• сабота, 27 јули 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

5 декември 2023

 

Делчево - Во Делчево се реализирани завршните активности во рамки на кампањата „Денови на хуманост-дарувај со љубов“. По тој повод стотина украсни свеќи, најразлични рачни изработки и украси, изработени од лицата со попреченост, обединети во Клубот за рехабилитација и реинтеграција ИНТЕГРА, денеска беа изложени во просториите на Клубот.

Градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски кој го посети клубот го изрази своето задоволство што денеска се промовирааат дел од резултатите од новата социјална услуга која е директно насочена кон лицата со попреченост. 

-Овој Клуб ИНТЕГРА обезбедува рехабилитација и реинтеграција на лица со попреченост преку психосоцијална поддршка, терапевтска работа, работно-окупациона терапија, поддршка за стекнување работни вештини и вештини за вработување, реинтеграција и самостојно живеење. Ме радува фактот што токму овие лица создаваат дела, но пред сè, од придобивките кои ќе произлезат од процесот на интеграција на овие лица во секој аспект на политичкиот, социјалниот, економскиот и културниот живот заедницата, рече Трајковски, напоменувајки дека е очигледно задоволството, мотивираноста и интересот кај корисниците кој е на високо ниво.

Посакувајки им успешна работа, потенцираше дека Општината ќе биде секогаш нивен партнер од доверба, давајки силна поддршка за нивната работа и промоција.

Во услугата се мапирани 12 корисници над 18 години, од кои 9 лица се вклучени во редовни дневни активности, а другите поради одредени околности во моментот не се дел од услугата. Лицата ќе развиваат работни вештини кои ќе им послужат за нивно работно интегрирање.

Одговорното лице во Дневниот центар, Александар Николов нагласи дека со ова всушност во Делчево започнува нов вид на социјално претприемништво.

-Воведувањето на новата социјална услуга за лица со попреченост е добра практика која овозможува поголема интеграција на овие лица во општеството. Набавена е опрема, сито- печат, модели за изработка на восочни свеќи, модли за гипсени производи, опрема за сечење и бигување хартија за изработка на хартиени ќесиња, машина за ШИЕЊЕ оверллок, фотокопир во боја, спортско- рекреативна опрема , компјутери, а паралелно се набавуваат репроматеријали, истакна Николов.
 
Клубот се реализира преку Проектот за подобрување на социјалните услуги финансиран од МТСП во висина од 2, 4 милиони денари со поддршка на Општина Делчево, а го имплементира Здружението на граѓани „Бравура кооператива“. 

Кочани – Во ОУ „Св. Кирил и Методиј“ во Кочани е донесена одлука да им се забрани на учениците да ги користат мобилните телефони додека престојуваат во училишниот објект, а изготвен е и Кодекс на облекување.

Употребата на мобилните телефони се забранува во целост, односно за време на часовите, но и на малите и големите одмори, а ќе може да се користат откако ќе заврши наставата. Доколку учениците имаат потреба да контактираат со родителите за време на часовите, тоа ќе може да го направат преку одделенскиот раководител, стручната служба или директорот.

-Забраната за мобилните телефони е заради подобрување на дигиталната безбедност и заштита од разни видови онлајн злоупотреба. Доколку ученик го користи мобилниот телефон за време на наставата, истиот ќе му биде одземен и предаден кај службите, а ќе биде вратен кај родителот на крајот од учебната година. Во Кодексот на облекување е наведено дека не е дозволено носење здолништа и кратки панталони, маици без ракави, спортски хеланки, искинати фармерки, високи потпетици и слично. Исто така, издадовме брошура против т.н булинг, односно врсничкото насилство меѓу учениците и клучната улога што ја имаат родителите во неговото спречување, истакна Силвана Серафимова, педагог во ОУ „Св. Кирил и Методиј“.

Кодексот на облекување треба да помогне во одржувањето на дисциплината и редот во училишната средина, како и за избегнување на проблеми поврзани со начинот на облекување. Секој ученик кој нема да ги почитува одредбите ќе биде отстранет од час и вратен во својот дом за да се облече соодветно, а ќе добие неоправдан изостанок за часот од кој што ќе биде отстранет.

Правилникот за користење мобилни телефони и Кодексот на облекување се поддржани и усвоени од Советот на родители, Наставничкиот совет и Училишниот одбор. Одлуките веќе се применуваат и се однесуваат на сите ученици од прво до деветто одделение.

