• четврток, 26 декември 2024
МИА Флеш

8 ноември 2024

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски вчера во Будмпешта на самитот на Европската политичка заедница имаше многу значајна средба со претседателот на Франција Емануел Макрон, којшто во моментов практично станува лидер на Европа, имајќи предвид дека Владата во Германија е пред пад и дека извесно е дека не подоцна од март 2025 година таму ќе има избори, изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски при посета на Штип, одговарајќи на новинарски прашања.

-Макрон во моментов неспорно е лидер на Европа, политичар којшто има највисока поддршка и најстабилен мандат во рамки на ЕУ од сите големи земји-членки и на конференција којашто трае само еден ден, да одвои толку време за да се сретне со премиерот на Македонија, мислам дека многу говори и за личниот авторитет што го има премиеорт Мицкоски и за угледот што го ужива Македонија, оцени Николоски.

Тој рече дека нема информации дали на самитот во Будимпешта дошло до средба меѓу премиерот Мицкоски и бугарскиот претседател Румен Радев.

Мицкоски вчера на маргините на самитот на Европската политичка заедница во Будимпешта, остварил средба со шефот на француската држава Макрон. Мицкоски по средбата објави дека со Макрон отворено разговарале за одблокирање на патот на Македонија кон Европската Унија. Меѓудругото, Мицкоски информира дека остварил низа билатерални средби, на кои ги презентирал нашите аргументи, како ја гледаме нашата економска иднина, како што рече, она што е важно, нашите економски цели, начинот на којшто планираме да ја развиваме нашата Македонија, но истовремено да ги презентираме нашите погледи и аргументи за нашиот евроинтегративен пат. 

Скопје - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски утрово оствари средба со амбасадорот на Суверениот Воен Ред на Св. Јован  од Ерусалим, Родос и Малта Франческо Саверио Џусти.

-За време на разговорот беше изразено задоволство од успешниот развој на билатералните односи кои се одраз на меѓусебно разбирање и искрена почит. Министерот Муцунски изрази благодарност за досегашните реализирани донации заедно со организираните хуманитарни акции кои оставаат траен белег во зацврстувањето на меѓусебните односи, соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

Во разговорите со својот соговорник, министерот Муцунски ги поздравил континуираните заложби на Суверениот Воен Ред на Св. Јован од Ерусалим, Родос и Малта на меѓународната сцена, посебно вреднувани заради вековните заложби за воздигнување на хуманоста и меѓусебното разбирање.

Скопје - Нотираните забелешки од страна на Европската Унија во последниот извештај на Европската комисија за напредокот на земјава биле тема на разговор на денешниот состанок на Секторската работна група за реформа на јавната администрација во Владата на кој учествуваше и министерот за јавна администрација Горан Минчев. На средбата станало збор и за констатираните забелешки, слабости и злоупотреби на балансерот, кој е укинат од Уставниот суд, нотирани во претходните извештаи на Европската Унија.

-Согласно последниот извештај на Европската комисија постигнувањето на реформата на јавната администрација се движи со умерен напредок. Токму реформата има клучна улога во обезбедувањето на ефикасност, транспарентност и одговорност во работата на државните институции што, пак, е есенцијално за евроинтегративните процеси на секоја земја, рече Минчев на прес-конференција во Владата по состанокот на Секторската работна група за реформа на јавната администрација.

Нагласи дека согласно извештајот имаме добро воспоставена стратешка рамка за реформа на јавната администрација, но треба да се започне со процесот за остварување на визијата за деполитизирана, ефикасна и отчетна јавна администрација што обезбедува квалитетни и лесно достапни услуги за граѓаните и за бизнис заедницата.

Скопје - Вицепремиер за добро владеење и транспарентност Арбен Фетаи објави дека на својот службен меил добил порака со смртна закана. 

-  Од европската престолнина Брисел, се чувствувам принуден да реагирам на закана по живот што ја добив на мојата официјална е-пошта. Оваа закана дојде по мојата вчерашна изјава за издвојување на дефиницијата „20 проценти“ за албанскиот јазик. Не можам да стојам рамнодушен на оваа закана. Го известив министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, барајќи постапување и зголемување на мерките на моето лично обезбедување, објави Фетаи на својот Фејсбук профил. 

