• недела, 22 декември 2024

Власта најави план за решавање на проблемот со аерозагадувањето, ефектите за три до четири години, Скопје продолжува да е меѓу најзагадените градови во Европа

Власта најави план за решавање на проблемот со аерозагадувањето, ефектите за три до четири години, Скопје продолжува да е меѓу најзагадените градови во Европа

Скопје, 13 ноември 2024 (МИА) - Премиерот Христијан Мицкоски најави дека Владата има план за решавање на аерозагадувањето, но ефектите ќе се почувствуваат за три до четири години. Во Министерството за животна средина, пак, била формирана интерна работна група за чист воздух од „претставници на сите релеватни сектори од институцијата, која ќе ѝ предложи на Владата, акциски план со конкретни краткорочни и долгорочни активности, чија цел е да забрза процесот на постигнување видливи резултати во подобрувањето на квалитетот на воздухот“. Од опозициската СДСМ со контраобвинување дека кога бил во опозиција, Мицкоски ветувал над една милијарда евра инвестиции за заштита на животната средина и намалување на загадувањето до 50 отсто.

-Владата веќе работи да се изградат когеративни централи за затоплување на неколку локации, со цел да се намали аерозагадувањето во Скопје, но и во другите градови во земјава, изјави вчера премиерот Мицкоски во одговор на новинарско прашање во врска со обвинувањата од опозицијата дека Владата ништо не презема за справување со аерозагадувањето.

Мицкоски истакна дека оваа порака шокира од страна на опозицијата, бидејќи како што рече „седум години буквално камен на камен не ставија, ако се зафатеја да работат нешто можеби до ова и немаше да дојде, односно можеби ќе беше поинаку“.

Забележа дека на намалувањето на аерозагадувањето работат интензивно, а најголемиот фактор за загадувањето е токму затоплувањето на домовите со дрва, масло, стари плакари и друго, а токму ова е 60 отсто од причините за загадувањето на воздухот. Посочи дека како Влада се во потрага по партнери за изградбата на корегативни централи.

-Ние сме сега во потрага по партнери, коишто на основа на пазарни услови, а не на привилегирани, како што имаше стратешки инвестиции во минатото, заеднички со Владата ќе вложат во систем за затоплување на нашите домови, а кој што ќе биде резултат на согорување на природен гас, односно корегативни централи, кои ќе произведуваат и електрична енергија и гас. Имаме во план неколку да направиме и на тој начин цениме дека барем за 60 проценти ќе биде намалено загадувањето и почнуваме тоа да го развиваме, изјави Мицкоски.

Посочи дека со овие инвестиции ефектите ќе се почувствуваат за три до четири години.

Протоколот што вчера го потпишаа министерот за надворешни работи Бујар Османи и неговата колешка од Бугарија Теодора Генчовска е дипломатски нокаут и капитулација, смета лидерот на ВМРО-ДПМНЕ

Од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) вчера информираа дека ги интензивираат активностите за чист воздух во државава. Потенцираа дека активностите се во тек и континуирано се следи состојбата со квалитетот на воздухот.

-Со почетокот на грејната сезона и промента на временските услови се создаваат услови за зголемување на загадувачките честички на воздухот, што влијаат врз здравјето на луѓето. Министерството работи во континуитет на реализација на долгорочните мерки за намалување на аерозагадувањето, но, оваа година проектираше низа дополнителни конкретни активности и ги насочи сите расположиви ресурси во навремено преземање конкретни мерки, со што ќе се постигне поголем ефект во намалување на аерозагаденоста, се наведува во соопштението.

Во Министерството била формирана интерна работна група за чист воздух од „претставници на сите релеватни сектори од институцијата, која ќе ѝ предложи на Владата, акциски план со конкретни краткорочни и долгорочни активности, чија цел е да забрза процесот на постигнување видливи резултати во подобрувањето на квалитетот на воздухот“.

Направен бил и план за посета и инспекторирање на индустриските капацитети што поседуваат А-интегрирана еколошка дозвола.

Апелираат  до граѓаните и институциите, компаниите и до сите општествени чинители за совесно однесување во однос на начините на затоплување, чистење на оџаците, фрлање на отпадот, палење на депониите, користењето на возила, градежните работи на отворено, палењето на стрништа и слично, со цел сите да дадат придонес кон обезбедување почиста и поздрава животна средина и подобрување на квалитетот на животот.

-Скопје неколку дена по ред е меѓу најзагадените градови во светот. И во други наши градови граѓаните дишат загаден воздух. Последиците се на директна штета на најважното, здравјето на луѓето. ВМРО-ДПМНЕ кога ја бараше довербата од граѓаните ветуваше активна борба со аерозагадувањето. Во програмата на ВМРО-ДПМНЕ, Платформа 1198, стои, дека, цитирам, приоритетни програмски определби на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во областа на заштитата на животната средина ќе бидат: План за обезбедување на чист воздух за сите!, изјави портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска.

Скопје веќе неколку дена е меѓу најзагадените градови во Европа според светските платформи, кои покажуваат дека ПМ честичките се три пати повеќе од дозволеното.

Граѓаните на социјалните мрежи се жалат на загадениот воздух во неколку градови низ државата. Според здравствени работници со кои МИА разговараше, заштитните маски не можат многу да помогнат кога е во прашање загадениот воздух.

Доктор Лилија Чолакова Дервишова, претседател на Здружение на приватни лекари, во изјава за МИА подвлече дека секоја година е исто, а луѓето мора да одат на работа, да се движат. Според неа, воздухот е загаден и поради зголемениот број возила и густо населените места. Индустриските објекти, забележа таа, треба да бидат подалеку од населените места.

- Системски е проблемот. Значи, државата мора прво да ги растерети големите градови. Мора да има децентрализација на главни институции, амбасади, не може сѐ да е во Скопје. Сите бараат добри плати, се селат во Скопје, но, едноставно, Скопје се гуши, појасни Чолакова Дервишова.

Незадоволните граѓани покрај загадениот воздух, се жалат и на непочитување на мерките во некои ресторани и кафеани, каде е дозволено да се пуши во затворено, па велат дека нивното здравје дополнително се влошува. бд/нд/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан