• сабота, 09 ноември 2024
МИА Општински пул

8 ноември 2024 

Битола - Македонско научно друштво-Битола, најстаро научно друштво во државата кое 65 години дава значен придонес за развој на науката, со тркалезна маса на тема „Науката кај нас“, го одбележа Меѓународниот ден на науката.

МНД-Битола со организирање на научни конференции, симпозиуми, собири, тркалезни маси, но и преку научната работа на членовите на МНД која е евидентна во објавените научни резултати во многубројни референтни научни публикации или презентирана на меѓународни научни конференции, почнувајќи од 1960 година и денес, посветено е на науката, истакна професор д-р Даниела Андоновска Трајковска, претседателка на Друштвото.

Скопје - Општина Ѓорче Петров и Република Македонија оваа година го прават првиот чекор кон приклучување кон глобалната иницијатива „Да ги направиме градовите отпорни 2030“ (MCR2030). Овој потег претставува значаен чекор кон развој на локалниот капацитет за управување со ризици и подобрување на отпорноста на заедниците пред природни катастрофи, со цел осигурување на безбедноста и благосостојбата на сите граѓани.

Локалната самоуправа на Ѓорче Петров, во соработка со UNDRR и Центарот за Управување со Кризи, има уникатна можност да работи на зајакнување на инфраструктурата и подобрување на свеста за ризиците кои ги носат природните катастрофи. Преку техничка поддршка и пополнување на Картата за резултати за отпорност на катастрофи, Ѓорче Петров прави чекори кон создавање на подобро координирана и поодржлива заедница.

Велес - Во организација на Народниот музеј од Велес во соработка со Националната галерија на Македонија, Повардарска Епархија и Општина Велес синоќа во Ликовниот салон во Велес беше отворена голема јубилејна изложба насловена „70 години од смртта на Димитар Андонов Папрадишки“.

На изложбата се представени икони од цркви во велешко и 20 профани дела од Националната галерија, информираат од Народниот музеј, кои се организатори на изложбата.

-Тој е  еден од последните зографи и првиот македонски профан сликар кој кон крајот на 19 век го направи историскиот пресврт во македонското сликарство, поврзувајќи ги последните нишки од религиозното сликарство со првите обиди на профано сликарство. Во својот долг и плоден творечки живот Димитар Андонов Папрадишки насликан 1200 икони во  околу стотина цркви во Македонија  и Србија со што се смета за еден од најпродуктивните македонски зографи.Смртта го затекнала на 95 годишна возраст кога во неговото атеље во Скопје останале недовршени дела со профана и религиозна содржина потсети Елица Николова, кустос советик од Народниот музеј организаторите на изложбата.

Скопје - На конкурсот за идејно решение за новата управна зграда на Општина Центар – Скопје, стручната комисија составена од претставници на релевантни институции од струката, образовни институции од областа, како и стручни лица од општинската администрација, избра три најуспешни идејни архитектонски решенија од вкупно 13 пристигнати трудови:

Првата награда е доделена за идејното решение под шифрата „НАМАТ“ на: Нина Карангелеска-Тодоровска, Сара Ничота, Милена Шундовска Четелева и Кристијан Ристовски.

Втората награда ја доби проектот под шифра „ЧКЛАБ“ на ПЛАТФОРМА ДОО Скопје, со авторите: Емил Јегени, Елена Икономов, Веле Богоевски, Јасна Милојковиќ Муратовска, Ана Галевска Момировска, Јосиф Николовски, Ѓоре Миров и Матеа Јегени.

Скопје - Општина Гази Баба е прогласена за најинклузивна општина во Република Македонија. Ова признание доаѓа по целосната реализација на проектот „Инклузија на деца со посебни образовни потреби” кој општина Гази Баба успешно го реализираше заедно со Детската фондација Песталоци и Здружението “Отворете ги прозорците”, информира градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски.

