• вторник, 23 јули 2024
МИА Општински пул

4 јуни 2024

Скопје - Преку Центарот за управување со кризи бил надминат проблемот што го имале компаниите „Македонски Телеком“ АД Скопје и „А1 Македонија“ ДООЕЛ Скопје со нивната централна преносна базна станица што се наоѓа на кровот од хотелот „Евротел“ во Струга, која поради нерасчистени имотно правни односи, била исклучена од довод на електрична енергија. Лица од Регионалниот ЦУК Струга оствариле контакт и комуникација со сите три засегнати страни за да се овозможи пристап и техничко решение за повторно активирање на конкретната базна станица. 

-Центарот за управување со кризи, по доставено барање до директорот Стојанче Ангелов за помош и поддршка за решавање телекомуникациски проблем во Струга и Струшкиот регион, воспостави комуникација меѓу засегнати страни преку РЦУК Струга за изнаоѓање решение на проблем што долгорочно сериозно може да влијае на нарушување на мобилните комуникациските врски и интернет конекцијата. Конкретно, преку ЦУК се премости и надмина проблемот што го имале двете компании, „Македонски Телеком“ АД Скопје и „А1 Македонија“ ДООЕЛ Скопје со оневозможеното нормално функционирање - пренесување редовен и квалитетен сигнал до граѓаните. Нивната централна преносна базна станица, којшто се наоѓа на кровот од хотелот „Евротел“ во Струга, поради нерасчистени имотно правни односи, била исклучена од довод на електрична енергија, а во тек на неодамнешно невреме во последните денови од мај (од молњи и грмотевици со дождот што го има зафатено во овој период тој регион), се вели во днешното соопштение од ЦУК.

Скопје - Согласно мерењата и набљудувањата на метеоролошките станици во Северна Македонија, месец мај годинава се карактеризира како просечно топол и нормално врнежлив со исклучок на источниот дел од државата, каде се измерени поголеми количества врнежи во споредба со многугодишните просечни вредности, информираат од УХМР.

Средномесечната температура изнесувала од 10,3°С во Лазарополе до 19,2°С во Гевгелија. Споредено со просечните мајски средномесечни температури, за триесетгодишен период (1991-2020), годинашната била просечна, околу 16 °С, на ниво на држава.

Скопје - Во текот на вчерашниот ден во период од 09.00 до 13.00 часот од страна на секторите за внатрешни работи и патролни тимови составени од полициски службеници од Одделот за униформирана полиција, спроведена е акциска контрола во областа на сообраќајот на територијата на цела држава, при што изречени се 198 санкции за сообраќајни прекршоци.

Како што информираат денеска од МВР, при контролата, санкционирани се 33 возачи поради бесправно управување на возилото, а осум поради тоа што возеле без возачка дозвола.

Штип - Околу 50 дечиња се на листата за чекање за упис во штипските детски градинки. Раководителката на Секторот за образование во Општина Штип, Снежана Санева денеска изјави дека ова се должи на малите капацитети на детските градинки, но и недостаток на кадар. Над 40 работни места  се испразнети во детските градинки по основ на пензионирање, а веќе две и пол години не се вработуваат ниту наставен, ниту технички кадар.

-Општината во иднина планира проширување на капацитетите, да се изгради нова детска градинка и секако се надеваме дека министерството ќе излезе во пресрет и ќе ги даде потребните дозволи за прием на нов кадар, кој ќе работи со дечињата, бидејќи мораме да нагласиме во последните две и пол години не беа дадени, ниту една согласност за вработување на кадар, којшто ни е неопходен во градинките, покрај тоа што голем дел од вработените заминуваат во пензија, меѓутоа местата не се пополнуваат. Така што директорите имаат проблеми да менаџираат со постоечкиот кадар, вели Санева.

Прилеп - Во ликовната галерија од Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп синоќа беше отворена изложбата на мултимедијалниот уметник Златко Крстевски. Станува збор за несекојдневен проект од мејл арт уметноста насловен „Коперникус 551“. Со ова се одбележуваат 551 година од раѓањето на Никола Коперник. Изложени се преку 100 дела на педесеттина уметници од 34 земји кои на свој начин го доживуваат Коперник. Мејл арт уметноста е нов начин на уметничко изразување и преку него се промовираат низ светот.

