• петок, 26 јули 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

21 мај 2024 

Тетово - Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита на РМ дава целосна и безрезервна поддршка на синдикалната организација при ЈЗУ Специјализирана болница за белодробни заболувања и туберкулоза во Лешок во нивните барања да се преиспита идејата или одлуката за припојување кон ЈЗУ Клиничка болница Тетово.

-Станува збор за специјализирана установа која постои како посебен правен субјект повеќе од 46 години. Доколку има некаков проблем бараме да биле решен и надминат во рамки на оваа јавна здравствена установа без оглед дали станува збор за некакви персонални решенија, недостиг на одредени профили на вработени и слично.  Од овие причини како Гранков синдикат ги поддржуваме барањата на синдикалната организација со надеж и верување дека нема да дојде во прашање каква било статусна промена на оваа специјализирана здравствена установа која сосема самостојно со години успешно функционира во рамки на македонскиот здравствен систем, соопшти денеска Синдикатот.

Вработените од Специјализирана болница за белодробни заболувања и туберкулоза-Лешок минатата недела изразија јавно несогласување со ставот на министерот за здравство Илир Демири во Тетово дека нивната установа треба да се спои кон Клиничка болница Тетово. Тие сметаат дека решението не е во спојување како правен субјект, туку вработување на специјалисти.

Дебар – Дебарското одделение за внатрешни работи поднесе кривична пријава против жител на село Отишани, поради агресивно однесување кон неговата поранешна девојка.

- Кривична пријава понесена е против С.М.(25) од дебарското село Отишани поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“. На втори мај кај месноста „Манастирец“, попознато како „Три чешми“  тој агресивно се однесувал кон неговата поранешна девојка и ѝ упатил закани, информираше Стефан Димоски, портпарол на Секторот за внатрешни работи-Охрид.

Агресивните однесувања и физички напади зачестија на ова подрачје. Така,  полициските службеници вчера ги лишиле од слобода А.Л.(27), Е.К.(29) А.Л.(22), сите од Дебар, поради сомнение дека претходно физички го нападнале М.Д.(24) од Дебар и со остар предмет му нанеле повреди.

Во полициската статистика не изостануваат и случаите од семејно насилство. Деновиве лишен од слобода бил М.П.(38) од Дебар затоа што претходно агресивно се однесувал кон неговата сопруга.

Куманово - Жителите на кумановското село Пчиња денеска побара интервенција од надлежните институции за санација на мостот. Тие велат дека последните врнежи и зголеменото количество на вода дополнително ја влошува состојбата на еден од столбовите на мостот.

- Ако до претходно состојбата беше лоша, сега е катастрофална. Проблемот постојано го актуализираме пред институциите и локалните и државните власти уште од 2013-та година, досега нема понудено решение, вели Стефан Кузевски, член на месната заедница Пчиња.

Мостот е конекција на пчињани со градот Куманово, а може да отсече и други населени места, Винце и Вакв.

- Ризично е да се вози по него, стравуваме за пешаците. Мостот мора да се санира во најскоро време а веројатно и чини помалку санацијата, отколку да се гради нов, вели Зоран Велковски од Пчиња.

Жељка Диклиќ Илиевска изјави дека мостот е ризичен и сега и оградата е руинирана што е застрашувачка за пешаците.

- Потпорниот столб е изместен, напукнати се столбовите, руиниран е и застрашувачки. Потребно е итна реконструкција, изјави Диклиќ Илиевска.

Изминатиов период од општината информираа дека претходно аплицирале со два проекти за санација на мостот во село Пчиња и во Довезенце, но оттогаш нема одговор што е пристигнато. 
Во последната информација од општината се наведува дека е испратено барање до институтот за сеизмички отпорни градби и климатски промени.

- Општина Куманово побара стручно мислење од Институт за сеизмички отпорни градби и климатски промени (ИСОГКП). Истото е добиено и потоа е проследено до МВР – СВР Куманово, информираат од општина Куманово

Жителите на Пчиња во неколку наврати реагираа за мостот, стравувајќи да не останат отсечени не само тие, туку и жителите на соседните села. Мостот на Пчиња е изграден во 70-тите години од минатиот век од тогашната југословенска народна армија.

Струмица - Земјоделци од селата Иловица и Штука во Општина Босилово денеска го блокираа патот до нивните села заради ниските откупи цени на младиот компир.

Со трактори и земјоделска механизација тие ја блокираа крстосница што води кон двете села револтирани од откупната цена на младиот компир која денеска изнесувала 15 денари за килограм.

Според земјоделците, младиот компир треба да се откупува за најмалку 25 денари за килограм, бидејќи сегашната не ги покрива ниту основните трошоци за производство.

Земјоделците од Иловица и Штука од вчера имаат договор да не земат амбалажа и да не го предаваат родот. 

Битола - Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола ќе претседава со академската Јадранско-јонска асоцијација УниАдрион.

Според одлуката на Генералното собрание на УниАдрион, што се одржа на Универзитетот во Сплит, со мнозинство гласови на УКЛО е доверена задача  да претседава со Јадранско-јонската асоцијација во периодот од 1 јуни 2025 до 31 мај 2026 година, како прва универзитетска членка од Република Северна Македонија.

Од УКЛО информирааа дека на академскиот собир во Сплит, проректорката Јасмина Буневска Талевска ја потпиша т.н. Сплитската декларација за зачувување и промовирање на медитеранскиот начин на исхрана во Регионот.

Универзитетот во Сплит е актуелен претседавач на УниАдрион, претседателството ќе го преземе грчкиот претставник во Асоцијацијата, Универзитетот во Јанина, а во 2025 со УниАдрион ќе претсеадава македонскиот Универзитет „Св. Климент Охридски“-Битола.

Велес - Изутрината во  06.15 часот во СВР Велес било пријавено дека на автопатот А-1, делница Велес – Скопје, патничко возило „фолксваген голф“ со велешки регистарски ознаки, управувано од 31 годишниот велешанец П.К., излетало од коловозот.

Во несреќата, возачот се здобил со тешки телесни повреди констатирани во велешката болница, информираат од СВР Велес.

Како што изјави за МИА, Марина Андова портпарол на ЈЗУ Општа болница  на повредениот кој во велешката болница бил донесен во 7:00 часот, веднаш ми била укажана лекарска помош и бил испратен на одделот за Радиодијагностика и томографија и била констатирана скршеница на лева натколеница и бил оставен до 11 часот на посматрање  во одделението за Хирургија,ортопедија и трауматологија при велешката Општа болница. Поради сериозноста на повредата потоа со возило на Итна помош бил препратен на понатамошно лекување во скопските клиники.

Како што информираат од СВР Велес, за настанот бил  известен јавен обвинител и по негово овластување, полициски службеници извршиле  увид на местото на настанот

Пехчево - Во пехчевското село Црник завршија градежните работи за реализација на проектот „Доградба на тоалети во Подрачното општинско училиште „Ванчо Китанов“. Како што информираше градоначалникот на Општина Пехчево, Александар Китански со реализацијата на проектот училиштето доби нови современи тоалети во новоизградениот дел на училиштето. 

-Финансиските средства се обезбедени дел буџетот на Општина Пехчево, дел од страна на Министерството за транспорт и врски за поддршка на имплементација на Декадата и Стратегијата за Ромите, дел од Институтот за истражување и анализа на политики – Ромалитико и ООУ „Ванчо Китанов“ – Пехчево, истакна Китански.

Со реализацијата на проектот како што додаде се решаца еден горлив проблем на радост на учениците и наставниот кадар.

-Со тоа во голема мера ги подобруваме условите за работа и престој во установата. Благодарност до донаторите и сите кои учествуваа во имплементацијата на проектот, додаде Китански.

Финансиската конструкција на проектот изнесува 1,94 милиони денари со вклучен ДДВ. 

Кочани - Шеснаесет домашни театарски ансамбли и групи, како и гости од Република Србија ќе се натпреваруваат за една од наградите на 61. Драмски аматерски фетивал на Македонија (ДАФ), што синоќа почна во Кочани.

Под мотото „Знаеме што сме, не знаеме што можеме да бидеме“, фестивалот го отвори градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов нагласуваjќи го значењето на аматерското движење како основа на професионалниот театар и повика актуелните театарски и филмски имињa, кои ја почнале својата кариера од сцената во Кочани, да дадат поддршка во негувањето на драмскиот аматеризам.

-Годинава, кога Кочани слави 100 години од фудбалот во градот, 80 години од загинувањето на Љупчо Сантов и Раде Кратовче, борците на кои им ја должиме слободата, 100 години од раѓањето на уметникот и хуманист Стево Теодосиевски, Драмскиот аматерски фестивал влегува во својата седма деценија. Кочани знае да ја цени уметноста, знае да создаде историја. Ако беше лесна организацијата ќе ни го земеа, затоа да го чуваме одговорно, да го негуваме и да ја одржуваме традицијата, истакна Папазов во своето обраќање.

Фестивалот го отвори претставата „Вечера за глупаци“ во изведба на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ од Велес. За првпат по повеќе години градот домаќин на ДАФ нема пријавено своја претстава за учество. До 26 мај, публиката ќе може да проследи по три претстави дневно - во пладневниот, вечерниот и ноќниот термин.

Претседателка на Драмскиот аматерски фестивал е Кристина Атанасова Арсова, селектор е Игор Џамбазов, а за најуспешните претстави и за наградите ќе решава жирито што го сочинуваат актерот Пеце Ристевски и режисерите Елеонора Теова и Ненад Витанов.

Штип – Голем доказ дека се уште постојат стереотипи и родова нееднаквост во општеството е бројката пријавени случаи на насилство врз жени и девојки и семејно насилство, истакна денеска Бети Пеева од Здружението „ЕХО“од Штип на дебатата и перформаност за јакнење на родова нееднаквост „Простор за разговор“ во организација на ХЕРА- Асоцијација за здравствена едукација и истражување, што се одржаа денеска  во Мултимедијалниот центар на Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип.

Пеева посочи дека од 2021 до 2023 година за 176 насто е зголемено насилството врз жените и девојките и семејното насилство.

-Што значи дека минатата година имавме пријавено 288 случаи на насилство врз жени и девојчиња и семејно насилство. Оваа бројка е со тенденција да расте се повеќе, затоа што забележавме дека всушност се зголемува и економската зависност на жените што допринесува, тие и да не пријавуваат, меѓутоа и откако ќе пријават да се предомислат, вели Пеева.

Елизабета Божиноска Програмски директор на ХЕРА денеска од Штип истакна дека кај нас професиите се делат на машки и женски. Ова, вели, е најизразено во науката и политиката. Посочува дека само 2,5 проценти од општините во државата, имаат жена за градоначалник.

-Тоа не значи дека жените не можат подеднакво со мажите. Треба низа на предуслови да бидат создадени за поддршка на жените, но и да се создадат квоти на различни нивоа. Само во Собранието имаме квота -40 % и тоа е еден пример што укажува дека таму што имаме квоти, жените и те како можат да бидат успешни, вели Божиноска.

Таа истакна дека целта им е преку вакви настани да придонесат во искоренувањето родовите нееднаквости, да се зајакнат младите и маргинализираните заедници.

Остани поврзан