-Ова признание доаѓа како резултат на посветена работа и реализација на проекти, програми и активности со цел целосна инклузија на децата со посебни образовни потреби. Среќен сум, што нашата заложба за обезбедување еднаков пристап до образование за сите деца од општината се спроведува во пракса, а доказ за тоа е ова признание, напиша Стефковски на Фејсбук.

Изминатиот период, општина Гази Баба, како што информираат оттаму, реализираше повеќе проекти во оваа насока. Беа отворени сензорни соби во ООУ Дане Крапчев во Ченто и ООУ Наум Наумовски Борче во Маџари, а дополнително се отвори катче во ООУ Стив Наумов во Автокоманда.

Прилеп - Прилепски „Комуналец“ со голема акција ги чисти депониите околу патот за селото Селце и кон манастирот „Свети Димитрија“. Од јавното комунално претпријатие се загрижени зашто станува збор за нови жаришта на диви депонии.

-Несовесни граѓани создаваат диви депонии загадувајќи ја животната средина и овие нови жаришта загрижуваат зашто пределот кај селото Селце и патот кон манастирот „Свети Димитрија“ граѓаните често го користат за прошетки, излети и посета на Манастирот. Апелираме да престане расафрлањето на отпад и градежен шут, доволно е граѓаните да нѐ побараат и да пријават, велат од ЈКП „Комуналец“ од Прилеп.

Комуналците со градежна механизација и траспортни товарни возила ги исчистија сите поголеми и помали диви депонии на оваа локација, но останува стравот од несовесноста.

Штип - Во посета на Општина Штип денеска беше потпретседателот на Владата Александар Николоски, кој заедно со градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов извршија увид во градежните работи на краци од  улиците „Христијан Карпош“ и „АСНОМ“ во штипската населба Леваци.

Вицепремиерот Николоски истакна дека само оваа година Владата во капитални проекти во Општина Штип инвестира 1,1 милион евра.

-Тоа се улиците „Панче Караѓозов“, крстосницата кај Сењак, тоа е „Петти конгрес“, „Браќа Даневи“и улицата „Солидарност“, коишто веќе се завршени, а е во тек реконструкција на овие улици, каде што сме тука. Тоа се улиците „Христијан Карпош“ и „АСНОМ“, а исто така е завршена и улица во Широк Дол, вели Николоски.

Посочи дека освен овие инвестиции, со средства од буџетот Општина Штип доби околу два милиони евра за изградбата на обиколницата од населбата Железничка до местото викано Рибник.

Штип - Владата ќе обезбеди финансиски средства за уредување на депонијата во Кочани со цел да се реши проблемот со кој се соочуваат кочанчани со години наназад, а тоа е чадењето и загадувањето на воздухот.

Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, денеска од Штип на новинарско прашање за решавање на проблемот со депонирање на отпадот на општините Виница, Зрновци, Чешиново-Облешево на кочанската депонија одговори дека Владата ќе се залага за обезбедување на финансиски средства за уредување на депонијата и да не се отвораат нови диви депонии. Ова ќе трае се до изградбата на првата регионална депонија во светиниколското село Мечкуевци, со цел да не се реактивираат веќе затворените депонии во источниот регион.

Скопје - Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денес доби значајно признание. Од страна на Сојузот на специјални едукатори и рехабилитатори на Република Македонија, му беше доделена благодарница за посебен придонес во развојот на едукацијата и рехабилитацијата на лицата со попреченост.

