• недела, 21 јули 2024
МИА Општински пул

7 јуни 2024

Струга - Општинската организација на Црвен крст во Струга денеска објави повик за пријавување кандидати за обука за спасители на отворени води.

Обуката, која ќе се реализира од 20 до 30 овој месец, според повикот, содржи теоретски и практичен дел, а ќе ја водат национални инструктори за безбедност на вода според стандардите на Меѓународната федерација за безбедност на вода.

- Кандидатите треба да бидат постари од 17 години, да знаат да пливаат и да имаат психофизички предиспозиции за спорт, како и да обезбедат и достават потврда за здравствена способност за обавување спорт и спортски активности, не постара од шест месеци, издадена од соодветен лекар или здравствена установа, стои во повикот.

Струга - Со едукативни прирачници за реализирање активности во природа Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко свест“ ќе ги поврзува децата со природата уште од најмала возраст преку игри и учење за Споменикот на природата Вевчански извори.

Eдукативните прирачници, како што информира Дарко Ќитаноски, локален проектен координатор на Еко-свест во Вевчани, опфаќаат три возрасни групи, од предшколска возраст, пониските и повисоките одделенија во основно училиште.

- Прирачниците содржат голем број практични совети, забавни и едукативни игри. Можат да ги користат наставниците, едукатори, но и учениците во своите еко-секции и активности надвор од училиштето, изјави Ќитаноски.

Прилеп  - „Јавноста на општинската работа“ е насловот на работилницата и обуката за тимовите за односи со јавност за 9-те општини во Пелагонискиот плански регион што се одржа денеска во просториите на невладиното здружение „Станица П.Е.Т.“ во Прилеп.

Организаторот, прилепското здружение „Агтис“ ја спроведува работилницата со PR тимовите на општините, која всушност е почеток на долгорочната обука и меѓусебното споделување знаења и вештини на општинските служби за односи со јавноста во Пелагонија, за уметноста на општинско информирање на јавноста, што не е ниту новинарство, ниту известување на заедницата, ниту голи еднонасочни соопштенија, туку стратешка општинска определба и служба.

Кавадарци - Земјоделци од Тиквешко реагираат на неизвесност околу откупната цена за килограм пченица и јачмен оваа сезона. 

- Жетвата кај житните култури е што се вели на прагот, а откупувачите со кои разговаравме како да не се заинтересирани за откуп по достоинствени цени за нас земјоделците. Имено, ланските цени беа 10 и 9 денари по килограм пченица и јачмен. Што се однесува до нив, тие сакаат повторно да го откупат родот по тие цени. Но, според нашиот трошковник за производствена цена на чинење на нашиот производ, потребни се цени од 19 и 17 денари по килограм, изјави Стефан Стојчев од кавадаречкото село Сопот, кој стопанисува со 300 декари под јачмен. 

Скопје - Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска со претставници од скопското јавно претпријатие „Водовод и канализација“ и Секторот за планирање и уредување при Град Скопје, извршија увид во почетокот на градежните активности за реконструкција на фекална канализациска мрежа на улица „Виничка“ во населеното место Шуто Оризари.

-Со овој проект се реконструира канализациона мрежа на потег во должина од 700 метри, со што се надминува проблемот со преоптоварување на канализацијата и излевање на отпадните води по обилни врнежи на дожд, информираат од Град Скопје. 

Делчево - Во организација на Здружението на производители на органски производи ,,Аронија" од Делчево, денес во Средното општинско училиште „Методи Митевски - Брицо" се одржа обука на тема ,,Подобрување на здравјето на ученици-средношколци" и значењето на живата растителна храна во исхраната на консументите. Со активноста беа опфатени средношколци од трета година од Средното општинско училиште во Делчево.

-Во рамки на обуката на најдиректен начин на средношколците директно им беше презентирано како се подготвува здрава храна, се со цел да почнат учениците сами да ја подготвуваат таквата храна која има огромен бенефит врз нивното здравје, истакна Фиданчо Христов, претседател на здружението Аронија.

Тетово - Претседателот на Движење Беса, Биљал Касами истакна дека за предлог законот за организација и работа на органите на државната управа има потреба од дополнително прецизирање. Според него, нема да се повлече, туку ќе се договораат уште детали.

- Има некои измени. Имаше првична идеја градинките да преминат од труд и социјала во Министерство за образование. Во дополнителните преговори што ги имавме со мандатарот, договоривме уште овој период да останат во труд и социјала. Ќе има реорганизација и во други институциите. Повлечен е предлог законот за да не одиме со амандмани, ќе се пушти во текот на денот со измените, истакна Касами од тетовско Желино каде промовираше дисперзирана противпожарна единица.

На новинарско прашање што очекува од ДУИ, Касами изрази надеж дека ќе бидат конструктивна опозиција.

Тетово -  Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Тетово од денеска во Желино има дисперзирана единица, со цел побрзо пожарникарите да стигнуваат до местата каде има потреба да интервенираат.

Во кругот на Општина Желино поставени се нови монтажни објекти кои ќе бидат канцеларии за пет пожарникари, на кои таму ќе им почнува работниот ден.

