• вторник, 23 јули 2024
МИА Општински пул

23 мај 2024 

Гостивар– Во рамки на проектот „Место за растење: Општини посветени на децата“ денеска во Центарот за млади заедницата/Youth and Community Center во Гостивар се одржа локалната конференција на тема „Одлучувам, значи постојам“.

На конференцијата претставници на локалната самоуправа, образовни институции, градинки и невладини организации дискутираа за унапредување на детските права преку вклучување на децата во процесот на одлучување.

Во обраќањето Драги Змијанац, коосновач и претседател на Првата детска амбасада во светот претстави дел од досегашните и планираните активности за развивање на концептот „Општини посветени на децата“.

Тој напомена дека е многу важно, за локалната самоуправа да ги детектира вистинските потреби и проблеми со кои децата и младите се среќаваат во општините и да може навремено со советниците, односно локалната и извршна власт заедно со градоначалникот да ги спроведат.

Пехчево - Во Пехчево се реализираше активност за начинот и правилата на однесување на пешаците во сообраќајот. Активноста се реализираше во соработка со ОВР - Берово - беровската Полициска станица од општа надлежност и детската градинка „7 Септември“ во Пехчево.

- Децата се движеа по улица каде нема пешачка патека - тротоар и улица со пешачка патека - тротоар и притоа им беше објаснето од страна на стручните служби, како треба да се движат и во двата случаја, потоа ја преминуваа улицата на место каде има пешачки премин и на крстосница каде нема пешачки премин, појаснија од ОВР - Берово.

Во рамки на настанот, децата учеа каде се наоѓа полициската канцеларија во Пехчево, се запознаа со полициското возило, како и со дел од опремата што ја користат полициските службеници.

Штип - Економскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ денеска свечено ја отвори Лабораторијата за квантитативни истражувања во економски и организациони науки при УГД.

Проректорот за инвестиции, развој и одржување при УГД-Штип, Дарко Лазаров истакна дека ова е една од серијата лаборатории во рамките на Универзитетот и ќе има едукативна цел за  студентите во рамките на сите циклуси на студии. 

-Овде ќе можат да се изведуваат наставни и образовни активности кои се поврзани со квантитивните истражувања во проучување на економските области. Она што исто така е многу битно е тоа што лабораторијата ќе има научно истражувачка цел за професорите и истражувачите на УГД, вели Лазаров.

Дебар – Дебарското одделение за внатрешни работи поднесе кривична пријава против дебранец, кој следел сограѓанка и ѝ го одзел  мобилниот телефон.

-Кривична пријава е поднесена против У.Ф.(63) од Дебар поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „кражба“  и  „демнење“. Тој, извесно време следел женско лице од Дебар, а на 7 месецов од работната канцеларија ѝ го одзел мобилниот телефон, информираше Стефан Димоски портпарол на Секторот за внатрешни работи-Охрид.

Скопје - Ново амбулантно возило доби ЈЗУ Општа болница со проширена дејност - Гевгелија, донација од „Новоматик Македонија“, соопштија попладнево од компанијата.

- Новото амбулантно возило е опремено со најнова медицинска технологија, со што се осигурува дека болницата може да обезбеди најдобра можна грижа за пациентите во итни ситуации, се појаснува во соопштението.

Кочани - Во ОУ „Никола Карев“ во Кочани во тек се градежни работи за поставување фотоволтаични панели, со што ќе се обезбеди поголема енергетска независност и намалување на трошоците за електрична енергија.

Панелите се со моќност од 40 киловати и се инсталираат на кровната конструкција, во согласност со договорот што беше потпишан минатиот месец како дел од проектот „Инсталација на фотоволтаични системи на јавни објекти во Источниот плански регион“.

Крива Паланка -  Во чест на споменот на преподобниот отец Свети Јоаким Крчовски што се празнува денеска со Светата божествена литургија во манастирот „св.Јоаким Осоговски“ во Крива Паланка, Македонската православна црква - Охридска архиепископија го чествува светецот што беше канонизиран во 2022 година.