-Ова признание ја носи со себе не само мојата лична гордост, туку и гордоста на целата Општина Кисела Вода и нејзината посветеност кон ранливите категории на граѓани, особено децата и лицата со пречки во развојот. Кисела Вода е препознатлива како општина која активно вложува и работи на создавање подобри услови за живеење на овие категории. Горди сме што реализиравме низа проекти и мерки кои го подобрија секојдневието на лицата со попреченост. Меѓу најзначајните иницијативи е отворањето на дневниот окупационен центар, во соработка со невладината организација “Крик”. Обезбедивме и простор за дневни активности за Здружението за деца со церебрална парализа, при што сите трошоци се покриени од сопствени средства. Секоја година ја збогатуваме библиотеката на децата со оштетен вид од ДУРМДОВ “Димитар Влахов” со книги напишани со Брајово писмо. Децата со попреченост активно учествуваат и во сите наши настани од културата. Секоја година, под наше покровителство, се одржува неколкудневен фестивал на инклузија со цел подигнување на свеста за ова општествено прашање. Во основните училишта во општината, опремивме сензорни соби, со што овозможивме учениците со различни потреби да ја добијат потребната поддршка. Во зградата на општината обележавме патеки за слепи лица, што сведочи за нашата решителност за создавање инклузивно општинско опкружување. Посебно сум горд на фактот што во општинската администрација имаме вработено лица со Даунов синдром и со попречен вид. Ова е пример за вистинска инклузија и докажува дека сите заслужуваат еднаква шанса и еднакво придонесуваат кон општеството, истакна Ѓорѓиевски во своето обраќање.

Прилеп - Прилепската локална самоуправа започнува постапка за присилна наплата за сите кои не платиле данок на имот и комунална такса. Крајниот рок даночните обврзници да ги подмират заостанатите обврски е 30 ноември. Во текот на годинава, Општината ги испрати опомените до физичките и правните лица.

-Станува збор за неплатени околу 30 милиони денари на име данок на имот, комунална такса, фирмарина. Во овој период ги опоменуваме сите кои неплатиле, физички и правни лица, обврските да ги завршат до крајот на месецов, потоа ќе следува присилна наплата. Некои даночни обврзници со години не плаќале, објаснува Горан Стојаноски, раководител на одделението за буџетска контрола при локалната самоуправа во Прилеп.

Скопје - Општина Кисела Вода ја почна редовната есенска дератизација, дезинсекција и дезинфекција на над 2100 шахти на територијата на целата општина која ги опфаќа сите урбани и местни заедници.

Оваа редовна акција, како што информираат од Општината, има за цел да ги уништи штетните глодари, но, се врши и како превенција од заразни болести.

Во рамки на оваа есенско чистење, со дезинфекција ќе се опфатат и сите градинки и основни училишта во Кисела Вода. 

-Ги известуваме жителите од нашата општина дека процесот на оваа есенска акција се врши исклучиво со препарат од сертифициран производител кој има за цел да ја намали популацијата на глодарите, издаден со одобрение од Министерството за здравство на Република Македонија, велат од Општина Кисела Вода. 

Тетово - Како вработените во полиција, центри за социјална работа, здравствени установи, основни судови, подрачни одделенија за правда, да дадат подобар институционален одговор кога во прашање е семејното насилство и заштита на жртвите е целта на Форум за практичари што денес во Тетово се организираше од страна на Здружението ЕСЕ од Скопје. Форумот во Тетово следува по ваква средба во Куманово, Прилеп и Битола.

-Како организација на национално ниво сме вклучени во процесите на подготовка и спроведување на национални стратегии и планови кои што се однесуваат на семејното насилство и планираме многу брзо време се она што ќе го добиеме како наоди од практичарите да го искористиме за да ја поткрепиме потребата за планирање базирано на докази, односно да предвидиме специфични мерки согласно потребите на жените што претрпеле семејно насилство, но и согласно потребите на оние кои што обезбедуваат помош и поддршка за жените, истака Стојан Мишев од Здружението ЕСЕ.

На форумот се разгледуваше искуството на практичарите во однос на постапката за изрекување на привремени мерки за заштита и законските можности за обезбедување на финансиска поддршка за жените што претрпеле семејно насилство.

Охрид – Осумдесеттина епохални наоди, исклучително вредни археолошки предмети се пронајдени при истражувањата на Архајска некропола од шестиот век пред нашата ера на локалитетот Расница во атарот на струшкото село Корошишта.