Струмица - Преку Центарот за развој на Југоисточниот плански регион наскоро ќе почне реконструкцијата на спортската сала ДТВ „Партизан“ во Гевгелија и ќе се реконструира училиштето во селото Секирник, Општина Босилово.

Реализацијата на двата зафати е во рамки на проектот „Подобрување на енергетската ефикасност на јавни објекти во Југоисточниот Регион“, а договорите со директорот на Центарот, Ѓоко Камчев, ги потпишаа градоначалниците на Гевгелија и Босилово, Андон Сарамандов и Ристо Манчев.

Како што соопштија од Општина Гевгелија, проектот има за цел повторно ставање во функција на најстарата спортска сала во Гевгелија и нејзино отворање за младите спортисти за подготовка и реализација на нивните активности

- Овој општествено-значаен објект во центарот на Гевгелија, за брзо време, ќе добие нов лик. За реализација на истиот се потребни вкупно 16.377.030 денари, од коишто Општина Гевгелија ќе учествува со 7.776.400 денари, стои во изјавата на гевгелискиот градоначалник.

Како што информираа од Општина Босилово, со потпишаниот договор за реконструкција на училиштето во селото Секирник ќе се замени покривот, фасадата, внатрешниот тоалет и ќе се постават фотоволтаици. Наскоро ќе биде распишан тендер, а градежните работи се очекува да почнат напролет.

Средствата за реконструкција на спортскиот објект ДТВ „Партизан“ во Гевгелија и за училиштето во Секинрик се обезбедени од Бирото за регионален развој преку Програмата за рамномерен регионален развој. 

Штип - Градоначалникот на Општина Карбинци денеска изјави дека во ОУ „Страшо Пинџур“ во Карбинци утрово имало обид за грабнување на две деца од шесто и деветто одделение. МРВ, пак, најостро ги демантира овие информации и посочува дека околу 09:30 часот во училишниот двор со патничко возило „голф“ дошло младо машко лице, кое според пријавеното, поканило ученичка да влезе во неговата кола за да одат на кафе. Таа, според полициското соопштение, веднаш се вратила во училиштето и пријавила кај директорката.  

-Во овој немил настан којшто се случил ова утро некаде после 9:30 часот имало обид за грабнување на две деца односно двајца ученици од ОУ „Страшо Пинџур“ овде во Карбинци. Она што го имам како информации од персоналот на училиштето и од распитот со инспекторите дека имало таков обид, се обиделе оние грабнувачи да ги воведат децата во возилото кое што влегло до почетокот на дворот. Безбедносните камери го имаат фатено возилото. Се работи на расчистување односно на утврдување на регистарската таблица на самото возило, изјави градоначалникот на Општина Карбинци Паунов. 

Тој објаснува дека настанот се случил после 9 и 30 часот, после третиот час и траел неколку минути.

-Од она што ние успеавме на камерите да го видиме и да го земеме како доказ од страна персоналот којшто во тој момент тука се движеле, децата кои што биле наводни жртви се едното од шесто одделение, другото деветто оделение, рече Паунов. За мотивот вели дека остава на полицијата да го открие и да ја расветли целата случка.   

Тој апелира да нема вознемиреност кај родителите и на сите оние кои се движат во овој дел, но исто така упати апел и до МВР и до СВР Штип да биде зголемена бебзедноста на овој дел на Општина Карбинци, барем кај училиштата затоа што во последните години нема полициско обезбедување. 

-Не сме имале досега вакви случувања и затоа алармирам полицијата најсериозно да ја сфати оваа работа да не се случи никогаш повече ова или, пак, да имаме посериозни последици, вели Паунов изразувајќи надеж дека контролата од полицијата ќе биде зголемена. 

Според него, децата се добро, родителите се информирани и исто така објаснета е целата ситуација. 

Прашан за обезбедување дополнителни безбедносни мерки, градоначалникот на Карбинци вели дека дворот на основното училиште е максимално обезбеден и се користи само за превезување на учениците со возила на училиштето. 

-Затоа лицето дошло до влезот на училиштето, не дошло до крајот на училишниот двор, така што сметам дека и безбедноста на самото училиште и ние тука како општина ќе направиме максимални напори меѓутоа МВР морално е да постави служби барем кај училиштата кога децата одат на училиште и кога се враќаат од уиличте затоа што вакви случаеви се многу почести во нашата држава, изјави Паунов. 

