• сабота, 20 јули 2024
МИА Општински пул

4 јуни 2024 

Белград - Влатко Стефановски, познатиот македонски виртуоз на гитара, на 16 декември во Сава центар во Белград со концерт со пријателите ќе одбележи 50 години од својата кариера, јави дописникот на МИА од Белград.

-Пресек на долгата и успешна музичка кариера почнувајќи од „Леб и сол“ и соло кариерата, феноменалните изведби на Влатко ќе ги заокружат гостите, познатите музичари: Џибони, Мирослав Тадиќ, Дамир Имери и V3 Trio составено од басистот Иван Кукиќ и тапанарот Јан Стефановски. Публиката ќе ужива во спојот на инструменталниот рок, етно џезот, блузот и македонската традиционална музика, пишуваат белградските медиуми „Данас“ и „Блиц“.

Струмица - Во Струмица, во Амфитеатарот, вечер по трет пат ќе се одбележи Денот на македонско-италијанското пријателство. Настанот е во организација на Општина Струмица, Амбасадата на Република Италија во нашата земја и Здружението за промоција на италијанскиот јазик и култура „Quo Vadis Ad Astra“.

Според најавата од организаторите предвидена е богата културно-уметничка програма со едночинката „Струмичанца-Пјаченца“ во изведба на драмската секција од СОУ „Димитар Влахов“ од Струмица, по сценарио на Ѓорги Калајџиев, а во режија на Танкица Стојанова, како и настап на познатиот италијански а капело бенд „Мезотоно“. Ќе настапи и Училишниот хор на Гимназијата „Јане Сандански“, а професорот Митко Тошев од ова средно училиште заедно со негови ученици ја украсија сцената во Амфитеатарот.

Велес - На сцената на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов–Џинот“во Велес синоќа прв солистички  концерт  имаше Благој Ламњов, велешкиот и афирмиран  македонски кларинетист кој живее и твори во Шведска. Благој Ламњов настапи со композиции од неговиот  албум „Носталгична љубов“ во придружба и со солистичка изведба на гитаристот  Петер Тегнер од Шведска, како и со заеднички настап на Народниот оркестар-Пријателите на Благој од детството кои ја воодушевија публиката.

Благој Ламњов трипати беше враќан на сцена по што тој на крајот изведе и композиција на бис со велешкиот Народен оркестар- Пријателите на Благоја  од детството: Мамер Абединов на тамбура, Филип Арилон на гитара и кавал, Владимир Велков хармоника и Трајче Ристовски на тапан. 

Скопје - Општина Илинден започна со изградба на уште една улица во населбата Јака, која е во рамки на програмата за Реконструкција, рехабилитација и изградба на локални улици и патишта на Општината.

Како што информираат од Општина Илинден, станува збор за улицата „109“ во должина од 430 метри а покрај изградбата и асфалтирањето оваа улица ќе добие и пешачка патека по речиси целата должина на улицата.

Куманово - Почна изградбата на улица во кумановското село Лопате, соопштија денеска надлежните од Сектоорт за комунални дејности.

- Механизацијата е веќе на терен кој се подготвува за асфалтирање. Улицата е дел од програмата за изградба на улици за тековната година. Жителите на Лопате ќе добијат подобри инфраструктурни услови за живеење, изјави помошникот раководител на секторот, Момчило Јовановски.

Претходно во 2022 година Општината вложи за уредување краци со бекатон во ова населено место.

Скопје - Од Општина Кисела Вода денеска почна новата услуга „Итно Копче“, наменета за нашите постари и изнемоштени сограѓани. Засега оваа бесплатна услуга ја користат 100 лица во територијата на Градот Скопје. Интеннцијата на Црвениот крст е во наредните две години услугата да ја користат илјада лица. 

Итно Копче“ е иновативен аларм-уред кој на нашите сограѓани им овозможува брз и лесен пристап до помош во секое време. Сѐ што е потребно е да го притиснат копчето на уредот, по што ќе добијат повик од операторот на контакт центарот на Итно Копче. По воспоставувањето на контакт, корисникот ќе ги сподели информациите за своите тегоби, а обученото лице ќе му даде понатамошни насоки. Доколку е потребно, ќе биде испратен тим за прва помош директно во нивниот дом.

Куманово - Кумановскиот театар утре со почеток во 18 часот ќе ја изведе новата детска претстава „Волшебникот од Оз“, информираа денеска од НУЦК „Трајко Прокопиев“.

Претстава ја режира Бојана Краљевска Стојков, а настапуваат актерите, Анастасија Величковиќ, Марко Трајковиќ, Александра Михајловска Величковски, Жарко Јовановиќ, Сања Русеска, Никица Јанковски.

- Очекуваме претставата добро да биде прифатена и ги покануваме децата заедно да ги откриеме тајните на зелениот свет кој ќе им го претставиме на сцената. Ним ќе им порачаме дека вистинското пријателство ги пробива најтешките и најкомплицираните граници и го победува најголемото зло, изјави режисерката.

Остани поврзан