• среда, 13 ноември 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

13 ноември 2024 

Скопје - По повод 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје ЈУ Детскиот културен центар „Карпош“ традиционално ја организира манифестацијата „Го градам мојот град“.

Како што соопштуваат од центарот, оваа година, манифестацијата ќе се одржи од 10 до 11 часот во просториите на центарот.

Манифестацијата има за цел да ги истакне детските творечки способности и креативност, како и да ги запознае децата со значењето на 13 Ноември.

Децата од предучилишните установи од Скопје ќе учествуваат со изработка на макети од различни природни и други материјали, претставувајќи значајни обележја на Скопје.

Делчево- Средношколката Софија Ситновска од Македонска Каменица ја доби наградата за најдобар млад карикатурист на конкурсот на Вечерње новости „Пјер". Како што стои во објавата на весникот ова престижно достигнување за прв пат е во рацете на учесник од Македонија.

Младата Софија Ситновска повеќе години години активно се занимава со карикатура, и за неа признанието претставува остварување на нејзиниот сон и голем чекор во нејзиниот уметнички пат. 

Во досегашното нејзино творештво таа често обработува теми кои ги засегаат младите, со специфичен хумор и критика  пренесувајки ги нејзиниот поглед на светот. 

Одлуката Ситновска да ја добие наградата е донесена од жири комисија составена од еминентни имиња од областа на уметноста и сатиричната карикатура во Република Србија.

Со ова признание, натпреварот „Пјер“ како што се вели во соопштението од уредништвото на весникот се испраќа силна порака за значењето на младата уметничка сцена и поддршката на младите карикатуристи, отворајќи нови можности за идните генерации уметници од регионот.

Струмица - Синоќа дошло до повторно разгорување на пожарот на планината Беласица во близина на село Смоларе и притоа се приближил кон црквата „Свети Петар и Павле“, информираа денеска од ТППЕ Струмица.

Додаваат дека веднаш по првите повици од жителите на селото ТППЕ Струмица испратила екипа од пожарникари-спасители, кои и покрај тешко пристапниот терен успеале да дојдат до фронталната линија на пожарот и да го спречат неговото движење во тој правец.

-Ширењето на овој пожар и покрај ниските температури е непредвидливо поради специфичноста на конфигурацијата на теренот и огромната количина на горлив материјал на тлото, висок слој на лисната маса која придонесува да се развиват доста високи температури и пожарот од приземен го развива кон крошните на дрвјата и како таков добива на интензитет, се наведува во информацијата од струмичките пожарникари.

Тетово - Планинарскиот клуб „Љуботен“ од Тетово синоќа одбележа „90 години Попова Шапка“ со мултимедијален настан на кој беа прикажани разгледници и кратки филмови посветени на јубилејот на скијачкиот центар. Како година кога почнал да се оформува како скијачки центар се смета 1934-тата кога таму бил отворен и пуштен во употреба првиот воопшто изграден објект на Попова Шапка - планинарски дом чии темели сега се дел од истоимениот хотел.

-На 11 ноември 1934 година е свечено отворен првиот планинарски дом на Попова Шапка, која до тогаш не ни се знаела, не ни постоела, како скијачки центар. Со отворањето на овој планинарски дом почнува градењето на Попова Шапка. Овој дом е првиот чекор кој планинарите го направиле со цел освојување на височините на тој дел од Шар Планина. Домот го изградиле членовите на нашиот клуб, тогаш планинарско друштво „Љуботен“ со членовите на туристичко друштво Југ од Скопје и тоа се почетоците на Попова Шапка“, истакна Јован Божиновски.

Презентирани беа десетици разгледници на кои е фотографирана Попова Шапка од 1935 година па се досега. Првата е од 1935 година со фотографија на која го има токму првиот објект планинарскиот дом кој бил отворен претходната 1934 година.

Во планинарскиот клуб „Љуботен се чуваат над 400 разгледници од Шар Планина, од кои 70 отсто се од различни периоди на Попова Шапка.

Македонска Каменица - Градоначалникот на Македонска Каменица, Димчо Атанасовски денеска го претстави проектот за реновирање на училишната библиотека и опремувањето на медијатека, како модерен простор за потреби на учениците. Ова како што истакна тој во неговата објава е уште еден од проектите кои се реализираат во  Средно општинско училиште "Миле Јаневски - Џингар".

-Со реализацијата на овој проект, училиштето добива модерен простор каде учениците ќе можат да реализираат активности со читање, истражување и креативно изразување. Медијатеката ќе биде опремена со богат книжевен фонд, литература, енциклопедии, прирачници и речници. Современи технолошки уреди, вклучувајќи смарт телевизори и компјутери со брз интернет. Покрај тоа, тука ќе бидат достапни списанија, брошури и публикации, а просторот ќе биде прилагоден и за состаноци и активности на учениците, создавајќи пријатна и инспиративна средина за нив, истакна Атанасовски.

Како што додаде директорката на училиштете, Данче Гоцевска "реновирањето на училишната библиотека и отворањето на медијатека во училиштето е ново искуство, предизвик и придобивка за сите во заедницата“.

Битола - Културно информативниот центар-Битола вечер во соработка со Француското конзуларно претставништво и Француската Алијанса ќе отворат изложба „Париски рефлексии 2 и 3“.

Пред битолската јавност ќе се претстави втората генерација автори кои се родени до 1930 година, и се вклучиле во дефинирањето на ликовната сцена кај нас по Втората светска војна, односно Борислав Траиковски, Димитар Кондовски, Томо Шијак, Петар Мазев, Спасе Куновски, Ордан Петлевски, Иван Велков, Миле Корубин, Богољуб Ивковиќ, Ристо Лозаноски, Ванчо Ѓорѓиевски, Трајче Јанчевски.

Куратор на изложбата е Маја Чанкуловска-Михајловска, виш кустос во Националната галерија. Сите претставени дела, од кои повеќето се ретко изложувани, се дел од Колекцијата на Националната галерија.

Струмица - Екологистите од „Планетум“ заедно со средношколци од трите средни училишта во Струмица изработија интерактивна мапа на загадувачи во Општината, која се состои од извори на загадувачи детектирани во Општина Струмица и идентификувани по зони на целата територија.

Овие активности беа реализирани во рамки на проектот „Чист воздух, едуцирај, делувај“, кој екологистите го реализираа од ноември лани до август годинава.

Според проектниот координатор, Елизабета Христова, средношколците биле обучувани преку едукација од два експерти од Битола кои им пренеле знаења за заштита од аерозагадувањето во Општина Струмица.

-По извршената едукација самите ученици направија дисеминација на стекнатото знаење на своите врсници и веднаш ја почнаа изработката на интерактивната мапа. „Полнењето“ на мапата се правеше до крајот на самиот проект во периодите на загадување, односно зимскиот период, објаснува Христова.

Остани поврзан