Заканите и екстремистите, нагласува Фетаи, мора да го добијат одговорот што го заслужуваат: затвор според постоечките закони.

Скопје - Го зголемивме бројот на ромски образовни медијатори. Досега се ангажираа 40 годишно во основно образование, оваа година ангажираме 50. Со измени на Законот за средно образование, дополнително ќе бидат ангажирани 35 медијатори, рекла министерката за образование и наука Весна Јаневска на потпишувањето договори со избраните медијатори по првиот јавен повик. Вчера беше објавен и повторен повик за шест ромски образовни медијатори. 

-Образовните медијатори имаат благородна работа да им објаснат на родителите и да ги убедат учениците колку е важно да учат и да одат на училиште. Истовремено, треба да имаат добра соработка со училиштата, за да го зголемиме бројот на запишани ученици Роми и да спречиме тие да го напуштат образованието предвреме. Медијаторите им помагаат да ги надминат потешкотиите со кои се соочуваат и ги мотивираат да достигнат што повисоко образовно ниво, појаснила министерката Јаневска. 

Таа, како што информираат од Министерството за образование и наука, посочила дека зголемувањето на инклузијата на децата Роми во основното и во средното образование е програмска определба на Владата и затоа, освен поддршката преку образовните медијатори, се зајакнува и помошта преку стипендии. 

Скопје – Државната комисија за спречување на корупција  (ДКСК) денеска одлучи да ја запре постапката за судир на интереси за претседателка на Врховен суд, Беса Адеми и Јавниот обвинител на РСМ, Љупчо Коцевски, како членови на Управен одбор на Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО). 

ДКСК утврди дека претставката не е основана бидејќи тоа се членови на АСЈО согласно исклучокот од забрана за членство во управни и надзорни одбори. 

- ДКСК оцени дека во конкретниов случај, при назначувањето на членови на УО е постапено согласно законската можност за исклучок од забраната за членство во управни и надзорни одбори. Не постои акумулација на функции спротивна на закон и не се основани наводите за злоупотреба на буџетски средства, се запира постапката, одлучи ДКСК. 

Скопје– Судскиот совет и Советот на јавни обвинители да преземат мерки со кои ќе ги стават вон сила своите одлуки за назначување на членови на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО), порача Државната Комисија за спречување на корупција (ДКСК).

Според нив, одлуките се спротивни на Законот за спречување на корупција и судир на интереси и Закон за АСЈО.

Оттаму истакнаа дека согласно членот 44 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, членовите на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители не смеат да вршат функции во органи на управување кои располагаат со државен капитал. Судирот на интереси се јавува бидејќи Управниот одбор на Академијата одлучува по жалби на кандидатите за судии и јавни обвинители.

Скопје - Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) секоја година реализира кампања „Користи зимска опрема“. Кампањата започнува на 15 ноември и трае до 15 март следната година, а се реализира со цел потсетување на возачите на законската обврска за задолжително носење и користење на зимска опрема за возилата во овој временски период, и нивно советување за подготовка на возилата за безбедно учество во сообраќајот во зимски услови, информираат од РСБСП.

Зимската опрема за возилата подразбира - за лесни моторни возила зимски пневматици на сите четири тркала со минимална длабочина на шарите од 4 mm (6 mm за возила со погон на сите четири тркала) или - летни пневматици на сите четири тркала со минимална длабочина на шарите од 4 mm (6 mm за возила со погон на сите четири тркала) и носење на синџири за снег во возилото, потоа за тешки моторни возила зимски пневматици на погонските тркала и прирачен алат (лопата).

Скопје - Под влијание на постудена воздушна маса од север во недела дневната
температура ќе опадне за пет до седум степени целзиусови.

Потоа, како што најавуваат од УХМР, следува период на променливо облачно и постудено време со повремени врнежи од дожд, а на повисоките планини ќе има услови за провејување на снег.

