• сабота, 27 јули 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

22 мај 2024

Куманово - Браната Липково полека се стабилизира, по вчерашните врнежи од град и дожд, соопштија денеска од Водостопанство „Кумановско-липковско поле“.

- Во текот на вчерашниот ден, во попладневните часови, дојде до заматување на водата во брана Липково, како и поплавување на тунелот од брана Липково до „чвориште“ на место викано „Калишњак“. Во директниот вод што води до филтер станица на ЈП ВОДОВОД Куманово е надојдена заматена вода, информираа од кумановското водостопанство

Оттаму соопштуваат дека вво текот на денешниот ден веќе до „Водовод“ Куманово пристигнува вода со мала заматеност над дозволеното. Брана Липково веќе е сталожена, со што се очекува во вечерните часови, „Водовод“ Куманово да добива вода со заматеност во граници на дозволеното.

Прилеп - Еколошкото друштво „Бигла“ од Демир Хисар, започна со реализација на проектот „Подобрување на квалитетот на живеење во подрачјата со специјални развојни потреби во Пелагонискиот плански регион преку јакнење на свеста кај населението за заштита на животната средина и отпорноста кон климатските промени“, поддржан од Министерството за локална економија-Биро за регионален развој.

Почна со работа првата , а ќе се одржат вкупно шест работилници за производителите на храна од руралните подрачја на општина Демир Хисар. Учеството во работилниците е добредојдено и за сите од Пелагонискиот плански регион.

Работилниците опфаќаат голем број теми кои ги засегаат земјоделците и компаниите кои произведуваат разни видови прехранбени производи. Меѓу темите се: климатските промени, мерки за справување, одржливо земјоделство, енергетска ефикасност, зелени бизниси, циркуларна економија, разработка на бизнис модели, инвестиции, грантови шеми, кредитирања.

Прилеп - Во соработка со прилепскиот Завод и музеј од Прилеп во галеријата Чифте амам во Скопје е отворена изложбата на Али Фети Окјар, истомисленик и соработник на големиот турски државник, татко на модерна Турција, Ќемал Ататурк.

Изложбата „Али Фети Окјар- истомисленик и соработник на Ататурк“ е проследена со истражување е проект на прилепскиот Завод и музеј. Беше во рамките на Програма за остварување на национален интерес во областа на културата за 2023 година финансирана од Министерството за култура,  кој беше препознат и како можност за развивање на меѓуинституционалната и меѓунационалната соработката во Република Северна Македонија, но и соработка со Република Турција.

Битола - Општина Битола ќе издвои 300.000 денари за развој на универзитетскиот спорт на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ со што ќе продолжи контиунираната поддршка што почна пред две години.

Од УКЛО Битола информираа дека со локална и поддршка на Универзитетската спортска федерација, ќе се зголеми физичката и спортската активност на студентите кои на располагање ја имаат и универзитетската спортска сала „Павел Шатев“ во Битола.

Универзитетот во изминатиот период организирал повеќе спортски настани што се одржаа во рамки на универзитетската лига, односно веслање, едрење, тенис, куглаање, ракомет, фудбал и други екипни спортови, а се најавуваат и други спортски содржини.

Гостивар - Непознати лица испишале текст на албански јазик со навреди и го исшараа монументот кој се наоѓа на кејот во Гостивар. Претходно на срцето беше исцртано македонското знаме и делови од словенската азбука, како чин за одбележување на 24 Мај - денот на писменоста.

Гостиварци од утрово по социјалните мрежи го осудуваат овој чин.

- Ова не е постапка со која се отсликува соживотот на гостиварчани, зошто сите ние- македонци, албанци, турци, роми. Сме растеле заедно, сме се почитувале и сме ги негувале различностите. Ова може да го направи само оној што не израснал со овие вредности, напиша Ема Мешковска, советник во општинскиот совет и еден од иницијаторите да се одбележи денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј.

Охрид – Околу 400 матуранти од охридските средни училишта денеска беа дел од убавата традиција полнолетството да биде прославено со танц што истовремено се игра во повеќе градови во земјата и во други градови низ Европа.

Нив ги поздрави градоначалникот Кирил Пецаков, посакувајќи им реализација на она што го замислиле за својата иднина, да сонуваат и да не се откажуваат од соништата...

- Оние кои се доволно луди да мислат дека можат да го променат светот се оние и кои го прават тоа. Во животот разликата помеѓу успехот и неуспехот помалку или повеќе се должи на храброста. Човекот не може да се искачи по скалилата на животот со рацете в џеб, рече тој.

Охрид - Со учество на 448 пријавени маратонци од 35 земји викендов ќе се одржи шестото издание на „Охрид Ултра-Треил“ трката низ падините на планината Галичица.

Атлетичарите и вљубениците во спортот и природата ќе бидат дел на една од петте предвидени трки низ пикторескните падини на Галичица и долж крајбрежјето на Охридското Езеро.

Стартот на трката од 107 километри е закажан за 24 мај од Градскиот плоштад во 23 часот, додека останатите ќе се трчаат на 25 мај, со старт на 66-километарската трка од Свети Наум во 7 часот, трката на 42 километри стартува од Пештани во 9 часот, а трките на 22 и десет километри од Велгошти од 10:30 односно 11 часот. 

Новина оваа година е јуниор-треил трката, наменета за деца од 13 до 18 година, на која ќе учествуваат над 60 пријавени тркачи.

Финишот за сите пет трки ќе биде на Градскиот плоштад.

Кавадарци - Изложба на дела од ликовниот уметник и педагог Ванчо Кеков беше отворена синоќа во Музеј галеријата во Кавадарци. Изложбата содржи шеесетина  дела создавани во текот на изминатите години и се претежно во техника акварел. Пред присутните се обрати директорот Јаким Зимоски, а за делата и за самиот автор говореа претседателот на Советот на Општина Кавадарци д - р Стојанчо Рамов и виш кустос историчар на уметност Трајче Цветков.

- Имаме задоволство да уживаме во ретроспективната изложба на нашиот почитуван ликовен уметник Ванчо Кеков кој 40 години опстојува и го збогатува македонскиот ликовен свет. Во овие дела со различна сликарска техника во која преовладува акварелот ние проникнуваме и го гледаме неговиот имагинарен свет. Токму со акварелот Кеков блеснува во полн сјај и со право можеме да кажеме дека е еден од наследниците на еден голем уметник на кој исто така заштитен знак му се акварелите а тое е Баснарков. И во тематскиот дел тие се слични а инспирацијата му се пејсажите од Ваташа, Моклиште и Тиквешките природни убавини, рече Цветков. 

Остани поврзан