Во училиштето се создала паника, но објаснета е целата ситуација и да не се крева паника. -Паниката треба да ја креваат институциите, рече Паунов.   

Полицијата е присутна во училиштето, а таму пристигна и тим од Центарот за социјални работи Штип. 

МВР најостро ги демантира шпекулациите кои, како што наведува, денеска се проширија по одредени портали, локални телевизиски станици и социјалните мрежи за наводен спречен обид за грабнување на малолетно лице во училишен двор во општина Карбинци.

Според официјалната пријава до полицијата: Денеска (05.12.2023) во 09.52 часот во СВР Штип од Основно училиште во Општина Карбинци е пријавено дека околу 09.30 часот во училишниот двор со патничко возило „голф“ дошло младо машко лице, кое според пријавеното, поканило ученичка да влезе во неговата кола за да одат на кафе, но таа веднаш се вратила во училиштето и пријавила кај директорката. Се работи на расчистување на случајот, се посочува во соопштението.

Од МВР нагласуваат дека пласирањето на ваквите шпекулации, од кои дел и во дневно-политички цели, е со цел да предизвикаат паника, вознемиреност, постојано чувство на страв и несигурност кај граѓаните.

-Апелираме до граѓаните да не наседнуваат на вакви шпекулации. Исто така, им благодариме на медиумите кои ги проверуваат информациите во надлежните институции, се наведува во соопштението од МВР. 

Куманово - Зависноста од никотин помеѓу младата популација во Куманово последниве години се намалува, но на исто ниво остануваат зависности од алкохол и наркотици, информираа денеска стручните на трибината „Едуцирај, Информирај, Превенирај!“ која ја организираше општинската организација на Црвен крст и општина Куманово во Занаетчискиот дом. Важно е сите чинители, семејствата, училиштата, локалната заедница да дејствуваат за да се намали процентот на зависност сметаат лекари. Последниве децении, младите се запознаени со негативните последици од супстанциите, алкохол, цигари, наркотици, но потребна им е поддршка, предавања, едукација не само во училиштето, туку насекаде.

- Сепак може да се каже дека сè уште може малолетник да купи цигари и во продавници, иако е над 18+. Наркотиците се застапени во популацијата од 15 до 24 години како и алкохолот. Во однос на никотинот, тој негативно влијае на повеќе органи, на концентрацијата, на мозокот, секако најмногу на белите дробови. Родителите треба да обрнат внимание кога детето е често подложно на инфекции, интензивна кашлица, изјави доктор Катерина Петковска и предавач на обуката.

Предавањата се токму во насока на зголемување на свеста за штетните последици од зависностите. Средношколците и основците од Куманово се едуцираа дека зависностите често предизвикуваат сериозни болести, можат да бидат и фатални.

- Децата се кријат, но самиот мирис укажува дека некој е пушач. Интензивна кашлица, пад на имунитет, што предизвикува заболувања на бели дробови, вели Петковска.

Некои статистички податоци покажуваат дека и пасивните пушачи имаат исти или слични симптоми со активните пушачи.

Зависноста веќе е болест ако се консумира наркотици, алкохол и цигари над година дена, особено за алкохолот но и тоа зависи од количината. Супстанциите предизвикуваат психофизичка зависност. Карактерот е клучен за откажување, промени на навики, на размислувањето, опкружувањето. Лекарите препорачуваат дека доколу лицата не можат самите да се откажат да побараат психолошка поддршка, психотерапевти кои би можеле во прилична мера да помогнат за зависности.

Никол Ѓорѓевска волонтер во Црвен крст и средношколка кажа дека учениците се донекаде се свесни за последиците од зависностите, но дека им се потребни соодветни, вистински информации.

- Едукацијата има исклучително влијание но и некои законски решенија, како и цената на цигарите која драстично е зголемен изминатиов период. Се случува во некои објекти да има можност да се пуши, ама и има доста затворени објекти, кафулиња каде тоа не е дозволено, изјави Ѓорѓевска.

Трибината „Едуцирај, Информирај, Превенирај!“ ја организира Црвен крст на Република Северна Македонија – Општинска организација Куманово во рамките на проектот „Едуцирај, Информирај, Превенирај!“ финансиран од на Општина Куманово, наменета за едукација и превенција од болести на зависности, меѓу основците и средношколците. Вакви трибини ќе се одржат и во рамки на училишните тимови. 