Киев – Претседателот на Украина, Володимир Зеленски денеска изјави дека е неопходно заеднички и одлучно да се дејствува на меѓународно ниво и побара пакети и оружје „а не само зборови“.

- Секој пат кога Русија се обидува да ги уништи нашите животи, клучно е да одговориме колективно и одлучно на меѓународно ниво за да го намалиме и блокираме потенцијалот за терор. На Украина и е потребна сила да го постигне тоа. Тоа е единствен начин да се постигне праведен мир и да заврши убивањето на нашиот народ. Противвоздушни капацитети со долг дострел, пакети оружје и санкции против агресорот - тоа се акции кои се бараат, а не само зборови, објави Зеленски на Икс.

Тој потсети дека во текот на ноќта руските сили нападнале неколку украински градови со беспилотни летала и проектили, вклучувајќи ги и регионите Одеса, Харков и Киев.

Москва - Рускиот претседател Владимир Путин е подготвен да разговара за Украина со новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, но тоа не значи дека Путин е подготвен да се откаже од неговите барања, така што целите на Русија во Украина остануваат непроменети, соопшти денеска Кремљ.

Путин вчера му ја честиташе победата на Доналд Трамп на изборите во САД, го пофали за покажаната храброст кога вооружен маж се обиде да го убие и рече дека Москва е подготвена за дијалог со новоизбраниот претседател на Републиканската партија.

Запрашан за можен телефонски разговор меѓу Трамп и Путин, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека сè уште нема ништо конкретно да известува и рече дека би било прерано да се зборува за подобрени руско-американски врски.

Тел Авив– Новиот шеф на израелската дипломатија, Гидеон Сар, наскоро ќе замине во итна дипломатска посета на Амстердам, по конфликтот околу фудбалскиот натпревар меѓу Ајакс и Макаби од Тел Авив одигран синоќа во рамките на Лига Европа.

- Во светло на тешките настани, министерот за надворешни работи Гидеон Сар наскоро ќе замине во итна дипломатска посета на Холандија, соопшти неговото министерство.

Навивачите на Макаби Тел Авив синоќа се судрија со пропалестински демонстранти пред и по натпреварот од Лига Европа меѓу нивниот тим и Ајакс пред стадионот на Ајакс во Амстердам, јавија медиумите и официјални претставници.

Холандската полиција денеска соопшти дека по судирите кои почнале по завршувањето на фудбалскиот натпревар, уапсени се 62 лица, додека пет се пренесени во болница.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху утринава најави дека веднаш испраќа два авиони за да ги врати израелските навивачи дома.

Варшава– Полските обвинители денеска соопштија дека руски разузнавачки служби најверојатно стојат зад серијата пакети што експлодираа во јули во курирски центри низ Европа, посочувајќи ја Москва како главен осомничен во случајот што можеше да предизвика авионска несреќа.

Западни дипломати претходно изјавија дека Русија се обидува да ги дестабилизира украинските сојузници преку саботажа.

Експлозиите во курирските центри во Велика Британија, Германија и Полска во јули, според властите, имаа потенцијал сериозно да ескалираат и да предизвикаат експлозија во авион.

Безбедносни функционери изјавија дека пакетите биле дел од планот чија крајна цел била да предизвикаат експлозии на товарни летови кон САД и Канада.

Вашингтон - Германскиот производител на автомобили „Фолксваген“ повлече 114.478 возила во САД поради проблеми со воздушните перничиња, коишто, под одредени околности би можеле да претставуваат опасност за возачите, соопшти американската Национална управа за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Според наводите, воздушните перничиња на страната на возачот би можеле да експлодираат поради долготрајна влажност и високи температури и да ја загрозат неговата безбедност.

Повлечени се некои возила „Пасат“ произведени од 2012 до 2014 година, „Пасат“ седаните од 2006. и 2007., „Пасат вагоните“ од 2017. и некои познати модернизирани „Буби“ произведени меѓу 2017. и 2018 година, се додава во соопштението.

Остани поврзан