-Мејл-артот, наречен уште како мрежна уметност или уметност на коресподенцијата е еден од најголемите андерграунд уметнички феномени на 20 век. Идејата е хумана и космополитска, да се биде дел од една поширока глобална заедница која ги споделува вредностите на уметноста и културата. Кругот на уметничко пријателство е отворен преку формата на таа комуникација - во овој проект тоа е празната поштенска картичка која уметникот треба да ја исполни со уметничка, а и со етичка содржина и порака. Крстевски дојде на идеја да ја организира изложбата, рече на отворањето ликовниот уметник Тони Чатлески.

Скопје - Без вода денеска од 9 часот ќе останат дел од корисниците лоцирани на улица „Мито Хаџивасилев Јасмин“ бр.22, во општина Центар. 

Како што информира ЈП „Водовод и канализација“ - Скопје, прекинот е поради изведување водоводен приклучок од Ф-80 милиметри на улица „Мито Хаџивасилев Јасмин“ бр.22.

Скопје - Со „Приказната за генијалната Матилда“, вечер во кино „Фросина“ почнува Фестивалот на детски мјузикли. 

„Приказната за генијалната Матилда“ ќе биде изведена на македонски јазик од членовите на Студиото за детски и младински мјзуикли „Бродвеј Јуниор“ од Скопје. „Чудо“ (Miracle), „Кога ќе пораснам“ (When I Grow Up) и Деца на револтот“ (Revolting Children), се само некои од познатите песни во овој мјузикл.

Крива Паланка - Звуците на кавалот, гајдата, тапанот, тамбурата и други народни инструменти заживеаја повторно во Националната установа Центар за култура, преку иницијативата за зачувување на живото културно наследство, проект за изучување на традиционални инструменти поддржан од Министерството за култура на Република Северна Македонија.

Група млади ентузијасти од Крива Паланка се приклучија на иницијативата и веќе втора година активно изучуваат свирење: кавал, гајда, тапан, тамбура и други народни инструменти, а своите вештини ги презентираат преку настапите на фолкорните друштва во кои членовуваат и на други манифестации во земјата и странство.

Скопје Без вода денеска од 9:30 часот се дел од корисниците лоцирани на улиците „Св.Наум Охридски“ број 48 и „Востаничка“. 

Како што информира ЈП „Водовод и канализација“ - Скопје, прекинот е поради дефект на улицата „Св.Наум Охридски“ број 48. Водоснабдувањето ќе биде прекинато до санирање на дефектот.

Скопје - На територијата на скопската општина Шуто Оризари комуналниот отпад континуирано се собира и транспортира без никаков застој, соопшти ЈП Комунална хигиена-Скопје.

Посочуваат дека отпадот се собира во согласност со динамиката утврдена со Оперативниот план за одржување на јавната чистота на подрачјето на Скопје и Оперативната програма за собирање и транспортирање на комуналниот отпад, усвоени од страна на Советот на Град Скопје.

Неготино - Базар на десерти ќе се реализира денеска во Неготино, во организација на деветоодделенците од основното општинско училиште ,,Страшо Пинџур" во овој град.

- Настанот започнува од осум часот на градскиот плоштад. Посетителите што ќе дојдат, ќе имаат можност да уживаат во највкусните домашни десерти подготвени со љубов и креативност од овие ученици. Со секој купен десерт, тие не само што ќе се засладат, туку и ќе помогнат во собирањето средства за организирање на нашата незаборавна завршна забава, велат организаторите на настанот, повикувајќи што е можно повеќе посетители да ги поддржат младите таленти и да придонесат за успешноста на овој настан.

Демир Капија - Работилница насловена „Дисеминација на бизнис модели за третман на био-отпад од производство на грозје и вино“, ќе се одржи денеска во Демир Капија.

Четири бизнис модели, за производство на брикети, пелети, био-ѓубриво, брашно и масло, како и можностите за основање јавно-приватно партнерство, ќе бидат презентирани пред сопствениците на лозови насади и винарии, кои ќе имаат можност да ја споделат и својата експертиза и проблемите со кои се соочуваат во праксата, при третман на генерираниот био-отпад. Дополнително, ќе биде претставен и успешно пилотираниот модел за производство на брикети од лозови гранки, како позитивен пример за циркуларна економија на локално ниво. 

Остани поврзан