Крчовски бил учител и просветител што долги години со своето дело и свештеничката професија учителствувал во Крива Паланка, поучувајќи го народот, со морални поуки од христијанството.

Чествувањето на денот на светителот Кумановско-Осоговската епархија го отпочна синоќа со празнична вечерна богослужба во манастирот, а продолжи денеска, со пречек на архиереите од МПЦ - ОА и Света божествена литургија, во преполниот храм верници и добронамерни луѓе.

Кочани - Позитивна разлика од над 23 милиони денари остварила Општина Кочани во текот на мината година од приходите во однос на трошоците за јавното осветлување во градот и населените места.

Во текот на 2023 година од физичките и правните лица врз основа на комуналниот надоместок за јавно осветлување биле наплатени нешто повеќе од 34,4 милиони денари. Околу една третина од овој износ, односно близу 11 милиони денари веќе се исплатени за потрошената електрична енергија.

Скопје - Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денес на излет во Пеленица се дружеше со децата со церебрална парализа. Како што истакна, овие излети станаа традиција која со радост ја продолжуваат веќе неколку години и секој пат одново потсетуваат на важноста заедничките заложби за создавање на подобро општество за сите.

- Лицата со церебрална парализа не смеат да бидат маргинализирани. Тие се дел од нашата заедница и заслужуваат поддршка и разбирање. Со ваквите дружења и настани, се надевам дека им го разубавуваме секојдневието и им покажуваме дека не се сами во своите предизвици-изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Неготино -  Книгата ,,Со солзи по патот на судбината" од авторот Диме Ристов - Кана, беше промовирана синоќа во Центарот за култура ,,Ацо Ѓорчев" во Неготино.  Станува збор за автобиографско дело, за животот на едно посвоено дете и предизвиците со кои се соочувало тоа дете и патот низ кој се градела неговата личност низ времето.

Издавач на книгата е градската библиотека ,,Феткин" од Кавадарци. Директорот на оваа културна установа, Петар Гурев, како промотор, рече дека даваат поддршка на авторите и литературните дела, па и на оваа автобиографија. Гурев нагласи дека книгата предизвикува изобилство на емоции. 

Куманово - Во тек е целосна реконструкција, со нов слој на асфалт на трасата од мостот од влезот на Куманово до село Проевце, соопштија денеска надлежните од општина Куманово. Во ова населено место претходно се реконструираа три улици, зашто беа одвоени е 8, 7 милиони денари за реконструкција на „601“, „607“ и „610“. Трите улици беа во незавидна состојба, главната улица беше видно оштетена од движењето на товарни возила. Улиците и трасата влегоа во развојната програма на општина Куманово. Жителите извесен период упатуваа барања за реконструкција беше изработен проект и сега е почнато со реализација

- Многу е важно да се инвестира во ова населено место кое е најблиску до градот, но и до бањата, бидејќи им овозможуваме на жителите да почнат и дел од нив да се вратат на издавање соби за бањски туризам, изјави претседателката на советот, Ивана Ѓорѓиевска.

Куманово - Почна поставување нови енергетско-ефикасни фасади во две кумановски основни училишта, соопштија денеска надлежните. Нови фасади наскоро ќе добијат „Христијан Тодоровски - Карпош“ и „Толи Зордумис“.

- Аплициравме за овие проекти пред две-три години, одобрени се од Министерството за образование и наука. Претодно две беа завршени. Во моментов течат активности во „Христијан Тодоровски - Карпош“ и „Толи Зордумис“. Очекуваме заштеда на електрична енергија и подобри услови за учениците и вработените, изјави раководителот на Секторот за образование од општина Куманово, Александар Јовановиќ.