Брознен шлем со позлата, бронзен штит, килибарни и стаклени перли, сребрени игли, котел со постамент, златни прстени и фолии со различна форма и декорација е само дел од предметите пронајдени во ископувањата, што денеска беа презентирани пред јавноста.

На прес-конференција свикана по повод откритието беше истакнато дека се работи за две гробници од кои едната со димензии седум на четири метри, на пет метри длабочина, што според артефактите и додатоците пронајдени укажува дека припаѓала на член на елитно семејство што владеело со регионот во тоа време.

Битола - Градоначалникот на Општина Битола Тони Коњановски, изврши увид на градежните активности на новата противпожарната зграда чија изградба влегува во финална фаза.

Територјалната противпожарна единица е на парцела од 3.300 квадратни метри, со корисна површина од 1.600 квадратни метри, истакна Коњановски.

-Битола добива нов објект кој градот го заслужува со оглед на тоа дека територијалната противпожарна единица ги опфаќа општините Битола, Ресен, Могила, Новаци и Демир Хисар. Во моментот се прават преградните ѕидови пред затворање до карабина, исто така во изработка е челична конструкција над која ќе се изработи кровната конструкција, а со тоа предвидено е до крајот на годинава, објектот да биде затворен. Подолго време сме во преговори со Министерство за надворешни работи и Министерство за одбрана на САД, кои го разгледаа проектот, презадоволни се и имаат желба  да помогнат во дооформувањето на објектот, во делот на опремувањето. Во текот на идната година Битола, битолчани и поширокиот регион ќе добијат нова противпожарна единица, истакна Коњановски.

Дојран - По наша иницијатива и силни заложби, пратената информација од страна на Општина Дојран до Владата е прифатена и е задолжено Министерството за животна средина и просторно планирање да одвои средства за реконструкција на хидросистемот и истиот да биде пуштен во употреба, објави денеска градоначалникот на Дојран, Анго Ангов.

Во информацијата доставена од Владата до Општината се наведува дека на 5 овој месец била разгледана и усвоена информацијата за ставање во функција на Хидросистемот „Спас за Дојранското Езеро“ за дотур на вода во Езерото.

-Владата го задолжи Министерството за животна средина и просторно планирање да предвиди и алоцира финансиски средства во буџетот за 2025 година за реконструкција на Хидросистемот „Спас за Дојранското Езеро“ и негово ставање во функција за да обезбеди дотур на вода во Дојранското Езеро со цел за спречување на голема еколошка катастрофа со оглед на фактот дека моменталната ситуација со нивото на водостојот на Дојранското Езеро е 76 сантиметри под дозволениот минимум, стои во информацијата од Владата.

Струга - Со положување цвеќе пред споменикот на Револуцијата во Струга и на бистите на паднатите борци на кејот на реката Црн Дрим, како и свечена седница на Советот на Општина Струга денеска беа одбележани 80 години од ослободувањето на градот.

Во рамките на јубилејот 80 години слободна Струга, пред спомен обележјата се поклонија делегација на Општина Струга, предводена од градоначалникот Рамиз Мерко, Сојузот на борците од Струга, претставници на политички партии, армијата, пензионери, граѓани...

Претседателот на Сојузот на борците на народноослободителната и антифашистичката војна на Македонија во Струга, Ајредин Мемеди, честитајќи им го Денот на ослободувањето на своите сограѓани, истакна дека им оставаат аманет на следните генерации да го чествуваат и почитуваат овој ден.

- Оставаме аманет на следните генерации да го чествуваат и почитуваат овој голем ден, зашто е во чест на сите кои ги положија животите за слободата на Струга. На борците од Втората светска војна, борците, кои ги дадоа своите животи за слободна, самостојна Македонија, кои се изборија за слободен град. Се поклонуваме и им одаваме почит за нивното херојство и жртва што ги дадоа за овој град. Им благодариме за идеите, за потребата да си свој на своето. Ветуваме дека, како генерација ќе се грижиме за почитта кон нив, да не бидат заборавени, рече Мемети во своето обраќање.

Остани поврзан