Тетово - Од денеска тетовската библиотека „Кочо Рацин“ почна со редовно работење и позајмување книги на членовите, што од 13 ноември беше во времен прекин поради преместувањето на установата во нов дел од Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“. Библиотеката сега се наоѓа во просториите кои порано беа користени од шаховски клуб. 

Овие четири недели 18 вработени префрлија над 82 илјади книги во новите простории. Помош имаа од работници од фирма ангажирана од Министерството, кои направија  преселба на рафтовите, додека библиотекарите ги пакуваа, отпакуваа и редеа книгите на полиците.

- Најголемиот дел од фондот е сместен во новите простории. Еден мал дел од 16 илјади книги е сместен како во архива во простории на Центарот за култура. Таму се поставени постари и поретки изданија. Денес завршивме со целосното преместување на книгите. Ние со издавањето почнавме уште од мината среда, но делумно со работа во една смена бидејќи немавме интернет.  Од денес се работи во две смени од 8 до 19 часот, информира в.д директорката Елизабета Трпчевска Петрушевска.

Од тетовската библиотека информираат дека во меѓувреме им стигнала информацијата дека се добитници на признанието „Библиотека на годината“, што го доделува Библиотекарското здружение на Македонија. Доделувањето на признанијата и благодарниците ќе биде во четврток во Народната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје, а по повод нејзиниот патронен празник.

- Аплициравме за прв пат годинава и наше задоволство е добиени признание за големиот број активности кои и покрај преселувањето беа реализирани во текот на годината, вели информира в.д директорката Елизабета Трпчевска Петрушевска.

Библиотеката се пресели од еден во друг дел на Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“ согласно одлуката на Министерството за култура од август оваа година.

За надминување на просторните проблеми на библиотеката во Тетово постои трајно решение. Од 2014 година почна со изградба на нов објект каде треба да се сместат библиотеката и Тетовски театар, кој сè уште се гради и согласно заклучок на Владата, динамиката на изведбата е продолжена до 2027 година.

Тетовската библиотека има 5300 активни читатели активни, со дневна фреквенција од 300 до 500 читатели.

Неготино - Неготино по 40 години ќе го реконструира градскиот плоштад, во Кавадарци ќе се доградува кејот на реката Луда Мара, Росоман и Градско ќе имаат проекти за хортикултурно и партерно уредување. Вкупно 28 милиони денари се обезбедени за овие проекти од Бирото за регионален развој, преку Вардарски плански регион.

Градоначалниците на овие општини, денеска во Кавадарци ги потпишаа договорите за соработка со директорот на ВПР, Сашо Мошев, за инфраструктурни проекти за реализирање наредната година. 

Мошев појасни дека сите девет општини од регионот имаат добиено финансиски средства, а тие исто така имаат сопствено учество со пари од локалните буџети. 

- Ова е еден добар начин на работа на Вардарски плански регион,  без натпреварување, сите општини добиваат финансиски средства. Ова е вистинскиот пример како треба заеднички да функционира еден регион, за добра инфраструктура, рече Јанчев, нагласувајќи дека општини во регионот имаат настапувано и со заеднички проекти, како тој за агрометеоролошките станици, што, според него, се покажал како многу добар и навремено им се давале корисни информации на земјоделците.

Росоман ќе работи на хортикултурно и партерно уредување на централните подрачја на селата Манастирец, Сирково и Паликура, а Градско, на  хортикултурно и партерно уредување на детски парк со модерни детски реквизити. 

Битола - Градоначалникот на Општина Битола Тони Коњановски, на прес конференција што претпладнево се одржа во неговиот кабинет, побара Министерството за образование и наука (МОН) да ги деблокира барањата за вработувања на наставници во Битола.

На речиси еден месец пред крајот на првото полугодие, од непостапувањето и недавањето согласност од МОН се заканува опасност битолското образование да остане без 301 наставник, во одделенска и предметна настава, истакна Коњановски.

-Централната власт продолжува со партискиот интерес за одземање на ингеренциите на градоначалникот во сите училишта во општината и тоа само во делот на ангажирање на наставниот кадар, притоа не водејќи грижа за иднината на најмладите кои се дел од воспитно образовниот процес – учениците. Материјалните трошоци гориво, превоз на ученици и друго за кои општината годишно само за основните училишта издвојува околу еден милион евра, не се во интерес на МОН и истите остануваат во надлежност на општината и во училиштата каде се одземаат ингеренциите. Блок дотациите кои ги издвојува министерството за образование воопшто не се доволни, поради што општината дополнува средства од сопствениот буџет. На речиси еден месец пред крајот на првото полугодие, од непостапувањето и недавањето согласност од МОН се заканува опасност битолското образование да остане без 301 наставник, во одделенска и предметна настава, истакна Коњановски.