- Имајќи предвид дека покриваше многу широка територија, увидовме за потребно да имаме вакви дисперзирани единици. Ова е првата која ќе ја покрива територијата на Општина Желино. Во следниот период во договор со општините во Теарце ќе треба да се отвори иста ваква единица која ќе покрива истовремено општините Теарце и Јегуновце и во Боговиње која ќе покрива општини Боговиње и Брвеница. Цениме дека ќе бидеме поблиску до граѓаните ако има потреба да се интервенира побрзо за да се спаси живот или имот на граѓаните, изјави Биљал Касами, градоначалник на Општина Тетово.

Скопје - Општина Центар известува дека ЕВН Македонија АД започна со активности на терен во дел на Паркот франкофонија за да обезбеди времен пристап за изградба нови електроенергетски објекти, односно нов 110 кВ вод во Општина Центар, што е од витално значење за квалитетно напојување и инфраструктурен развој на општината и Град Скопје.

Планираните активности со поставување тампонски материјал, ќе се одвиваат во втората и третата недела од месец јуни 2024, од улицата Аминта Трети (Министерство за земјоделие) до Кеј 13 Ноември (Кеј на Вардар).

Скопје - Следните денови ќе се задржи сончево и многу топло време со мала до умерена локална облачност, а во попладневните часови ќе има изолирана појава на пороен дожд и грмежи. Како што информира УХМР, од почетокот на следната работна недела дневната температура насекаде ќе биде над 30 степени, а наместа во југоисточните делови и околу 40 степени. 

Утре ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб ветер од северозападен правец. Попладне ќе има услови за ретка појава на локален пороен дожд и грмежи. Утринската температура ќе биде од 11 до 19 степени, а дневната од 29 до 36. УВ индексот ќе изнесува 8.

Скопје - Хуманитарен настан под мотото „Да го вратиме звукот на Дамјан“, ќе се одржи утре во паркот во Ѓорче Петров.

Настанот ќе започне во 11:00 часот и е организиран со цел да се соберат средства за помош на младиот Дамјан, кој има потреба од специјален медицински третман за враќање на слухот.

Во рамките на хуманитарниот настан ќе се одржат различни активности, меѓу кои спортски активности, детска лабораторија, креативна работилница, како и други детски содржини.

Скопје - На спортските терени во општина Илинден изминатите два дена се одржа спортската манифестација ,,Денови за спорт на младите во општина Илинден”, на кои се натпреваруваа учениците од основните училишта во Илинден, како и учениците од средното општинско стручно училиште ,,Илинден”.

Според програмата се одиграа финални општински натпревари на основните училишта во футсал, ракомет и одбојка во машка и женска категорија, турнир во баскет за ученици од СОСУ ,,Илинден”, елементарни штафетни игри за ученици од одделенска настава.

Штип - Градскиот автобуски превоз во Штип од 10 јуни ќе има изменет режим на сообраќај.

Директорот на ЈП „Стипион“-Штип Панче Стефановски денеска за МИА изјави дека тоа значи одредени автобуски линии ќе бидат редуцирани во летниот период.

-Во функција ќе бидат линиите до Стар Караорман, до Чардаклија, потоа Три Чешми, Балканска и Македонка, до село Радање и редовната линија до бањата Кежовица. Овие линии ќе бидат во функција, сите останати ќе бидат суспендирани до почетокот на новата учебна година, вели Стефановски.

Штип - Во Штип денеска свечено беше пуштен во употреба полузатворениот Градски пазар. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов денеска истакна дека новиот дел има 100 тезги за продажба на земјоделски производи и ќе овозможи на штипјани посовремени услови за пазарување. Инвестицијата на Општина Штип е околу 12 милиони денари.

Дополнително се создадени и нови 50 паркинг места, со што ќе се подобри функционалноста на самиот пазар. Станува збор за проект на Општина Штип, којшто практично го оставаме на ЈП „Исар“ да управува со Градскиот пазар. Дванаесет милиони денари е инвестицијата за изградба на овој полузатворен пазар, заедно со паркинзите и асфалтирање на сервисната улица, вели Јорданов.

Директорот на ЈП „Исар“, Кирил Зајков истакна дека денешниот ден е свечен ден за граѓаните на Штип и за комуналното претпријатие, кое стопанисува и со работната единица Градски пазар, бидејќи Штип доби модерен европски пазар.

Струга - На сцената во Центарот за култура ,,Браќа Миладиновци“ в недела премиерно ќе биде изведена детската претстава „Пинокио“ во изведба на членовите на драмското студио „Миладин“.

Режијата е на Ристе Миладин, кој ќе го игра и стариот Џепето, а во улогата на Пинокио ќе биде Мила Бојческа. Штурецот ќе го игра Сара Стефановиќ, самовили ќе бидат Михаела Јаканоска и Ана Миладинова, циркузант Анна Гук, Фитилка Ива Шајноска, а нема да изостанат ниту разбојниците и учениците.

Режисерот Ристе Миладинов за МИА посочи дека интензивно се подготвуваат да ги остварат очекувањата на струшката публика, која, според него, секогаш ја полни салата во Центарот за култура кога имаат претстава.

Неготино - На територијата на општината Неготино се спроведе прскање против комарци, информираше денеска неготинскиот градоначалник Горан Стојанов.

- Со финансиски средства обезбедени од општинскиот буџет, синоќа во доцните вечерни и раните утрински часови на целата територија на општина Неготино се спроведе дезинсекција преку прскање против комарци. Прскањето се одвиваше од земја со користење на препаратот „аквакотрин“- еден од најефикасните за уништување на комарците и започна околу 22 часот, појасни градоначалникот.

Остани поврзан