• недела, 21 јули 2024
МИА Општински пул

14 јуни 2024 

Делчево - Феминативите полека, но сигурно си го добиваат своето место во македонскиот јазик. Па, често, речиси секојдневно, забележуваме именки, кои означуваат професија/функција и се употребуваат во женски род. Така, освојувајќи функции, жените полека го освојуваат и јазичниот простор преку сè поголемата употреба на феминативите, а со тоа се привлекува и вниманието и на јавноста, но и на научната фела. 

Темата за употребата на феминативите, проследена со длабока анализа на написи и коментари од познатиот македонист Благоја Корубин, повторно ја актуелизираше проф. д-р Лидија Тантуровска од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ на годинешните „Денови на Благоја Корубин“, кои се одржаа во Делчево. Проф. Тантуровска потенцираше дека употребата на феминативите во македонскиот јазик е актуелно уште од средината на 20-тиот век и зависи како од процесот на развојот на јазикот, кој не може да се сопре, така и од општествено-политичките промени.  

Прилеп - Со доделувањето на наградите и со концерт на Добрила и Дориан дуо во чест на наградените, вечер во Прилеп ќе заврши 58. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.

Напладне жирито во состав: д-р Марина Миливојевиќ-Маѓарев, театарска критичарка од Србија, д-р Марина Катниќ-Бакаршиќ, драматург од Сараево и актерката Варја Ѓукиќ од Црна Гора, на прес-конференција во Центарот за култура „Марко Цепенков“ ќе ја соопшти одлуката за најдобрите остварувања и за најдобрата театарска претстава во целина на годинашниов Фестивал. Годинава прв пат и публиката гласа и ќе биде соопштено која претстава, според неа, е најдобра.

Скопје - Прекинато водоснабдување  денеска од 8.30 часот ќе имаат корисниците од  улиците „Иван Козаров“, „Киро Крстевски“, „Боте Боцевски“, „Марко Цепенков“, „Вера Јоциќ“ и „Божидар Аџија“ во Кисела Вода  поради изведување водоводен приклучок ф-200мм на ул. „Иван Козаров“ 6, соопшти ЈП Водовод и канализација.

Во останатиот дел од населбата, односно во објектите во близина на наведените улици, водоснабдувањето ќе биде со намален притисок.

Скопје - Триесет и шестгодишна жена од Кратово синоќа ги убила сопругот и свекорот. МВР соопшти дека жената со иницијали В.И. е приведена и задржана во полициска станица и по целосно документирање на случајот против неа ќе биде поднесена соодветна пријава.

Како што соопшти денеска МВР, жената се сомничи дека во семејната куќа во Кратово со остар предмет ги нападнала нејзиниот сопруг Ј.И.(38) и неговиот татко С.И.(63), кои починале од здобиените повреди.

Скопје - Во изминатите 24 часа, на 112 - бројот за итни случаи, евидентирани се вкупно 2.122 повици, од кои како реални биле класифицирани 63.29 отсто. Единаесет пожари се регистрирани на отворено, како и неколку помали интервенции. Заради силен ветар, изминатото деноноќие изгореле и објекти и куќа, информираат утрово од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Пожарникари интервенирале на запалени ниска вегетација и ѓубре во општините Битола, Валандово, Велес, Гази Баба, Долнени, Прилеп, Сарај, Свети Николе, Сопиште, Тетово, како и во Штип.

Скопје - Ослободено е мече, кое било заглавено во гранки на дрво во двор на викендица во Маврови Анови. Случајот бил пријавен утрово во 7:35 часот на Единствениот број за итни случаи 112, соопшти Центарот за упрување со кризи (ЦУК).

Секторот за операции и координација од ЦУК веднаш ги известил Националниот парк „Маврово“ и МВР.

Скопје - Од 8 до 15 часот денеска без електрична енергија ќе бидат корисниците од ул. „Македонија“ - зградата на „Вардар технометал“, хотелот „Турист“, ЈП за државни патишта, зградата  ВМРО и околината во општина Центар, соопшти Регионалниот центар за управување со кризи по известување добиено од ЕВН Македонија а.д.

Од 9 до 15 часот електрична енергија ќе немаат и корисниците од селата Орман и Никиштани во општина Ѓорче Петров, од 9 до 10 часот -  корисниците од зграда на ул.„Соле Стојчев“ бр.5, спроти Гранап, во општина Карпош и од 7.30 до 12 часот без струја ќе бидат корисниците од село Батинци во општина Студеничани.

Скопје - Без вода денеска од 9:40 часот е дел од Студеничани. Како што соопшти ЈП „Водовод и канализација“ -  Скопје, прекинот е поради уличен дефект на улица „5“ во Студеничани. Водоснабдувањето ќе биде прекинато до завршување со работните активности.

 

Остани поврзан