Тетово - Викендов ќе се одржи дводневната манифестација по повод традиционалното мајско искачување на Титов врв што секоја година го организира планинарскиот клуб Љуботен од Тетово. Во недела 26 мај е искачувањето до највисоката точка на Шар Планина на 2747 метри надморска височина додека ден претходно ќе се одржат пригодни активности.

- Во недела од 06:30 часот е предвидено тргнување на колоната од платото пред хотел „Попова Шапка“ кон Титов Врв по „Вакуфска Патека“. Предвидено е околу 11 часот пристигнување на колоната на Титов Врв, а на пладне враќање назад кон Попова Шапка.

Куманово - Средношколци од Куманово заедно со врсници од Хрватска, Србија, Унгарија и Италија преку проектот „Еразмус +“ се едуцираат за заштита на животната средина, соопштија денеска од здружението „Креатор“ Куманово.

Средношколците на едукативните работилници насловени „Екопатрола“ реализираат локални иницијативи во околината на Куманово.

- „Екопатролата“ е пилот едукативен модел на долгорочно неформално образование. Програмата опфаќа осум модули кои треба да се имплементираат во времетраење од четири до осум месеци со иста група на ученици, со цел да се воочи долготрајниот ефект на програмата. Во Куманово ја спроведуваме со група од 28 младинци на возраст од 16 до 18 години од сите средни училишта од Куманово, изјави Катерина Димовска од „Креатор“ Куманово.

Битола - Актери од девет држави ќе се натпреваруваат на 25. издание на Интернационалниот фестивал на монодрама, кој од 25 до 31 мај ќе се одржува во Битола.

На свеченото отворање ќе се одржи манифестацијата „Глумците пеат“, а натпреварот за награди в недела  ќе го отвори актерката Марија Меденица од Нови Сад со монодрамата „Без откажаување“.

Од НУ Центар за култура, домаќин и организатор на фестивалот најавија дека на сцените во Битола ќе настапат Севар Иванов од Бугарија, Здравко Стојмиров и Иван Ангелов од Северна Македонија, Седа Елхан од Турција, Деспина Сарафеиду од Грција, Арам Хованисјан од Ерменија, Јулија Кудрјашова од Казахстан, Теа Шимиќ од Хрватска и Абдула Маасуд од Обединетите Арапски Емирати-ОАР.

Скопје - Локалната самоуправа и ЈКП ,,Водовод” – Илинден континуирано работи на одржување, подобрување и обнова на водоводната и канализационата мрежа на територија на општина Илинден, со цел задоволување на потребите на корисниците.

Со цел поквалитетни услуги побезбедна и поздрава вода за пиење на граѓаните како и здолемување на капацитетот на водоснабдувањето, деновиве се работи на обнова и модернизација на главната водоводна мрежа на ул. 9 во н. Илинден и улица 532 во Марино, односно на потегот од Халк Банка до Црна река Петрол во должина од 600 метри.

Струга - Под мотото „Во иднината вложуваме, иднината ја градиме, иднината се нашите деца“, основното општинско училиште „Јосип Броз Тито“ во Струга денеска одбележува 60 години постоење.

Свечениот дел, ќе биде вечерва во центарот за култура „Браќа Миладиновци“, со настапи на учениците од прво до деветто одделение, а публиката на сцена ќе ги види и 80-тината првачиња, кои од септември за прв пат ќе седнат во училишните клупи во ова училиште.

- Во рамките на програмата, ќе настапат и студиото за танц БАХ и културно уметничкото друштво „Илинден“ каде членуваат и наши ученици. Денешниот ден е ден на нашето училиште и среќни сме што славиме толку голем јубилеј. На овој настан ќе зборувам за основањето и успесите на училиштето низ годините, а посебно сум среќна што на сцена ќе излезат и идните првачиња, вели директорката Дејана Чакар.

На свеченоста ќе бидат доделени и благодарници на учениците, кои освоиле награди на државни натпревари оваа учебна година.

Остани поврзан