непознати лица им се јавуваат, да не наседнуваат на измами во кои лажно се нудат услуги и сите сомнителни случаи да ги пријават, апелираа од кумановската полиција.

Штип - Општина Штип и бугарската Општина Гоце Делчев со европски пари ќе градат зелена инфраструктура. На денешната заедничка прес-конференција градоначалниците на Штип и Гоце Делчев, Иван Јорданов и Владимир Москов, Стефан Вангелски државен советник во Министерството за локална самоуправа и директорот на Центарот за развој на Источно планскиот регион (ИПР), Трајче Здравков беше истакнато дека двете општини ќе добијат нови паркови и зелени површини, како дел од проектот за позелен пограничен регион.

Директорот на Центарот за развој на ИПР, Здравков истакна дека со ова се предвидува двете општини да добијат поголеми зелени површини со што ќе се зачува чиста и животната средина. Проектот предвидува и изработка на Стратегија, како и едукација на населението.  

-Во проектот е предвидено да се реализираат активности кои ќе резултираат со изградба на паркови во општините Штип и Гоце Делчев. Ние имаме обврска да изработиме Стратегија за зелена инфраструктура, вели Здравков.

Градоначалникот на Општина Штип, Јорданов додаде дека предвидено е нов парк во населбата Осми Ноември, но и парк кај бањата Кежовица, како и во близина на зградата на Противпожарната единица.  Дополнително општината ќе учествува со сопствени средства во низа проекти, со што Штип годинава ќе добие зелена трансформација.

Дебар – Прибраните средства од предновогодишното хуманитарно празнично дружење, организирано од здружението „Рајчица“, со поддршка на Општина Дебар, донирани се на Дневниот центар за лица со посебни потреби во Дебар, со набавка на најнеопходниот инвентар.

- Наша заедничка желба беше прибраните средства да ги донираме на Центарот. На средбата со одговорните лица ни беше пренесено дека најпотребно во моментот е обезбедување на инвентар, поконкретно трпезариски маси. Со останатите членови на Здружението се потрудивме да ги набавиме и да ги предадеме на Центарот. Неопислива е доживеаната радост, од подарената можност преку која можете некому да му го олеснете секојдневието, изјави за МИА сестра Ефимија.

Со сигурност можеме да кажеме, додава, дека нашата соработка со Центарот за лица со посебни потреби, со Општина Дебар, со просветните, културните и социјалните работници од Дебар и дебарско ќе продолжи и во иднина.

Струга - Опожарени се трски пред хотел и пред угостителски објект на брегот на Охридското Езеро кај Струга и уништен е скапоцен био-диверзитет на површина од 250 метри квадратни во два одвоени случаи изминатиот викенд.

Палењето трски долж струшката ривиера, на потегот од Струга до Калишта се случува секоја година во периодот февруари - март, односно на крајот од зимата и почетокот на пролетта.

Во полицискиот билтен евидентирани се пожари на трска на 7 и 8 февруари, во поладневните часови, односно во 16 часот и 10 минути и во 14 часот и 40 минути. Во двата случаи интервенирала Територијалната противпожарна единица од Струга и нема поврдени лица. Полицијата извршила увид и се работи на расчистување на случаите.

- На 7 февруари на регионалниот пат Струга-Калишта во непосредна близина на ресторант на брегот на Охридското Езеро кај Струга пријавен е пожар на трска на површина од околу 200 метри квадратни приватна сопственост. Следниот ден, повторно е пријавен пожар на трска пред хотел на брегот на езерото кај Струга. Констатирано е дека покрај крајбрежјето на Охридското Езеро пред хотелот опожарена е трска, заштитена со закон на површина од 50 метри квадратни, изјави портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски.

Граѓанскиот активист Никола Кукунеш забележува дека штетата која во последниве десет години е направена е непроценлива, а последиците, се плаши, дека можат да бидат трајни.

Скопје - По цели 40 години, извршена е темелна реконструкција на главната кујна на детската градинка „Срничка“ што се наоѓа во објектот „Чекорче“ во Општина Аеродром.

В.д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески и заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, денеска беа во посета на градинката и извршија увид во обновениот простор.

Станува збор за многу значаен проект, затоа што во кујната секојдневно се подготвува храна за сите шест клонови што припаѓаат на градинката „Срничка“ во која се згрижени речиси половина од дечињата во Аеродром.

Реконструкцијата, опфати промена на плочките, рушење на одредени ѕидови, промена на водоводната мрежа и целосна замена на електричната инсталација, како и други градежни активности финансирани од Општина Аеродром, а со средства од Светската банка, кујната е опремена со целосно нова и современа апаратура, како и друга потребна опрема. Вкупната сума за обновувањето на кујната е во висина од 6,5 милиони денари.

Остани поврзан