На средбата со новинарите, градоначалникот Коњановски посочи дека заради интересот на учениците и правото на образование, локалната самоуправа повторно испратила барање до Министерството за образование и наука за одобрување на бараните согласности за вработување.

-Имајќи во предвид дека договорите на вработените лица до три месеци за итни и неодложни работи им завршуваат во месец  декември, а месец декември е последниот месец од првото полугодие кога се формираат полугодишните оценки и успехот на учениците, наставниците на кои им истекуваат тримесечните договори за работа согласно законот за образование заради не добивање на согласности за распишување на огласи нема да можат да ги формираат конечните полугодишни оценки и полугодишниот успех на учениците. Општина Битола ги достави барањата до МОН, а согласностите за распишување на огласи се уште ги немаме добиено, а ако тоа продолжи може да се случат несакани проблеми во воспитно образовниот процес од кои последиците ќе ги трпат учениците, истакна Коњановски.

Општина Битола за основните училишта побара согласност за распишување на оглас за 213 наставници, а во средните училишта за 88 наставници или вкупно за 301 наставник. 

Крива Паланка – Градоначалникот на Општина Крива Паланка го потпиша договорот за инвестиција во вредност од 14 милиони денари за реконструкција на два моста во централното градско подрачје.

Средствата се одобрени од Владата на Република Северна Македонија преку ТАВ програмата за реконструкција на т.н „Градечки мост“ и „Соларски мост“.

- Овие два моста во централното градско подрачје на општината добиваат модерен и урбан лик. Благодарение на Владата одобрена е нова инвестиција вредна 14.000.000 денари, обезбедени преку ТАВ програмата со што двата моста комплетно ќе го променат ликот на градот заедно со инвестицијата за изградба и проширување на централната градска улица за која со Министерството за транспорт и врски потпишан е меморандум пред два месеци, Крива Паланка добива комплетно разубавен и променет лик, рече градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски.

За проектот „Проширување и рехабилатија на централна градска улица од населба Единство до Соларски Мост“ потпишан е меморандум со МТВ, инвестицијата е вредна 40 милиони денари, средства од Светска банка и Министерство за транспорт и врски.Овој проект значи проширување на главната улица во централното градско подрачје и ќе помогне во намалување на сообраќајниот метеж. 

Тетово - Тетовскиот муфтија Ќани Несими денеска одржа прес-конференција и обвини дека раководството на Исламската верска заедница (ИВЗ) незаконски го разрешиле од функцијата. Според образложението на Несими, тоа се случило на седница на ИВЗ на 8 ноември, а на негово место е поставен вршител на должноста.

-На седницата се прекршени повеќе точки од уставот на ИВЗ. Одлуката за именување на ВД Муфтија е спротивна на член 30 став 1 од уставот на ИВЗ кој вели: Неиздавање и повлекување на Мураселе го обврзува муфтиството во рок од 30 дена да предложи можни кандидати за муфтија. Истата незаконска одлука воедно е спротивна и на член 29 став 1 од Уставот на ИВЗ која гласи: Во Муфтиствата каде нема кадар според предвидените услови, се именува координатор, рече на прес-конференцијата Ќани Несими.

Вели дека писмено реагирале до раководството на ИВЗ оспорувајќи ја одлуката да се постави в.д муфтија.

-На ден 08.11.2023 год. писмено реагираше Муфтиството Тетово пренесувајќи едногласен донесен заклучок упатена до Ријасетот и Реисул Улема дека неповикувањето на Муфтијата на ИВЗ – Тетово е директен атак врз самиот основен уставен орган на ИВЗ, и спротивно на член 34 став 1 точка 2 каде е дефинирано членството на Ријасетот, меѓу другите член на Ријасетот со право на глас и на одлучување е и Муфтијата проф. Др. Ќани еф. Несими единствен легитимен претставник на Муфтиството Тетово, истакна Ќани Несими на прес-конференцијата.

Несими најави дека ќе поднесе пријави до надлежните институции. 

Остани поврзан